|
||||
ТЕАТАРОТ – МОЈА ПРВА ЉУБОВ |
Повод за разговор е Валентина Апостоловска, актерка, која зад себе има остварено повеќе главни улоги како во Австралиско македонскиот театар од Сиднеј така и во филмската уметност. Валентина е и познат хуманист која неколку години со своето семејство е главниот носител на акцијата за собирање средства за борба против ракот во Сиднеј. . Валентина, неколку пати се пишувало за вас и им сте познати на македонската јавност. За неколку години имате толкувано повеќе улоги, во два краткометражни филмови и во неколку драми. Во краткометражниот филм „Дедо“ ја играв улогата на постарата ќерка на Александар кој допатува од Македонија за да присуствува на погребот на својот татко. Со таа улога за прв пат запловив во водите на филмската уметност и затоа ми е посебно мила. Во краткометражниот филм „Пиле“ ја играв улогата на Љубица, тетка на главниот карактер, која живее на фарма заедно со својот сопруг. Љубица иако е жена со доста цврст карактер, сепак ја прифатила одлуката на својот сопруг да се отселат од Сиднеј и да живеат на фарма во планината Блу Маунтанс, далеку од своите најблиски. .Двата краткометражни филмови се на младиот режисер Тони Радевски. Кажете ни повеќе за истите. Тони е млад и многу талентиран режисер со кого е задоволство да се работи. Сценаријата на двата филмови се негови. “Дедо" се снимаше во Сиднеј во македонската црква „Св Кирил и Методиј“ во Розбери. Главната улога ја играше Стефо Нанцу а во филмот беа вклучени и членови на АМТС. Филмот беше прикажуван на повеќе филмски фестивали и на австралискиот национален телевизиски канал - АБС. Досегашните филмски критики се доста позитивни посебно од прикажувањето на делови од македонската-православна култура. Во “Пиле" Тони раскажува за своето лично искуство кое го доживеал кога бил мало дете додека престојувал на фармата кај неговата тетка. Приказната е доста интересна и трогателна и не е ни чудно што филмот е забележан од доста познати филмски критичари ширум светот. . Досега успешни улоги имате толкувано во повеќе драми во продукција на АМТС, но за улогата на Ангела во драмата „Куферот“ ја добивте престижната награда „Александар Македонски“ за најдобра женска улога во 2016 год. Како ја доживеавте оваа награда? Во Театарот сите работиме од љубов, но кога таа наша љубов ќе се награди, тогаш чувството е посебно. “Александар Македонски" ја доживеав како признание на таа моја љубов што неуморно ја вложувам во секој лик што го толкувам. Ја изградив улогата на Ангела, се соживеав со неа и ја презентирав онака како што се очекуваше од мене. Најголемо признание за мене како актерка беа позитивните коментари од публиката кои со насолзени очи ја следеа претставата. Жири комисијата го процени тоа како и интересот истата драма да се филмува па се надевам дека во доследно време и тоа ќе се оствари. . Според публиката, улогата на Неда во истоимената монодрама „Неда“ најсовршено ја одигравте и истата како актерка ве стави на пиедестал со што многу лесно можете да се споредите со актерки од повисок ранг. Како успеавте да ја доловите Неда и сите мајки-Македонки? Неда ми е посебно драга улога иако убедливо најтешка досега што ја имам одиграно. Неда е жена над жените, Неда е мајка над мајките, Неда е борец, водач, Неда е жена херој. Секоја од нас жените на некој начин и во одредени прилики сме Неда без да сме свесни за тоа. За улогата на Неда морав да ја вложам сета моја енергија, сета моја љубов, желба и цврстина за да можам да ја прикажам во право светло. Морав да се соживеам со нејзината болка кон изгубениот син и да се префрлам во периодот кога се случуваше ова дејствие и за момент да постанам Неда. За Неда да биде Неда доста заслужен е целиот тим вклучен во оваа монодрама но посебно Антонио Нешковски кој го играше ликот на Кузман. Гледајќи во неговото лице, скаменето, немо, солзите сами течеа, емоциите ме преовладуваа, за од сето тоа да произлезе Неда, цврста, бестрашна и спремна да го даде својот живот за ослободување на Македонија. . Во најновата драма „Сонце мое“ која набргу ќе се стави на сцена повторно играте мајка, кажете ни повеќе за мајката Дана? Дана е мајка и старател на својот син кој после сообраќајна несреќа е останат во инвалидска количка. Нејзиниот сопруг страда од деменција како последица на повредите што ги здобил во сообраќајката. Едноставно, Дана, иако е „скршена“ од она што се случило, успева да создаде некаква хармонија во семејството истото да функционира. Нејзината улога како мајка и жена е да се грижи за сите и тоа е она што го прави овој карактер забележителен преку кој се покажува дека мајките/жените се оние кои продолжуваат да бидат „папочната врвца“ на семејството. . Дали имате нови планови во полето на филмската и драмската уметност? Моја прва љубов е театарот но доколку ми се понуди повторно да работам во филмската индустрија со задоволство би прифатила. Со Австралиско Македонскиот Театар од Сиднеј за наредната година сме во план да направиме нов проект за кој веруваме дека ќе направи голем бум во заедницата, а и пошироко. До тогаш ќе ве држиме во неизвесност . Драмата „Сонце мое“ премиерно ќе се изведе на 4 ноември во 7 часот во Civic Theatre Hurstville, а потоа следуваат две престави на 5 ноември во 2 часот и 7 часот во St George Bank Auditorium Kogarah, 11 ноември во 2 часот и 7 часот во Polish Club Bankstown и на 25 ноември во 6 часот во Sun Lounge Reception Wollongong. Душан Ристевски |