|
||||
Мијачки дејци од поново време |
Во својата „Книга за Мијаците“ (Македонска библиотека No. 12, Софија, 1941), авторот Георги Трајчев освен за македонските преродбеници архимандритите Анатолиј (? – 1840) и Партенија Зографски (1818 -1876) ги споменува и другите Мијаци, дејци од поново време како што се: Томо ќаја, Тодор Томов, Серџо од Тресонче, Исаија Дељов од Росоки, Аврам Божинов и Филип од Осој, Хаџи Василко од Галичник, Јован од Битуше, Ѓурчин од Лазарополе и др. Посебно ги потенцира истакнатите македонски дејци, Мијаците Исаија Радев Мажевски (1852-1926) и Ѓорѓија Пулевски (1817/1838 – 1893/1895) кои ја истакнуваат македонската посебност. Пишувајќи за животниот пат на македонскиот Мијак Исаија Радев Мажовски, деец на ослободителното движење, авторот ќе го забележи следното: „Исаија е роден во Лазарополе на 9 март 1852 година. Учел да чита и пишува по часослови и псалтир, а на 12 години почнал да чиракува по иконопиство. На 15 годишна возраст заминал во Света Гора, во Зограф. Тука се запознал со јеромонахот Натанаил (подоцна Охридски митрополит). Во 1867 година, Исаија го придружува отецот Натанаил на пат за Русија, за да присуствуваат заедно со други делегати и народот на празникот (11 мај) Св. Кирил и Методиј, како делегација од Зограф. Исаија се облекол во реканска носија и предизвикувал убав впечаток со прекрасните бели долами. Во 1871 година Исаија добива мисија од Натанаил да дејствува во Дебарско-кичевската епархија за протерување на грчкиот владика Антимос“. Во овој период Исаија Радев Мажовски ја започнува борбата не само против грчката пропаганда, туку соработката со албанскиот народ за заедничка борба за ослободување на Македонија. Тој бил активен во формирањето на македонско-албанските лиги. Како што вели авторот Мажовски: „Во 1873 година станал нелегален и здружен со Албанецот Бајрам Даноски го обиколуваат Дебарско, Прилепско и Битолско. Во 1874 година, ноќно време ја напаѓаат грчката митрополија, со цел да го елиминираат Владиката, но тој бил отсутен. Учествувал во разни албански собранија, каде го отвара прашањето за прогласување на Албанија и Македонија за слободни од турскиот режим“. Во 1885 година Ѓ. Пулевски патува за Петроград на прославата на 1000-годишнината од смртта на Методиј, а во 1888 година патува за Киев на прославата на 900-годишнината на покрстувањето на рускиот народ и при тоа на парабродот „Рицар“, среде реката Днепар на 18 јули 1888 година ја држи знаменитата реч во која тој ќе истакне дека: „Македонскиот старославјански народ уште пред 2.500 години е доведен во Македонија од цар Каран, кој како цар Филип и цар Александар бил чист Славјан, не повеќе од 500 години поминаа откако Македонија и македонскиот стар славјански народ се потиснати и се наоѓаат под тешкиот турски јарем. Ние, клетите Македонци, офкаме и плачеме, но никој не сака да не` чуе, дури и самите наши браќа ни пречат. Македонскиот славјански народ е окружен од најлути и отровни змии, тој се дави и се измачува од најлути и неумоливи ѕверови. Доволно е некој маж, некоја жена или пак некое дете само да спомене за велика Русија, па веднаш да биде тепан, понижуван во верата и е наречуван Москов ѓаур. Од друга страна, кај нас во Македонија се намножија протестантите и католиците, кои се обидуваат на секој начин да не` направат протестанти или да не` покатоличат. Во вашиот Дебар имаме егзархиски намесник-архимандрит, но и тука ни завидоа непријателите. Така, на пример грчкиот владика ги поткупи турските ѕверови и ги натера да го убијат. Не, колку да ни е тешко, ние го поднесуваме, плашејќи се да не паднеме под австриски јарем“. Авторот Трајчев кој ја објавува „Книгата за Мијаците“ во 1941 година (која без цензура на бугарските власти не може да биде објавена), говорот на Мажовски свесно го избегнува во својата книга и наместо тоа вели: „Во 1885 година, по повод 1000 годишнината од смртта на Св. Методиј, Исаија оди на пат за Русија снабден со петиција потпишана од многу населени места од Западна Македонија, против зулумите над населението од Турците... Тој бил примен од цар Александар III во Царско Село и добил 400 рубљи подарок“. Прескокнувајќи го говорот на парабродот „Рицар“, авторот продолжува дека: „Од мајор Паница, претседател на Македонскиот комитет, била договорена мисија за Исаија да ја посети Албанија и да води разговори со албанските првенци за слобода на Албанија и Македонија. На 18 август 1888, од страна на претседателот министер Ст. Стамболиев и мајор Паница му е наложено да оди во Албанија и повика од таму лице кое е ополномоштено од албанските првенци да води преговори за ослободителното движење. На 23 ноември 1888 година Исаија пристигнал во Софија, заедно со Албанецот Малич Зеинилов, како албански пратеник. Тука имаат средба со мајорот Паница, Димитар Ризов и Стамболов, а потоа тој се враќа во Албанија“. Георги Трајчев кои своите искажувања ги темели на книгата „Спомени на Исаија Радев Мажевски“, издадена во Софија 1922 година, за придонесот на Мажевски за својот роден крај во продолжението ќе напише: „Исаија паѓа во рацете на власта, откако бил издаден на 20 јули 1891 година и бил затворен во Беаз Кале (ајдински вилает), каде останува три години. По враќањето од заточеништво се прибира во своето родно место и откако повторно бил ставен под присмотра бега во Бугарија. На 1 мај 1897 година одново е на пат за Русија, со нова петиција до рускиот император Николај II, за да моли за славјански владика во Дебарската епархија. Се јавил во Светиот Синод и издејствувал разни црковни принадлежности за Лазарополе, Тресонче. По Хуриетот (1908) Исаија е повторно во Македонија и отишол во Албанија, каде ги пренел впечатоците од Русија, за помошта за која многу се надевале Албанците. Така го завршува својот земен живот оваа напатена мијачка душа, давајќи ја својата младост и својата енергија за ослободителното движење на неговата татковина и трчање до Албанија, Русија, Бугарија и Македонија“. Од денешна дистанца кога ги читаме овие редови за Исаија Радев Мажевски, може да се види дека постоела голема верба на Македонците и Албанците во Русија, од која очекувале помош за да се ослободат од повеќевековниот грчки духовен и турски световен јарем. Во нив верувал и Ѓорѓија Пулевски, за кого авторот вели: „Ѓорѓија Пулевски е роден 1838 година во Галичник. На 7 години татко му го зема на гурбет во Романија... Меѓу мајсторите и калфите се научил да чита и пишува, работејќи при татка си како мајстор. Во Србо-турската војна заминал во Србија како доброволец против Турците, по што се вратил на работа во (Романија)... Кога руските војници во 1877 година поминаа низ Романија, образувал своја чета и се присоединил кон бугарските доброволци. Зел активно учество во борбите кај Шипка, Стара-Загора и др. Со руските војници доаѓа во Софија, од каде оди како претходница при превземањето на Дупница и Ќустендил. ...Назначен бил за прв околиски управител во Ќустендил и награден бил од императорот со орденот „Св. Ѓорѓи“, а бигарската влада му дала место и пензија. Умира во 1894 година во Софија. Зачувал еден грамаден том од ракописни белешки за „Славјано-македонската општа историја“. Меѓутоа, иако врз основа на портретот на Пулевски, авторот истакнува дека и тој како и другите Мијаци како воен и административен управител одел во галичка народна носија, како и за постоењето на ракописни белешки за „Славјано-македонската општа историја“, Трајчев со ниту еден збор овде не се обидува да укаже на потенцирањето на Пулевски за посебноста на македонскиот народ, потоа за неговото учество во Кресненското востание (1878), за Речникот од три јазика македонски, арбански и турски“ (Белград, 1875) и т.н. Во продолжение авторот се занива и со другите дејци од мијачкиот род за кои накратко вели: „Томо ќаја бил човек ѕвездалија. Тој ја дал својата ќерка на новопокрстениот Бектеш. Томо ќаја имал аристократско одење. Таков бил и неговиот син Тодор–Томо. Тешко можеле да истрпат погледите на Томо ќаја. Пред него паши и бегови биле на нога. Тој бил просветен и духовит, живеел кон крајот на XVIII век“. Тодор – Томо, за неговите подвизи бил наречен од Албанците „Џимсе крал“, што значи пола крал. За убиството на неговиот син Рафаел, на бачило, издејствувал од Султанот ферман, и со цел табор аскер ги опожарил селата на разбојниците, а за украдена овца зел вол, за магаре – коњ. Ѓурчин Кокалески, од Лазарополе, живеел во времето на Али паша Јанински (крајот на XVIII и почетокот на XIX век). Бил богат ќаја и носел долга сабја која и денес се чува кај неговите потомци и со која биле отсечени многу глави... Издејствувал од Султанот ферман за селска црква, каде бил нацртан неговиот лик седнат на коњ, а од страна висела сабја. Серџо Брадина од село Тресонче бил кошмар за лошите луѓе. Имал големи врски со дебарските бегови. Тој не пушел тутун, затоа пред него никој не пушел. Роден е околу 1780 година и умрел во 1888 година. Од Серџовскиот род останала вдовицата Софија, која била образувана од црковни книги и давала поуки и совети на многу свет. Доживеала возраст од 80 години. Таков бил и Исаија Пелов од Росоки, потоа Хаџи Василко. Аврам Кокалески од Лазарополе, Јован од Битуше, Филип од Осои, Аврам Божинов“ – пишува прилепчанецот Георги Трајчев во својата „Книга за Мијаците“ (Македонска библиотека No. 12, Софија, 1941). Македонска нација |