|
||||
ВО ОДБРАНА НА ИМЕТО, ДЕЛОТО И ЗДРАВЈЕТО НА ЕДМОНД ТЕМЕЛКО |
Писмо од Стив Пљакас, од Канада ВО ОДБРАНА НА ИМЕТО, ДЕЛОТО И ЗДРАВЈЕТО НА ЕДМОНД ТЕМЕЛКО На сите Македонци во етничка Македонија и во дијаспората познато ни е дека Мала Преспа или Долна Преспа, како Преспанци ја нарекуваат е географска област покрај југозападниот брег на Преспанското Езеро. Целата област се состои од десетина села коишто се организирани во Општината Пустец. Мала Преспа како нераскинлив дел од Македонија беше даден на Албанија по потпишувањето на Версајскиот мировен договор во 1919 година. Со овој договор заврши поделбата на Македонија меѓу Србија, Грција, Бугарија и Албанија и започна ерата на денационализација, присилна асимилација и прогонување на македонскиот народ. Денес, Македонците во Албанија имаат далеку поголема слобода и човекови права од Македонците во Грција и Бугарија, меѓутоа, сепак, тие се недоволни. А сè уште постојат бројни прекршувања на човековите права во Мала Преспа, Голо Брдо и Гора, како и на други места каде живее македонско население. Селото Пустец, пак, е најголемата населба, а истовремено е и седиште на општината, чиј градоначалник Едмон Темелко и сите членови на советот на оваа (за жал), единствена македонска општина во Албанија се етнички Македонци. Грбот на општината го содржи древниот македонски симбол, 16-зрачното сонце од Кутлеш (Палатица - Виргина) над кое стои двојазичен натпис на македонски јазик Општина Пустец, а под него и на албански јазик. Моето семејство и јас како познат канадски бизнисмен, по потекло од село Зелениче, Леринско, сме биле домаќини на Едминд Темелко, во Канада. Ние му овозможивме да има здравствена заштита во Канада, а да ги посети и сите македонски православни цркви и другите асоцијации во метрополата Торонто, како и нашиот „Македонски центар (Плаза) во Њумаркет. Во текот на нашиот престој пак, во Република Македонија со мојата покојна сопруга Лили Пљакас, која беше голем донатор и активист во Македонската колонија во Торонто, меѓу другото дадовме донација за децата без родители во домот „11 Октомври“ во Скопје. Исто така, благодарение на нашите пријатели Нада и Славе Катин, меѓу другите места ја посетивме и Мала Преспа и Општината Пустец, каде се сретнавме со градоначалникот Едмонд Темелко, бројни општински советници и Македонци од тој убав крај. Притоа ние, заедно со Желевската асоцијација од родното место на Лили подаривме поголема сума пари за нашите Македончиња во Мала Преспа. Исто така, и во минатото ние сме подарувале средства, особено за Црквата „Свети Архангел Михаил“, за македонското училиште и други потреби за Македонците во Албанија. За жал, ние добивме писмо од роднините на градоначалникот на Пустец, нашиот драг пријател Едмонд Темелко, во кое нé информираат дека тој е во Истражниот затвор „Скопје“ каде се наоѓа во крајно сериозна здравствена состојба и дека не му било дозволено да користи здравствена заштина. Затоа, јас како канадски бизнисмен од македонско потекло, кој се бори за промоција на Македонија во светот, посебно во Канада и САД, со ова писмо апелирам да се почитува името, делото и здравјето на градоначалникот на Општината Пустец, почитуваниот и сакан Македонец Едмонд Темелко. Со почит. Стив Пљакас |