|
||||
КОЈ Е ЕДМОНД ТЕМЕЛКО – ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ОПШТИНА ПУСТЕЦ? |
ДЕЛ ОД ВИСТИНАТА ЗА МАКЕДОНИЈА Мала Преспа или Долна Преспа, како Преспанци ја нарекуваат, е географска област покрај југозападниот брег на Преспанското Езеро. Целата област се состои од десетина села коишто се организирани во Општината Пустец. Селото Пустец, пак, е најголемата населба, а истовремено е и седиште на општината, чиј градоначалник и сите членови на советот на оваа, за жал, единствена македонска општина се етнички Македонци. Мала Преспа како нераскинлив дел од Македонија беше дадена на Албанија по потпишувањето на Версајскиот мировен договор во 1919 година. Со овој договор заврши поделбата на Македонија меѓу Србија, Грција, Бугарија и Албанија и потоа започна ерата на денационализација и присилна асимилација на македонскиот народ во етничка Македонија. Денес, Македонците во Албанија имаат далеку поголема слобода и човекови права од Македонците во Грција и Бугарија, меѓутоа, сепак, тие се недоволни. А сè уште постојат бројни прекршувања на човековите права во Мала Преспа, Голо Брдо и Гора, како и на други места и градови ширум Албанија каде живее македонско население. Според поголем број извори и податоци, реалниот број на етничките Македонци во цела Албанија е оценет како поголем од 200.000 лица. Нивната најголема концентрација е во пограничните региони на Голо Брдо, Мала Преспа и Гора. Исто така, постојат голем број Македонци кои живеат во Тирана (околу 20.000), Поградец, Корча, Каваје, Елбасан, нивните околни села и други места. Во ова пригода ќе спомене дека Мала Преспа е голем христијански центар. Таму има многу цркви и еден манастир, од различни историски времиња. Многу познати за своите вредности што ги имаат, се пештерските цркви од византискиот и пост-византискиот период, кои се изградени на брегот на Преспанското Езеро. Меѓу најпознатите се: пештерските цркви “Св.Никола” која се наоѓа на 3.5 км северно од Пустец на местото викано Накол, а која е чуварот и заштитникот на водите, каде се собираат рибарите; црква “Св. Архангел” е недалеку од Пустец, на брегот на Преспанското Езеро, како и црквата “Света Богородица” која се наоѓа на островот Мал Град, која со својот фрескоживопис отскокнува од другите пештерни цркви кои ги има по бреговите на Преспанското и Охридското Езеро.
Меѓу Македонците во Република Албанија посебно место има името и делото на Едмонд Темелко. Тој e македонски политичар и првиот градоначалник Македонец во Албанија кандидиран од партијата „Македонска алијанса за европска интеграција“. Таа е партија на македонското малцинство во Албанија формирана на 30 октомври 2004 година во Тирана, како прва македонска партија во Албанија која ги застапува и се бори за македонските интереси и се грижи за положбата и правата на Македонците во Република Албанија. На 24 април 2009, по 4 години од формирањето на партијата, беше одржан нејзиниот прв конгрес. За нејзин прв лидер е избран Едмонд Темелко. Едмонд Темелко е роден на 07 јули 1972 година во сето Пустец, во Мала Преспа. Потекнува од македонско христијанско семејство чиј татко беше учител по македонски јазик во Албанија. Едмонд Темелко е ветеринар по струка, градоначалник на Општината Пустец, бранител на македонската вистина и на правата и интересите на Македонците во Албанија Основното и средното образование го завршил во родното место, а дипломирал на Земјоделскиот факултет во Тирана, оддел ветеринарство. Покрај политичкиот ангажман, водел и приватен бизнис. Едмонд Темелко со неговите соработници има тесна соработка со партијата „Македонска алијанса за европска интеграција“, со седиште во Прилеп, а која што ја води познатиот бизнисмен Ѓорѓија (Џорџ) Атанасоски од Флорида, САД, со „Светскиот македонски конгрес“ чиј претседател е Тодор Петров, ОМО ”Илинден” Пирин од пиринскиот дел на Македонија,, „Виножито“ од егејскиот дел на Македонија и со бројни други организации, друштва и асоцијации во Република Македонија и ширум светот. Едмонд Темелко за првпат на функцијата градоначалник на Општина Пустец е избран 18.февруари 2007 година, а повторно реизбран на изборите во 2011 и 2015 година година. На сите овие избори, речеси секогаш освојува 75 % од гласовите на излезените гласачи, што покажува колку голем авторитет и почит ужива тој помеѓу своите Македонци во Пустец и другите преспански села. Селото Пустец, е најголемата населба со над пет илјади жители, а истовремено е и седиште на општината, чиј градоначалник и сите членови на советот се етнички Македонци. Интересно е да се спомене дека грбот на општината го содржи древниот македонски симбол, 16-зрачното сонце од Кутлеш (Палатица - Виргина) над кое стои двојазичен натпис на македонски јазик Општина Пустец, а под него и на албански јазик. Моментално Едмонд Темелко извршува трет мандат а зад себе има многу успеси за унапредувањето на правата на Македонците и македонските интереси во Република Албанија. Имено, негова заслуга е, што за првпат во историјата на оваа соседна земја, со македонски јазик е обележана целокупната сообраќајна сигнализација, улиците, плоштадите, јавните установи и селата во Мала Преспа, со имиња на настани и личности кои оставиле белег во македонската историја. Во сиот тој напредок Едмонд Темелко има голем придонес. Постојат неколку организирани и активни здруженија и партија на Македонците во Албанија, но можностите за политичка активност се мали, бидејќи државата не дава финансиска поддршка на нивните организации, како во Македонија. Згора на тоа, Република Албанија, татковината на неколку стотици илјади Македонци со христијанска и муслиманска вероисповед, под маската на „пријателството на демократска“ Грција, за жал ја има признато Република Македонија под страмното име. Во исто време треба да се нагласи, дека позицијата на етничките Македонци во Албанија е далеку од онаа на етничките Албанци во Република Македонија. Додека во Република Македонија етничките Албанци се и министри и пратеници и претседател во Собранието и една од нивната голема партија е постојан коалициски владин партнер, Македонците во Албанија се‘ уште немаат можности за вистинско политичко учество во земјата каде живеат. Во моментов, не постојат етнички македонски пратеници, а мал број од Македонците се застапени во институциите на државната власт и локалната самоуправа, во споредба со прекубројната застапеност во администрацијата и други служби на етничките Албанци во Република Македонија. Затоа може да се речи дека, животот си течи и лузните ги влечи. Едмонд Темелко како градоначалник на Општина Пустец и во исто време како водач на Македонска алијанска за европска интеграција во Република Албанија постигнал завидни резултати. Така, меѓу другото, во последните години се случија безброј активности кои пред албанската јавност и светот го покренаа прашањето за положбата и правата на Македонците во цела Албанија, а Македонската партија се прошири и надвор од Мала Преспа. Едмонд Темелко во 2009 година наследи партија со градоначалник и неколку советници Македонци во Општина Пустец. Денес Македонската партија има директор на Јавното водоводно претпријатие во Корча, во лицето на истакнатиот Македонец, Васил Стериовски. Благодарение на директорското место во Корча, вработени се неколку Македонци, што го зајакна влијанието на Македонската партија во регионот. Има и други раководители Македонци не само во Мала Преспа, туку и Голо Брдо и Гора, каде живеат Македонци со муслиманска вероисповед, кои се чувари на македонската култура, јазик, обичаи... Во повеќе населби во Голо Брдо и Гора Македонската партија има формира свои ограноци. На последните локални избори Македонската партија убедливо ја освои власта во Општината Пустец, иако, за жал, под сомнителни околности за 20 гласа изгуби во општина Требиште, Голо Брдо. На последните локални избори Македонската партија за првпат доби советници надвор од Општина Пустец, и тоа 11 советници во пет општини:Пустец, Требиште, Пирг, Центар Билишта и во градот Билишта. Треба да се одбележи дека, Македонската партија за време на мандатот на Едмонд Темелко презеде локална телевизија во Корча, која за првпат јавно во етерот на Република Албанија емитува програми на македонски јазик. Исто така, благодарејќи на коалицијата на Македонска алијанска за европска интеграција Демократска партија во Република Албанија, Општина Пустец успеа да асфалтира неколку локални патишта кои ги поврзуваат селата со националниот пат. Во речиси сите села се инвестира во водоводи и канализации. За првпат во историјата на Република Албанија, со сообраќајната сигнализација на македонски и албански јазик обележани се сите улици, плоштади, јавни установи и села во Мала Преспа, со настани и личности кои оставиле белег во македонската историја. Општината Пустец традиционално почна да го организира Македонскиот фолклорен фестивал, да го празнува националниот празник Илинден, како и позначајни празници поврзани со историјата на македонскиот народ, 24 мај - Денот на сесловенските и семакедонските просветители светите браќа Кирил и Методиј, 8 септември - Денот на независноста на Македонија и други празници. Инаку, Едмонд Темелко е еден од поборниците за реконструкцијата на централниот плоштад, а особено за изградбата на македонаката православна црква „Свети Архангел Михаил“, која се наоѓа токму во центарот на Пустец, како и за бројни комунални и други изградби, за што посебно му благодари напатеното македонско населени во Пустец, Мала Преспа и пошироко. За жал, во февруари 2016 година, по налог на Специјалното јавно обвинителство на Република Македонија, градоначалникот на Општина Пустец, почитуваниот Едмонд Темелко, беше уапсен од македонската полиција и одведен на сослушување во кривичниот суд, а по повод случајот „Титаник“ во кој Темелко, заедно со уште неколку други лица, неправедно беше осомничен за делото злосторничко здружување и за делото, повреда на избирачкото право, според членови од Кривичниот законик на Република Македонија. Меѓутоа, Судот го отфрлил барањето на Специјалното јавно обвинителство за одредување на притвор на Едмонд Темелко и тој беше ослободен од неправедното обвинение. Со тоа се потврди дека Судот не е против Македонците и донесе правилна одлука. За жал, повторно Специјалното јавно обвинителство поради изнудата пред Основниот суд Скопје 1 одреди притвор од триесет дена на Едмонд Темелко, гадоначалник на општина Пустец во Република Албанија. Но, пак, за среќа, правдата победи и тој беше ослободе од затворот „Шутка“ пред десетина дена. Според зборовите на страдалникот Едмонд Темелко, кој е добар пријател на авторот на овие редови, жали за сé она што се случи со него, но моли Бога за доброто на сите Македонци насекаде во светот и очекува единство и љубов меѓу македонскиот народ во Република Македонија и во дијаспората, особено меѓу Македонците во Мала Преспа, кои се религиозни, вредни, честити, работливи, со големи патриотски чувства и бранители на македонската вистина.
|