Среда, 20 Декември 2017    PDF Печати Е-пошта
Мартин Сегон во извештајот до Ватикан говори за посебноста на Македонците

Мартин Сегон (Martinus Segonius Nouomotanus Martino Segano) бил католички бискуп на Улцин, српски писател и познат хуманист од XV век. Сегон е роден во средновековниот рударски град Ново Брдо (денес во Приштинскиот округ), во семејството на Јован де Сегонис со потекло од Котор. Во градот кој му припаѓал на српскиот деспот Ѓураѓ Бранковиќ и бил населен со германските рудари Саси, Мартин бил каноник во црквата Св. Марија во Ново Брдо. Но, по падот на градот во рацете на Турците во 1455 година, тој се преселува во Улцин.

Сегон се образувал на Универзитетот во Падова, а во 1475 година станал доктор по световно право и доктор по канонско право. Своите дела ги пишувал на латински јазик и се претставува дека по националност e Которанин (nazione Catarensis), а по потекло Србин од Новомонта или Ново Брдо. Во 1481 година, Мартин Сегон бил поставен за епископ на Улцин, со образложение дека поседува висока култура и има големи заслуги за црквата. Набргу потоа, умира во 1482 или 1486 година, кога се сретнува и последната вест дека семејството Сегон живее во Котор.

Во овој период Ватикан бил загрижен од освојувањата на Османлиите на се` поголеми територии на Балканот, како и од опасноста Турците да се прошират кон Западна Европа. Поради тоа Ватикан испраќа свои мисионари да ги шпиунираат османските сили и нивната организација. Во почетокот на 1480 година, папата Сикст IV му наложува на Сегон да отпатува на Балкан и да ги проучи правците за пресретнување на Османлиите.

Извештајот кој го испраќа Мартин Сегон истата година, пред Гедик Ахмед Паша да го организира нападот на Отранто, град во југоисточна Италија, ја надминува основната цел на барањето на Ватикан и е од исклучително значење како за историјата на балканските народи, така и за македонскиот народ. Сеган кој во својот извештај од крајот на XV век вклучува историја, етнологија, географија и др., ги претставува Македонците како посебен народ и ги дава неговите етнички граници. Овој негов извештај го објавува Феликс Петанчиќ од Рагуса (Дубровник) под името “De itineribus in Turciam libellus“.

Сепак, Мартин Сеган бил непознат се` додека миланскиот професор Агустино Пертузи не го објавил неговиот ракопис во 1981 година, во рамките на својата книга „Мартин Сегон од Ново Брдо, епископ на Улцињ“. Српско-далматинскиот хуманист на крајот на XV век "Martino Segono di Novo Brdo, vescovo di Dulcigno. Un umanista serbo-dalmata del tardo Quattrocento“.

Во извештајот испратен до римскиот папа Сикст IV (1471 - 1484), улцинскиот епископ Мартин Сегон говори за составот и силата на османлиската војска, потоа за патиштата по кои треба да се движи христијанската војска, за народите кои живеат на Балканот и др. Од овој извештај издвојуваме неколку значајни делови во кои се говори за посебноста на македонскиот народ и неговите етнички граници.

Во второто поглавје од овој извештај, во делот каде говори за сувоземните патишта на Балканот кои христијанската војска може да користи, Мартин Сегон пишува:

„Прво значи, од Панонија се преоѓа во Горна Мезија кај устието на Сава во Дунав близу Белград, каде се одвојуваат два пата: еден горен кон Тракија или Романија, друг долен пат кој води до Дарданците и Македонците. Ако се оди по горниот пат се доаѓа до полето Годомин, ...а откако ќе се помине реката Мала Морава, ...преку селото Браничево, покрај славниот храм Ресава, гробница на кралеви и познати кнезови, се стигнува до Ниш, некогаш, како што се гледа по урнатините славен град. Денес е сведен на село, а го населуваат Турци и Бугари. ...Оддалечен е од Белградскиот премин 320 илјади чекори. Од него потоа се качува до селото Пирот, сместено во ридовите, а откако ќе се помине стрмниот и тежок превој на планината Куновица, ...се покажува 50 милји долг приод до Софија, главниот град на Трибалите...“

Опишувајќи го како многу полесен вториот пат кој почнува кај Белград и води преку територијата на Дарданците и Трибалите, а потоа се спојува со горниот откако ќе се помине планината Хем (Балкан или Стара Планина), Мартин Сегон вели:

„Вториот пат е полесен. Се простира всушност, од Белград до границата на Мезија и Дарданците, 280 илјади чекори, ...води прво преку Морава, која тече покрај тврдината Крушевац, ...а од таму до Бела Црква (Куршумлија) и Апенинските планини (Копаоник), кои ја делат Мезија. Рашаните кои се диви и воинствени и се први жители на оваа покраина, го населуваат делот кој лежи према реките Дрина, Сава и Истра. ...А другиот дел, кој е свртен према Дарданците, Македонците и Трибалите, се Срби, луѓе со помирен начин на живот, со питом и убав изглед... И така, кога ќе се поминат планините следи Дубочица, која насекаде е густо населена, меѓутоа кога ќе остави од лево патеката која води кон Прокупље и Ниш, надалеку се простира долината Косовица низ која тече реката Лаб, продолжувајќи кон големото Косовско Поле, прославено по многу битки на разни народи...“    

Опишувајќи ја горната граница на Македонија Сегонис ќе забележи:

„Рамнината се простира на околу 70 илјади чекори до селата на Качаник и теснината Клисура, која води кон Скопје... Инаку, покрај езерото и мочуриштето Хоравица (вештачко езеро во близина на Урошевац), откако се одвојува од патот кој води преку Бинче Морава (Јужна Морава) до планината Кривична која лежи под Мезија и Дарданија, после еднодевен пат од влезот во Клисурата, се отвара влезот кон Скопје, главен град на Дарданците и граница на Македонија. Овај град е плоден и обилува со драгоцени плодови на земјата, полн со богатства, место каде престојуваат поглаварите, наводнуван од здравата река Вардар, која извира од највисоките врвови на планинскиот венец Орбело, кој се крева над Македонија, Трибала, Мезија, Епир и Далмација и затоа е погоден за собирање на војската. Оттаму, патувајќи... по долоната на Конопница (Кривопаланечко), бањата Велбужд (Ќустендил) и мостот на Струма, која ги дели Македонците од Трибалите или Бугарите, во близина на Црвениот брег, поминувајќи ги шумите на Самоков и пространата пустина на планината Хемус (Балкан; Стара Планина), ...по доста тежок пат се симнува на Марица, односно на реката Хебр и до полето Филиполе, каде овој долен пат одалечен од Скопје 230 илјади чекори, се спојува со горниот пат кој од Родопите води во таа рамница“. 


Во горното подпоглавје каде Шар Планина, Скопска Црна Гора и Осоговските Планини се вклопени во замислениот планински венец Орбело може да се воочи дека Сегон се користи со стари мапи, но и стари документи, бидејќи го именува Скопје како главен град на Дарданците, што всушност произлегува од раниот период кога Дарданија била римска провинција. Меѓутоа, Сегон кој е роден на околу стотина километри од Скопје добро знае каде живеат Македонците и каде е границата со Македонија. Оттука, како што се гледа, северната граница на Македонија тој ја поставува на гореспоменатиот планински венец Орбело, а Качаник го поставува како гранична меѓа од каде веќе се влегува на територијата на Македонија.

Сегон самиот потврдува дека користи стари документи при подготвувањето на извештајот. Во  делот од 6 подпоглавје каде го дава описот на Горна Мезија или Србија, тој вели:

„Оваа, просто наречена Србија или Рашка, во старо време Мезија, лежи во краевите на Европа. Од север е обиколена со трите познати реки Дрина, Сава и Дунав, по што истата покраина била поврзана со Панонија, потоа со пределите на Даките или Власите, на исток со планинскиот венец Родопи и реката Цибрица (Северозападна Бугарија) и Долна Мезија, на југ се потпира на границите на Трибалите и Дарданците или Македонците, а на запад е опколена со планините на Далмација. Се простира во должина на Родопите се` до Сава и Дрина 420 илјади чекори, а во ширина, од Истра до краевите на Трибалите и Дарданците 270 илјади чекори“.

Цитирајќи го Птоломеј, Мартин Сегон во продолжение на истото подпоглавје вели дека: „Останатите народи сродни со Македонците се Србите, кој истиот автор ги именува како Дарданци. А ги држат овие градови Novum Montem или Ново Брдо, кој е главен град и престолнина на областа“. Оттука, видливо е дека авторот кој е роден во Ново Брдо, во српска деспотовина, ги разликува Македонците од Србите, но изјавувајќи дека тие се сродни.

При опишувањето на оваа покраина, Сегон дава исто така интересни податоци за Македонија.  Опишувајќи го течението на реките Бел и Црн Дрим во овој дел тој вели: „И Белиот Дрим или Дрило, кој извира од нашите планини и другиот, кој излегува од езерото во Македонија во близина на Охрид, го сочинуваат двата кај Дарданците, Црниот Дрим...“ Сегон повторно се навраќа на Дрим во 11 подпоглавје и вели: „Всушност Дрим извира од езерото близу Охрид, град на Македонците, и ги раздвојува Дибраните, кои се нарекуваат Дарданци, од народ на Врака и Ематија, потоа Хиспаните и Пилочаните од краевите на Дукаџини, па малку погоре влегува во другиот Дрим кој дотекува од блиските планини во Мезија и под градот Љеш се влева во Јадранско Море“.

Во својот извештај, Сегон не заборава да го спомене и Александар Македонски и неговите наследници кои се одликуваат со храброст, опишувајќи го борбениот дух на народот тој вели: „население кое се смета за многу воинствено, пред останатите народи на Европа, вешто во вадењето злато и сребро од земјата, наклонето кон гозби, уживање и музика, во кои на начин на Тимотеј, некогашниот песник на Александар Македонски, пее за славните дела на храбрите јунаци и ги поттикнува младите да ги поднесат сите тешкотии“.

Во овој дел од извештајот испратен до папата Сикст IV, католички бискуп на Улцин Мартин Сегон, кој самиот се декларира дека има српско потекло, јасно ги дефинира Македонците како посебен народ, различен од Србите и Бугарите, но истовремено и сроден со Србите, со што ја воочува славјанската припадност на Македонците. Исто така во овој дел тој ја изнесува северната етничка граница на Македонците, која се простира од Шар планина, Скопска Црна Гора и Осоговските Планини, а исто ни укажува дека во XV век Охрид е град на Македонците.

martin-segon

(продолжува)

Македонска нација

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.