|
||||
Мико: „Експертите и активистите“ ќе загубат сè ако Македонците опстојат на името |
Мико: „Експертите и активистите“ ќе загубат сè ако Македонците опстојат на иметоАмериканецот Џејсон Мико, кој две децении се залага за правото на Македонците на сопствено име, јазик и идентитет, во својата најнова колумна ја аргументира тезата дека разно-разните (самонаречени) експерти и активисти што ѝ сугерираат на Македонија да си го смени името ќе загубат сè ако нејзиниот мнозински народ не ги послуша. Написот насловен „’Експертите и активистите’ за прашањето за името“ на medium.com го пренесуваме во целост: „Да го парафразирам американскиот конзервативен писател Џона Голдберг (но пишувајќи на друга тема), најисцрпувачкото нешто во врска со прашањето за името на Македонија е тоа што таа одбива да се прилагоди на тоа како тоа (прашањето) е опишано на Запад од ‘експерти и активисти’. А како е опишано тоа на Запад од ‘експерти и активисти’, од многуте политичари, неизбрани бирократи, тинк-тенкови, академици, медиуми и од НВО-заедницата? Дека тоа прашање мора да биде ‘решено’, дека Македонија мора да ја направи ‘вистинската работа’ – иако тоа е самоубиство – и да направи компромис за своето име и идентитет (а со тоа и за самото постоење), постигнувајќи договор со Грција, за да влезе во клубовите на НАТО и на ЕУ, па европскиот континент да биде ‘целосен и слободен’ (фразата до пред неколку години гласеше ‘целосен, слободен и во мир’, но неодамна меѓународните претставници го исфрлија зборот ‘мир’ од фразата). Голем број од овие ‘експерти и активисти’ имаат голема километража по ова прашање. Да го земеме примерот со западните амбасадори Бејли, Гарет, Пломп и Стафансон, длабоко вклучени изминатите неколку години во внатрешната и во внатрешната политика на Македонија, имаат свои потенцијални промоции, моќ и престиж во ‘решавањето’ на ова прашање. Други направија животно дело како ‘експерти и активисти’ додека се возат на прашањето, и, да го цитирам Голдберг овој пат, ‘Ако сте го посветиле целиот професионален живот на подвижна гозба што ги покрива авионската карта и сместувањето во Париз или во Женева додека разговарате за крупни работи, веројатно е тешко да не се држите до фикции’. (Ако сакате врвен пример за ова, не гледајте подалеку од синонимот за ‘експерти и активисти’, поранешниот шведски премиер и министер за надворешни работи Карл Билт, Карлбилт, кој постојано твитнува од прозорецот на некој авион во некоја странска престолнина додека се подготвува да лета до друг странски главен град, дури и кога делови од неговата земја буквално горат). Тие фикции дека овие ‘експерти и активисти’ се придржуваат кон фикцијата дека Македонија нема да мора да се откаже од својот идентитет или од правото да го нарече својот јазик ‘македонски’, или дека безбројни Македонци кои живеат во Грција, Бугарија и Албанија нема да мораат да се откажат од својот идентитет. А, сепак, ова е доказ за лагата, дури и кога ги пишувам овие зборови. Една статија во весникот ‘Економист’ од 19 декември истакнува дека ‘најголемото прашање се однесува на идентитетот. Двете влади може да се согласат со името за Македонија (Нова Македонија се чини дека е најверојатно во моментов). Но, ако тие, исто така, се обидуваат да преговараат дали, на пример, ЕУ може да им се обраќа на граѓаните на Македонија како на ‘Македонци’, разговорите ќе пропаднат’. И англиското издание на грчкиот весник ‘Катимерини’ на 19 декември забележа ‘на крајот на краиштата, Вашингтон и други клучни влади велат дека ќе прифатат какво било име што ќе произлезе од преговорите, кои опфаќаат голем број прашања, вклучувајќи ги и идентитетот и јазикот’. А, сепак, сите овие години, ‘експертите и активистите’ инсистираа дека тоа нема никаква врска со идентитетот. Овие западни ‘експерти и активисти’, кои се длабоко вложени во прашањето за името, премногу ќе загубат како поединци ако видат дека Македонците опстоиле на правото на сопствено име, идентитет и постоење. Овие ‘експерти и активисти’ ни кажуваат, во основа, дека светот ќе го снема каков што го знаеме ако Македонија не падне врз својот меч. Милиони деца ќе умрат, ќе почне апокалипсата на Зомбите, интернет ќе престане да постои преку ноќ, а Доналд Трамп ќе биде реизбран во 2020 година. Тие ни кажуваат дека Третата светска војна ќе почне на Балканот. Вреди да се напомене дека тие ги прават овие исти предвидувања повеќе од дваесет години – а сепак, ниту едно од нивните лоши предвидувања не се случи (тука треба да ги додадам – конфликтот во 2001 година, инцидентот во Куманово и други како нив, немаат апсолутно никаква врска со тоа што Македонија не е во НАТО – овие настани се случија од сосема поинакви причини, без оглед на тоа колку ‘експертите и активистите’ ќе инсистираат поинаку. Зошто се случија? Еден цитат: ‘Нашата цел е единствено да ги отстраниме словенските сили од територијата што историски е албанска’ – Али Ахмети, 22 март 2001, ‘Њузвик’, ‘Проблематичен сон’). Но, да се навратиме на децениски старите предвидувања од ‘експерти и активисти’: ништо страшно не се случи. Ништо ужасно нема да се случи. Речиси е апсурдно тоа што ‘експертите и активистите’ не го разбираат: тие велат дека етничкото албанско население од Македонија толку многу го посакува членството во НАТО и во ЕУ, што, ако не го добие, подготвено е да оди во војна за да ги принуди Македонците да си ги променат своето име и идентитетот за да влезат во клубовите (тоа го наведуваат и некои албански лидери во Македонија). Но, ако тоа е аргументот на ‘експертите и активистите’ – дека македонските Албанци во срцето не се ништо друго освен убиствени насилници и криминалци, нели е тоа малку неубедливо? Патријархално? Колонијално? Треба ли да прифатиме дека Албанците од Македонија се незрели? Тоа ли сакаат да ни го кажат ‘експертите и активистите’, но не можат да се доведат себеси во положба да речат – дека македонските Албанци се среќни да се препуштаат на мало насилство ако не го добијат она што го сакаат? Можеби. Македонија е членка на НАТО со сè освен со името. Македонија работи со ЕУ на начин кој е премногу голем за да се пресмета. Македонија нема да нападне никого и, земајќи предвид сè, никој од македонските соседи нема да ја нападне Македонија. Ако сегашната Влада се придржува до принципите на слободниот пазар и ако ја отфрли сопствената социјалистичка филозофија на командна економија од минатото, стопанството ќе функционира добро. Да ги оставиме Македонците да носат сопствени одлуки – вклучувајќи ја и одлуката што ја донесоа многу одамна – дека се Македонци и дека земјата е и ќе остане Република Македонија“. |