|
||||
Годишно обраќање на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во Собранието на РМ |
Зад нас останува уште една година проследена со продлабочена политичка криза која се одразува врз секојдневниот живот на нашите граѓани. Ова е мое прво обраќање пред новиот парламентарен состав, и за жал, не можам, а да не констатирам дека кризата станува нова нормалност, на која луѓето почнаа да се навикнуваат. Живееме во период на голема трансформација. Во време – меѓувреме, кое некои го нарекуваат ad interim или interregnum. И додека во светот се водат големи глобални дебати за климатските промени, за одржливоста на развојот, за четвртата индустриска револуција, за вештачката интелигенција, за заканата од невработеност и сиромаштија, нашите дебати се сведоа на фаќање сеир за несреќата на другиот. Македонскиот јавен простор е затруен со говор на омраза, лични фрустрации и желби за одмазда. На 18 декември 2003 година, претседателот Борис Трајковски се обрати од ова исто место. Во неговото годишно обраќање тој истакна дека загрижуваат „сигналите на политички реваншизам, што се видливи во процесот на рационализацијата на администрацијата или во полициско-судските постапки, кога се добива впечаток дека политичките убедувања на луѓето дополнително ја отежнуваат нивната положба.“ Поразително е што денес, 14 години подоцна, ја имаме речиси истата состојба. Наместо со проекти да се натпреваруваат за довербата на гласачите, нашите политички партии се доживуваат како смртни непријатели. Тоа доведе до длабока партизација и поларизација на целото општество. На граѓаните им е потребно помирување, наместо реваншизам. Барањето на граѓаните е и мое барање. Ценети присутни, Процесот на постизборно коалицирање и формирање на нова Влада стана заложник на постизборна платформа од туѓа држава што ги доведе во прашање темелните државни интереси на Република Македонија. Поради Тиранската платформа, политичката криза прерасна и во уставна криза. На виделина излегоа многу недоречености на Уставот за доделување на мандат за состав на влада. Уставната празнина можевме единствено да ја пополниме со повикување на преседанот на претседателот Глигоров од 1992 година. Мандатот го доверив дури откако се создадоа правни услови и ми беа дадени писмени гаранции. Затоа, моите одлуки ги носам во согласност со тие гаранции за заштита на унитарноста, суверенитетот, територијалниот интегритет, независноста и мултиетничноста на Република Македонија. Предолгата политичка криза се одрази и на економијата. За цела 2017 година имаме раст на БДП од 0,5% што е една од најниските стапки на раст во историјата на македонската економија. Ако едно време бевме меѓу водечките економии во регионот, оваа година најверојатно ќе бидеме меѓу последните. Неизвесната политичка состојба доведе и до значително намален прилив на странски директни инвестиции. Дами и господа, Со голема загриженост ја следам и дебатата за ризикот од еколошка криза. Нашите градови се гушат поради загадениот воздух. Надлежните институции на локално ниво, особено Град Скопје, имаат законска обврска да најдат одржливи решенија за овој сериозен проблем. Истовремено, југоисточна Република Македонија е на нозе. Моите сограѓани, од мојот роден крај, бараат стопирање на изградбата на рудниците Казандол, Иловица, Боров Дол... Тие се повикуваат на фундаменталното човеково право на здрава животна средина. Нивното барање е и мое барање. Користењето на штетни хемиски методи за експлоатација на природното богатство влијае негативно на животната средина. Поради тоа, очекувам економскиот развој да биде во согласност со принципите на одржливиот развој. Очекувам контролните механизми на државата, во согласност со Просторниот план на Република Македонија 2004 - 2020, да спроведат итни и строги мерки за заштита на животната средина и здравјето на луѓето. Зборувајќи за загадувањето, не можам, а да не забележам дека освен животната средина загаден е и јавниот и медиумскиот простор. Вистината никогаш немала толку непријатели како што има денес. Живееме во време на лажна медиумска реалност. Користејќи лажни вести, во Македонија се води војна на перцепции. Интернетот и емитувањето на прилагодени пораки до публиката се новата субверзивна алатка што се користи за обликување на јавното мислење и влијание на изборните резултати. Главни актери во оваа војна се генераторите на лажни вести и гласини, кои имаат за цел да ја прикријат својата неспособност и да го насочат вниманието кон други. Видовме одредени институции и одговорни лица кои монтираат случаи засновани врз лажни вести и лажни информации. Отидоа до таму, што се обидоа да ме обвинат и мене дека сум планирал да прогласам воена состојба. Наместо, да ја прочитаат глава 7 од Уставот каде се пропишани условите за воена и вонредна состојба, тие се обидуваат да наметнат лажна престава и да креираат перцепција во јавноста за да изградат случај врз основа на измама. За жал, некои новинари и корисници на социјални мрежи преку интернет платформи станаа инструменти за пренос на нивните лаги. Лажните вести, гласините и планираниот истек на податоци вршат ерозија на институциите. Во изминатите три години, повеќе од 30% од идентитетите на нашите разузнавачи се откриени. Со тоа се предизвикани штетни последици од пропаднати операции во земјата и странство, загрозени се животи и уништена е агентурна мрежа за собирање на податоци. Крајно време е да се соочиме со вистината дека генерирањето и емитувањето на лажните вести во медимите, на интернет и на социјалните мрежи, без мониторинг и мерки за граѓанска и кривична одговорност, е основа за тензии и конфликт. Оние кои предизвикуваат штети генерирајќи лажни вести мора да сносат одговорност. Позитивните европски примери треба да бидат имплементирани и кај нас. Но, законот сам по себе не е доволен. Сите ние кои сме избрани од граѓаните треба да дадеме пример. Време е да се врати јавната пристојност во јавната дебата. Нема посоодветно и подобро место за тој процес да започне од овој дом на демократијата. Пример треба да дадат и медиумите. На Република Македонија и е потребно слободно, независно и професионално новинарство, а не медиуми кои функционираат како експонати на политичките партии и пласираат лажни вести. Затоа, неопходно е да ја подобриме јавната и парламентарната етика, бидејќи тоа е основа за дијалог благодарение на кој може да се превенира поларизацијата и радикализацијата на општеството. Неопходна е и беспоштедна борба против корупцијата и организираниот криминал. Секој треба да биде одговорен за своите постапки, бидејќи праведното општество се гради со одговорност која не е безлична и општа, туку лична и конкретна. Од друга страна, нашите затвори се преполни, а условите во нив се очајни. Сето ова зборува за состојбата на нашиот правосуден систем. Во тек се реформите во судството кои треба да се спроведуваат со еминентни, објективни и независни експерти, врз кои нема да се вршат партиски влијанија и притисоци. Само така ќе изградиме независно судство што ќе овозможи вистинско владеење на правото. Без сузбивање на криминалот и на корупцијата, на паразитската бирократија и клиентелизмот ние не можеме да градиме иднина за Република Македонија. Но, треба да внимаваме правдата да не ја сведеме на политички реваншизам и лична одмазда. Бидејќи, одмаздата води кон нова омраза. Неопходно е да биде утврдена одговорноста и за оние кои го предизвикале насилството во Собранието на 27 април. Кој постапил спротивно на Уставот и законот треба соодветно да одговара. Но, одговорноста не смее да се генерализира. Освен обврски, граѓаните имаат и права кои мора да се почитуваат – правото на одбрана, имунитет и презумпција на невиност кои се во основата на секоја демократија. За жал, видовме пратеници со лисици без симнат имунитет и граѓани од „Заедничка Македонија“ обвинети за тероризам. Не можам, а да не ги поддржам оние кои повеќе од два месеци на мирен и достоинствен начин искажуваа грижа за државните интереси на Република Македонија. Бидејќи, дел од нивните барања беа и мои барања. Правдата завршува таму каде што реваншизмот започнува. Затоа, потребна ни е правда наместо реваншизам. Поради тоа, во изминатиов период постојано повикував и на смирување на тензиите. Повикував на ненасилство, на разумно и одговорно однесување. Иницирав дијалог меѓу власта и опозицијата за да се постигне консензус околу државниот интерес на Република Македонија. Мора да ја вратиме културата на политички дијалог. Лидерите на власта и опозицијата треба да имаат нормална меѓусебна комуникација во интерес на граѓаните и во интерес на државата. Најголема одговорност за стабилноста и поредокот на Македонија имаат политичките партии кои го претставуваат мнозинството на припадници на македонската нација. Почитувани пратеници, Во државата како политичка заедница е сосема нормално луѓето да не се согласуваат поради различните интереси, потреби, идеи... Но, не е нормално поради тие несогласувања меѓусебно да се уништуваат. Сме имале и ќе имаме промена на власта. Но, не смееме да имаме политички прогон и реваншизам што неминовно завршува во нов идеолошки монизам. Наместо политички прогон, освета и реваншизам, нам ни треба помирување. А за тоа помирување се потребни три нешта. Прво, законски решенија за обнова или преиспитување на постапките во судските случаи за кои има основани индиции за серозно кршење на човековите права. Второ, утврдување на граѓанска и кривична одговорност кон оние кои политички монтирале случаи. И, трето, отстранување на генераторите на кризи со цел враќање на доверба на граѓаните во институциите на државата. Барањето на граѓаните е помирување наместо реваншизам. Нивното барање е и мое барање. Почитувани присутни Патот до помирувањето во Македонија води преку правдата, а патот до правдата води преку вистината. Гледајќи наназад, не само во изминатата 2017 година, туку во изминатите 26 години, ќе забележиме една правилност. Секогаш кога Република Македонија се наоѓала пред клучни одлуки и решенија за кои е неопходен општествен консензус, се јавувале или политички или безбедносни кризи. Кризи кои ја поткопувале довербата, ги парализирале институциите, го делеле општеството и го менувале државното уредување. Причините за овие кризи се повеќедимензионални. Од блокадите на нашиот европски и евроатлантски пат, преку партизацијата на институциите, па се до бирократизацијата на партиите на власт. Но, речиси сите политички и безбедносни кризи низ кои мина и низ кои сè уште минува Република Македонија имаат еден заеднички именител. Последнава политичка криза беше можност тој заеднички именител да се разоткрие, демистифицира и конечно, да се деконструира. Овој генератор на политички и безбедносни кризи е препознаен и јасно посочен во итните реформски приоритети на Европската Унија, односно извештајот на Прибе. Цитирам: „Причините за долготрајниот скандал во Република Македонија може да се бараат како во концентрацијата на власт во рамките на националната безбедносна служба (УБК) и во лошото функционирање на механизмот за надзор над УБК.“ Со други зборови, жариштето на речиси секоја, па и на оваа политичка криза во Македонија е лоцирано на едно место, а тоа е Управата за безбедност и контраразузнавање и нејзиниот оддел за техничка поддршка. Од 2015 година до денес препораките на Прибе не се имплементирани. Тоа е основа да се сомневаме дека сè уште постои злоупотреба на системот дека сè уште се монтираат случаи и дека сè уште надлежни институции не постапуваат во согласност со своите законски надлежности. Уште Алберт Ками рекол дека „ниту една значајна и вредна работа не се воспоставува на лага... Токму каде што се множи лагата, се најавува тиранијата, или таа се продолжува, при што лагата нужно завршува во омраза; лагата е робување на омразата.“ Но, за жал, ние сè уште сме заложници на оние кои со години монтирале случаи и креирале докази за да докажат лаги, без да сносат никаква одговорност за тоа. Прв чекор кон помирувањето во Македонија е да се сопре и демонтира машинеријата на лаги и злоупотреби. Не случајно, повеќе од една година упорно повторувам дека приоритет на Владата мора да биде системска реформа во која ќе бидат опфатени субјектите на системот за национална безбедност на Република Македонија. Некој ќе каже дека тие реформи веќе се во тек. Се предлагаат закони за основање на Оперативна техничка агенција и за следење на комуникациите. На прв поглед, се имплементираат ургентните реформски приоритети на Унијата. Сепак, тука има неколку проблеми. Прво, во овој процес отсуствува вклученост и дијалог со субјектите кои носат одлуки за реформите во УБК. Второ, гледаме парадокс: оние кои треба да се реформираат, сега ни ги водат реформите. Оние кои доаѓаат од театарот на генерирање кризи, сега ни нудат решенија за излез од кризи.ÂÂ Семејните врски и конфликтот на интереси на персоналот во УБК се основа за злоупотреба и несовесно работење во службата. Трето, со предлог-законските решенија не се отстрануваат забелешките на високите експерти на Европската Комисија. Можноста за злоупотреба и несовесно работење останува непроменета. Милан Кундера, ваквиот однос би го дефинирал како неподнослива леснотија на владеење со наследените механизми кои континуирано се злоупотребувале во минатото. Или, да го парафразирам Блез Паскал: ако една држава не е способна да му даде сила на праведниот закон, тогаш таа држава ќе ја озакони неправедната сила. Како Претседател, сакам да видам неодложно спроведување на реформите. Во интерес на времето, решенијата се наоѓаат во постојниот Закон за внатрешни работи, каде одговорното лице уште сега може да иницира измена на внатрешните акти за да ја промени структурата на УБК и да го издвои Одделот за оперативна техника како самостојна организациона единица во состав на МВР. Ништо не го спречува уште сега да пропише посебни услови за работните места на полициските службеници, кои вршат и водат постапки за следење на комуникации и полициски операции. Со тоа веднаш ќе отстрани дел од суштинските забелешки на Прибе до наоѓање на општоприфатлив модел за следење на комуникации. Научените лекции од минатото посочуваат дека отсуство на ветинг- процедури и кодекс на професионална етика во комбинација со семејни врски меѓу високите политичари и високите функционери во УБК е формула за злоупотреба на службената положба и несовесно работење. Субјектите на системот за национална безбедност и одбрана, но и дипломатијата, мора да воведат кодекс на професионална етика за превенција на конфликт на интереси меѓу персоналот и член на неговото потесно семејство со странски амбасади, странски корпорации, граѓански организации и фондации кои се приматели на странска помош. Понатаму, безбедносната проверка во пракса се покажа како селективно средство за елиминација на неистомисленици и конкуренција. Неспорна е користа од полиграфското тестирање во вршење на безбедносна проверка. Затоа, одговорните лица кои управуваат со државните органи мора да спроведат мерки за враќање на довербата во институциите. Конечно, ништо не ги спречува одговорните лица кои управуваат со институциите да иницираат измена на актите со кои се пропишува систематизација на работните места и употреба на средства и методи за да спроведат рамка за имплементација на ветинг-процедури со задолжително полиграфско тестирање и форензика врз персоналот и изворите. Целта е контрола на интегритетот и професионалната оцена заради спречување на злоупотреба, односно не спроведување на законската надлежност. Затоа, ако навистина сакаме да се помириме, треба да ја вложиме енергијата во системските реформи во согласност со препораките на Прибе. Очекувам Владата како предлагач и Собранието, внимателно да го проучат извештајот на Прибе и дословно да ги применат препораките за контрола над службите за безбедност. Ако навистина сакаме европска иднина, тогаш мора да ги примениме препораките на Европската Унија. Почитувани присутни, Ќе ве потсетам дека Европската Унија во извештајот на Прибе и во сите свои извештаи не бара реваншизам, туку реформи. Тие реформи треба да ни донесат меритократија наместо паразитска бирократија, прагматизам наместо клиентелизам и чесност наместо корупција. Реформите можат да бидат успешни само ако за нив е постигнат широк консензус и од власта и од опозицијата. Одговорете ми, како ќе се носат системски закони без учество на опозицијата? Ќе ве потсетам дека македонските граѓани не бараат реваншизам, туку реформи. Нивното барање е и мое барање. Почитувани сограѓани, Армијата на Република Македонија во 2017 година успешно ја изврши својата уставна и законска мисија. Особено сакам да ја истакнам улогата на нашата Армија во заштитата на нашата јужна граница од заканата од илегална миграција како и нејзиниот придонес во глобалната безбедност со нашето учество во меѓународните мировни операции. Се менува геополитичката слика на светот. Суровиот 21 век е време на сложени војни со сајбер-закани. Глобалните климатски промени, верската радикализација која е во подем, воените вештини на терористичките борци, безбедносните ризици од илегалната миграција и нелинеарното војување на секој против секого се заканите со кои се соочуваме. Како врховен командант на вооружените сили веќе истакнав дека идната мисија на Армијата на Република Македонија ќе се состои во четири задачи. Второ, поддршка на полицијата во борба против урбаниот тероризам на целата територија. Оние кои од Македонија заминаа како екстремисти, сега се враќаат како терористи кои ги радикализираат нашите млади. Затоа, мора да има цивилно-воена соработка заради намалување на радикализацијата. Трето, поддршка на кризниот менаџмент во справување со природни непогоди и загадувања. Дами и господа, Споделената надлежност што како Претседател ја имам со Владата подразбира дека треба да сме упатени заедно да работиме за решенија за доброто на граѓаните и да ги штитиме државните интереси. Разбирливо, на врвот на нашата заедничка агенда се интеграциите. Минувајќи низ исклучително сложен внатрешно-политички период, за Македонија најголем приоритет беше да опстои на европскиот пат. Затоа во однос на надворешно политичките активности, Република Македонија континуирано придонесува во зацврстување на националната и европската агенда во чиј фокус е интеграцијата и безбедноста на европскиот континент. Пред предизвиците поставени од внатрешната криза и потребата за унапредување на меѓусоседските односи, Република Македонија годинава беше посветена на две паралелни стратегии. Со внатрешни реформи и надворешна кохезија треба повторно да ја постигнеме позицијата на регионален лидер. При сите активности и средби ги потврдувавме и унапредувавме партнерствата и укажувавме на политичката подготвеност за постигнување на внатрешно политичка стабилност и регионална соработка. Очекуваме Европската Унија да ја потврди својата политика на отворени врати. Република Македонија заслужено очекува на следниот самит да добие безусловена препорака и отпочнување на преговорите за полноправно членство. Со овој чекор, Унија de jure ќе ја препознае рамноправната и партнерската позиција на нашата држава кон градење на обединета, слободна и мирна Европа. Покрај европската интеграција, Република Македонија во континуитет покажува дека е доверлив стратешки партнер на НАТО Алијансата. Наредната 2018 година ќе се навршат две годишнини поврзани со НАТО: 25 години од едногласната одлука на Собранието од 23 декември 1993-та за стапување на Република Македонија во НАТО. И, 10 години од големото изневерување на нашите надежи на НАТО Самитот во Букурешт. Наредната 2018 година е можност НАТО да ја исправи неправдата од Букурешт. Тоа е историска шанса конечно да го завршиме она што го започнавме пред четврт век. Сè додека мнозинството на граѓани ги поддржуваат овие стратегиски цели, ние сме должни да ги почитуваме. Но, треба да имаме предвид дека краткорочните интереси на нашите партнери не секогаш кореспондираат со интересите на Република Македонија. Амбивалентноста кон Македонија денес е основа за нови кризи утре. Единствен начин Македонија да се врати во нормала е ако час поскоро влезе во НАТО и добие датум за почеток на пристапните преговори со Унијата. Дами и господа, За жал, одново се појави популизмот со неговото негативно влијание врз добрососедските односи. Веќе ја спомнав Тиранската платформа која беше популистичко мешање во внатрешните работи на Република Македонија. Имавме и контраразузнавачка измама во односите со Србија. Сè уште ги чекаме доказите од официјален Белград за наводното македонско офанзивно разузнавачко дејствување против српските дипломати. Владата на Косово, пак, одлучи да определи финансиска помош за актерите ангажирани во насилните и терористичките акти во Гошинце и Куманово. Така ли косовската влада ја изрази благодарноста за згрижувањето на над 350.000 косовски бегалци во 1999-та, признавањето на косовската независност, и вклучувањето на Косово во регионалната соработка? Лидерите од регионот мора да извлечат поука од сево ова. Потребно е внимателно да се одмерува секој збор. Избегнувањето на острата реторика е особено важно во претстојниот период кога многу од земјите во регионот влегуваат во нов изборен циклус. Една неумесна и популистичка изјава може да предизвика политички земјотрес во целиот наш регион. Почитувани присутни, Регионалната соработка е императив во градењето на добрососедските односи. Учествувавме на повеќе значајни состаноци во рамки на процесот за соработка во Југоисточна Европа, Брдо-Бриони и Самит 100. Република Македонија ја продолжи политиката на градење на добрососедски односи врз основа на принципите на отвореност и взаемно почитување на внатрешните и надворешните политички приоритети на секоја држава во регионот. Следствено, поаѓајќи од сличните политички, економски и безбедносни предизвици со кои се соочува регионот, од клучна важност е претстојниот самит на Процесот Брдо-Бриони чијшто домаќин ќе биде Република Македонија. Позициониран меѓу формализирањето на стратегијата на ЕУ за проширување и Самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија, овој самит ќе претставува можност земјите од регионот да ги усогласат ставовите за регионалната стратегија на ЕУ. Во фокусот на Самитот ќе биде и безбедносното поврзување на регионот. Заканите со кои се соочуваат земјите се преку гранични и интегрирани, за разлика од регионалниот одговор. Затоа, безбедносната поврзаност треба да се промовира како нова синтагма во регионот. Ја поздравувам посветеноста на Владата на процесот на изнаоѓање на решение за прашањето за името. Надминувањето на ова прашање суштински ќе влијае на стабилноста и просперитетот на целиот регион. Но, истовремено, повикувам на претпазливост. Поради моето осумгодишно искуство, јас не сум ниту оптимист ниту песимист, туку реалист со искуство. Реалноста е дека решението за прашањето на името стана заложник на бирократијата на НАТО и ЕУ. Затоа, решение за разликата околу името со Грција може да се бара само во рамките на Обединетите нации, каде сме рамноправни. Заемно прифатливото решение мора да го почитува нашиот национален идентитет. Не може да се лицитира со идентитетот на граѓаните и уставното име на државата. Неопходно е стриктно придржување до рамката во која се водат разговорите – Повелбата на Обединетите нации, резолуциите на Советот за безбедност, Времената спогодба и пресудата од Меѓународниот суд на правдата. Мора да продолжиме да инсистираме на почитување на меѓународното право и меѓународно преземените обврски, бидејќи тие даваат предвидливост и сигурност во светскиот непоредок. Ја поздравувам конструктивноста во мерките за градење доверба меѓу двете држави. Истовремено, повикувам на нивно проширување со нови содржини. Не постои подобра мерка за градење на доверба во целиот регион од изградбата на Балканскиот канал Дунав-Морава-Вардар. Овој канал засекогаш ќе го промени нашиот регион и ќе го подобри животниот стандард на граѓаните. Јас стојам зад оваа идеја, и веќе имам разговарано со српскиот претседател и грчкиот премиер. Затоа, ја повикувам Владата најитно да формира експертски тим кој веднаш ќе започне да работи со српските и грчките власти за реализација на овој проект. Почитувани присутни, Од првиот ден на мојот прв мандат се залагам за унапредување на добрососедските односи со сите соседи, и тоа врз основа на принципите за заемно почитување, помош и поддршка. Затоа ја поддржав иницијативата за преточување на Декларацијата за добрососедство од 1999 во Договор за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија. Како соседи ние сме природно упатени на меѓусебна соработка. Договорот е резултат на компромиси кои не можат секого да задоволат. Но, за да ја исполни целта, овој договор треба да се гледа од аспект на иднината, а не на минатото. Тоа е договор на заедничката историја на двете држави и нивните народи, и се однесува на периодот од признавањето на Република Македонија од страна на Република Бугарија, односно од 1992 година. Ги повикувам двете влади да придонесат кон исполнувањето на целта на Договорот. Договорот создаде амбиент за поголема отвореност и соработка и меѓу црквите. Иако сум верник, сепак сум Претседател на секуларна држава, која е одвоена од црквата. Не се мешам во работата на црквите, но како и секој верник очекувам Македонската православна црква – Охридска Архиепископија да биде рамноправен дел од православната екумена. Ценети присутни, Во услови на геополитички тектонски поместувања, неопходно е внимателно и балансирано градење на односите со постојаните земји-членки на Советот за безбедност на Обединетите нации. Понатаму, градење односи со земјите со кои имаме договори за градење на стратегиско партнерство, односно Соединетите Американски Држави и Турција. Очекувам дека Владата ќе продолжи и со градење на стабилни политички и економски односи со државите од евроазискиот регион преку различните механизми, како што е Иницијативата 16+1 на Народна Република Кина, но и со Австралија и земјите од Јужна Америка и Африка, особено со земјите во кои е присутна македонската дијаспора. Евидентна е потребата од враќање на достоинството во дипломатската професија. Во изминатиов период се залагав со Владата да бидат договорени неопходните стандарди за професионализам во дипломатијата. Принципите на професионалност, одговорност и меритократија треба да бидат главен белег во дипломатијата. Од тие причини барам, македонските амбасадори првенствено да ги штитат интересите на Република Македонија и да се грижат за нејзината безбедност, стабилност и благосостојба. Истовремено, неопходно е да се извршат промени во функција на зајакнување на соработката и координацијата меѓу Министерството за надворешни работи, Министерството за одбрана и Агенцијата за разузнавање. Само на овој начин Република Македонија во своите надворешни односи ќе зборува во еден глас. Како резултат на овие разговори очекувам дека деновиве ќе биде упатена и првата група на професионални дипломати кои соодветно ќе одговорат на надворешно-политичките предизвици за кои зборував. Почитувани сограѓани, Централното прашање со кое се соочува секое општество и секоја држава е дали слободата и поредокот можат да опстанат заедно. Тензијата меѓу слободата и поредокот се надминува само на еден начин, а тоа е преку праведни и општествено прифатени закони. Законите, пак, создаваат општествена реалност, дефинирајќи што е правилно и прифатливо, а што не е. Реформаторот можеби е во право за она што е погрешно, но, не секогаш е во право за она што е правилно. Едно од тие прашања е Законот за употреба на јазиците. Со овој закон, заради краткорочни политички поени се доведуваат во прашање трајните интереси на Република Македонија и македонскиот народ. Прво, барањето за двојазичност е апсолвирано со амандманот 5 од Уставот на Република Македонија, кој произлезе од Рамковниот договор, каде се регулира прашањето за службениот јазик во Република Македонија. Колку што е опасно неспроведувањето на Рамковниот договор, толку е опасно и излегувањето од рамката што тој ја предвидува. Ќе потсетам дека Република Македонија е унитарна држава на сите нејзини рамноправни граѓани, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци, христијани, муслимани, Евреи и атеисти. Тоа е она по што сме различни од другите. Второ, за еден предлог-закон да има европско знаменце, неопходно е да постои европска директива што налага усогласување на македонското законодавство со законодавството на Унијата. Таква директива не постои. Со овој закон Република Македонија ќе стане можеби единствената европска држава која сама си поставува услови за членство во Унијата кои никој не ги бара. Трето, нема прецизна терминологија околу тоа што е официјален јазик, службен јазик и јазик во службена употреба. Ваквата непрецизност неминовно ќе се одрази на имплементацијата. Четврто, законот е репресивен. Петто, оние кои тврдат дека предлог-законот е во согласност со Уставот и законите, ќе ги прашам: во согласност со чиј Устав и чии закони? Како Претседател во мојот Кабинет имав консултации со правни експерти, уставни судии, академици, универзитетски професори, лингвисти. По извршените консултации можам да кажам дека Законот за јазиците не преставува закана по македонскиот јазик. Тој преставува закана по унитарноста на државата. Овој предлог-закон го крши најголемиот закон на државата, а тоа е Уставот на Република Македонија. Кога ќе се прекршат големите закони, не добивате ниту слобода, ниту анархија. Наместо тоа, добивате многу мали закони за да го оправдаат кршењето на големите закони. Наместо во духот на дијалотот, вклученост и соживотот да градиме мултиетничко општество преку општоприфатени закони, ние носиме репресивни закони без политички дијалог, без вклученост на научната и експертската јавност. За прашања кои задираат во унитарниот карактер на Република Македонија, за прашања кои задираат во правата и надлежностите на системските закони, мора да постои вистинска јавна дебата и најширок можен консензус. Охрабрува што новата Влада најави дека конечно, во 2019 година ќе се спроведе попис на населението. Тоа ќе ни овозможи да добиеме реална слика за внатрешно-политичка состојба и основа за правата и обврските на граѓаните и државата. Мојата одлука за Законот се заснова врз дадените писмени гаранции за заштита на унитарноста, суверенитетот, територијалниот интегритет, независноста и мултиетничноста на Република Македонија. Законот за употреба на јазиците мора исклучиво да биде во согласност со Уставот и усогласен со законите на Република Македонија. Јас сум Претседател на сите граѓани и сакам унапредување на употребата на јазиците на сите заедници, вклучително и на албанскиот јазик. Затоа, ги повикувам лидерите на сите парламентарни партии прво да ги слушнат експертите и да направат квалитетен закон што нема да биде оспорен. Ги повикувам да направат закон што ќе понуди сеопфатно решение што вистински ќе ја унапреди употребата на јазиците, без притоа да создава поделби. Денес, со примена на современи технологии и дигитални платформи веќе има и решение за унапредување на употребата на јазиците без притоа да се предизвика бирократска парализа и поделба. Само така сите ние од овој процес ќе излеземе и посилни и посплотени. Дами и господа, Пред само четири дена Собранието го усвои предлог-законот за ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство, позната како Истанбулска конвенција. Ги поздравувам искрените и добронамерни заложби за борба против насилството врз жените и семејното насилство. Не може да има праведно општество сè додека се врши насилство врз жените. Сепак, во изминатиов период до мене стигнаа писма со загриженост во кои се посочува дека одредени членови на Конвенцијата се контроверзни и истите не би требало да станат дел од македонскиот правен систем без консултација со пошироката експертска јавност. Внимателната анализа покажува дека нејзината ратификација со себе носи и одредени ризици. Преку родовата перспектива, Конвенцијата воведува нова и неконвенционална дефиниција на родот како општествен конструкт што е независен од биолошкиот пол и што може да се менува според волјата. Меѓу другото, тоа отвора можност и на тригодишни деца во градинка да им биде наложувано за машкиот и женскиот пол да размислуваат во родово неутрални термини. Нивните родители речиси ќе немаат никаков начин да го изразат своето лично гледиште. Со тоа ќе се наруши не само фундаменталното човеково право на родителите да ги воспитуваат своите деца во согласност со своите морални вредности, туку ќе се наруши и еден од основните принципи на воспитување на младите генерации во сите ери и во сите цивилизации. Парадоксално, сето ова се прави во име на слободното, отворено општество. Но, да не заборавиме дека слободното општество е пред сè морално достигнување. Без споделени морални вредности и врз нив втемелени општествени институции, општеството се распаѓа. Носечката поента на Конвенцијата е неспорна, бидејќи се однесува на борбата против насилството врз жените и домашното насилство, кое секогаш и секаде треба да подлежи на осуда и санкција. Но, воведувањето на ново поимање на родот и полот без отворена јавна дебата со родителите, педагозите, психолозите и сите оние кои се вклучени во образувањето на младите ќе доведе до наметната толеранција, без вистинско и искрено почитување на различноста. Македонските граѓани бараат и заслужуваат отворена јавна дебата за можните последици од ваквите законски решенија. Барањата на граѓаните се и мои барања. Почитувани пратеници, Вчера, на 25 декември се навршија точно 114 години од денот кога во 1903-та во Софија од печат излезе едно од најзначајните дела за Македонија. На вчерашен ден од печат излезе „За Македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков. Но, зошто го спомнувам Мисирков? Бидејќи има многу паралели. И тогаш, како и денес се присутни лажните вести и пропаганди. И тогаш, како и денес, нашиот идентитет бил доведуван во прашање. И тогаш, како и денес, актуелно било прашањето за македонскиот јазик. Мисирков нè потсетува дека сме должни да го чуваме нашиот јазик, зашто тој е наш исто така како што е наша татковината. И тогаш, како и денес, македонското ткиво било раскарано. Пораката на Мисирков е дека сплотувањето може да настане само со компромис меѓу идеолошките противници, а не со капитулирање на едните пред другите. И тогаш, како и денес, актуелни биле европските реформи за Македонија. Ако тогаш други требало да ни спроведуваат реформи, денес, ние сами треба да ги спроведеме. Унијата може да ни ги посочи предизвиците и да ни препорача решенија, но не може да ги спроведе реформите наместо нас. Наша обврска е да изградиме функционални институции и да обезбедиме независно судство и владеење на правото. И тогаш, како и денес, актуелно било прашањето за моралот. Мисирков верувал дека лидерите треба да се посветат на моралното и умственото усовршување на своите граѓани. Наместо тоа, денес се прават обиди да се отстранат токму оние морални кочници што ни овозможиле да опстанеме. Конечно, и тогаш, како и денес, сличен е односот кон делото на Мисирков. Уште мастилото меѓу кориците не било исушено, а речиси сите примероци од книгата „За Македонцките работи“ биле веднаш запленети и уништени од оние кои не можеле да ја поднесат вистината. За жал, повеќе од еден век подоцна, на сличен начин се однесуваме кон нашите неистомисленици. Тој вели „историјата му помага на секој народ да си ги види грешките што ги има правено и да се чува да не се повторуваат.“ А сепак, постојано ги повторуваме. И покрај сите наши етнички, религиски, идеолошки и политички разлики, имаме едно нешто што не држи заедно – а тоа е државата. И токму државата ја поткопуваме заради дневно-политички агенди, мобилизирање на гласачи, освојување или задржување на власта. Затоа, крајно време е правилно да го разбереме Мисирков. Тој нè повикува самостојно и критички да погледнеме на самите себе и на нашите интереси. Нè повикува да ја отстраниме меѓусебната недоверба, да го надминеме меѓусебното непријателство и да се сплотиме околу државните интереси на Македонија и интересите на македонските граѓани. Интересите на државата и на граѓаните се и мои интереси. Сето ова, можеме да го постигнеме само со сериозни структурни реформи во образованието на Република Македонија прилагодено на потребите на 21 век. При ова, посебен акцент би ставил на потребата од зајакнување на патриотизмот, отвореноста на умот, креативноста и иновативноста. Почитувани пратеници Додека ние се бавиме со прашања од 19 и 20 век, додека зборуваме дека треба да се прилагодиме на предизвиците на 21 век, не сме ни свесни дека генерациите кои сега се раѓаат ќе го доживеат 22 век. Но, од нас зависи дали тие наши деца, 22 век ќе го дочекаат со сопствена унитарна и функционална држава. Држава што ќе ги гарантира и штити нивните права и слободи и ќе им биде прибежиште од глобалните безбедносни бури. Или, пак, во наследство ќе им оставиме слаба и нефункционална држава со партизирано општество кое е длабоко поделено по речиси секоја основа. Ве повикувам за секој предлог-закон што ќе го разгледувате и за секој збор што ќе го изговорите од оваа говорница да размислите не што тоа значи за следните избори туку како тоа ќе се одрази на наредните генерации. Нивните барања треба да се моја и ваша обврска. Ви благодарам. |