Среда, 07 Февруари 2018    PDF Печати Е-пошта
ДЕМОНСТРАЦИИ ЗА МАКЕДОНИЈА ВО ЕВРОПА (1)

Берлинскиот ѕид падна, паднаа и режимите во социјалистичките држави

Во последната декада на 20 век се случија големи пресврти во општествено- политичкиот и економскиот живот во државите на таканаречениот Источен блок и во СФРЈ (Социјалистичка Федеративна Република Југославија)

berlinki-zid

ДЕМОНСТРАЦИИ ЗА МАКЕДОНИЈА ВО ЕВРОПА (1)

Диктаторите што владееја со децении, од тронот беа симнати со народна револуција, а со војна распаднаа неколку федерации. Географската карта на Европа беше прекроена, доби нов лик со создавањето нови држави, а двете Германии се обединија. Раздружувањето и воведувањето нов политички и економски систем во новосоздадените држави се одвиваа по мирен, демократски пат, а во некои со оружени борби, кои траеја со години и имаше илјадници жртви на недолжни цивили, на војници и на полицајци.

Југословенската Федерација почна да се распаѓа веднаш по смртта на претседателот Јосип Броз-Тито (на 4 мај 1980 година). Хроничарите бележат жестоки конфликти меѓу народите на Југославија: меѓу Србите од една страна и Хрватите, Бошњаците и Албанците од друга страна. Конфликтите во Босна и Херцеговина беа меѓу Бошњаците и Хрватите, а во Македонија меѓу Македонците и Албанците.
Нетрпеливоста меѓу раководствата и народите на федералните единици на СФРЈ кулминира во последните месеци на 1989 година и во првото полугодие на 1990 година, а потоа цела декада на југословенските простори имаше оружени борби меѓу дотогашните братски народи. Во овој период одделни раководители вложија големи напори да ја спасат заедничката држава, се залагаа федерацијата да се преуреди во конфедерација и со нов политички и економски систем да продолжи да опстојува. Доколку не може да се најде заеднички јазик за понатамошно функционирање на СФРЈ, тогаш раздружување и создавање посебни држави по мирен пат, без ѕвечкање на оружјето! И покрај зголемените политички активности на одделни функционери на републиките за спас на федерацијата, сепак, настојувањата не успеаја. Раздружувањето беше неминовно, а, за жал, се одвиваше со оружени борби, кои на одделни простори траеја со години.

Новинарот на „Нова Македонија“ Љубе Профиловски, во книгата „Од Газиместан и Книн до Дејтон и Париз“ (издание на НИПРО „Нова Македонија“, 1996 г.), за распадот на СФРЈ забележа: „Од есента 1989 до пролетта 1990 година развојот на настаните одеше со секавична брзина и во тој период државниот брод на Југославија целосно го загуби својот правец. Конфронтациите не беа само преку весниците и отворените писма туку и директно на говорниците на највисоките државни и партиски органи. Ниту во Претседателството на СФРЈ, ниту во Претседателството на ЦК на СКЈ не можеше да се дојде до консензус за ниедно прашање. Најпрво конфронтациите се засилија меѓу словенечкото и српското раководство. Стравот од српската доминација беше уочен во Словенија или, пак, нејзиното раководството имаше храброст да го каже тоа“.

Од 20 до 22 јануари 1990 година, по барање на српското партиско раководство, во Белград се одржа 14-от вонреден конгрес на СКЈ. Српските предлози во целост беа усвоени од конгресот, а предлозите на словенечката делегација за реорганизација на СКЈ (Сојуз на комунистите на Југославија) и на политичкиот систем на СФРЈ беа одбиени. Српското партиско раководство, пак, не го прифати предлогот на Словенците за асиметрична федерација, ниту пак заедничкиот предлог на Словенија и Хрватска за конфедерација. Словенечката делегација демонстративно ја напушти работата на 14-от вонреден конгрес на СКЈ. Хрватската делегација своето останување го услови со враќање на словенечката делегација. Словенците не сакаа ни да чујат да се вратат. Поради ова, и делегацијата на Хрватите го напушти конгресот, што беше повод да се распадне СКЈ. СФРЈ, која опстојуваше 45 години, се раздружи и беа создадени седум самостојни нови држави.
И Јонче Христовски го уриваше ѕидот!
Ноќта на 9 ноември 1989 година, по неколкунеделни граѓански немири на поделениот Берлин, падна Берлинскиот ѕид, изграден во 1961 година. Граѓанските демонстрации и притисокот на тогашниот претседател на СССР, Михаил Горбачов, го принудија раководството на Источна Германија да донесе одлука сите нејзини граѓани да можат слободно да престојуваат во Западна Германија и Западен Берлин. Паѓањето на Берлинскиот ѕид беше првиот чекор за обединување на двете Германии, што се случи на 3 октомври 1990 година. Овие случувања како да беа најава дека со несмалено темпо ќе продолжи процесот на распаѓање на диктаторскиот режим што владееше со децении во социјалистичките држави и федерации во Источна Европа.

Со мојот пријател Јонче Христовски, легендата на македонската патриотска песна, традиционално, речиси цела деценија, пред католичкиот Божиќ и новогодишните празници одевме на гости кај нашите пријатели Гојко и Мане Јаковлески во Западен Берлин. Со нив и со Македонците што живееја и работеа во оваа европска метропола ги прославувавме новогодишните и божиќните празници (католички и православен). Традицијата не изостана и во 1989 година. На средината на декември, нешто повеќе од еден месец по паѓањето на Берлинскиот ѕид, пристигнавме во Берлин. Во нивниот култен ресторан „Ново Скопје“, кој се наоѓаше во центарот на метрополата, на Ку дам, седнати на столовите околу персоналната маса „тринаесетка“, со часови разговаравме за бурните настани што се случуваа во Европа, дури и го пречекувавме утрото на новиот ден. Политичките промени што беа почнати во Европа беа доволен предизвик за маратонски дискусии. Убаво се сеќавам кога Гојко Јаковлески ни говореше дека паѓањето на Берлинскиот ѕид ќе повлече лавина промени во општествата каде што владееше таканаречениот комунизам. Тој ни велеше дека процесите што почнаа во Германија никој не може да ги запре, ќе се шират низ комунистичките држави, промените се неминовни, граѓаните го сакаат тоа, сакаат да живеат во држава каде што системот на владеење ќе им овозможи подобар стандард за живеење, слобода на изразување и движење, а тоа може да им го даде „лошиот“ капитализам и пазарна економија. Новите процеси ќе се шират и ќе влијаат врз распаѓање на федералните држави што беа вештачки создадени.
Гојко Јаковлески заедно со Драган Богдановски, идеолог и творец на политичката платформа и на програмата на партиите што во шеесеттите и седумдесеттите години на 20 век ги формираа во Западна Германија: ОКМ (Ослободителен комитет на Македонија), ДОМ (Движење за ослободување на Македонија) и ДООМ (Движење за ослободување и обединување на Македонија), со голем број истомисленици со децении дејствуваа врз свеста на Македонците, дека со политички активности и со сплотеност на сите Македонци, Македонија ќе се избори да стане суверена и самостојна држава, со ново политичко уредување, со плурализам, демократија и со пазарна економија. И во СФРЈ ќе почнат да дуваат нови ветришта, неминовно е федерацијата да се распадне, беше категоричен Гојко. „Брзо ќе дојде денот Д, кога во Југославија ќе се распадне еднопартискиот систем, републиките ќе се раздружат и ќе формираат самостојни држави. Тие процеси ќе придонесат и ќе влијаат и во нашата мила татковина Македонија да дојдат промените, да стане самостојна, независна и суверена држава“.

Мислењата ни беа поделени. Македонците што беа пројугословенски определени размислите на Гојко Јаковлески ги примаа со скептицизам, со резерва и недоверба. Не веруваа дека една силна федерација како Југославија ќе се распадне како кула од хартија! Но тоа се случи.

Платформа за новата партија

Во последните студени денови на декември 1989 година, во Берлин со големо внимание ги следевме телевизиските преноси од случувањата во главниот град на Романија, Букурешт. Индиректно бевме сведоци на распаѓањето на диктатурата на Николај Чаушеску. Романскиот народ жестоко учествуваше на демонстрациите и успеа диктаторот Чаушеску и неговата сопруга Елена да ги фати во обидот на бегство, ги зароби и ги ликвидира.

Во декември 1989 година на браќата Јаковлески им го донесов новогодишниот број на неделникот „Млад Борец“, со специјален прилог: документи за формирање нов политички субјект во Македонија, подготвени од Драган Богдановски, македонски дисидент број 1.

Ова како да беше најава дека наредната, 1990 година, ќе почне процесот на формирање политички партии, ќе се збогуваме со еднопартизмот, ќе почне демократизацијата на Македонија со одржувањето на првите повеќепартиски парламентарни избори, а со тоа ќе му се стави крај на социјализмот и во Македонија.

gojko-dragan
Гојко Јаковлески и Драган Богдановски во Минхен


Со срце за Македонија

Пред 25 години, на 19 јуни 1991 година, пред Рајхстагот во Берлин, во кој се одржуваше министерскиот состанок на КЕБС, се одржа мирна демонстрација на Македонците, кои го кренаа својот глас за Македонија. Врз министрите вршеа притисок Македонија да биде меѓународно признаена, да дознаат Европа и светот за нејзината богата историја, култура, фолклор, за судбината, за делбите, парчосувањата, поробувањата низ вековите, за оспорувањата на нејзиното право да биде самостојна, суверена држава со своето историско име. Македонците со огромна желба се вклучија рационално да ги искористат историската шанса и мигот, а со тоа да ги остварат идеалите и целите на илјадници патриоти низ вековите што ги дадоа животите за слободна, суверена, самостојна Македонија.

Тоа беше првата мирна демонстрација, а пораките и апелите од неа одекна низ Европа и низ светот, за неправдите што им се правеле на Македонија и на Македонците низ историјата. Не помина ни цел месец од првата демонстрација во Берлин, во Минхен се одржа втората демонстрација на Македонците што живеат и работат во Германија. Потоа демонстрациите како на филмска лента беа одржани во многу градови во Европа, по Берлин и Минхен, во кои беа одржани по три демонстрации, имаше во Гетеборг, дури 17, во Луксембург, Брисел, Бон, Берн, Женева, Виена, Единбург, Стокхолм и во други градови. Според мојата, нецелосна евиденција и статистика, за две години беа одржани околу 50 демонстрации, со над 50.000 учесници.

Фељтонов е обид да ги оживеам настаните на Македонците што со голема љубов, со душа, со срце, далеку од татковината, го дигнаа својот глас за Македонија, да ѝ помогнат полесно и побрзо да го изоди патот на меѓународното признавање. Во овие активности Македонците не жалеа ниту време ниту средства, минуваа по илјадници километри за да учествуваат на демонстрациите и протестите, да го дадат својот придонес во борбата за меѓународно признавање на Македонија

(Продолжува)

Автор: КИРО КИПРОСКИ
Превземено од: Нова Македонија

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.