Среда, 07 Февруари 2018    PDF Печати Е-пошта
Трета варијанта за решавање на проблемот со името

42447892 303

Во претходните мои текстови и колумни зборував за две опции околу воспоставување на уставното име Република Македонија во ООН.

Првата опција е промена на референцата бившата југословенска Република Македонија со Република Македонија преку директна резолуција на Генералното собрание на ООН. Во овој случај треба да се повикаме на фактот дека преговорите досега не дале никаков резултат и дека се поставени два (нелегални) дополнителни услови при пиемот на РМ кои оневозможуваат постигнување на какво било правично решение. За овој пристап, генерално се залага и Робин О’Нил, првиот медијатор за проблемот околу името.

Втората варијанта, како што многу пати имам напишано, е промена на референцата БЈРМ преку претходно поставување прашање од Генералното собрание на ОН до Меѓународниот суд за правда (МСП) за легалитетот на два специфични (нелегални) услови при приемот на Македонија во ОН. По добивање одговор во форма на Советодавно мислење дека условите се нелегални, Генералното собрание на ОН, прифакајќи го овој став од судот, треба да донесе резолуција со која ќе се воспостави уставното име Република Македонија во ОН.

Пред да ја разгледаме третата варијанта, ќе се обидам на наједноставен можен начин да ја објаснам нелегалноста на Резолуцијата 817 (1993) на Советот за безбедност, односно дефектноста на Резолуцијата 47/225 од 1993 на Генералното собрание на ОН (зборуваме за парцијална нелегалност на овие резолуции). Овој поедноставен пристап ќе им помогне, меѓу другото, и на нашите дипломати при толкувањето на странските фактори и дипломати на овој, главно правен проблем.

Прво, треба јасно да се каже и објасни дека референцата (БЈРМ) е наметната и дека целиот проблем со името ни е наметнат од 1993 година. Ово не е посебно тешко, бидејќи во сите битни научни трудови се зборува за наметнатиот проблем со името и оттаму (со) наметната референца. Очигледно, ниту една држава во светот не би прифатила без притисок или услов референца како наметнато име, бидејќи секое наметнување од ваков вид задира во достоинството на државата и правото на самоопределување (jus cogens). Со други зборови, сите во меѓународната заедница лесно можат да разберат дека наметната референца е против слободната воља на оваа земја и оттаму таа е, per se НЕЛЕГАЛНА! Резолуциите на ОН во кои е содржана наметната референца вградуваат елемент со кои се крши приципот на недискриминација и правната еднаквост на суверените држави-членки на ОН содржан во став 1 од член 2. од Повелбата на ООН. Принципот на политичката независност од ставот 4 на истиот член 2 од Повелбата исто така се крши на флагрантен начин.

Второ, со наметната референца во Резолуцијата 817 на Советот за безбедност се придружуваат и НАМЕТНАТИТЕ РАЗГОВОРИ за уставното име на своја држава, со друга членка на ООН. Имено, се додека траат РАЗГОВОРИ, мора да се носи наметната референца (референцата ќе мора да се трпи, додека не се завршат наметнатите разговори). Со други зборови и РАЗГОВОРИТЕ се наметнати исто како и наметната референца! Во логиката не може да имаме наметната референца, и ненаметнати разговори, туку ако е наметната референцата, тогаш РАЗГОВОРИТЕ се исто наметнати. Ако наметнатата референца е нелегална, тогаш и НАМЕТНАТИТЕ РАЗГОВОРИ се нелегални.

Од методолошки агол, генерализираната форма на овие услови може да се сведе на само ЕДЕН ОПШТ УСЛОВ за прием на Македонија во ОН: наметнатата референца со ненаметнати разговори (за уставното име на своја држава) е услов за прием во ОН (односно барање врз кое апликантот не може да влијае, освен ако не сака да се повлече од процесот за прием). Ваков услов за прием во ООН (во резолуциите за прием) е НЕЛЕГАЛЕН. Ова е очигледно и без повикување на судското мислење на МСП од 1948 година.

Меѓутоа, со судското мислење од 1948 (советодавното мислење на Меѓународниот суд на правда - 1948) станува апсолутно јасно дека на Македонија и се поставени дополнителните (и со тоа нелегални) услови кои не се дозволени според овој документ и според Резолуцијата 197/III (со која ова се прифаќа) од Генералното собрание на ОН, како толкување на членот 4 од Повелбата на ОН. Според Советодавното мислење на Меѓународниот суд на правдата од 1948 дополнителни посебни услови не смеат да се поставуваат, за нив не може да се гласа, а политичките консидерации не можат да се земаат во овој контекст, и да се користат за менување на овој став. Од фактот дека условите за прием мора да имаат, во време, СВРШЕН карактер, а условот (или условите) со наметната референца со ненаметнатите разговори, што во време трансцедира(ат) чин на приемот, е нелегалан (одн.нелегални). Таков услов (или услови) кои без посебно поставување и вградување (во резолуцијата или резолуциите) инаку не би се подразбирал(е), имплицира дека таков услов или условите се НЕЛЕГАЛНИ. Условот наметната референца со ненаметнатите разговори е очигледно нелегален. Ова се гледа од фактот и што исполнувањето на овој крајно специфичен услов зависи и волјата на државата која има проблем со признавање на апликантот. Одовде гледаме, дека покрај член 4, се крши членот 2 во ставот 7, во врска со заштита на внатрешната јурисдикција на членките на ОН.

Сега да објаснам и зошто сметам дека постојат два услови за прием кои се нелегални. Тие се: 1. наметната референца; 2. наметнати разговори. Земајќи предвид дека ниту нашиве, ниту странските дипломати немаат соодветно познавање на правната методологија, а очекувајќи со право да го постават прашањето зошто ова се два услова, а не еден, ќе дадам наједноставно објаснување со пример, за да можат заинтересираните да ја разберат правната логика.

Имено, ако хипотетички Македонија (по својата одлука) еден ден се отчлени од ОН, таа ќе остане членка во бројни специјализирани агенции на ОН (ФАО, УНИДО, ММФ, итн.). Во момент кога ќе се отчлени од ОН, на сите места во системот на ОН ќе престане дејството на наметнатиот услов да разговора за името со друга држава-членка. Меѓутоа, во специјализираните агенции на ОН и натаму ќе остане условот да ја носи наметната референца. Од тие причини јасно гледаме дека на Македонија и се поставени два нелегални услова, а не само еден.

Терминолошки треба сега да укажаме и на можноста наместо поимот наметнати разговори да се користи терминот преговори. Од фактот дека имаме наметната референца, имаме и наметнати разговори. Разговори кои се наметнати (или непосакувани) за витален интерес (уставното име) по дефиниција се ПРЕГОВОРИ. Овој факт со години авторитетите во Македонија не сакаат да го презентираат (со ваков термин), сметајќи дека е штетен по нашите интереси. Од пресудата Македонија-Грција, меѓутоа гледаме и дека Судот самата Резолуцијата 817 и Времената спогодба ја интерпретираат преку поимот ПРЕГОВОРИ. Но и без оваа интерпретација на Резолуцијата 817, јасно е дека имплицитна принуда за разговори постои, и оттаму ние и навистина имаме преговори за уставното име.

Добрата страна на овој факт (преговарање) е што сега на странските дипломати полесно можеме да им го објасниме проблемот со резолуциите на ОН. Имено ако и самиот Нимиц тврди дека во ОН не се преговара за идентитет (името секако е дел од идентитетот), односно дека ООН не се надлежни да преговараат за правниот идентитет и другите елементи на националниот идентитет, тогаш на дипломатите во светот лесно ќе им се објасни дека преговорите за правен идентитет (државното име) се нелегални. Со терминот преговори, веднаш станува јасно дека нешто не е легално во режимот со кои се воспоставуваат наметнати разговори (понатаму ќе го користам терминот преговори).

На сличен начин ако го прифатиме терминот преговори (ова не е задолжително, но е практично и многумина во ОН и сега сметаат дека преговараме), можеме исто така да го прифатиме и терминот ДЕНОМИНАЦИЈА (преименување) наместо терминот наметната референца. Ова не ја менува суштината, туку само овозможува странските дипломати и фактори полесно да го разбераат проблемот со името и природата на резолуциите на ОН. Во случајов имаме наметната референца, но странските елементи, доколку немаат посилно и специфично правно образование не се во состојба да ги сфатат димензиите на проблемот. Терминот ДЕНОМИНАЦИЈА на појасен начин покажува дефектен карактер на Резолуцијата 817 на Советот за безбедост и на дефектен карактер на Резолуцијата 47/225 на Генералното собрание на ОН.

Македонија ако сака да оди пред Генералното собрание со барање да ја исправи неправдата и да го воведе во ОН своето уставно име, за да стаса до политичкиот орган мора да го користи фактот дека имаме: 1. ДОПОЛНИТЕЛНИ УСЛОВИ; 2 . (Парцијална) НЕЛЕГАЛНОСТ на Резолуцијата 817 на Советот за безбедост и НЕЛЕГАЛНОСТА во Резолуцијата  47/225 на Генералното собрание. Владата на Македонија мора да докаже дека има сериозен проблем со легалитет на преговорите (за името) за да може македонскиот случај да оди пред главните политички тела на ОН.

Сега можеме и да се осврнеме и на третата варијанта за воспоставување на уставното име во ООН. Покрај Генералното собрание на ОН, прашањето за легалитетот на посебните услови при приемот може да го постави и Советот за безбедност на ООН. Во договор со сите постојани членки на Советот, Македонија може преку Советот за безбедност на ООН (како иницијатива на Советот) да постави прашање до МСП во форма како што тоа било направено  уште во 1947 година - дали специфичните услови со наметнатата референца и преговори (или наметнати разговори) за сопствен правен идентитет се дополнителни барања (услови) во однос на пропишаните услови од член 4 (1) на Повелбата на ООН. Се разбира, оваа резолуција би била подготвена и поддржана со повеќе документи (Советодавното мислење од 1948, Рез. 197/III од 1948, Декларацијата за неприфатливоста на интервенција во внатрешните работи на државите и заштита на нивната независност и сувереност од 1965 - Declaration on the Inadmissibility of Intervention in the Domestic Affairs of States and the Protection of Their Independence and Sovereignty, Декларација за принципите на меѓународното право од 1970 - Declaration on Principles of International Law concerning Friendly Relations and Co-operation among States in accordance with the Charter of the United Nations...).

При разгледувањето судот секако ќе треба да се прогласи за надлежен и да донесе мислење дека на Македонија и се поставени нелегални услови при приемот во ОН, како што тоа го направи во конкретните неколку случаи во 1948 година.

Понатаму, советодавното мислње во форма на одговор (од МСП) се враќа до Советот за безбедност на ООН и треба да биде прифатен од овој орган. Сите судски мислења кои биле претходно побарани од Советот за безбедност на ООН, биле без исклучок испочитувани (ова е инаку случај и со Генералното собрание на ОН).

Во истата резолуција со кое се прифаќа советодавното мислење на судот, Советот за безбедност, земајќи предвид дека преговорите (или разговорите) за името (правен идентитет) се недозволиви (или нелегални) ќе предложи со Резолуција до Генералното собрание на ОН продолжување на членството на нашата земја како Република Македонија. Оваа препорака (во вид резолуција) на Советот за безбедност , Генералното собрание на ОН ќе ја прифати и, со простото мнозинство, ќе продолжи членството на досега именуваната држава БЈРМ со нејзиното уставно име Република Македонија.

Оваа трета варијанта е рамноправна опција како и варијантите за кои претходно пишував. Имено, сега делува Советот за безбедност (СБ), наместо Генералното собрание на ОН и бара советодавно мислење од судот (МСП). Нормално, во оваа варијанта Македонија ќе мора и со САД и со Русија, како и со Кина да ги направи деталните консултации. Македонија само сака да ја исправи неправдата и во тој обид не очекува опструирање на правдата. Секако, САД се повеќе од Македонија заинтересирани да го стават македонскиот простор под контролата на НАТО. Овој стратешки територијален интерес за САД има приоритет во однос на името кое тие не го тратираат како стратешки проблем. Од друга страна, без поддршката на САД во Советот за безбедност во иднина НАТО не може да смета на Македонија, бидејќи треба да биде јасно ставено на масата дека Р. Македонија нема никогаш да се откаже од својот идентитет. Идентитетот секако има приоритет во однос на зачленувањето во НАТО. Проблемот со Русија, треба внимателно да се решава според моделот на односите меѓу Србија и Русија. Од Русија исто така треба да се бара поддршка за во Советот за безбедност , бидејќи Македонија има блиски односи и со Србија и по суштината на гео-стратешката позиција води неутрална политика, делумно слична или блиска до политиките кои ги набљудуваме во движењето на неврзаните.

Културната димензија на Македонија и блискоста на културите на двете држави исто така претставува битен елемент, кои и по доближувањето на РМ до евро-структирите, нема да го промени фактот дека во сите полиња и сфери многу попродуктивна соработка може да се оствари со Русија отколку со географски одалечените САД.

Конечно Македонија, независно која од варијантите ќе избере, треба посебно активно да се однесува и во однос на Неврзаните држави и земјите во развој. Република Македонија мора да побара од сите држави што досега не ја признале под уставното име, тоа да го сторат. Овој момент може да биде од клучно значење за разврска на проблемот со името. Лично сметам дека во Советот за безбедност ниту една членка нема да стави ВЕТО (тоа рестриктивно средство се поретко се користи), но при гласањето ќе бидат битни и гласови на непостојаните членки на Советот.

Сега да се осврнеме и на некој специфични правни аспекти во врска со евентуалната хипотетичка промена на името. Доколку се случи (таквата) срамна ситуација, Македонија под силен притисок да го смени своето уставно име (пр. Република Горна Македонија или сл) се поставува прашањето дали таквото име би било доволно да го прифатат политичките органи на ОН, бидејќи тие не можат ниту теориски да го гарантираат нелимитираното воспоставување на ваквата форма. Пример, кога требаше да се смени македонското знаме, Грција јасно инсистираше тоа да се направи со меѓународен договор! Теоретски, се поставува прашање дали за менување на името би било потребно покрај резолуцијата на ОН и да се потпише (за држвното име) некаков траен договор со Грција, бидејќи само преку резолуциите на делиберативанта организација, (која всушност нема потребни ингеренции) промената на името de jure и не е остварлива, лимитирајќи ги идните права на државата. Ваков договор, би претставувал очигледна лакрдија, односно смешен преседан во меѓународаната пракса.

Во оваа прилика би сакал и да се оградам од моите хипотетички изјави дадени неодамна за виенскиот Дер Штандард. Како што е познато изјавив дека Македонија е сега подготвена за името Република Горна Македонија. Како дел од своето истражување дојдов до заклучок дека доколку Владата на Македонија во целина („во пакет") ги прифати сите елементи на понуденото решение на Нимиц, до спогодбата и компрпомис сепак нема да дојде. Имено, моето истражување (на ставовите) покажува дека на Грција ѝ е целосно сеедно дали да биде Република Горна Македонија или Горна Република Македонија. Тие знаат дека од правна гледна точка нема суштиски разлики во овие варијанти и тоа јавно го манифестираат. Имено, Грција применува тактика во која имаме три променливи (варијабли) за проблемот: 1. Името на државата; 2. името на јазикот; 3. името на народот. Ако Грција попушти на еден правент елемент, ќе стегне на вториот или третиот, и обратно. Примеувајќи го јазикот на математиката јасно е дека по три варијабли не постои решение, а посебно ако притоа се инсистира и на erga omnes (црвената линија на Грција). И без erga omnes, кое природно произлегува од Резолуцијата 817 на Советот за безбедност (имиња на државите имаат универзален карактер), решение е Парето-Оптимум (во методологија на математичката теорија на игрите Стратешката ZERO - SUM) невозможно. Ова е јасно без разлика дали вршиме линеарно или нелинеарно/динамичко програмирање, со тоа што при нелинаеарната динамичка оптимизација на променливите, резултатот за евентуален компрпомис е уште понеповолен, односно практично невозможен. Дури и со една променлива (пр. името на државата), при erga omnes лимитација веројатноста за резултатот е минимална или неприфатлива.

Со други зборови, од нелегалната Резолуција 817 (парцијална нелегалност) не може да се очекува никакво правично решение. Ова треба јасно да биде објаснето и од нашиве политичките лидери, бидејќи странските дипломати несфакајќи ја тежината на проблемот, најголемиот дел од притисокот ќе го концентрираат врз Владата на Македонија.

Игор Јанев

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.