|
||||
Македонците во целиот свет повторно станаа на нозе и одржуваат демонстрации |
Гордана Димовска Македонците во целиот свет повторно станаа на нозе и одржуваат демонстрации искажувајќи ја својата загриженост за моменталната состојба во Македонија и можноста од промена на нејзиното име. Следува и најавен е протест во Мелбурн, Австралија под мотото Ние сме Македонци во одбрана на Македонија со повик до сите Македонци во државата Викторија и пошироко да излезат масовно и да го кажат своето НЕ за промена на македонското име и двојазичноста во Македонија која се спроведува од страна на новата Влада. Соопштение од организаторите на протестот во Мелбурн: Одборот за организирање и одржување на мирните протести ја информира Македонската заедница за следното: Мирниот протест "Ние сме Македонци во одбрана на Македонија" ќе се одржи на 4 март, 2018 год. Зборното место за Македонскиот народ од Мелбурн и Викторија е 12.00 часот напладне во паркот Carlton Gardens, Victoria St, Carlton. Маршот ќе започни во 1.00 часот и ќе се движи по Spring St до Парламентот на Викторија. Апелираме до сите Македонци со своите фамилии, роднини и пријатели да го посветат 4 март за спас на името на Македонија, Македонскиот јазик, идентитет, Црква, култура и традиции. Сите сме запознати дека над Македонија се надвиснати најцрните облаци, најтешките денови и најголемата неизвесност да се задржи вековното име на Македонија како и идентитетот на Македонскиот народ. Заради забрзаните национални разнебитувања Македонија го повикува секое македонско чедо на 4 март да застани простум во одбрана на името на Македонија и нејзината биднина. |