Среда, 14 Март 2018    PDF Печати Е-пошта
ДЕМОНСТРАЦИИ ЗА МАКЕДОНИЈА ВО ЕВРОПА (6)

demonstracii-evropa-1

Демонстрантите вo одлична атмосфера ја афирмираа Македонија

Трансформација на Европа

Во текстот „Забрзување на трансформацијата на Европа“ („Нова Македонија“ - 21 јуни, 1991 год.), колегата Трајко Мирчески се навраќа на крајот на состанокот на Министерскиот совет на КЕБС во Берлин. „...Во завршниот и најзначаен документ од собирот, на девет страници се истакнати и се наброени заклучоците, одлуките и препораките за идната европска архитектура, сигурноста, консолидацијата на човековите права, демократијата, почитувањето на владеењето на законот, економските и социјалните промени на Стариот континент, по сѐ и најважни задачи во идната работа на КЕБС. Уште на почетокот се афирмира важноста за продолжување на политичката и на економската трансформација во демократските земји и напорите за преминување на пазарното стопанство“.

...На конференцијата за печатот, германскиот шеф на дипломатијата Ханс Дитрих Геншер ја истакна важноста на завршниот документ од Берлин, кој овозможува унапредување на соработката во сите области на стопанството, науката и технологијата. На прашања од новинарите, дали министерската изјава за Југославија, веќе официјален документ на КЕБС, ќе помогне за демократски расплет на кризата и за зачувување на територијалниот интегритет и единството на земјата, Геншер сосема кратко одговори: „Се надевам дека изјавата за Југославија ќе оди во прилог на решавање на кризата по демократски пат“.
Југословенскиот сојузен секретар за надворешни работи Будимир Лончар, пред новинарите ги изложи најзначајните моменти од изјавата за Југославија, со која се дава целосна поддршка за зачувување на единството, територијалниот интегритет на земјата и решавање на кризата по демократски пат. Странските новинари особено се интересираа дали е можна воена интервенција во Југославија, за моќта на сојузната влада, за кризата околу неизборот на претседател на Претседателството на СФРЈ, а особен интерес имаше за најавеното отцепување на Словенија и на Хрватска и за последиците од тоа. Лончар само ги потврди ставовите од вчерашното излагање пред министрите.

Македонски протести пред грчката амбасада и пред ЕЗ
     
Протестите продолжуваат и ќе траат сѐ до исполнувањата на барањата на Македонците - Македонија да биде призната како самостојна, суверена и независна држава од Европската заедница. Тоа беа цврстите ставови на Македонците што ги искажаа на втората демонстрација во Берлин, што беше одржана на 28 март 1992 година, пред Брандербушката кула. Поводот, како и на првата демонстрација, одржана во Берлин, како и на следните во другите градови на Западна Европа, беше ист: Македонија да биде призната од Европската заедница. Протестот беше успешно организиран од Комитетот за организирање демонстрации во Берлин.

Инаку, демонстрацијата почна во 11 часот, половина час потоа, беше формирана долга колона сочинета од над 1.000 македонски берлинци. На чело на колоната се виореше големо знаме со лавчето, а зад нив неколкуметарскиот транспарент: „Призната Македонија, мир на Балканот, мир во Европа“ што го носеа десетина учесници. Колоната се движеше во насока кон Амбасадата на Грција. Патем се читаше апелот за признавање на Република Македонија од Европската заедница и летокот со кој се објаснуваше зошто Македонците во Берлин демонстрираат вторпат.

Пред зградата на грчката амбасада беше прочитан апелот и беа извикувани повеќе пароли. Околу 12 часот колоната демонстранти почна да се движи по главната берлинска авенија Kurfurstendamm (Kу Дам), во правец кон претставништвото на Европската заедница во Берлин, каде што го искажаа својот револт за индолентниот однос, за незаинтересираноста на Европската заедница за признавање на Република Македонија бидејќи ги исполнува сите услови.
   
Трета демонстрација во Берлин
    
Под мотото „Слободна Македонија, мир на Балканот, мир во Европа“, над 1.000 Македонци, кои живеат и работат во германската метропола - Берлин, на 1 март 1993 година, ја одржаа третата по ред мировна демонстрација. Демонстрантите протестираа низ најфреквентната улица позната како Ку Дам и низ неколку улици во центарот на градот.

Македонците покажаа дека се способни да организираат масовни демонстрации да ги искажат своите барања и наедно да дадат поддршка на активностите што ги презема македонската влада за меѓународно признавање на Македонија. Оваа демонстрација беше одговор на грчката демонстрација што се одржа во Солун, каде што беше негирано постоењето на македонската нација и народ.
Организаторите: Македонскиот клуб „Гоце Делчев“, МПЦО „Св. Климент Охридски“, задграничниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и фудбалскиот клуб „Македонија“ се покажаа како одлични организатори. Македонците масовно учествуваа, со голема љубов и од сѐ срце го кренаа гласот за вистината за Македонија да се слуша насекаде во светот.

Демонстрантите создаваа одлична атмосфера, со што го привлекуваа вниманието на минувачите, кои беа воодушевени од пристојното, мирно демонстрирање. Младата Добарешиновска од импровизираното студио во автомобилот, што ја предводеше колоната, ги читаше апелот и барањето за меѓународно признавање на Република Македонија и транспарентите: „Грчкото вето - стоп за демократијата во Европа“, „Постои само една Македонија - македонската“, „Господине Геншер, не заборавете дека ние сме Македонци“, „Господине Мицотакис, Вие не можете да ѝ бидете кум на Македонија“, „Македонија не е грчка“, „Признавањето на Македонија е мир на Балканот и мир во Европа“...

И овој пат, демонстрантите протестираа пред грчкиот конзулат. Поради тоа што на вратата на конзулатот имаше катанец, наместо лично да ја предадат петицијата беше ставена во поштенското сандаче, а потоа копија беше испратена по пошта. Демонстрантите своите револт и бес ги истурија и пред зградата на претставништвото на Европската заедница во Берлин. Летоци на германски и на англиски јазик им беа делени на случајните минувачи и туристи. На овој начин беше направена акција за афирмирање на македонската кауза, за запознавање на берлинци и на туристите со судбината на Македонија, за нејзиното легитимно право да биде меѓународно призната со вековното име Македонија, кое не можат да го остварат само поради ветото на Грција.

- Оваа демонстрација ќе ми остане во долго сеќавање, рече еден од полицајците што ја предводеше поворката, бидејќи првпат слушнав за Македонија. Демонстрантите достоинствено, гордо, многу цивилизирано и со право протестираа за правата на својата татковина - Македонија. Како може Грција - членка на ЕЗ, да го негира постоењето на државата Македонија и на македонскиот народ во Европа? - се прашуваше полицаецот.

Демонстрацијата заврши пред претставништвото на Европската заедница во Берлин со извиците: „Европо, засрами се“, а на администрацијата ѝ беше предадена петиција со барање за признавање на Македонија.     

Интересно е да се одбележи и тоа дека меѓу демонстрантите беа претставници на Шилеровиот институт за уметности од Хановер - Лацен, кои на минувачите им го делеа апелот за итно признавање на Македонија, што го имаше испратено на голем број светски институции. Ова беше уште една потврда дека германските институции стојат зад желбите на Македонците, Македонија да биде меѓународно призната од ЕЗ.

Македонија призната од ОН, откажана четвртата демонстрација

Во Берлин за 15 мај 1993 година беше закажана четвртата мирна демонстрација. Но организаторите ја откажаа. Зошто? Во меѓувреме, Генералното собрание на ООН во Њујорк на 8 април 1993 година, донесе одлука за прием на Република Македонија во ООН како 181. членка. Поради новонастаната ситуација, македонските друштва во Берлин одлучија да ја откажат демонстрацијата бидејќи протестите делумно ја постигнаа целта.

Но организаторите се договорија да продолжат со активности за афирмација на Република Македонија во Европа, Америка и во Австралија. Овој пат, со организирање семинар на кој ќе се дебатира на повеќе историски теми, за културните и природните вредности, за актуелностите во стопанството, земјоделството, за црквите и за манастирите, за археолошките ископини итн.

demonstracii-evropa-2
Факсимил на текстот „Забрзување на трансформацијата на Европа“ - „Нова Македонија“, 21 јуни, 1991 год.


Со срце за Македонија

На крајот на 1989 година граѓаните на Европа со будно око ги следеа настаните што беа предизвикани со уривањето на Берлинскиот ѕид и обединувањето на двете Германии, букурешките настани и другите случувања во Источниот блок на Европа. Македонците, пак, внимателно ги следеа случувањата, односно несогласувањата во партискиот и државниот врв на заедничката југословенска федеративна држава (СФРЈ). Настаните го најавуваа крајот на 45-годишното опстојување на федерацијата, се насетуваше распадот. Македонците, пак, тука ја гледаа шансата да ги остварат вековните желби и идеали на многу генерации пред нив, Македонија да стане самостојна, суверена и независна држава. Но за да ја искористат шансата со распадот на СФРЈ, потребни беа и големи активности на македонските здруженија, партии во дијаспората и во Македонија. Македонските патриоти тајно беа убедени дека брзо ќе дојде денот кога ќе чукне часот и за Македонија, која со столетија беше напатена, окупирана, ограбувана, палена, парчосувана, делена..., конечно да го добие заслуженото, да стане самостојна и суверена држава, а Македонците и граѓаните „да бидат свои на своето!“



(Продолжува)

Автор: Киро Кипроски

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.