|
||||
Централна Албанско-Македонска лига |
(прв дел)
Во минатото и македонското и албанското население додека биле под турска власт, секогаш се сплотувале и заеднички се бореле за ослободување. Но, штом била прогласена независноста на албанската држава, по 1912 година работите почнале да се менуваат. Создадена на Западот на Балканот, под влијание на странците, Албанците ги доведувале во опасност албанско- македонските односи. Сега потикнати од надвор повторно ги доведуваат во опасност меѓусебните односи со насилното донесување на Законот за употреба на јазиците. Сепак, имајќи го предвид петвековниот период на османлиско владеење со македонските и со албанските територии, во 19 век ги бележиме повеќето заеднички акции против нивните поробители. Познати македонски дејци како Стојан Везенков (1828-1897) и Исаија Радев Мажевски (1851-1926) работеле на изградба и зацврстувањето на албанско-македонското пријателство. Последниот е еден од најекспонираните дејци на Македонско-албанската револуционерна лига од 1887 година, која издала и проглас на албански јазик за повик на соработка со албанското население во борбата за ослободување од османлиската власт. Во Лондон во 1893/94 година бил направен обид за формирање заедничка лига, која претставувала нов момент во развојот на македонско-албанските врски. Оваа лига, за разлика од претходната, се викала „Национално-Централна Албанско-Македонска лига“. Во почетокот на XX век доаѓа до ново активирање на „Националната Македонско-албанска лига". Во 1902 година „Националната македонско-албанска лига“ од Лондон ја зголемува својата работа, кога нејзиниот Извршен комитет издал еден проглас или апел, кој од активностите на Лигата – Стеван Дамчев и Јашар-бег бил дистрибуиран во места населени со Албанци и со Македонци. Лигата подготвила проект за автономија на Македонија, Албанија, Стара Србија и на Одрин, составен од 12 члена. Во Апелот во кој се констатира разновидности во програмската концепција на борбата на македонскиот и на албанскиот народ за национално и социјално ослободување пишува: „Браќа Македoнци! Браќа Албанци! Дознавме дека Султанот, нашиот цар, сака да ни даде ново добро уредување (се однесува на реформите од 1902 година) за да го поправи владеењето, да ја уреди земјата, да отвори училишта, да ни ги поправи старите улици и да ни направи нови, кратко речено, да му обезбеди на секој мир и живот. Вистина е дека ова подобрување на животот е малку, кога мислиме на она што нашето срце сака; но сепак за денес ова е добро, а ако вистина сака Султанот нив да ги реализира треба да му заблагодариме и Ве молиме ова да го признаете добронамерно. Ви даваме совети, зашто сме сигурни дека ја извршуваме нашата должност спрема нашата татковина и спрема Вас. Имаме надеж дека овие реформи ќе бидат првите од она што ќе следува натаму. Покажувајќи верба и пријателство спрема Султанот, на што тој ќе се чувствува задоволен, ќе го створиме она што сакаме. Знаеме дека има луѓе кои сакаат да Ве отклонат и да фрлат искра меѓу Вас. Но да знаете дека тие се душмани и непријатели и не работат за татковината, ами за свој личен интерес.Затоа она што бараме од Султанот да го чекаме и да покажеме дека сме добри и со верба спрема него. Нашата желба е да се подобрува се и земјата да биде плодородна, немаме намера да се одделиме од Отоманската империја. Гледајте ја богатата Тесалија, кога беше под сенката на Султанот, а падна под голема сиромаштија, откако се обедини со Грција и денес умира од глад. Истото тоа го има и на друго место. Нашите душмани не сакаат подобрување, зашто со тоа се поправа земјата, се подобрува и Отоманската империја и станува посилна и престолот на Султанот се зацврснува и тогаш тие што живеат со караници ќе ја изгубат надежта и затоа не сакаат подобрување. Затоа ставаат луѓе, плаќаат ајдуци да ги горат куќите, да ви ја земат честа и да ве присилат да се бунтувате и да тече крв како река. Тие сакаат да ве стават во оган, да знаете дека сите се платени од странство. Македонски народе! Албански народе! Немаме потреба да го ризикуваме животот на нашиот народ со глупости! Знаеме дека, ако сме обединети со Турција, ќе ги добиеме малу по малу нашите права и ќе стигнеме да има самоуправа (selfgovernment), значи да бидеме самостојни. Нема потреба Бугарите, Грците или други да ја поправаат нашата татковина. На овие и на нивните пријатели треба да им покажеме од каде се дојдени, на тој начин кон Султанот да ја покажеме нашата доверба. Народе! Да знаете дека целта на овие што знаат да ви ги горат куќите е Турската влада да почне да ве присилува и да ве уништува и со тоа да има причина да интервенираат другите земји. Народе! Гледајќи ја целта на овој заговор, ЛИГАТА НА АЛБАНЦИТЕ И НА МАКЕДОНЦИТЕ ќе се труди да ги уништи овие интриги. Бидејќи законот и мирот се потребни како и опстанокот на Турската империја за нашите народи, сакаме да ја чистиме земјата од оние што прават заговор со гнасна цел. ЛИГАТА е сo намера да испрати раководство, мала војска, којашто има за задача да ја изврши целата оваа работа. Секоја команда на Лигата ќе има по едно знаме со полумесец од една страна, а на другата со бројот на командата и името на Лигата. Секој раководител на командата ќе има со себе одобрение со печат и со оружје на Лигата, со чинот и бројот на луѓето што ги има под своја команда. За се што има потреба командата од леб, облека, фишеци, коњи, коли, треба да се платат засега со пари во готово. Сите команди се под заповедта на еден врховен командант а тој самиот е под заповедта на друг повисок од него, кој ја има во рацете сета власт и политичката работа на Лигата. Муслимански и христијански народе! Да имате верба во овие војници што ќе ве штитат од туѓи војски, кои работат за уништување на нашите народи. Нека живеат новите преобразувања! Долг живот на Султанот! Извршен комитет на Македонско-албанската лига“ (British Museum (British Library),London-National Маседоnian –Albanian League. London 1902). Продолжува наредна среда |