Четврток, 22 Март 2018    PDF Печати Е-пошта
ДЕМОНСТРАЦИИ ЗА МАКЕДОНИЈА ВО ЕВРОПА (7)

Протестни собирања во Берн и во Женева

Во главниот град на Швајцарија, Берн, во 1992 и 1993 година беше одржана по една мирна демонстрација на Македонците, а една се одржа и во Женева во 1992 година

protesti-bern-zeneva

Демонстрациите беа добро организирани и го привлекоа вниманието на европската јавност

 Првата демонстрација во Берн беше одржана на 15 февруари 1992 година, пред Амбасадата на Грција. Македонците го дигнаа гласот на неправдата што ја прави Европа со непризнавањето на Македонија. На протестот, во рефератот посебно беше истакнато дека и покрај тоа што на Европа ѝ е добро познато оти Комисијата на Европската заедница одлучи дека само Македонија и Словенија, од поранешните југословенски републики, ги исполнуваат условите за признавање, сепак Македонија не беше признаена, односно признавањето беше одложено за некои „други времиња“. Во образложението на ЕЗ непризнавањето е поради тоа што Грција ставила вето на одлуката. Но на величествениот собир Македонците беа категорични дека жестоко ќе го бранат и нема да дозволат промена на името на државата, на јазикот... Како што го отфрлија барањето на Грција за промена на името. Демонстрантите ѝ порачаа на светската јавност дека „името Македонија е само македонско и никогаш нема да го смениме“.

Македонците со протестот што ѝ го доставија на швајцарската влада ја кажаа вистината за Македонија, со нагласка дека името не го менуваат, а од неа, како демократска држава, побараа Македонија да ја признае со уставното име и да го стори тоа што е можно побрзо.

Втората протестна демонстрација во Берн беше одржана пред државниот парламент, на 15 март 1993 година, во организација на Здружението на македонските друштва на Швајцарија. Протестниот митинг беше со мотото „Афирмација и признавање на Македонија“. Од протестниот митинг, на кој учествуваа 2.500 Македонци од Швајцарија, Германија, Франција, Австрија, Белгија, претставници на македонските друштва од Шведска, САД и од Канада, беше упатен и апел до Парламентот на Швајцарија со барање Швајцарија што побрзо да ја признае Република Македонија со уставното и историско име.

Протестната македонска демонстрација во Женева беше одржана на 2 мај 1992 година, пред палатата на Обединетите нации, а во организација на Здружените македонски друштва на Швајцарија. На овој протест учествуваа неколку илјади Македонци од Швајцарија и од повеќе западноевропски држави, кои го кренаа гласот пред храмот за човекови права, а против сите оние што го запоставуваат македонското прашање. Притоа, јасно беше искажан ставот во пораките што беа упатени до ЕЗ и ООН. „Доста ни беа ветувања, доста ни беа исчекувања, доста ни беа разочарувања... по секој состанок на 12-те апостоли на Европската заедница. Сега, бараме и сакаме признавањето на независна Македонија да се изврши во разумен рок, без понатамошно одложување!
    
Демонстрација и во Виена   
     
Во главниот град на Австрија, Виена, истовремено како и во Берлин, на 1 март 1993 година, беше одржана демонстрација. Над 800 Македонци што живеат и работат во овој град и околината го дигнаа гласот за својата татковина Македонија пред неколку државни институции и установи. Главниот протест беше изразен пред зградата на австрискиот парламент, каде што беше врачена и петиција. Голема заслуга за демонстрацијата во Виена имаше Станко Киселоски, кој им даде лични гаранции на австриските власти дека македонските демонстранти ќе бидат достоинствени и примерни, нема да прават инциденти и нема да се однесуваат недолично. По завршувањето на демонстрацијата, полицијата го истакна своето задоволство бидејќи демонстрацијата беше мирна, цивилизирана и мина без инциденти. Како што напишаа тие во извештајот, македонската демонстрација мина во духот на она заради што се одржа, за признавање на Република Македонија од Австрија и од Европската заедница.
Опширен извештај од демонстрацијата во ударните вечерни вести беше емитуван на националната телевизија, при што особено беше акцентирано дека демонстрацијата минала во најдобар ред и ретко видено на улиците во Виена.
 
Три демонстрации во Минхен
   
Во Минхен, главниот град на германската покраина Баварија, на 13 јули 1991 година, за помалку од еден месец по одржувањето на првата демонстрација во Берлин, беше одржана втората по ред мирна демонстрација за меѓународно признавање на Македонија од Македонците што живееја и работеа во Германија. И на оваа демонстрација, како и на првата, која беше одржана на 19 јуни 1991 год., целта беше на Германците, на светот, отворено да им се каже дека Македонците во дијаспората, како и во македонската држава, се борат за мир и слобода, а сите проблеми во Европа, во светот и во Југославија да се решаваат без употреба на сила. На протестниот собир, во кој учествуваа неколку стотина Македонци, инженер Миливое Лазаревски, член на иницијативниот одбор за организирање на демонстрацијата, рече дека дијалогот треба да има предност во решавањето на меѓунационалните проблеми, „дијалогот претставува единствен начин за решавање на сегашниве проблеми што ја зафатија и Македонија“.

Македонците на мирната демонстрација во Минхен дојдоа да ѝ дадат цврста поддршка на македонската влада во напорите што ги презема за зацврстување и за озаконување на суверенитетот на Македонија, за решавање на кризната состојба во Југославија и за спречување оружјето да зборува сѐ додека дијалогот претставува можност за наоѓање трајно решение за кризата во земјата. Од импровизираната бина беше порачано: „Дојдовме овде, во центарот на Европа, да ја кажеме нашата вистина, дека сме Македонци и дека живееме на овие европски меридијани! Ние, Македонците, имаме легитимно право да живееме во нашата суверена држава Македонија.

Сведоци сме дека основачите на вештачки конституираната Југославија ја растураат. Затоа сме принудени да ги запознаеме и да ги потсетиме Европа и целиот свет дека не треба да ја заборават сторената неправда спрема македонскиот народ! Процесот на демократските промени и патот кон комплетна сувереност на Македонија повикува на разум и без плаќање со човечки жртви! Напротив, сме против вооружени сили од каков и да е вид! Никому не му се закануваме и не сакаме никој да ни се заканува! Отворено и на рамноправна база ги повикуваме сите балкански народи на заемна соработка за мир и благосостојба на Балканот. Ги повикуваме заедно да ѝ се придружиме во обединета Европа без граници. Обединета Европа ни е безусловно потребна, за да се спасиме од меѓусебниот егоизам, омраза и економска беда во која живееме.

Македонците на работа во Германија апелираат до Претседателството на СФРЈ за мирно решавање на настанатата криза во државата. Нашиов протестен митинг нека биде митинг на мирот, слободата, демократијата за сите југословенски народи. Правото на самоопределување е неотуѓиво право на секој народ, па и на македонскиот! Ние, Македонците, особено сме загрижени за младата демократија во Македонија. Во денешните компромисни решенија, македонското прашање и неговиот суверенитет мора да се интернационализираат. Ние, Македонците, нема да дозволиме нашиот суверенитет да биде доведен во прашање. Затоа апелираме до светската јавност, особено до германската влада, и бараме од нив поддршка за мирно решавање на југословенската криза“.

Летокот беше отпечатен на македонски и на германски јазик, беше прочитан на протестниот собир и им беше делен на минувачите. Во срцето на Минхен, јасно и гласно се слушнаа македонскиот глас и збор, низ кој се пренесоа проблемите и потребите Македонија да биде меѓународна признаена како суверена држава! Првата мирна демонстрација во Минхен мина во најдобар ред, цивилизирано, а за тоа се погрижија: д-р Томо Лукаров, Трајче Ненадовски, Миливое Лазаревски, Никола Павлов и Велин Велиновски, членови на организацискиот одбор.

Втората демонстрација на Македонците во Минхен, која се одржа на 1.2.1992 година (сабота), во 13 часот, беше масовна и, како што оценија организаторите, ја постигнала целта. Марширањето на демонстрантите низ централните улици на Минхен го привлече вниманието на жителите на овој трет по големина град во Германија, а одеците од демонстрацијата беа објавени во електронските и печатените медиуми, што влијаеше за нив да се заинтересира европската демократска јавност.

Третата минхенска демонстрација, која се одржа на Петровден, 12 јули 1992 година, беше реакција на Македонците, кои беа испровоцирани и револтирани од декларацијата, што дванаесеттемина министри ја донесоа петнаесет дена порано, на 27 јуни, во португалската престолнина Лисабон. Декларацијата со која се брише името Македонија беше донесена без да се согледа реалноста, без да се почитуваат чувствата на македонскиот народ, едноставно, министрите без да имаат морал и етика. Со овој акт автоматски се брише, како никогаш на светот да не постоела, македонската нација, македонскиот јазик, култура, историја, Македонската православна црква и сѐ што е македонско.

Целта на демонстрацијата, во која учествуваа неколку илјади Македонци од јужна Германија, Баварија и Минхен, беше да се разбуди заспаната совест на Европа, на политичарите и на дипломатите, да се поттикнат и конечно да сфатат дека треба да ја почитуваат желбата на македонскиот народ, кој е достоинствен, како и сите други народи во светот, и има право да биде свој на своето, да се нарекува како што се нарекувале предците на својот народ низ вековите - македонски и никако поинаку. Овие заложби на демонстрацијата во целост беа афирмирани.

Со срце за Македонија

На крајот на 1989 година граѓаните на Европа со будно око ги следеа настаните што беа предизвикани со уривањето на Берлинскиот ѕид и обединувањето на двете Германии, букурешките настани и другите случувања во Источниот блок на Европа. Македонците, пак, внимателно ги следеа случувањата, односно несогласувањата во партискиот и државниот врв на заедничката југословенска федеративна држава (СФРЈ). Настаните го најавуваа крајот на 45-годишното опстојување на федерацијата, се насетуваше распадот. Македонците, пак, тука ја гледаа шансата да ги остварат вековните желби и идеали на многу генерации пред нив, Македонија да стане самостојна, суверена и независна држава. Но за да ја искористат шансата со распадот на СФРЈ, потребни беа и големи активности на македонските здруженија, партии во дијаспората и во Македонија. Македонските патриоти тајно беа убедени дека брзо ќе дојде денот кога ќе чукне часот и за Македонија, која со столетија беше напатена, окупирана, ограбувана, палена, парчосувана, делена..., конечно да го добие заслуженото, да стане самостојна и суверена држава, а Македонците и граѓаните „да бидат свои на своето!“

(Продолжува)
Автор: Киро Кипроски

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.