Во Брисел над 4.000 Македонци го кренаа гласот
По повод најавеното признавање на Македонија од Европската заедница, кое треба да се случи на состанокот закажан на 3 и 4 февруари 1992 година во Брисел, Белгија, Македонската заедница, македонските клубови, македонските православни црковни општини, македонските културни и спортски клубови и задграничниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ за Европа, до Македонците испратија апел за учество на мирната демонстрација закажана на 3 февруари, во 10 часот, пред зградата на Европскиот парламент
Македонците насекаде во Европа достоинствено бараа признавање на Македонија
„Браќа Македонци, каде и да живеете, какви и да имате политички или верски убедувања, да се сплотиме околу нашиот заеднички идеал и да застанеме зад својата татковина Македонија. Во овие судбоносни денови, кога достоинствено и со слободна волја, на референдумот беше изгласана суверена македонска држава, да ги оставиме настрана сите разлики и да работиме сложно за изградба на демократска и независна македонска држава. Таа треба да биде дом за сите нас, наша гордост и симбол на сите Македонци како цивилизиран и слободен народ. Браќа Македонци, партиите и друштвата доаѓаат и пропаѓаат, организациите се раѓаат и умираат, но нашата Македонија е вечна. За неа живееме, за неа сме подготвени и животот да го дадеме. Македонија е единствената што во овој час треба да ни е идеал и сила што ќе нѐ обедини. Ако сакаме слободна, единствена и меѓународно признаена Македонија, овој час со слободна волја треба да се изјасниме за единствени и обединети Македонци. Со обединета Македонија, во обединето македонство. Токму затоа, браќа Македонци, ве повикуваме сите заедно да го кренеме нашиот глас и да кажеме пред целата светска јавност дека Македонија мора да биде признаена како самостојна држава. Македонскиот дух присутен насекаде во Брисел Во Брисел, главниот град на Белгија и седиштето на Европската заедница, пред големата зграда на ЕЗ, на 3 февруари 1992 година, беше одржана голема мирна демонстрација, на која учествуваа над 4.000 Македонци, дојдени од Германија, Холандија, Швајцарија, Австрија, Шведска, Данска, како и од повеќе региони на Белгија. Уште во раните утрински часови, на зборното место, плоштадот „Шуман“, па до Ру де Лоа (улицата на законите), се развиореа неколку стотина македонски знамиња. Ечеа македонски патриотски песни, се разви долго македонско оро, постојано громогласно се слушаше „Македонија... Македонија...“. Среде Брисел беше создадена невидена, прекрасна атмосфера, која го привлекуваше вниманието на жителите на метрополата и на туристите. Македонскиот дух беше присутен насекаде. Демонстрантите на министрите на ЕЗ им упатија единствено барање, Македонија без одложување да биде меѓународно признаена под уставното име. Притоа им беше посочено да се почитува и препораката на Арбитражната комисија на ЕЗ, а Грција да не го попречува процесот и да не го условува приемот на Македонија во европското семејство. Со македонската химна „Денес над Македонија“ започна протестниот митинг, а потоа на германски, англиски и француски јазик беа прочитани протестни реферати во кои беа искажани незадоволствата и револтот на Македонците од целиот свет. Повеќемина Македонци, претставници на организаторите, имаа обраќања со пораки до министрите на ЕЗ. Говорите беа на македонски, германски, француски и англиски јазик. Притоа беше прочитана и петицијата што му беше врачена на претставникот на Министерството на 12-те земји на Европската заедница. Исто така беа прочитани писма и телеграми на поддршка на демонстрацијата од македонски клубови, црковни општини и здруженија од Америка, Канада, Австралија и од други европски држави и од Република Македонија. На овој голем историски ден македонската народна, изворна песна и фолклор ја потврдуваа мирољубивоста на македонскиот народ кон цела Европа и кон светот, дека Македонците бараат да се реши македонското прашање без агресии и борби, без крвопролевања и тероризам. Наша делегација на прием во ЕЗ Македонската делегација: д-р Томислав Лукаров од Минхен, Гојко Јаковлески од Берлин, Ристо Паргов од Брисел и Трајче Ненадовски од Минхен, точно во 10 часот беше повикана во министерската зграда на ЕЗ и беше примена од претставникот на Претседателството на министрите на ЕЗ, Мигуел Переира од Португалија, кому му беше врачена папка со петиција на француски и германски јазик, со прилог на потписи на неколку стотина демонстранти. Средбата беше срдечна, се сеќава господинот Јаковлески, кој, откако му се заблагодарил за приемот, му предложи разговорот да го водат на германски јазик. Но, г. Переира им се извинил бидејќи не го познавал доволно германскиот јазик и комуникацијата побарал да ја водат на француски јазик. Во името на делегацијата, г. Ристо Паргов му ги поставил прашањата: 1. На 19 јануари 1992 година Министерството на Европската заедница изјави дека Македонија и Словенија ги исполнуваат сите услови за независни држави, а беа признаени само Словенија и Хрватска. Која беше причината Македонија, пак, да биде заборавена? 2. Дали Европа нема да ја повтори грешката што ја направи на 13 август 1913 година, кога во Букурешт беше донесена одлука за поделба на Македонија? Вам ви е познато дека Македонија нема никакви територијални претензии кон соседните држави. Од друга страна, Грција има ставено вето на ЕЗ за признавање на Македонија со уставното име. Условот за признавање на Македонија е да го смени сопственото име, такво нешто во историјата на човештвото не се памети. Вие што мислите за ова? 3. Ако не ја признаете Македонија, дали помислувате дека од економска и политичка гледна точка македонскиот народ нема сам да се дигне на востание и да се повтори она што се случува во Хрватска? Но тоа ќе биде со многу поголеми последици за Балканот и за цела Европа. Ако дојде до тоа, вие г. Переира, како претставник на Претседателството на дванаесеттемина на ЕЗ, како би одговориле на тие утрешни судбоносни моменти? 4. Г. Переира, нашата средба привршува, ние ќе ве напуштиме, надвор нѐ чекаат илјадници Македонци-учесници на демонстрацијата. Што да им кажеме? Кога ќе биде донесено решението за признавање на Република Македонија? Не сме заборавени од ЕЗ Еве ги одговорите што ѝ ги даде на македонската делегација г. Переира. - Македонија не е заборавена од Европската заедница, можам да ве уверам дека таа е присутна секој ден со нас. Никој не се надеваше дека распаѓањето на Југославија ќе донесе толку проблеми, не само за федералните единки туку и за цела Европа. Министерскиот совет на ЕЗ, покрај своите мислења, води сметка и за декларациите на арбитражната комисија, кои се позитивни за Македонија. Таа е единствената држава што својата независност ја бара по мирољубив пат и ние мислиме за нејзината иднина. Министерскиот совет на ЕЗ не се занимава со промена на имиња, на една или друга земја со свое историско минато и обичаи. Ние тоа го гледаме само преку една согласност на владите на тие две земји, доколку тие мислат дека тоа е гаранција за нивното добро соседство. Но јас не би можел да видам како би станало тоа преименување! Што се однесува на Македонија, ние сакаме прво да го осигуриме мирот, како што рековте Македонија е буре барут не само за Југославија и за Балканот туку за цела Европа. Арбитражната комисија и министерскиот совет на ЕЗ точно за тоа брзаат да ја загарантираат сигурноста на тие републики од страна на соседните држави, а со тоа се зацврстува и гаранцијата на мирот во една утрешна обединета и демократска Европа. По прашањето за економската положба на вашата земја, ние неколкупати потврдивме дека таа спаѓа во приоритетните републики и дека ЕЗ има одреден буџет за секоја република и за вашата. Ако мислите дека поради економската криза и другите напрегнатости од страна ќе се дојде до она што се случува на север со Хрватска и, уште поопасно, со Босна и Херцеговина, да ве информирам дека идната седница ќе се одржи во Лисабон, Португалија, на 17-ти овој месец. Сигурен сум дека Советот на министрите на ЕЗ ќе даде добри резултати, позитивни за Македонија. Бидете сигурни и трпеливи, вашата земја ќе го добие своето праведно решение. По завршувањето на средбата, делегацијата беше срдечно испратена од одговорните лица за протокол на ЕЗ. Потоа, г. Лукаров им се обрати на демонстрантите и даде кратко образложение за средбата што ја имаа во ЕЗ.
Со срце за Македонија
На крајот на 1989 година граѓаните на Европа со будно око ги следеа настаните што беа предизвикани со уривањето на Берлинскиот ѕид и обединувањето на двете Германии, букурешките настани и другите случувања во Источниот блок на Европа. Македонците, пак, внимателно ги следеа случувањата, односно несогласувањата во партискиот и државниот врв на заедничката југословенска федеративна држава (СФРЈ). Настаните го најавуваа крајот на 45-годишното опстојување на федерацијата, се насетуваше распадот. Македонците, пак, тука ја гледаа шансата да ги остварат вековните желби и идеали на многу генерации пред нив, Македонија да стане самостојна, суверена и независна држава. Но за да ја искористат шансата со распадот на СФРЈ, потребни беа и големи активности на македонските здруженија, партии во дијаспората и во Македонија. Македонските патриоти тајно беа убедени дека брзо ќе дојде денот кога ќе чукне часот и за Македонија, која со столетија беше напатена, окупирана, ограбувана, палена, парчосувана, делена..., конечно да го добие заслуженото, да стане самостојна и суверена држава, а Македонците и граѓаните „да бидат свои на своето!“
(Продолжува) Автор: Киро Кипроски |