|
||||
Грчкиот преговарачки тим го дрибла македонскиот |
Преговарачкиот тим на македонската Влада по се изгледа ќе биде издриблан од страна на своите грчки соперници: но, повеќе за тоа подолу во текстот.
Да почнеме со тоа како грчкиот министер за надворешни работи Никос Коцијас, пред минатонеделната средба со Метју Нимиц во Виена, изјави дека Македонија е „мала држава“ која „се уште не го нашла својот идентитет“. Бев стаписан што македонската Влада не испрати демарш за оваа изјава, туку едноставно ја прифати како да е факт. Коцијас исто така рече дека „не можеме да се согласиме оваа држава да се нарекува ‘Македонија’“. Овој последен дел од изјавата треба да ни е веќе јасен: македонската Влада самата најави дека е подготвена да го смени името „Република Македонија“. Најверојатна опција од низата предложени имиња е името „Горномакедонија“.
Тука гледаме како грчкиот преговарачки тим го дрибла македонскиот. Во повеќе македонски, грчки и меѓународни медиуми беше објавено како Грците побарале „новото име“ да биде еден слеан збор, како „Горномакедонија“ и да не биде преведено на англиски, додека македонската страна инсистирала тоа да бидат два одвоени збора, „Горно Македонија“ и тоа со превод на англиски кој ќе се користи во меѓународни употреби. Грците исто така инсистираат да се смени македонскиот Устав во согласност со „новото име“ кое ќе се користи низ целиот свет, како и „ерга омнес“ во рамките на Македонија, што значи и на пасошите, личните карти и другите документи. Дополнително, Грците бараат идентитетот и јазикот да не се викаат „македонски“, како и да се смени интернет додавката. Но, во нова серија медиумски извештаи беше најавено дека Грците „дзволиле“ името да биде „Република Горна Македонија“ (два збора, на англиски) но не попуштаат од нивното барање новото име да се употребува во рамките на Македонија и да се смени Уставот (нема нови најави во врска со идентиетот и јазикот, но јасно е дека, ако се менува Уставот, ќе се сменат и тие). Доколку – доколку – овие медиумски извештаи се точни, што значи тоа за преговорите? Тоа значи дека Грците тргнале од максималистички позиции по сите точки, особено со нивното инсистирање на „Горномакедонија“, со прикриена намера во текот на преговорите да отстапат од своите почетни позиции за да можат да кажат дека ете, и тие направиле „отстапки“ и им „дозволиле“ на Македонците да се викаат „Горна Македонија“. Со тоа , Грците сакаат да излезе дека тие се широкогради во преговорите, но за возврат, Македонците треба да им „дадат“ на Грците нешто друго. А тоа што Грците го сакаат најмногу од се е промена на Уставот и употреба на името „Горна Македонија“ во пасошите, личните карти, интернет додавките и така натаму. Се разбира, со имплементирање на овие промени, Македонците де факто ќе „го најдат својот идентитет“, што би рекол Коцијас. Дури и да му поверуваме министерот за надворешни работи Никола Димитров – кој неодамна изјави дека „ние сме Македонци и зборуваме на македонски јазик“ – значи дури и да му веруваме дека бил искрен кога го кажа тоа, Грците никогаш нема да му дозволат на светот да го каже истото тоа, особено ако Македонија капитулира и се согласи да се нарекува „Република Горна Македонија“, затоа што Грците ќе бидат активни да го негираат правото на Македонците да се викаат себеси „Македонци“ кои зборуваат на „македонски јазик“. Ова со сигурност ќе следи ако Македонците се согласат името „Горна Македонија“ да влезе во Уставот. Мислам дека ова би требало веќе да им е јасно на сите. Ова барање се поклопува со најавите дека премиерот Зоран Заев сака да ја прошири својата коалиција и да има поголема поддршка во Собранието. ГРците инсистираат да се смени Уставот, а Заев се уште сака да ја добие „славата“ и пофалбата од меѓународната заедница затоа што го „решил“ спорот за името. Оттаму, Заев ќе биде многу отворен за идејата да се смени македонскиот Устав, за што, сепак, ќе му бидат потребни повеќе гласови. Во неделата што доаѓа, неделата на Велигден, двете страни ќе се организираат во своите главни градови, и министрите ќе се сретнат повторно на 8 април, а доколку има „напредок“, ќе се организира и средба на премиерите. Сите страни, Македонците, Грците, Обединтите нации и меѓународната, продолжуваат да објавуваат соопштенија, да даваат изјави и на сите други можни начини да ги извртуваат настаните со позитивни коментари, но сепак нотирајќи дека во иднина не очекуваат и потешкотии, но ако кај двете страни има волја, тогаш ќе се дојде до решение. Што се однесува до мене, ќе продолжам да инсистирам на тоа дека, некоја идна Влада (не можеме да очекуваме од сегашната Влада) треба да се повлече од преговорите за името. Најголем дел од планетата веќе ја нарекува Македонија според уставното име, и најголем дел од планетата се согласни дека Македонците и македонскиот јазик постојат. Сегашната Влада на Македонија најавува дека сето ова е предмет на преговори. Вашето име, вашиот идентитет, вашата историја, вашата култура и јазик не треба да бидат предмет на преговори. Со преговорите, македонската Влада најави дека сето ова, сите овие работи кои Македонија ја прават посебна и уникатна, сите тие имаат цена. Не треба да биде така. Нема цена што може да се плати за вашето име и идентитет. Џејсон Мико за svest.mk |