|
||||
Историски настани и лидери |
Панде Колемишевски Отворено писмо од Панде Колемишевски, новинар во пензија До Почитувани, Официјалниот текст на таканаречениот договор, во македонскиот превод, не го употребува зборот „договор“. Тој документ, потпишан од двете страни, носи официјален наслов „Конечна спогодба за решавање на разликите опишани во Резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот на безбедност на Обединетите нации, за престанок на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување стратегиско партнерство меѓу страните“. Значи, самиот официјален наслов кажува дека не станува збор за договор туку за спогодба. Зошто спогодба, а не договор? Како што е познато, спогодбата со Грција (првата страна) е постигната со помош на принципите на медијацијата и со долгогодишна улога на медијаторот Метју Нимиц. Медијацијата, како вонсудски, алтернативен начин на решавање спорови и конфликти, не го користи терминот „договор“, туку терминот „спогодба“. Принципите на медијацијата подразбираат дека двете страни при решавањето на спорот учествуваат доброволно и по своја волја, со заемна согласност, без примена на сила или закана. На крајот од процесот страните се согласуваат дека избраното решение е заемно прифатливо и еднакво ги задоволува потребите и интересите на учесниците во спорот. За прифатениот компромис, за неговите одредби, двете страни изразуваат согласност и потпишуваат заемна спогодба, која ја пишуваат или двете страни заедно или самиот медијатор. Значи, да повторам: медијацијата, како специфичен начин на спогодување не го користи терминот „договор“, туку само терминот „спогодба“. Можеби разликата е само формалноправна, но при вакви спогодби, каква што е оваа, со сите нејзини специфики и можни различни или погрешни толкувања, своја суштина, свое внатрешно толкување, своја динамика имаат секој збор, секоја точка и запирка и може да предизвика недоразбирања. Почитувањето на документите не е само држење до формалноста, туку до фактите и вистината, имајќи во вид дека во македонската верзија на документот насекаде се наведува зборот „спогодба“, а не „договор“. Како спогодба, а не како договор ќе биде доставена и до Обединетите нации, како финален документ. Под терминот „спогодба“ беше и спогодбата потпишана од 1995-та, но таа се именуваше така како што беше назначена, односно напишана. Собранието и Владата се должни своите официјални документи да ги именуваат со вистинското име и со ниту еден акт да не внесуваат забуна кај граѓаните. Второто укажување е во врска со употребата на исто така погрешното именување како Преспански договор. Нормално е да се постави прашањето зошто спогодбата не може да се нарекува Преспански договор или Договорот од Преспа? Одговорот е повеќе од едноставен: не може затоа што тој не е потпишан во Преспа, барем не во онаа што го носи тоа име. Еве мало објаснување. Преспа, како котлина, како област е компактно подрачје, но во територијален и државноправен и административен поглед е разбиена географски, етнички, говорно, писмено, економски, културно, фолклорно, на три нееднакви дела меѓу Република Македонија, Република Грција и Република Албанија. Секоја од овие области во трите држави си има свое административно име на јазикот на државата во која се наоѓа. Преспа, како „чиста“ Преспа, носи име само (единствено) на територијата во Република Македонија, таа административно е територија на општината Ресен. А тука, на таа територија, не е потпишана спогодбата, таа е потпишана во Мала Преспа, (Микро Преспас), поточно во грчка Преспа, административна општина Лерин. Меѓу едната и другата Преспа има голема разлика од секаков вид. Ако веќе сакаме да бидеме прецизни, ако се држиме до реалната географска и државно територијална прецизност, ако сакаме, според македонскиот јазик и македонската топонимија, може да се нарекува спогодба од Мала Преспа, спогодба од Долна Преспа или, што би било најточно, спогодба од грчка Преспа. Другото прашање што ќе се поставува (а веќе се поставува) е дали спогодбата ќе се именува по самото место на потпишувањето. Според медиумите, потпишувањето се одвивало во Нивици, според други во Псарадес. Нивици е име според македонската топонимија, име што селото го носело со векови, а Псарадес е грчкиот топоним. Селото е преименувано во 1926 година, кога грчката власт насилно ги смени имињата на сите села и градови во Егејска Македонија. Би било нормално македонската страна говорно да го употребува името Нивици, а доколку се работи за официјално обраќање кон и со Грција, може да се употребува грчкото име Псарадес. Но сигурно дека најдобра, компромисна и пријателска варијанта би било, покрај Нивици, во заграда да се става Псарадес или обратно. Се разбира, ако тоа некому му е важно или ако не сака да има одредени недоразбирања кога ќе се посочува локацијата на потпишувањето. Ве молам изнесените укажувања да ги имате во вид и доколку ги сметате за исправни, да се заложите за нивната имплементација „ерга омнес“. Доколку сметате дека не соодветствуваат на потпишаниот документ и ги сметате за неприфатливи, ве молам да ми ги образложите вашите гледања зошто не се прифатливи. И ако е така, ве молам да го преработите, да го препреведете документот и секаде каде што стои зборот „спогодба“, да го замените со зборот „договор“. Како што напоменав на почетокот, писмото ви го упатувам со најдобра намера за да нема натамошни недоразбирања или погрешни толкувања во настаните и дебатите што следуваат. Со почит Превземено од Нва Македониј |