|
||||
Да не помислите дека сме недоветни |
Војо ДимоскиДа не помислите дека сме недоветни и дека сме ги купиле "правните" аргументи кои ги мантрате наоколу, а кои очигледно потекнуваат од ист извор. Од ист правен аналфабет!
Прочитани сте дека оваа сага околу консултативен/облигаторен референдум е со цел имање алиби, па на 30 Септември кога ќе доживеете дебакл во излезноста, да кажете дека без оглед на неисполнетиот уставен цензус мнозинството од тие што гласале, го прифатиле понуденото. И ќе ја терате пеколната агенда. Без усул и срам. Сакате да протнете големи теми со легитимитет помал од потребниот за избор на секретар на месна заедница. Ако сте решиле, терајте! Знајте дека правото е филигранска работа и не трпи насилна рака! Немањето закон и ред е лошо за сите вклучително и за Вас самите! Немојте да се обидувате мене да ме книжите во некоја од дружините кои ви стојат на патот кон светлата иднина. Јас сум човек поединец. Татко, сопруг, син, брат, правнук на илинденци и свештеници, внук на антифашисти. Македонец! Истиот тој, што му рече НЕ на Марче кога неосновано ја бараше кожата на некои од Вас. Сега ви велам НЕ кога ја барате иднината на нашите деца и Татковината! Да споделам дел од мојата интима: Ми се случувало да се приберам дома во глуво доба, после мачни увиди во кои буквално сме барале делови од човечки тела наоколу. Сум легнувал после тоа и сум спиел како бајче. Да, страшно било, ама длабоко некаде во себе есапиш дека било од Бога. Јас истиот, овие денови шетам низ куќи како сенка во глуво доба. Ме мачи она што го слушам од моите даскали по право кои прават умствени акробации за да Ве оправдаат и ми се руши сиот мој свет. Сочувствувам со нивната мизерија и не знам дали повеќе ме вознемируваат тие што зборуваат штогоде, или пак другите што молчат! Знам таа несоница од кого ми е, и знам дека не ми е од Бога! Нека го читаат некогаш ова нашите деца и нека ни судат! Нема правда, нема мир! Слобода или смрт! |