|
||||
“ИЗВИНЕТЕ СЕ И ВИЕ, ПОДРЖУВАЧИ НА ЗАЕВ!” |
Протоереј Љупче Петрески“ИЗВИНЕТЕ СЕ И ВИЕ, ПОДРЖУВАЧИ НА ЗАЕВ!”Апелирам до подржувачите на Заев и членовите на СДСМ, сите заедно да му искажете подршка на Премиерот со тоа што ќе го следите неговиот пример та и Вие понизно ќе им се извините на бугарите за непромислено искажаната невистина, од страна на Премиерот, дека Илинденското востание е македонско. Цела седмица исчекував да видам некаква реакција од Вас, подржувачите на Заев. Ниту збор. Неубаво од Ваша страна. Не треба да молчите во вакви моменти. Ајде, огласете се! Со таквиот чин ќе покажете како се негуваат и доградуваат добрососедските односи. Ќе покажете дека сте поголеми од нив. Ќе покажете дека гледате напред кон иднината, кон ЕУ и НАТО, дека не ви е важна историјата, немате назадни, регресивни погледи и дека тие, нашите соседи, особено бугарите и грците, се „единствените“ на кои им е важна историјата иако се членки на НАТО и ЕУ. Можете да им се извините, во името на нашите предци, што, ете, во минатото, сме ги испровоцирале да бидат груби кон нас македонците, што сме ги „навеле“ да стрелаат студенти, да убиваат од „своите“ македонци. Извинете им се што сме ги принудиле да бидат крволочни ѕверови кон македонскиот народ. Всушност, можете да отидете и еден чекор понапред од Премиерот и да им се извините што воопшто постоиме како Македончиња. Верувам дека нашите мили соседи ќе бидат задоволни ако тоа го направите. Можете на социјалните мрежи, по примерот на Премиерот. Сите напишете по еден пост со извинување или со признание дека Илинденското востание не е македонско (на пр.„Мили наши соседи, извинете! Навистина, Илинденското востание не е македонско“. И толку!) и сигурно тоа ќе биде забележано од соседите и верувам дека на тој начин ќе ги омилостивиме. Зошто токму Вие? Па, од Вас, гласачите на СДСМ, Премиерот ја црпи силата за ваквото негово однесување. Вие му давате легитимитет. Редно е, во овие тешки моменти за него, да покажете дека ги оправдувате неговите ставови, ако навистина ги оправдувате! Откажувањето од Илинденското востание, на крајот на краиштата, и не е којзнае што, нели? Се случило во минатото, пред стотина години. Актерите одамна се претвориле во прав и пепел. Нема да биде голем грев ако „преминете“ преку нив а во корист на иднината и членството во ЕУ и НАТО, нели? Претпоставувам нема да ви биде тешко да изговорите и напишете: Илинденското востание не е македонско! Ако, пак, Ви е тешко да ги плукнете тие зборови, ако не се согласувате со Премиерот, тогаш гукнете! Зошто молчите? Нели Премиерот се „крстеше“ во името „Република Илинденска Македонија“? Доколку го направите тоа и се откажете од Илинденското востание во голем број, можеби ќе не преумите нас останатите … Ајде, извинете се! Уште повеќе затоа што, очигледно, ќе треба да се навикнете да се извинувате. Ајде сторете го тоа во името на Премиерот, во името на нашите европски перспективи, во името на добрососедските односи, во името на МАКЕДОНИЈА! |