|
||||
Автономна Македонија |
Декларација на Лондонскиот Балкански Комитет за провинција Автономна Македонија Англија и вистински хуманиот англиски народ, запознавајќи се добро со вистинската положба на работите во Турција, одамна уште зазборуваа за автономијата на Македонија. За ова прашање се интересираат подобрите англиски весници, зошто поголемиот дел од британската јавност е за Автономијата на Македонија. Тоа се потврдува и со последната декларација на Лондонскиот Балкански Комитет за разделување на Европска Турција на три провинции: Автономна Македонија, Автономна Јужна Албанија и Автономна Северна Албанија. Во англиските весници долго нагаѓаа за целите на последното патување на НЦВ Фердинанд во Виена и Берлин. Times пишуваше дека Фердинанд добил согласност од Австрија и Германија за Автономијата на Македонија. Во истиот весник се вели дека патувањето на претседателот на бугарското народно собрание, г-дин Данев во Русија имало исто таква цел – да дејствува во полза на воведувањето Автономија во Македонија. Франција чува строга неутралност по ова прашање, бидејќи таа повеќе од сите има економски интереси во Европска Турција воопшто и во Македонија посебно. Општоевропската политика, гледајќи го безсилието на Турците како владеачка нација – од една страна, и нивната грубост на азијатски деспоти - од друга: забележувајќи го очевидниот стремеж кон прогрес на месното население – од една страна, и неговата политичка незрелост – од друга, се запира врз автономијата врз европските провинции на Турција како врз единствено рационално средство за разрешување на ВЕЧНО ИЗБУВЛИВОТО МАКЕДОНСКО ПРАШАЊЕ. Ние тврдо веруваме дека Македонија заслужува автономна управа: 1) по својата културна состојба Македонија стои повисоко отколку Бугарија, Србија и Грција до своето ослободување; 2) шаренилото на етничките елементи во Македонија е лага на заинтересираните или наивните луѓе: во Македонија е поеднообразен етничкиот елемент, отколку во Бугарија или Србија, до ослободувањето; 3) најпосле, економската благосостојба на населението во оваа несреќна област на словенскиот југ при подобра администрација, за неколку години би се подигнала на достатно висок степен: земјоделството, сточарството, свиларството, пчеларството, овоштарството и лозарството – сето тоа се златни извори за трудољубивиот Македонец, а сето тоа денеска се закопани богатства. Но за сето тоа подробно ќе позборуваме друг пат. И така, при автономна управа, под контрола на европските сили, Македонија за децени ја – две ќе ги достигне своите соседи од север и од југ, како во културно – литературен, така и во економски поглед. Некогаш Русија ги ослободи Бугарија и Србија и го постави почетокот на политичката самостојност на Јужните Словени. Сега пак, Бугарија и Србија имаат морален долг да ги соединат своите политички сили и да укажат дипломатско влијание во полза на Автономијата на Македонија. . Автономната Македонија е најправедното разрешување на Македонското Прашање; заедно со тоа ќе се реши и целото источно прашање. Тоа е толку понеопходно, зошто со него е заинтересирана цела Европа: во Македонското прашање веќе одамна се мрешка призракот на една општоевропска војна. Macedo: Одесса 1 VIII 1912г од Крсте Петков Мисирков Превземено од Лоза |