|
||||
Средба со Славе Катин - познат истражувач на македонското иселеништво во светот |
Во Националната установа „Григор Прличев“ во Охрид се одржа средба со новинарот, публицист, истражувач и преведувач Славе Катин кој стапнал на сите континети и посветил голем дел од својот живот и творештво на Македонците од етничка Македонија расселени ширум светот и ги забележал нивните животни приказни, судбини, успеси, радости, таги и љубовта кон својата родна Македонија На 22 август 2018 година, во одајата на Григор Прличев што се наоѓа во Националната установа „Григор Прличев“ во Охрид се одржа книжевна средба со новинарот, публицист, истражувач и преведувач Славе Николоски - Катин. Во оваа куќа на книгата, на присутните вљубеници на книгата им се обратија: директорката на библиотеката Гордана Змејковска и новинарот Милчо Јовановски, а промотори на животот и делото на Катин, беа неговите колеги, пријатели и долгогодишни соработници д-р Томе Груевски, професр на Факултетот за новинарство при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ и авторот на овие редови Свето Стефаноски, новинар и публицист, познат по списанието „Екологија“. Книжевната средбата беше посветена на еден исклучителен и познат автор - Македонец кој стапнал на сите континети и создал и запишал небројани трајни вредности како показ на нашето постоење. Притоа, промоторите се задржаа на ентузијазмот на нескротливата и несопирлива енергија на славеникот Славе Катин, кој посветил голем дел од својот живот и творештвото за Македонците од етничка Македонија расселени ширум светот и ги забележал нивните животни приказни, судбини, успеси, радости, таги и љубовта кон својата родна Македонија. На средбата беше речено дека Славе Катин не припаѓа на политичка партија, бидејќи тој припаќа на Преспа, на Македонците во дијаспората, на етничка Македонија и на Македонската православна црква - Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА). А Црквата како институција игра значајна улога во опфаќањето и сплотеноста на Македонците надвор од Македонија, особено во прекуокеанските земји и насекаде во светот. На средбата, меѓу другото беше речено дека Славе Катин ја започна својата преведувачка и публицистичка дејнос во Охрид, вториот Ерусалим, градот на свети Климент и свети Наум Охридски, градот на минатото, сегашноста и иднината. Тука, тој го подготви и го објави неговото прво дело - лексикографското издание „Англиско-македонски лимнолошки лексикон” (1986), во издание на Хидробиолошкиот завод од Охрид. Ова дело ги постави темелите на творештвото на Славе Катин, кој потоа преведе поголем број научни книги и трудови, кои се објавени во Македонија и САД, потоа напиша десетина книги кои се однесуваат на иселеничката проблематика како и дела за неговите патувања, средби и разделби со Македонци ширум светот. Меѓу другото, во неговото новинарско творештво Катин се зафати и стана еден од најпознатите автори за репортажи како новинарски жанр и убавица на изразот. Посебно за репортажите на Славе Катин зборуваше проф. д-р Томе Груевски, кој меѓу другото рече дека овој новинарски жарн е свидетелство, документ и убав збор, како и откривање на човечката судбина, проникнување во социјалните драми и изговорена или визуелна слика за човекот, настаните и појавите. Репортажите на Катин претставуваат вистинска слика на стварноста, а тој како добар репортер умее да ги поврзе работите од различни подрачја и епохи во една целина која ги возбудува мечтите. Таков е случајот со публикациите “Моите патувања по светот” (2001) и „Светот на дланка“ (2014) кои претставуваат збир на неколку стотини подолги репортерски записи за неговите патувања и обиколка на четириесетина земји ширум светот. Тие всушност се описи на краишта, предели, градови, држави, во кои новинарот Катин патувал и го опишува она што на тој пат го привлекува неговото внимание. Затоа со право може да се рече дека во новинарското обликување на репортажите на Славе Катин доаѓа до израз неговата автентичност, документарност и конкретно прикажување на она што е најбитно. Во претставувањето на Славе Катин како автор на осумнаесет монографии за познати и признати македонски личности во македонската дијаспора и во Македонија, Свето Стефановски, авторот на овие редови, меѓу другото рече дека Славе Катин е познат на македонската и на меѓународната јавност по 55-те публикации, по 100-та научни трудови од различни области и по неговите над 3.000 новинарски и други текстови објавени во Република Македонија и во информативни гласила во светот. Првото негова моногравско дело е „Атанас Близнаков“ (2000), (на македонски јазик), книга за иселеникот од Гери, Индијана, САД, а по потекло од селото Д΄мбени, во Егејска Македонија. Во ова моногравско дело се вели дека иселеникот Атанас Близнаков не се покажа како обичен печалбар, туку како личност што настојуваше да навлезе во суштината на македонската слобода, убавата и правдољубива идеја, гледајќи ги работите со многу сериозен пристап, со што се издигна над времето во кое живееше. За него Славе Катин написа ново дело под наслов „Атанас Близнаков“ (2017) (на македонски и англиски јазик), во кое се зафатени позначајните моменти од животот на овој доблесен иселеник, за кого постојано ќе навираат спомени, а најмногу ќе се потсетуваат студентите – стипендисти на Фондацијата „Атанас Близнакоф”, за неговото хумано и патриотско дело, затоа што тој останува да живее во историјата на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј”, од Скопје, на македонското иселеништво, на македонскиот народ и на Република Македонија. Една од најзначајните монографии на Славе Катин е, секако, “Монографијата за митрополитот Кирил“ (Кирил Поповски) (2007) (на македонски и англиски јазик). Во тоа време, како најстар архијереј по хиротонија и архипастир со околу 45-годишно искуство и со значаен историски изминат пат во поновата историја на Христовата црква, тој достојно беше респектиран од македонскиот народ, особено во иселеништвото како голем борец и поборник за запазување на честа, достоинството и автокефалниот статус на нашата света Македонска православна црква-Охридска архиепископија. Тоа особено се потврдува на просторите од Полошко-кумановската епархија, која митрополитот господин Кирил ја водеше како нејзин надлежен архијереј. Исто така, на книжевната средба со Славе Катин во Охрид, акцент беше ставен на делото „Светозар-Светле Стамевски” (2005) (на македонски и англиски јазик)посветена на вистината и за потеклото, животниот пат и постигнувањата на иселеникот Стамевски од Детроит, а по потекло од селото Одри, Тетовско, истакнат македонски иселеник, сопартиец и личен пријател на претседателот на САД, Џорџ Буш Јуниор и на неговото семејство. Потоа се потенцираше значењето на монографијата „Томов” (2007) (на македонски и англиски јазик) којапретставува огледало за познатиот и признат фолклорист, етнолог, кореограф, скулптор, или како често го нарекуваа амбасадор на македонската култура, традициите и вистината за Македонија и македонскиот народ – Ѓорѓи (Џорџ) Томов. Славе Катин е автор и на монографијата за Македонецот од Австралија, а по потекло од селото Буф, Леринско, Андреа Бранов (2000), (на македонски и англиски јазик), на делото „Јановски” (2002) од Торонто (на македонски и англиски јазик), на монографијата „Гога Печенковски” (2004) од Ресен (на македонски јазик), на делата „Бошко Рајчовски-Пелистерски” (2008) од Детроит и Флорида (на македонски и англиски јазик), потоа, заедно со проф. Методија Трајковски, внук на донаторот „Петар Стаматов” (2010) (на македонски и англиски јазик, а заедно со Ѓорѓи Лумбуровски е автор на монографијата за бизнисменот Силјан Мицевски (2017) (на македонски) и на монографијата за Благој Механџиски, познат како ЗЕГИН (2018) (на македонски и англиски јазик). Беше потенцирано дека посебно место во творештвото има монографијата посветена на едно од најпознатите естрадни имиња на македонската музичка сцена и многу пошироко, Есма Реџепова-Теодосиевска (2016) (на македонснки, англиски и ромски јазик), коее дело за нејзините постигнувања како кралица на ромската и македонската песна, како и за нејзиниот животен сопатник и музички водител и столб на ансамблот „Есма“ - Стево Теодосиевски. Најново моногравско дело на Славе Кати, пак, е делото заСтив Пљакас (2018), за еден од најпознатите македонски иселеници. Стив е канадски Македонец, или македонски Канаѓанец по потекло од убавото македонско село Зелениче, Леринско, од егејскиот дел на Македонија. Тој е исклучително позната, призната и неодминлива личност меѓу Македонците во Канада и Соединетите Американси Држави. Бизнисменот Стив Пљакас е еден од најистакнатите Македонци кои се иницијатори, организатори и големи борци за афирмација и за одбраната на македонското многувековно име, на Македонците ширум светот, Македонската православна црква и на духовниот живот чии корени се уште од мисијата на апостол Павле во македонската земја. На средбата посебно внимание беше посветено на монографија за големиот Ѓорѓија – Џорџ Атанасоски, за човекот кој е исклучително голема, позната, призната и неодминлива личност во македонската дијаспора и во Македонија. Инаку, покрај Монографијата за митрополитот Кирил, една од значајните монографии на Славе Катин е, секако, делото „Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски“ (2012) (на македонски и англиски јазик), кое има две изданија. Без сомнение,Атанасоски е еден од економски најуспешните Македонци во светот. Иако подолго време живее на Флорида, во САД, од своето емигрирање до денес тој е длабоко и силно поврзан со судбината, вистината и настаните во Македонија. Џорџ Атанасоски е Македонец по националност и православен христијанин по вера. Оваа значајна и по многу нешта единствена двојазична монографија од овој вид претставува осврт за ликот и делото на Џорџ Атанасоски. Со тоа авторот Славе Катин успеа да го овековечи овој познат и признат Македонец, преку кој се проектира најновата фаза на македонската иселеничка историја. Бизнисменот Ѓорѓија - Џорџ Атанасоски е личност за почит и пример од кој можат и треба да се огледаат и други Македонци во двете татковини, САД и Македонија. Нему му припаѓа заслуженото високо место во хиерарсиската пирамида на луѓето кои имаат големи заслуги во иселеничката македонска сага и во градењето пријателски и бизнис мостови меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави. На крајот на книжевната средба, Славе Катин се заблагодари на присутните и неговите промотори и се осврна на неговото 55 дело „Израел и Македонија“(2017), кое е на англиски македонски и хебрејски. Тој, меѓу другото, рече дека денес состојбата во дијаспората рапидно е изменета. Круната на тој историски вознес рече Славе Катин дека е обновата на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква, чија улога на обединувачки фактор на Македонците дојде до израз и во етничка Македонија и кај Македонците во дијаспората, кои само тие и античките Македонци се нарекуваат со тоа име. Свето Стефановски |