Петок, 31 Август 2018    PDF Печати Е-пошта
Српскиот Патријарх да не се загрижува за мудроста и храброста на Вселенската Патријаршија

1 32

Aрхимандритот Партениј му одговори на српскиот патријарх по повод скандалозното писмо кон Вселенскиот Патријарх

Неодамнешното писмо од Српскиот Патријарх г. Иринеј, упатено до Неговата Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, во кое бездруго го напаѓа со чудни аргументи, во многу наврати и непостојани и спротивставени, не може, а да не предизвика многу недоумици. Затоа, како монашко братство, заради вистината, не можевме да останеме без коментар на тоа, како и на сериозните и тешки обвиненија против нашата Црква.

Секој што ја знае историјата на Српската Православна Црква, ќе се запраша како може да тврди дека извесни јавни личности „прибегнуваат кон болниот етнофилетизам и секуларното, државоцентрично размислување“ и ја „злоупотребуваат Црквата“, Претстојател на помесна Црква која не еднаш, туку двапати во историјата си стекнала автокефалија со посредство на државничка моќ.

Во 1219 година, Сава Немањиќ, принцот што стана монах, Свети Сава Српски, бил испратен во Никеја (тогаш привремено живеалиште на Константинополскиот Патријарх, за време на латинската окупација на Градот) од својот брат, српскиот крал, да бара автокефалија за епархиите што припаднаа на тогашната српска држава, на сметка на Охридската Архиепископија.

Залудно се трудел тогаш Охридскиот Архиепископ Димитриј Хоматијан да се докаже дека е онеправдан и не е прашан – до ден денес овој потег на Вселенскиот Патријарх е сметан за канонски и легитимен, и покрај јасната автокефалија на Охридската Архиепископија, која во тоа време одговарала единствено пред императорот. И ние немаме ништо против тој легитимитет, зашто според каноните, црковните граници треба да се совпаѓаат со политичките, а Вселенскиот Патријарх ја има улогата да пресудува во сите арбитражни спорови на Православната Црква, согласно тоа и да доделува автокефалии.

Вториот пат, во 1922 година, на идентичен начин, Кралството на Србите, Хрватите и Словенците добива Томос од Вселенскиот Патријарх Мелетиј за епархиите во Вардарска Македонија, пресно припоени кон Кралството, како и за обединување на српските Цркви. И оваа одлука на Вселенскиот Патријарх е легитимна.

На два пати во историјата била формирана српска независна држава и од највисокиот авторитет на Православната Црква од Исток, Архиепископот на Константинопол, Нов Рим и Вселенски Патријарх, му била дозволена и потврдена црковна независност, без да се земе предвид „ критериумот на ‘древноста’, ‘старите обичаи’ и ‘општоприфатените врски’“, најканонски и најлегитимно. Тоа не беше етнофилетизам, ниту „секуларно, државоцентрично размислување“.

Сега, кога Република Украина и Република Македонија се наоѓаат во својата трета деценија од независното постоење, Српскиот Поглавар повикува на принципот „се фати сиромавиот на оро, пукна тапанот“. Можеби поради тоа што е загрозена неговата поранешна јурисдикција, од која се откажа во 1959 година, нагласувајќи дека „престануваат да важат прописите од уставот на Српската православна црква за епархиите и архијереите на територијата на НР Македонија“, а сега си ја сака назад, заради спроведување на националистичка пропаганда. Ова, дека во 21-от век христијански духовен водач негира дури и етногенеза во најмала рака, станува јасно кога некој ќе прочита во писмото за кое станува збор: „државите, народите и ‘народите’, од кои денес се бара автокефалија“, каде зборот народи е ставен во наводници, сакајќи да го доведе во прашање постоењето и идентитетот на еден цел народ! Другата веројатност е дека се одлучил на ваков потег можеби поради загрозеноста на руското црковно влијание во веќе независната држава Украина. Оваа варијанта е во голема мера возможна, кога ќе го земеме предвид фактот дека од Русија доаѓаат главните парични средства за изградба на белградскиот соборен храм, а сигурно и многу други цели, кои за нас остануваат непознати.

Мораме да забележиме овде дека ние не сакаме нашиот случај да се споредува, или да оди во ист пакет со Украина, зашто се работи за две сосема различни истории и состојби, но околностите се такви што се совпадна двете прашања да бидат покренати во исто време. Но, неприфатлива е тенденцијата на СПЦ да ја споредува нашата Црква со Црногорската, која нема апсолутно никаква легитимност, ниту канонско преемство, а е основана од расчинет клирик.

Понатаму, „Патријархот Иринеј потсетува дека Соборот на Крит го потврди постоењето на четиринаесет автокефални Православни Цркви во нивните денешни канонски граници“, се вели во објавата на Ромфеа.гр. Интересно е тоа што, исто како и Митрополитот Волоколамски Иларион од РПЦ, која го бојкотираше Соборот на Крит, така и Патријархот Иринеј, се повикува во голема мера на истиот тој Собор, како и на претсоборските комисии. Треба да потсетиме дека истиот тој, во последен момент, убеден од анти-руските струи во сопствената Црква, одлучи да се појави на Соборот, додека, пак, Епископот Бачки Иринеј, кому според стилот во изразувањето, несомнено му припаѓаат овие редови потпишани од Патријархот, беше отворено против.

Тука би било благовремено да се запрашаме дали, откако сите што имаат моќ се задоволени, границите и начините на постоење во Православната Црква не треба повеќе да се менуваат? Во време кога светот, за добро или зло, оди кон глобализација и сечовечко пријателство и братство, зарем не треба Црквата како пазителка и проповедничка на Христовото Евангелие, да предничи во тоа обединување и да му покаже на остарениот свет дека во Христа е вистинското единство? Не, ние уште ќе живееме во времето на национални поделби и ќе прашуваме кој од каде е, ќе пазиме Црквата Христова да биде поделена на точно четиринаесет национални цркви, од кои неколку ќе владеат над оние кои не стасале навреме да се еманципираат. Вистинското единство може да се постигне само тогаш кога сите ќе добијат еднакви права, без да бидат омаловажувани од посилните.

„Честа и достоинството на црковното мајчинство не ѝ го дава, впрочем, правото на Мајката Црква да ги отповика, или да ги негира историски оформените автокефалии и јурисдикции“. Значи, Вселенската Патријаршија е Мајка и Вселенскиот Патријарх има власт само додека ни се потребни, а потоа ќе ги ставиме во аголот…

Да, и тоа како го има истото право Вселенската Патријаршија да дава нови автокефалии, онаму каде што дала и порано. Исто како што ѝ даде автокефалија на Романската, на Српската, на Руската, на Албанската, на Бугарската, на Чешката и Словачка, на Полската Црква… Тоа, впрочем, признавањето на правата на Вселенскиот Престол е и единствениот начин за да почне нешто да функционира во Православната Црква, после скоро шест векови зачмаеност и обезглавеност. Очигледно, Неговата Сесветост се обиде на Соборот во Крит да ги собере разединетите и да го покаже единството на Православната Црква, давајќи им на сите еднакво место, еднаква чест и еднакви права, но некои одлучија да го бојкотираат и да му го негираат и основното право – да биде прв меѓу еднаквите. Токму затоа, редно е Вселенскиот Патријарх да си ја земе улогата која му прилега и да го наложи единството како послушание на „помесните папи“, големи и мали, моќни и немоќни, богати и сиромаси, низ Православната екумена.

На крај, добро би било Српскиот Патријарх од една страна да не се загрижува за мудроста и храброста на Вселенската Патријаршија, која јасно се покажувала во досегашната историја, а од друга страна да не ја држи во заложништво Христовата Црква, заканувајќи се со раскол, трагедија и фатални последици, само за да си ги зачува своите позиции, поттикнати од „болниот етнофилетизам“. Ваквите националистички радикали може да се поучат, ако не од Евангелието, тогаш од примерите на световната историја и да сфатат дека „со сила убавина не бидува“ и дека, ако некому подадеш рака кога бара помош, може да ти биде вечен пријател.

Архимандрит Партениј со своето во Христа братство и сестринство

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.