|
||||
И за ЕУ и за НАТО сме ама сме жестоко против овој капитулански договор Ципрас-Заев |
Со договорот се подрива нашиот идентитет, нема да се сложиме дека смe народ без корен и држава без историјаИнтегрален текст од обраќање во Кичево на Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ Драги браќа и сестри, Ако не извлечеме поука од историјата која веќе еднаш се случува како трагедија, тогаш нејзината реприза е фарса, а ќе се согласите дека македонскиот народ поминал низ многу историски премрежја од кои ние како народ и држава треба да излеземе посилни, помудри, но и поискусни. Денес, овде стојам пред вас од преубавото Кичево и можам да заклучам дека Македонија е на голем крстопат, а повеќето патишта за жал се погрешни, некои водат кон слепа улица, а некои за жал во провалија. Од нас зависи каков пат ќе избереме и немаме многу можности во нашиот избор, само еден и единствен е вистинскиот пат, патот кој што води до нашата легитимна цел, а тоа е Република Македонија. Пред да одлучи секој од нас кој пат ќе го избере, пред да ја донесе таа одлука, потребно е да знаете дека пред нас претстои исклучително тежок период, би рекол период на специјална војна каде невистината ќе се прикажува за вистина, каде црното ќе ни го продаваат како бело, период на оцрнување на личности и нивно компромитирање, време кога ќе се ветува се и сешто, со една замислена цел, да им помине замисленото. Време кога ќе се омаловажува, ќе се сака да се влее зајадлив црв на сомнеж во секоја нова искра надеж. Ќе се занимаваат со нас, со теми кои се бледи, кои се само отргнување од реалноста. Ќе се силат, ќе се удираат во гради, ќе велат дека водат на анкетите не 3 тук 30 проценти разлика, но реалноста еве ја гледате, каде е Зоран Заев, каде е ВМРО-ДПМНЕ и Македонија. Фатени се до гуша во криминал, ќе велат дека се за НАТО и ЕУ, ќе се колнат во иднината, како што се колнеа во дедовината, а реалноста ја претворија во пекол. Тоа направија. Но и тоа ќе помине и ќе дојде време кога ќе треба да се положат сметките и да се погледнеме во очи. Некои од нас ќе чекорат со гордо крената и исправена глава, но некои ќе се разминуваат со нас, ќе се веднат, ќе не знаат што да ни одговорат поради неправдите што ги прават на својот народ и на својата татковина, ќе се срамат еден ден, а ве уверувам дека тој ден доаѓа набрзо. Сите вие добро знаете дека Македонија е се што имаме, нашиот последен остров, нашата љубов, нашите корени и нашата иднина. Македонија е нашето се. Почитувани пријатели, Она што тие сакаат сега да го направат е да искреираат една лажна надеж, поставена на погрешни основи. Тие сакаат да верувате дека сега нешто треба да „подголтнеме“, за да утре одиме напред, за да се реализира сето она што како природен порив толку многу и недостасува на нашата земја, за да ни тргне во економијата, за да здравството се подобри, да се реформира образованието, земјоделието да се потпомогне. Тоа е исто како некој да ви даде грст жолтици и да ви рече направете куќа, но изберете погрешни мајстори градбата ќе биде трула, ни куќа ќе имате ниту грст жолтици во раце ќе ви останат. Петнаесет месеци покажаа дека оваа влада ќе остане запаметена како најлошата во поновата македонска историја. И кога така декларативно, ќе ги видите како ви велат и се удираат во гради, дека се ЗА Европска Македонија, знаете дека со овие луѓе и нивниот капацитет всушност ви презентираат уште една голема лага како што дрско и безобразно лажеа кога ветуваа 500 евра просек плата, кога ветуваа поврат на ДДВ за секој граѓанин, кога ветуваа 500 км автопатишта, кога ветуваа поголеми пензии и што ли уште не. Надежта за иднината ќе ја продаваат, со една цел за да ја манипулираат и пљачкосуваат сегашноста. Докажано е дека со овие луѓе нема иднина, нема европска иднина, тоа го покажува и периодот кој што е позади нас. Не може да велите дека сте за ЕУ, а државата да ви е прогласена за најкриминална во Европа и сето тоа да е потврдено од Советот на Европа. Не може Зоран Заев да се прикажува за европеец, а фатен е со рацете во медот, фатен е како бара поткуп, и аболиран е за криминал од 8.5 милиони евра. Не е тоа европеец и европски политичар. Тоа е обичен џикош и криминалец. Не може да велите дека сте за ЕУ кога ги гушите основните слободи и права. Ако се побуните против сечата на дрва на Водно ви праќаат багери одма да ве газат. Ако политички опонирате со аргументи веднаш против вас се монтира случај и ве викаат на распрашување. Ако си ја сакате државата, веднаш без двоумење ќе ве вклучат во случајот за 27ми Април, па може и терорист ќе ве направат. Во ЕУ нема друг случај каде пратеници, уметници и обични луѓе се во затворите и одговараат за тероризам кој не се случил, нема друга опозиција во ЕУ која не е толку жестоко под притисок со загрозени права и слободи. Нема случај на така брутална политичка сегрегација и брутална поделба на граѓанското ткиво. Во Европската Унија, нема афери, тендери од по 35 милиони евра кои ќе се доделуваат на фирми штотуку регистрирани, ниту пак тендери кои како ланец се префрлаат од ќерката директор, на таткото бизнисмен, или пак криминални иновации кои се параван за делење на државни пари на приватни фирми на луѓето од власта. Го нема тоа во ЕУ, не се тоа европски вредности. Затоа престанете да го лажете народот. Вие сте криминалци и сакате криминалот да го покриете со ЕУ и НАТО. Нема тоа да ви го дозволиме. На ЕУ и е доста од презадолжени држави. За првпат во историјата на Република Македонија со СДСМ јавниот долг надмина 5 милијарди евра, додека државниот долг надмина 4 милијарди. Во ЕУ можете да влезете и без капитулански договор, но не можете да влезете без училишта кои што немаат кров, болници без кревети, ниту пак со корумпирани институции. Во Европската Унија немате земјоделци кои се измамени. 20 илјади тони сливи остануваат без пласман, лозарите имаат проблеми житопроизводителите исто така. На нив тоа не им е гајле. Не им е гајле за нивните маки. Единствено си ги гледаат сопствените интереси и што повеќе да збришат денеска за да не остане утре. Тоа ли е таа вредност која што ја прокламирате. Затоа со овие луѓе на власт Европската Унија е далечна идеја, не затоа што нашите пријатели од Европа не не сакаат, туку заради тоа што оваа власт не знае како. Почитувани пријатели, Во вторникот бев на големиот христијански празник Богородица во Берово, Пехчево и Крива Паланка, се среќавав многу луѓе, разговаравме ги делат истите проблеми како и секој граѓанин во Кичево, во Охрид во Струга во Битола во Прилеп и во Паланка, Берово и Пехчево се едногласни и велат вакво цунами ни се нема случено. Се борат со егзистенцијата. Сакам да споделам со вас еден разговор кој што го имав со еден дедо во едно село во Паланечко каде што ми раскажа една приказна која наликува многу на реалноста која што започнува вака. Ова село синко никогаш не било поробено. Му велам добро што било причината, жителите биле многу храбри, многубројни. Не ми вика, не беа многу брони, поминувале тука многу војски и побројни и посилни. Тие го одбраниле ова село без да испалат ниту еден куршум, без да извадат ниту една кама без да исфрлат ниту еден камен. Го добиле затоа што биле мудри и затоа што биле обединети. Тоа е она што нас ни треба да бидеме мудри и да бидеме обединети. Леви и десни оние во центарот, определени и неопределени треба да знаете дека нашата земја Република Македонија е во прашање и треба да се се размислува рационално. Нема време ниту можност за грешки. Има многу луѓе што и од СДСМ не се согласуваат со ова што се случува денес со нашата татковина. И ќе кажам и ќе ги повикам и вие сте добредојдени и дојдете придружете ни се во овој историски момент. Има место за сите вас покрај нас. Ваша е оваа татковина. Има една дилема и секогаш ме прашуваат каде да одам. Дали сте за ЕУ и НАТО. Да еве ви давам одговор. И за ЕУ и за НАТО сме ама сме жестоко против овој капитулански договор Ципрас-Заев и тоа е наше право и обврска. Зашто сме против? Затоа што го подрива нашиот идентитет и е против нашите принципи. Заборавете тоа, никогаш нема да се сложиме, овој договор е против нашиот идентитет и против нашите принципи. Од власта, од Заев и од оној министер за надворешни работи за кого слушаме дека наголемо трчка по светов и си бара нова работа од како тука ја заврши работата која што му беше дадена, не слушнавме ниту еден аргумент против нашата теза дека со договорот се уништува институционалниот идентитет на Македонија, ниту една теза спротивна на оваа туку само како папагали шетаат од маса на маса двајца-тројца фатени за рака и повторуваат: заштитивме ова, заштитивме она. Ајде излезете и кажете дали го заштитивте институционалниот идентитет, дали нема да биде Влада на Република Северна Македонија и ќе остане Влада на Република Македонија, дали нема да биде Академија на Науките на Република Северна Македонија и ќе остане Македонска Академија на Науките, дали ќе остане македонска армија и македонска полиција? Не, се избришавте, се сотревте со овој договор. Е тоа е тој институционален идентитет кој што го загубивме. Ги прашуваме за членот 8. Членот 8 предвидува формирање комисии помеѓу двете држави кои што ќе вршат ревизија на историјата, археологијата и образованието. Дали не е тоа можност, секогаш кога нашата ќе застане во одбрана на националните и државните интереси, некој од спротивната страна да рече нема Европска Унија додека не се сложите, а на што треба да се сложиме? Треба да се сложиме на тоа дека сме народ без корен, држава без историја, народ без културно историско и археолошко наследство и младите да ни учат хибриден образовен систем по желбите на нашиот јужен сосед, е нема за тоа да се сложиме. Еве овде во Кичево јавно ги повикувам да демантираат дека не го губиме нашиот институционален идентитет, дека членот 8 од договорот не е можност за нашиот јужен да не блокира на секој чекор кон патот на ЕУ, дека со договорот не се избришани нашите предности, резолуцијата во Обединетите Нации, времената спогодба, пресудата во Хаг каде што јасно и недвосмислено стои дека Македонија не треба да биде попречувана во нејзината интеграција во ЕУ и НАТО. Ајде господа од СДСМ излезете и демантирајте ги овие три работи, дека не се точни, дека Мицкоски лаже, дека вие сте во право. Драги присутни, затоа овде, овде пред вас стојам зборувам отворено од срце, затоа што сте вие моите браќа и сестри, пријатели, а пријателите немаат тајни, Долго време ме мачи едно суштествено прашање. Сите знаеме што се случува во нашата татковина, ги гледаме последиците, ги чувствуваме емотивно, се обединуваме околу емоцијата, зборуваме за нив, пробуваме да си ги објасниме на себе и на другите. Но, основното прашање како се доведовме во ваква ситуација? Која е причината? Последиците ги знаеме и гледаме, но ако не ја откриеме причината, тогаш, тогаш ќе продолжиме да губиме време во ублажување на симптомите, наместо да ја отстраниме причината. Нашето општество боледува од непринципиелност, лаги и неостварени очекувања, пред се од девастирање на вредносниот систем. Не е пријатно да се признае, не е убаво да се соочи човек со така тешка и страшна констатација, но тоа е вистината. Имаме две можности: да продолжиме да го игнорираме фактот дека Македонија е тешко ранета или да се фатиме храбро и бескомпромисно во костец со причините за таквата состојба и еднаш за секогаш да ги поразиме, и да тргнеме силно напред бидејќи ние го бараме нашето заслужено место под чадорот на обединета Европа, на обединети европски нации и држави! Тоа го заслужува овој народ и ова парче под небото. Немаме друга опција, Што треба да правиме? Да седиме и слушаме како оваа клептоманска власт со сесрдна помош на премиерот Зоран Заев и неговата дворска свита криминогени пробисвети мисли дека не лаже со празни фрази со празни бирократски фрази за наводно поголеми плати и не знам какви успеси, кога со свои очи гледаме и на своја кожа чувствуваме дека најбезобразно уништуваат се што ни е нам драго и комплетно ги здробија сите демократски институции макотрпно со години создавани. Зоран Заев и неговата катастрофална влада не сакаат никој да зборува за нивниот катастрофален учинок и нивните уништувачки политики. Треба да се правиме наивни и да зборуваме за кампањата која ја водат, која според нивните медиумски перјаници само што не не довеле пред портите на рајот, почнало мед и млеко да тече по улиците низ Македонија. Tие не сакаат да дадете отпор на сопственото уништување, туку сакаат додека ве крадат и пеплосуваат се околу вас, да гледате некаде во некоја неодредена замислена иднина која никогаш нема да се случи, да бидете слепи, и да им ја проголтате евтината пропаганда, која ни ја испорачуваат од своите глисери, онака, облечени во костими за капење, со темни наочари, со вештачки насмевки одлепени од реалноста. Тие живеат во свет во кој што нема човечки вредности и сакаат и нас да не гушнат и да станеме дел од нивниот пекол, нема тоа да го дозволиме. Ние сме тие кои треба да одлучиме дали сакаме да бидеме вовлечени во ова сценарио, дали сакаме да им дозволиме да газат преку нас, нашите предци и нашите деца и внуци, дали ќе им дозволиме да не убедат дека политиката не е ништо друго освен пазар, дека само парите се важни, дека договорот всушност нема значење. Зарем ќе им дозволиме на наш грб и во наше присуство да ги спроведат своите погрешни идеи? Одговорот е НЕ! Нема да им дозволиме и затоа е потребен отпор. Сенароден отпор, институционален демократски пркос со филозофска мисла, со нови тези. Тоа е она што ни е потребно. Ќе бидеме мудри и трпеливи, но ќе бидеме тактични, кога ќе биде потребно да се тактизира, ќе бидеме гласни кога ќе оцениме дека така треба, ќе бидеме неуморни, вредни и полни со љубов за Македонија, и кога ќе дојде моментот ќе бидеме незапирлив оган кој се бори за иднината на нашата земја. Јас, Христијан Мицкоски, мојата сила и трпение го црпам од вистинските, нашите вредности, пренесувани од колено на колено, од љубовта кон моето семејство, нација и држава. Се борам за вистината и правдата зашто мирот и спокојството на мојата душа немаат цена. Стојам овде и Ве повикувам да ме следете ме во борбата во која што веќе длабоко сме загазени, не затоа што ние така сакавме, не затоа што ние одбравме така одбравме - туку затоа што едноставно не ни оставија друга можност, само оваа можност ја имаме, нашата борба. Таа борба не е лесна, ниту ќе биде лесна, ниту некогаш била лесна. Но, ви ветувам дека кога се ќе заврши, не толку далеку од сега, нашето знаме највисоко ќе се вее, иако поткинато и ако исцрнето од виорот на борбата, но ќе биде највисоко закачено на јарболот, затоа што од секој од нас зависи крајот на таа борба. Тоа, знаме е знамето на народот и новата надеж на овој народ и оваа нација, тоа е тоа знаме по малку искинато и пеплосано од виорот на борбата што го зафатила. Сакаме општество на слободни луѓе. Слободите не се подаруваат тие секогаш се освојуваат. Основата на сите други слободи е економската слобода на човекот, токму таа која нај веќе трпи сите овие години. Затоа луѓето не разбираат зошто сум толку многу загрижен за она што и се случува на Македонија на економски план, па знаат да ми замерат да ме искритикуваат дека дека се бавам со споредни работи, дека давам изјави на социјалните медиуми и им досадувам со некои таму бројки и графикони. Тие бројки и графикони директно влијаат на вашето секојдневие, на вашиот семеен спокој, тие директно влијаат квалитетот на животот на вашите семејства. Тие бројки и графикони избркаа за жал илјадници наши сограѓани, браќа и сестри, роднини и пријатели, секој ден од нивната грутка родна Македонија да по белиот свет го печалат лебот за своето семејство и за своите најблиски. Тие се тие бројки и графикони што по некогаш знаат да бидат и здодевни. Но ве уверувам дека економската состојба и економската слобода се фундаментални и важни. Тоа е основата на сите други човечки слободи. Затоа вреди да ни биде прва во фокусот. Затоа мораме во првиот момент кога ќе ја составиме идната влада на Република Македонија, прва работа за која ќе се фатиме, да биде економски да го ослободиме нашиот народ. И тоа ќе го направиме, да немате сомнеж, економски да го ослободиме на забеганата влада на Зоран Заев и СДСМ, нема веќе „евро за едно, евро за Вице“. Сакам да кажам збор-два и за обвинувањата кои доаѓаат на моја адреса и на адреса на ВМРО во последно време. Зоран Заев и Никола Димитров патуваат во Преспа, потпишуваат договор, договорот се однесува на народот, а народот не го прашуваат. Луѓето од СДСМ, оние гневните велат, како и да заврши референдумот, они ќе го туркале тоа по институции. Се закануваат со затвори, што уште нема да им текне. Кршат закони, го силуваат уставот на дневно ниво, пуштаат криминалци и убијци на слобода, крадат се што ќе им застане на патот. Но има една мала група луѓе, за кои ова што го набројав не е важно, како тоа да не е важно ништо што го прават, но затоа и најмалата ситница околу Христијан и ВМРО е секогаш во фокусот на нивното внимание. Нема да ви дозволиме да ни го контаминирате чесниот македонски народ. Тоа е помалку важно од најситната работа што ќе се случи околу мене или ВМРО. Јас го нарекувам договорот капитулантски, они вадат наслов Христијан го поддржувал договорот. Јас објаснувам која е негативната содржина на договорот, одам од улица на улица, од куќа на куќа заедно со вас, од телевизија во телевизија, од весник во весник, од портал во портал, ги објаснувам последиците од договорот, тие вадат наслов Христијан се пазарел. Па како се пазарел? Како може така да се пазарам? Среќа наша е што малкумина се. Како да едвај чекаат да направиме некаква грешка, како да навиваат да го направиме погрешниот чекор, да се истрчаме, да влеземе во замките кои секојдневно ни ги поставуваат, за да речат, видовте сите се исти, овој е таков. Е нема да им дозволиме и длабоко ќе ги разочараме. Имаме план и размислуваме алгоритамски и ја гледаме нашата легитимна цел, како што го гледам крајот на овој булевар од каде што почнавме да се движиме денес. Ние сме народна, автохтона, македонска политичка партија и нема ништо понормално за нас, дури би рекол и обврзувачки е да се водиме исклучиво од гласот и интересите на македонскиот народ. Ние излеговме во досега невиден број по градовите и селата низ Македонија за да зборуваме со луѓето, без ракавици, лице в лице, да слушнеме што тие мислат, да им ги образложиме нашите аргументи. Направивме досега невидена новина, тргнавме на терен со преку 2000 волонтери, наместо да трошиме пари на скапи кампањи, и на крај не обвинуваат сме молчеле!? Е како молчиме!? Како ние молчиме, не има насекаде низ цела Македонија, во секое мало, во секоја улица, како молчиме!? Па не сме ние тие кои се затвораат по канцеларии и хотелски сали, далеку од очите на јавноста и договараат најсуштествени и најскапоцени национални интереси. Тоа сте вие, господине Заев и господине Димитров. Тоа сте Вие. Не сме ние тие. Ние сме ВМРО, ние сме Македонија, ние не се осмелуваме да бидеме господари на судбината на илјадници генерации, ние не се осмелуваме да газиме на коските на паднатите херои, ние не плукаме на гробовите на нашите дедовци. Вие го правите тоа. Затоа замолкнете. Извадете го ВМРО од устите. Не заслужувате да го спомнувате тоа име и тие свети 4 букви. Кој е Христијан Мицкоски да му каже на народот што треба да прави, да се обидува да го замајува со скапи маркетиншки трикови и странски ПР советници. Кој ми го дал мене тоа право? Моментот кога одбрав да влезам во политиката, свесно одбрав да бидам слуга на тој мој народ и тоа ќе продолжам да бидам. Не може за национално прашање политички елити да одлучуваат. Ова не се партиски надитрувања, иако знам дека на СДСМ позициите во партијата им се над се, на нас Македонците и нацијата ни е се и над се . Нема партиите да одлучат, за национално прашање ќе одлучи нацијата и на нејзината одлука ќе биде конечна за сите партии и за сите политичари. И сите заедно ќе излеземе дента после тоа пред нацијата и ќе се поклониме каква и да биде таа одлука. Народот ќе одлучи. Времето на недопирливи политичари, самозамислени владетели во Македонија ќе заврши кога ќе завршиме со оваа влада. Зоран Заев ќе биде последниот мрачен лик кој ја запоседнал премиерската фотелја и тоа ви го ветувам и ви го гарантирам. На крај, на самиот крај, не можам а да не се потсетам на еден цитат, историски врежан во меморијата на сите оние на кои Македонија и ВМРО им е при срцето: Ако водам - следете ме, ако се двоумам - поттурнете ме, ако ве предадам – убијте ме. Вие сте на вистинската страна, вие што сте денес овде и оние што не следат, вие сте на вистинската страна. И поради тоа што вистината е во вас, не смеете да се откажете. Јас нема да се откажам, без разлика колку е тешко или мачно. Затоа што сум одлучен нашата генерација да биде таа која ќе им овозможи на сите што доаѓаат по нас мир, стабилност и добросостојба. Имаме визија, имаме прецизен план. Да им ја оставиме Македонија на нив, како што сме посакувале Македонија да ни била оставена нам– горда, модерна, развиена и суверена држава! За да се случи тоа потребно е Македонија да победи, Македонија како нашиот сон, Македонија нашето семејство, Македонија нашата иднина и Македонија нашата најголема љубов! Македонија нашето СЕ! Да е живо и здраво ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата За подобра Македонија! Да е жива и здрава Македонија! Да сте живи и здрави вие! Ќе победиме! |