|
||||
Со Спогодбата од Нивици - што ќе прават академик Шкокљев, Катин и Стефов со нивната посветеност на Античка Македонија? |
Збиднувањата со Спогодбата за решавање на разликите опишани во Резолуцијата 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите Нации за престанување на важноста на привремената Спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните (РЕПУБЛИКА ГРЦИЈА-ЕЛАДА и РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА н.з.) околу спорот со името, ја кутнаа Република Македонија во селото Нивици, во Преспа Во Спогодбата околу спорот со името, меѓу другото, се вели дека двете страни (Република Грција и Република Македонија, н.з) пошле од нивната силна желба за заемно пријателство, добрососедство и партнерство за соработка, а со заложба да ги зајакнат, прошират и продлабочат нивните билатерални односи и да постават цврсти темели за зајакнување и почитување на добрососедските односи и за развивање на нивната севкупна билатерална соработка. Убаво кажано, меѓутоа, во Спогодбата во членот 7 се вели следното: „1. Страните прифаќаат дека нивното односно разбирање на термините „Македонија“ и „македонски“ се однесува на различен историски контекст и културно наследство. 2. Во однос на Првата страна, овие термини ја означуваат не само областа и народот во северниот регион на Првата страна, туку и нивните одлики, како и елинската цивилизација, историја, култура и наследството на тој регион од антиката до денешен ден. 3. Во однос на Втората страна, овие термини ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура, и наследство кои се особено различни од оние кои се наведени во членот 7, став (2). 4. Втората страна изјавува дека нејзиниот официјален јазик, македонскиот јазик, спаѓа во групата на Јужнословенски јазици. Двете Страни изјавуваат дека официјалниот јазик и останатите одлики на Втората страна не се поврзани со античката елинска цивилизација, историја, култура и наследство од северниот регион на Првата страна. 5. Ниту една одредба од оваа Спогодба нема за цел на кој било начин да ја поткопа, измени или да влијае на употребата од страна на граѓаните на двете Страни“. Затоа си го поставивме прашањето: „Што ќе прават академик Антоније Шкокљев-Дончо од Белград, Славе Николовски-Катин од Скопје и Ристо Стефов од Торонто со нивната посветеност на Античка Македонија“? Познато е дека во Република Македонија, за жал, античкиот период не е често и континуирано истражуван, затоа бројот на делата кои го третираат ова прашање е многу мал, за разлика од нашите јужни соседи и други „демократски“ земји, кои со векови потплатуваат и копаат по „античката грчка вистина”, за да ја замаглат и покријат античката македонска вистина. Меѓутоа, огромен фонд на артефакти се од македонската земја и јасно е дека вистината не може да се закопа во земја, оти, кога-тогаш ке излезе на виделина. Таков е случајот со вистината за Античка Македонија и древните Македонци, за кои е напишано толку многу литература што може да се спореди со литературата за Светото писмо - Библијата. Токму затоа, имаме можност и убава прилика овој пат на македонски jазик да се соочиме со историски роман што е базиран врз вистинските аргументи и историските пишани материјали за Античка Македонија. Делото „Придонесот на Македонија во светската цивилизација“ од академик Антоније Шкокљев-Дончо и Славе Николовски- Катин, Македонска искра, (2006) е отпечатено на 350 страници Со оваа книга се потврдува нараснатиот научен интерес за анимиран пристап кон историјата на Македонија, особено кон античкиот период, кој посебно кај нас не бил често и континуирано истражуван и претставуван. Нараснатиот интерес не е случаен и доаѓа во одредена еволуција на прашањата во посочениот контекст. Токму затоа имаме можност да се запознаеме со ова дело, кое се осврнува на историскиот развоен континуитет на Македонија. Во трудот е проследена традиционалната македонска култура и наследството. Посебен е акцентиран периодот на праисторијата на Јужниот Балкан, улогата на домородците и палеобалканската средина, селидбите на Ахајците, појавата на Микенската држава, миграцијата на Дорците, Дорската Спарта, Дорска АРГА, Македонија и други прашања. Делото е поделено на седум глаци во кое паралелно со историските настани се проследува културата и писмениот израз во Македонија, при што посебно е проследена развојната нишка на македонскиот јазик, чиј јужен дијалект влегол како основа во литературниот старословенски јазик (нарекуван терминолошки и како старомакедонски). Понудената публикација опфаќа значаен и голем период на настани што се случувале на теренот на Македонија, чии граници и континуитет се менувал, но сепак, нешто трајно и обврзувчко оставало видливи траги во исторјата на цивилизацијата. Недостатниот број извори ја отежнуваат очевидно, сликата на прецизното историско претставување, но, сметаме дека нараснатиот интерес за недоволно проучените периоди и настани, ќе вроди плод. Како пример за таков поттик во науката го сметаме и ова дело. Со тоа многу поставки може да се утврдат, а можно е и да се видоизменат или дополнат. Поголем дел од публикацијата „Придонесот на Македонија во светската цивилизација“ е објавено и на англиски јазик под наслов „Macedia in Anciant Times” (2010) (Македонија во античкиот период), од авторите академик Антоније Шкокљев-Дончо, Славе Николовски-Катин и Ристо Стефов, кој го изврши преводот на англиски јазик, Тоа е издание на „Македонска искра“, отпечатено на 230 страници. Ова дело наиде на голем одѕив меѓу Македонците, особено од егејскиот дел на Македонија кои живеат во прекуокеанските земји Австралија, Канада и САД. Само во весникот „Македонија“ од Торонто се отпечатени дваесеттина продолженија од оваа англиска верзија на „Македонците во античките времиња“. Но, се чини најзначајно е тоа што неколку стотици книги како поклон на Издавачката куќа „Македонска искра“ од Скопје и сопственикот Славе Катин се испратени на голем број дипломатски претставништва во Македонија и во светот, на дипломати и претставници на Европската Унија, друштва и асоцијации ширум светот, со цел во овие бурни времиња тие да се запознаат со вистината за Македонците во Античка Македонија. Исто така и делото „The Balkan and Macedonia“ (2014) („Балканот и Македонија“), кое е на 300 страници на англиски јазик, од авторите академик Антоније Шкокљев-Дончо, Славе Николовски- Катин и Ристо Стефов, ја третира Античка Македонија. Многу историографи би сакале да ја наречат "Егејска култура" "Хеленистичко историско чудо", кое, според повеќето, започнало во осмиот век п.н.е. Најстарите т.н. статии на грчки јазик што служеле како пишани извори биле датирани во овој "архаичен период". Од особена важност се делата на античките историчари кои ни дале повеќе или помалку поврзан приказ на настани од античката историја на тој регион. Со векови, светската наука е загрижена со енигмата на таканареченото "Хеленистичко историско чудо", но допрва треба да се најде соодветно објаснување за потеклото на овој феномен. Има многу спротивставени ставови во врска со ова прашање, главно затоа што оние што го контролираа минатото сакаа да ја диктираат иднината. Но, бидејќи повеќе не живееме во тоталитарни времиња во Европа, авторите на ова дело се обидоја да го адресираат овој познат таканаречен "Хеленско чудо" со факти и аргументи кои ги користат современите науки, особено лингвистиката и археологијата, со пристап до епистемологијата. Публикацијата „Од Панонија до Егеј“ од авторите академик Антоније Шкокљев-Дончо и Славе Николовски- Катин (2007) „Македонска искра“,Скопје, на 196 страници. е подготвена со желба да понуди еден научен поглед, еден систематизиран прилог за овие европски простори од праискона, што можеби би било предизвик на одредена пројава на научниците, пред се историчарите и лингвистите, за неконформистичка анализа на праисторијата врз основа на новите извори на информации. Покрај тоа, таа е пишувана и за тоа на читателите со пошироки интересирања да им претстави слика за праисториските случувања сочувани во митологијата и лингвистиката. Поединечната обработка на ономастиката услови и делумно повторување заради честопати испреплетената материја. Ристо Стефов е Македонец од Канада, публицист, канадски интелектуалец, инжинер по образование И сопственик на компјутерско биро, доблесен патриот, човек кој цел живот ги брани интересите и ја чува и афирмира вистината за Македонија и македонскиот народ пред светската јавност. Тој е автор на десетина книги, мегу кои, на капиталното и прво дело издадено на македонски јазик, “Историја на македонскиот народ од антички времиња до денес”, а печатено и на англиски јазик во Канада, како и на делата: “Македонија – илустрирано издание со карти, фотографии и биографии”, “Малата книга со големите грчки лаги”, “Монографија за селото Ошчима”, “Кратка историја за Македонија и македонскиот народ” и заедничкото дело со д-р Мајкл Серафинов “Ова земја не ја даваме”, сите на англиски јазик. Славе Катин, пак, имаше можност и убава прилика овој пат на македонски јазик да го претстави и да го преведе од англиски на македонски историски роман „Александар Македонски” (Велики) (1988) на 320 страници, од германскиот автор Улрих Вилкен, што е базиран врз вистинските аргументи и историските материјали за Античка Македонија. Овој историски роман е лика и прилика за развојниот континуитет на Македонија, претставен во романизирана литературна форма, со посебна нагласка на ликот и делото на големиот стратег, мислител и дипломат - Фип II Македонски и најголемиот досега воин, освојувач на земји, гениј над гениите, обединувач на народите, почитувач на различните култури, традиции и обичаи, и цар на силното Македонско Царство - Александар III (Велики) Македонски. Затоа, со право може да се рече дека ова дело претставува библиска вистина за македонските корени и непресушен извор од каде секој Македонец ќе се напојува со чистата патриотска љубов кон татковината – Македонија, кон својот народ, со правичен однос кон своите собраќа, пријатели, кон човештвото… Историскиот роман „Александар Македонски” на авторот Улрих Вилкен, а прв превод од англиски на македонски јазик во Република Македонија што го направи авторот на овие редови претставува збир на традиционалната македонска вистина, култура и наследство, почнувајќи од времето на владеењето на Филип II Македонски (359-336 пред Христа) до владеењето и смртта на неговиот син Александар III Македонски (336-323 пред Христа). На страниците од книгата е обработена македонската вистина, многу успешно се претставени ликовите на Филип и Александар, како и на другите личности од тој период. Авторот Урлих Вилкен навлегол во корените од каде проникна ‘ркулецот на принцот Александар, а потоа го следи неговиот раст до небесните височини, за да напише дека тој од своите предци наследил душа како Шарената Планина и ум чист како бистрите води на реката Бистрица. Но, откако во Оазата Сива ја доживеал чудесната трансформација од човек во Бог, чинот на просветлувањето, јасно ја видел Екумената, братската заедница на целото човештво. Тој верувал дека наближува времето кога ќе создаде еден единствен свет на рамноправни луѓе со кои тој владеел, не како нивен господар, туку како добродушен и правичен Бог. Сакал да им покаже и докаже на сите како ја замислувал Екумената на дело. И кога видел како мислата станува дело, се побунтувале неговите Македонци. Верувал дека лесно ќе излезе на крај со нив, но не било така.
Меѓутоа, вистината е таа дека Александар, со своето големо дело, не само со силината на мечот, туку и со доблеста на душата, како никој пред него и по него, направил најмногу да ги сплоти луѓето од сиот Свет во Екумената, братската заедница меѓу сите народи, за која верувал дека таа некогаш ќе стане стварност. Со еден збор, тој бил основачот на денешната заедница во Европа и пошироко. Романот „Александар Македонски” од авторот Урлих Вилкен опфаќа значаен и голем период на настани што се случиле на просторот од Македонија и Македонското Царство, чии граници и континуитет се менувал, но многу нешта останале трајни со неизбришливи траги во историјата на цивилизацијата. Овој историски роман, во кој се претставени извонредните раскажувачки способности на авторот, кај читателот буди чувства за интерес на недоволно проучените периоди од античкиот период и ја јакне љубовта кон Македонија. „Македонска нација“ |