|
||||
ВУДРО ВИЛСОН ДО МИХАЈЛО ПУПИН: Букурешкиот договор е на корумпираните балкански буржоазии, инсистирај на автономна Македонија |
На Мировната конференција во Париз, Михајло Пупин имал инструкции од американскиот претседател Вилсон да инсистира на автономна Македонија Пишува : Блаже Миневски Mихајло Пупин, како специјален пратеник на американскиот претседател Вудро Вилсон, учествувал во подготвителните седници на Мировната конфереција во Париз, залагајќи се Македонија да добие автономија, да стане држава. За жал, истовремено, паралелно со ваквите залагања на Пупин, Александар Протогеров и Тодор Александров, двајца од тројцата членови на ЦК на ВМРО, праќаат Меморандум до претседателот на Конференцијата во кој македонското население го нарекуваат „македонски Бугари” кои бараат приклучување на Македонија кон Бугарија. Заради таквите определби на членовите на ЦК на ВМРО и Исполнителниот комитет, настанал отворен судир меѓу нив од една, и членовите на Привременото претставителство, од друга страна. А тоа секако било контрапродуктивно во однос на решенијата за таканареченото македонско прашање на Мировната конференција во Париз. Се разбира, ваквата перцепција за длабоките поделби во македонската средина, малку или само делумно можеле да се поправат со акциите што ги преземала македонската емиграција за афирмација на македонското прашање. Разните македонски групи со седиште во САД, Канада и Романија организирале митинзи, испраќале писма, апели и телеграми против негаторската политика кон Македонија. За жал, ништо не вродило со плод. Вудро Вилсон Значи, во една таква атмосфера, Михајло Пупин, како специјален пратеник на американскиот претседатрел, отворено се залагал за посебна, автономна македонска држава. САД сакале да се реши македонското прашање уште во 1912 година! Но како Михајло Пупин станал специјален пратеник на американскиот претсетадел Вудро Вилсон, и на кој начин го поставил прашањето за автономија на Македонија, односно барањето за создавање назависна македонска држава? До 1911 а особено во текот на 1912-та година, повеќе американски весници и списанија пишувале за Балканот, посебно за Македонија, а американската јавност била релативно добро информирана за состојбата и судбината на македонскиот народ. Сето тоа довело пролетта 1912-та година САД директно да се замешаат во решавањето на таканареченото „источно прашање“, односно прашањето за судбината на Македонија по пропаѓањето на Отоманската империја. Повеќе не постоело „источното прашање“ туку само „македонско прашање“. Во тој контекст, САД со заинтересираност го следеле намошниот развој на настаните на Балканот, а посебно положбата на македонскиот народ. Затоа за време на одржувањето на Мировната конференцијата во Букурешт, во август 1913-та година, Владата на САД интервенирала со нота кај владите на балканските држави, нагласувајќи дека „со задоволство би прифатиле одредба во договорот со која целосно би се гарантирале граѓанските и верски права на граѓаните“, мислејќи , пред се, на Македонија и македонското население. Се разбира, Михајло Пупин, големиот научник, чии претци потекнуваат токму од Македонија, кој веќе бил познат граѓанин на САД, не можел да биде индиферентен кон она што се случувало на Балканот а особено во Македонија. Според документите што ги истражувал проф. д-р Павле Митрески, Михајло Пупин активно се вклучил во акциите поврзани со балканската војни, односно два дена по нејзиното започнување на 18 октомври 1912-та година, ги собрал на состанок во Њујорк дел од иселениците од Србија и Црна Гора. На состанокот присуствувале околу 500 лица, а имало и новинари меѓу кои и новинари на влијателниот „Њујорк тајмс“. Михајло Пупин Пупин зборувал на српски јазик, а за новинарите имало симултан превод кој го вршел Адолф Леви. Во почетокот на својот говор Пупин истакнал дека Балканската војна не е само војна против Турција туку и војна против европската дипломатија, а особено против „големите сили кои не ги спроведоа во дело одлуките на Берлинскиот конгрес од 1878-та година а кои се однесуваа на балканските држави“. Овие зборови на Путин всушност се однесуваат на една од одлуките од Берлинскиот конгрес според која Македонија требаше да добие автономија со што сигурно немаше да дојде до Илинденското востание, како и до кобниот Букурешки договор и поделбата на Македонија. Говорот во Њујорк, Пупин го завршил со зборовите „да ги ослободите вашите браќа во Македонија, да ги сочувате вашите жени од Турците, вашите ќерки од опасноста на харемот, од колење и грабеж.“ Притоа, во меѓувреме, бројните апели што пристигнувале од страна на македонските асоцијации во Америка и Канада до претседателот Вудро Вилсон, но и до државниот секретар на САД, барале да се реши македонското прашање, односно македонскиот народ да биде признат и да добие автономност. Ваквите барања биле публикувани и во американскиот печат. Се разбира, тоа влијаело не само на американската јавност туку и на американската делегација во Париз да изгради став дека е време, дека е неопходно Македонија да добие автономија. Сето тоа американската делегација, особено Михајло Пупин ќе го искористи за да го отвори на маса македонското прашање. Според мировната програма на претседателот на САД, Вилсон, која има 14 точки, Букурешкиот договор не може да биде основа за решавање на балканскиот проблем, со оглед на тоа дека договорот бил дело на корумпираните балкански буржоазии. Во дипломатските кругови на САД се сметало дека единствено можна, прифатлива солуција за трајно решавање на опасниот балкански проблем, во чие средиште е македонското прашање, е „создавање автономна македонска држава“, која, подоцна, откако ќе добие автономија, би можела да се приклучи во сојуз на самостојни балкански држави, во балканска конфедерација. Велика Британија го спречила создавањето на автономна Македонија!? Според документи од американските и британските архиви, македонското прашање било разгледувано на тајни, прелиминарни разговори што се воделе во Париз и Лондон, пред започнувањето на Мировната конференција, и тоа во повеќе наврати, а најмногу во контекст на концепцијата на претседателот Вудро Вилсон. Притоа, за разлика од Америка, која била за создавање на автономна македонска држава, Велика Британија била решително против создавање на каква било македонска државност, со образложение дека автономија значи исто што и независност. Сепак идејата на претседателот Вилсон за создавање автономна македонска држава на Балканот не била напуштена, не била ставена ад акта. Во февруари 1919-та година, Либиер, член на американската експертска група во Париз, водел разговори со британскиот новинар Xемс Баучер во врска со актуелизирањето на прашањето за автономија на Македонија. Притоа Баучер изнел образложен план за автономна македонска држава, под протекторат на САД, а по барање на македонскиот народ. Во меѓувреме, по пристигнувањето во Париз, Путин од југословенската експертска група прибрал одредени податоци за положбата во која се нашла српската делегацијата, пред се поради нерешените граници. За тие приблеми го ‘известувале скоро единаесет дена.’ Американската делегација, а посебно професорот Xонсон и полковникот Хаус, десна рака на претседателот Вулсон за надворешна политика, предложиле Пупин да напише меморандум и тој меморандум на 19-ти април 1919-та година веќе му бил предаден на претседателот Вилсон. Следниот ден го известуваат Пупин дека претседателот Вилсон го прочитал меморандум, и дека тој „извонредно многу му се допаднал“. Според телеграмата од Белата куќа, претседателот Вилсон и американската делегација „високо ги цени Пупиновите идеи за јужнословенското прашање“. Во тој меморандум до претседателот на САД, Пупин меѓудругото барал да се решат историските и етничките прашање во Македонија и Словенија, но Пашиќ, се разбира, не можел да се согласи со тоа, плашејќи се дека Бугарите на Конференцијата ќе го актуализираат македонското прашање, и територијата која за него била од посебна важност. Во едно писмо испратено од Париз на 24 април 1919-та година до премиерот Стојан Протиќ, Пашиќ високо ја оценува работата на Михајло Пупин во Париз, но во додатокот на писмото меѓудругото стои: „Пупин сака да се најде овде во времето кога ќе се решава за исправките на нашата граница спрема Бугарија, бидејќи сега има силна пропаганда во корист на Бугарија, а мисионерите и професорите на Роберт-колеџот водат жестока кампања за автономија на Македонија“. На одвоена консултативна седница на Југословенската делегација во Париз одржана на 2 мај 1919-та година се дискутирало за Вилсоновиот план за Балканот и на крајот биле усвоени неколку заклучоци по кои треба делегацијата да решава. Во заклучоците, во шестата точка, се зборува за македонското прашање: „…г. Бошковиќ соопштува дека според информациите што ги има барем до извесна мера во Америка, таму се шири идеја за автономија на Македонија. Ако Вилсон ја прифати таа идеја и со неа излезе во јавност, ќе биде многу тешко состојбата да се врати назад. Затоа би било потребно на некој начин да се спречи Вилсон во тоа, зашто нашето кралство никогаш не би се сложило со таа комбинација. Би требало за ова да му се каже на Пупин, кој се интересира за ова прашање“. Никола Пашиќ Пашиќ против Пупин! Во врска со несогласувањето на Михајло Пупин со Никола Пашиќ во врска со решавањето на македонското прашање, на што Пупин инсистирал и несебично се залагал почнувајќи од Правата балканска војна, па во текот на Првата светска војна а посебно на Мировната конференција во Париз, треба да се знаат неколку податоци, кои биле против Пупин и неговите идеи по напуштањето на Париз и враќањето во САД. Станува збор за силни, организирани напади против него координирани од Пашиќ. Според спомените на Миливој Матиќ, српски функционер од тоа време, „ситните луѓе се обидувале да му се одмаздат на Пупин за ставовите на Мировната конференција во Париз, па ја побуниле младината и таа демонстрирала против него кога бил во Белград по враќањето од Париз. Белградската општина и Белградскиот универзитет се приклучиле на протестите.“ По неколкудневен престој во Белград, таа, 1919 година, Пупин неколкупати престојува и во Идвор каде што ќе одржи и едно популарно предавање пред граѓаните на Панчево „за американскиот идеализам“, нагласувајќи дека „Америка не бара ниту земја, ниту градови, не бара ниту овластување за да се наметне како тутор во туѓи краеви, не бара ниту воена оштета; таа е тука само за да агитира умереност меѓу другите големи сили, барајќи правичност за сите мали народи“. Притоа особено бил заинтересиран за Македонија, што може да е и своевидно чувство за некаков долг кон своите претци. Затоа со право д-р Коча Јончиќ инсистира „што повеќе да се истражува односот на Пупин кон Македоанија и македонското прашање“, а истото мислење го делат и српските универзитетски професори д-р Андреја Митровиќ и д-р Славко Гавриловиќ. Пупинов фонд за помош на Македонците! А дека Пупин имал посебен однос кон Македонија, зборува и тоа што со свои сопствени средства формирал специјален фонд за стипендирање на сиромашни деца од Македонија, а фондот го посветил на својата мајка Алимпијада. Овој фонд бил исклучиво наменски за школување на деца од Македонија, а вкупниот износ на средства од година во година растел. Така во 1914-та година започнал со 40.000 динари, шест години подоцна веќе располагал со 200.000 денари во злато, а во 1928-та година достигнал 475.309 динари во сребро. Претворањето на динарите во злато, а потоа и во сребро било на барање на Путин со цел да се зачува вредноста на одвоената сума пари. Фондот бил активен до 1940-та година а еден од учениците кој добивал Пупинова стипендија бил и охриѓанецот Благоја Ивановски-Жура. Тој во својата автобиографија потврдува дека добивал стипендија од Фондацијата на Пупин како „најдобар ученик“. Во знак на спомен кон родниот крај на своите родители, но и како почит кон култот на словенските просветители Свети Климент и Свети Наум, односно на православието воопшто, Михајло Пупин обезбедува и други средства како подарок за Македонците. Кога по вторпат по Првата светска војна, во 1921-та година ја посетува Југославија, решава да изгради камбанарија, да се излие најголема камбана на Балканот и таа да се постави во Светиклиментовата црква во Охрид. Камбаната ја порачал преку својот пријател д-р Нико Жупанчич во Љубљана. Камбаната тежела 2.300 килограми, а била донесена во Охрид во јуни 1923-та година. За тоа на 6 август 1923-та година во весникот „Јужна Ѕвезда“, кој излегувал во Битола, меѓудругото пишува: „Во старославниот историски град Охрид ѕвони денес на бедемот на Свети Климент најголемата камбана на Балканскиот Полуостров.“ За оваа камбана Пупин платил 129.000 динари, а самиот меѓу пријателите ја нарекувал„камбана за ослободување на Македонија“. За свеченото предавање на камбаната во употреба пишува и во црковниот календар издаден во Охрид во 1925-та година. Во него меѓудругото е забележано и тоа дека за камбаната е подигната посебна камбанарија, чиј темел е осветен на 10 јуни 1923-та година. Помош за подигањето на камбаната испратила госпоѓата Х.Х. Xенкис од Њујорк. На 28 јуни 1923-та година камбаната со биволска запрега свечено е пренесена од железничката станица до црквата Свети Климент, со големо учество на свештенството и народот. За тоа сведочат две фотографии кои денес се чуваат во Историскиот архив во Охрид. На 7 јули истата година се слушнал првиот звук на камбаната на Пупин, објавувајќи дека се враќа старата слава на Охрид. Истата камбана уште е во камбанаријата каде што била поставена пред точно 90 години а на неа во вид на шестоаголник е изгравирана икона со ликот на Свети Климерт и натпис: „Со песна го славиме Господа и ја испраќаме молитвата на свети Климент за единство, братство и среќа за сите Јужни Словени. Го дарувал старославниот Охрид, Михаил И Пупин. Лето 1923“. За Охрид и за Македонија славниот научник има подарено и други средства. Така за помош на Охрид формирал и специјален фонд за помош на бедните гра|ани во износ од 100.000 динари, со цел „да се помагаат сиромашните луѓе, христијани и муслимани“. За возврат и благодарност, тогашната охридска општина една од најубавите улици во градот, онаа што води кон Гимназијата и Охридските извори, ја преименувала во „Пупинова улица“. Од делумната листа на доброволни прилози што ги давал Пупин во Македонија може да се види дека негови пари добивале повеќе институции и поединци, како, на пример, женското занаетчиско училиште во Струга, соколското друштво „Крали Марко“ во Скопје, а негови пари стигнале и за настраданите од поплавите во Битола. За општина Охрид, во 1925-та година, преку Темко Попов, Пупин подарил 57.000 динари. Пупин умрел на 12 март 1935-та година во Wујорк. Погребан е на гробиштата Вудлон, каде што почиваат многу други великани на американската историја. Бил оженет со Американката Сара Катарина Xексон од Њујорк, со која имале само една ќерка по име Варвара. Михајло Пупин ПУПИНОВИ ОД МОСКОПОЛЕ, НИЧА И БЕЛИЦА! Михајло Пупин е роден на деветти октомври 1854-та година во село Идвор, во близина на градот Панчево, во Србија. Неговиот татко се вика Константин а мајка му Алимпијада. Двајцата потекнуваат Москополе, Македонија. За време на миграционите движења од крајот на 17-ти и почетокот на 18-ти век се доселиле крај Охридското езеро, каде што дел од нив останале и до денешно време, а некои заминале на север. Според истражувањата на проф. д-р Павле Митрески, родот Пупинови се спомнува во двете струшки села Горна и Долна Белица, но и во Вевчани. Во овие села овој род постои и во текот на 19-ти и 20-ти век. Сепак, најинтересен податок за родот Пупинови има објавено проф. д-р Јован Трифуновски, тврдејќи дека тие најпрво „живееле во село Нича, недалеку од манастирот ’Свети Наум’, крај Охридското езеро“, а потоа двајца од Пупиновите синови, Ѓорѓи и Никола, дошле во Вевчани, третиот син Стојан се иселил во Србија, а четвртиот заминал во Банат. Константин, таткото на Михајло Пупин е најверојатно четвртиот брат од родот Пупинови. Михајло Пупин основното училиште го завршил во родното село Идвор, средното во Панчево а потоа продолжил да се школува во Прага, но во 1874 година, незадоволен од однесувањето на наставниците, преку Хамбург заминува за Америка. Првите пет години по доаѓањето во САД живеел во тешко услови, работел како физички работник а потоа се вработил во фабрика за двопек. Есента 1879 година го положува приемниот испит на Колумбискиот универзитет во Њујорк, а студиите со одличен успех ги завршува за четири години. Веднаш потоа добива стипендија за проучување на техничките науки, физика и математика на универзитетот во Кембриџ, продолжува да се усовршува во Берлин каде што го брани и својот докторат од областа на физичката хемија. По враќањето во Америка на Универзитетот Колумбија ја започнува својата научна кариера и тоа како професор по физичка математика. Во својата научничка кариера има регистрирано 24 патенти, меѓу кои се апарат за телеграфски и телефонски преноси, трансформатор на телеграфски, телефонски и други елетрични системи, безжично пренесување на електирични сигнали, звучен генератор, радио-приемен систем со висока селективност, радиофонски приемник и друго. Бил прогласен за почесен професор на 20 универзитети во светот и бил член на повеќе национални академии. Во архивата на Пупин има документи дека копнеел да ја посети Македонија, но времето и здравствената состојба не му дозволиле да ја реализира таа своја голема желба. |