|
||||
Таму каде што се уништуваат филмови на крајот ќе се уништуваат луѓе! |
Пишува: Блаже Миневски
БЛАЖЕ МИНЕВСКИ ЗА НАПАДИТЕ ВРЗ „РУГАЊЕ НА ХРИСТОС“: Таму каде што се уништуваат филмови на крајот ќе се уништуваат луѓе!
Кога во април 2016 напишав дека во Македонија, преку извесна платеничка „шарена колона“, се подготвува терен за политичка структура која по уништувањето на спомениците ќе се префрли на спалување на книгите, а потоа и на ликвидација на луѓе, одредена писателско-писарска маргинална багра побара од таквите мои ставови да се огради македонскиот ПЕН и Друштвото на писателите на Македонија. За среќа, по нив, се разбира, двете писателски асоцијации се оградија од мене, а денес, по скандалот со вербалното спалување на филмот „Ругање со Христос“ на Јани Бојаџи, конечно може да се каже дека сите фази од моите скромни предвидување во целост се остварени! Многу споменици, мостови и згради останаа со лузните што им ги направија антимакедонските хорди, купишта книги метафорички се спалени, особено книгите од големите проекти на претходната влада, а со последните најави за контрола на идеите и темите во уметноста се става крај на СС-проектот за уништување на се што не е во планот за нов „национален инжинеринг“ на македонската држава и нација. Инаку, и пред две години беше сосема јасно дека во Македонија се случува антимакедонска револуција. По странските посети што се случуваат деновиве може да се види дека таа антимакедонска револуција не ја водеа оние што мислеа дека учествуваат на мирни протести туку оние што, користејќи ги протестите, со однапред доставено сценарио од странство, брутално ја напаѓаа македонската држава и државност. Секој што макар и површно ја следеше танаречената „шарена револуција“ гледаше дека се напаѓаат темелите на македонската историја и култура, македонскиот национален идентитет. Според информациите што можеа да се сублимираат во неколку реченици стануваше збор за агресија која требаше да доведе и веќе е пред прагот да доведе до обезличување, односно бришење на македонскиот народ. Сквернавењето на Порта Македонија, односно релјефите што ја прикажуваат македонската национална историја, метафорички претставуваше уништување на трајните белези на државноста. Бруталното уништување на релјефите на партизаните, на децата бегалци, на Илинденците и другите историски темелници беше обид за поништување на историскиот континуитет. Во меѓувреме беше нападнат и споменикот на АСНОМ, а основоположниците на современета македонска држава понижени докрај. Заедно со нив беа уништени и релјефите на Сирма Војвода, Дедо Иљо Малешевски и Димитар Поп-Георгиев-Беровски со четите, заклетвата на ВМРО, Питу Гули со четата, Васил Чакаларов, Пандо Кљашев со соборците, Партенија Зографски и Григор Прличев, а во првата фаза култулија Гоце Делчев, Даме Груев, Методија – Андонов Ченто, Карпош, светите Кирил и Методиј, свети Климент и свети Наум, гемиџиите и Филип Втори, Богородица и црквата „Свети Димитрија“. Освен спомениците, „бомбашите“ на „шарената колона“ ги уништија и зградата на општина Битола и општина Прилеп, седиштето на град Скопје, зградата на Министерството за култура, објект заштетен со закон, и други. Според тогашните првични проценки, штетите од дејствувањето на инструираните антимакедонски групи и мародери, кои крадеа компјутери од уништената канцеларија на Претседателот на Македонија, беше околу еден милион евра. И никој не одговараше за тоа. Во меѓувреме беше инсталирана квислиншка власт па шарената багра влезе во институции и однатре продолжи да ја урива македонската нација, уништувајќи ги главните белези на македонската држава и државност. Потезите што се презедоа во издаваштвото доведоа до институционално спалување на издавачките проекти како што се „Ѕвездите на светската книжевност“ и „Нобеловците“, а деновиве се случува врвот од кампањата со забрана на филмот „Ругање со Христос“ на Јани Бојаџи со директни закани по режисерот затоа што на власта не и се допаѓа третманот на темата за терористичкиот напад на државата во 2001-та, а режисерот добива закани од типот на оние што своевремено му беа упатувани на Салман Ружди, Орхан Памук или Мишел Уелбек. Македонскиот премиер, избран од нелегитимно Собрание, слично како Хомеини своевремено, иако призна дека филмот не го гледал, јавно нареди „министерот за култура да разговара со директорот на Агенцијата за филм да ги спречат сите активности за промоција на вакви дела… “ Тоа не е цензура! Тоа е инквизиција! Тоа е нацизам! Како се спалуваа книги од политички причини? А да се потсетиме што значи тоа, и како беше направено едно вакво слично злодело „од студенти“ и „студентски организации“ во една друга држава, многу поголема од Македонија. Не се спалуваа филмови но се спалуваа книги! Имено, само четири месеци по доаѓањето на Хитлер на власт, на 10 мај 1933 година, книгите на најголемите германски интелектуалци на дваесеттиот век гореа низ цела Германија. Во 21 германски град, меѓу кои и Берлин, делата на Сигмунд Фројд, Хајнрих Ман, Карл Маркс, Курт Тухолски и други биле претворени во пепел. Со спалувањето на книгите всушност церемонијално се покажувало дека не смее да постои ниту една книга што е во спротивност на идеологија што ја протежираат тие што спроведуваат акцијата. Во огновите на варваризмот се нашле книги на еврејски, марксистички и пацифистички писатели. Пред тоа, во април 1933 година, значи осумдесет и пет години пред изјавата на премиерот Заев, Главниот уред за печат и пропаганда на германската студентска организација, во атмосфера слична со оваа околу филмот на Јани Бојаџи, означила почеток на „акцијата против негерманскиот дух“, чиј врв бил „чистење“ на книжевноста со оган. Студентската организација подготвила дванаест тези, кои биле асоцијација на 95 тези на Мартин Лутер, а спалувањето на книгите било предвидено за време на Фестивалот во Вартбург на 300-годишнината од објавувањето на тезите на Лутер. Тезите на студентите се повикувале на „чист“ национален јазик и култура, слично како што сега некои структури во власта се повикуваат на список на теми и идеи што ќе им се одобруваат на авторите пред воопшто да почнат да размислуваат за некаков свој уметнички проект. Во тој контекст антимакедонската багра долго време не влегуваше во МНТ, во Археолошкиот музеј, во Музејот на македонската борба, не читаа книги од едицијата „Нобеловци“, не сакаа ни да чујат за епохалната едиција „Ѕвезди на светската книжевност“, а за македонските автори од ексклузивната антологија во 135 тома не сакаат ни да слушнат! Во секој случај, германската студентска кампања за спалување на книгите што не и се допаѓале на „масата што протестира“ својот врв го достигнала на 10 мај 1933 година кога толпата спалила повеќе од 25.000 томови што не биле во духот на нејзиното сфаќање на литературата. На 6 мај провалиле во неколку библиотеки, изнесувајќи се што им се видело сомнително. Ноќта на 10 мај, во повеќето универзитетски градови, студентите марширале со факели, повикувајќи ги професорите, ректорите и студенските водачи да му се обратат на протестот. На местата на кои се собирале студените ги фрлале книгите во оган, а сето тоа било проследувано со радосна церемонија, музика и танц, слично како „шарените револуционери“, кои, по уништувањето на спомениците во Скопје, се радуваа, пееја и се забавуваа по околните кафулиња и ресторани во нивниот уништен, погазен, понижен, а единствен главен град во светот. Во Берлин, на пример, на плоштадот „Оперплац“, се собрале 40.000 луѓе на кои им се обратил Јозеф Гебелс, кој го одржал својот прочуен говор против „моралната декаденција и расипаност“. Како пандан на тој настан деновиве можеби треба да се очекува на македонските мародери, и странски помагачи, да им се обрати македонскиот „авторитет во сенка“ кој со француски клуч и чекан прв ќе покаже како се уриваат спомениците кои неговите „пулени“ веќе ги маркираа со боја и графити. Или како се спалува филм што веќе добил голема награда на престижниот филсмки фестивал во Монтреал. Во Германија на 10 мај пред 85 години не биле спалени сите книги, како што планирала германската „огнена револуција“. Некои од церемониите на спалување биле одложени за неколку дена поради дожд! Таму каде што се уништуваат споменици на крајот ќе се уништуваат луѓе!“ Во секој случај, како што сега лично премиерот повика на уништување на еден филм без да го види, а неговата изјава, без никакво оградување, со радост ја објавија неколку квазителевизии, портали и „независни“ и „слободни“ весници, така и германските весници пред 85 години излегле со долги списоци на „декадентни писатели“, автори чии дела не биле во склад со новиот „германски дух“. Заедно со листите на книги било посочувано на кои места ќе биде овозможено уништување на примероците, односно ослободување од тоа ѓубре, како што пишувало на насловните страници. Врз основа на списоците, во Берлин, и во уште 21 град во Германија, биле направени големи клади на кои биле спалени десеттини илјади книги со што е најавено новото време во историјата на германската и светската култура. Во Македонија деновиве „новото време“ на (северно)македонската култура бездруго започнува со спалувањето на филмот „Ругање со Христос“! Во меѓувреме некој од идеолозите веројатно ќе одржи и говор кој отприлика би изгледал вака: „Против декаденцијата и моралното пропаѓање го предавам на огнот делото „што отвора стари рани, а тоа е нешто што не ни е потребно и ќе направам сѐ вакво нешто да не ни се повтори“, односно, сакав да кажам, делата на Херих Ман, Ернс Глаесер и Ерис Костнер. Политичките револуции мора духовно да се подготват. Дури кога идејата ќе се спои со политичката моќ, настанува сила која овозможува историски промени. Вие што не ги гледате филмовите а знаете дека се штетни, вие сте борци за револуционерните идеи на оваа држава.“ Во „топилниците“ на „новиот германски дух“ од тој 10 мај до август 1933 година била спалени околу 35.000 примероци книги од разни автори, со разни содржини и жанрови. Меѓу книгите што завршиле на кладите во Германија биле книгите на Бертолд Брехт, Херих Ман, Ерих Марија Ремарк, Август Бабел, Сигмунд Фројд, Стефан Цвајг… Спалувачите се разбира не можеле да ги прочитаат сите книги пред да ги запалат, како што сега никој не го видел филмот на Јани Бојаџи пред да го забрани. А во Германија, во тие неколку месеци, биле спалени, на пример, „Комунизамот и бакуњизамот“ на Енгелс, „Еврејската омраза спрема самите себеси“ на Теодор Лезинг, „На германската република“ и „Повик за разум“ на Томас Ман, „Примената лирика“ на Ерих Костнер, „Тероризам и комунизам“ на Карл Кауцки. Во огновите на „шареното лудило“ изгореле и „Диктатирата на пролетаријатот“ на Ленин и сите книги на Лав Троцки, но и „Ослободениот Дон Кихот“ на Анатолиј Луначарски, „Огнот“ на Анри Барбис и сите дела на Теодор Драјзер. Во огнот на омразата изгорел и романот „Збогум оружје“ на Ернест Хемингвеј, „Историските записи“ на Хербер Велс, како и книгата репортажи „Десет дена што го потресоа светот“ од Џон Рид. Притоа, за жал, слично како и сега, кога се урива една мала држава која во последните десет години доживеа културна, духовна и економска ренесанса, реакциите на светот биле благи или никакви. Волтер Јенс, германист и книжевен критичар, во врска со тоа запишал: „Реакции скоро и да немаше. Дури и во странство критиките беа ретки и многу благи. А тоа всушност беше вовед во многу полошите работи што се случија само неколку години подоцна“. Ноќта кога биле спалени илјадници книги на кладите на „Оперплац“ не се нашле делата на Оскар Марија Граф. Нацистите не го сметале за „неподобен“ писател. Во врска со тоа тој подоцна изјавил: „Спалете ме и мене! Такво понижување не сум заслужил.“ Може ли тоа, во контекст на фашистичкиот терор врз еден филм што не го виделе, денес да го кажат Милчо Манчевски, Столе Попов, Игор Иванов-Изи, Антонио Митрически, Александар Поповски, Ѓорче Ставрески…? На спалувањето на книгите во Берлин присуствувале околу 70.000 луѓе, а само во првата сеанса на огнен протест биле спалени околу 20.000 книги. Студентите во Берлин и во сите други градови ги ваделе книгите од библиотеките без страв, затоа што библиотекарите и многу професори, слични како оние што дозволија да биде нападната една од нивните колешки на Правниот факултет во Скопје, тоа го дозволувале, иако јавно не учествувале во настанот. Спалувањето било пренесувано само на радио, како што сега изјавите на министерот и премиерот беа пренесени и на радио и на телевизија. Во спомен на грозниот настан во Берлин, Ерих Кестнер, светски познат писател за деца, автор на книгата „Емил и детективите“, чии дела исто така биле спалени на кладите, додека ја посматрал бизарната претстава стуткан во толпата, подоцна меѓудругото запишал: „Стоев пред Универзитетот, притиснат од толпа студенти облечени во униформи на јуришници, меѓу цветот на нашата нација, гледајќи како нашите книги летаат во пламенот. Беше мачно.“ А неговиот колега, германскиот поет Хајнрих Хајне, уште во 1821 година напишал: „Таму каде што се спалуваат книги на крајот ќе се спалуваат луѓе!“ Или, можеби: „Таму каде што се уништуваат филмови на крајот ќе се уништуваат луѓе“. Меѓу ретките реакции на овој безумен чин бил текстот во американското списание „Њусвик“, кое спалувањето го нарекува „Холокауст на книгите“. Во една таква атмосфера сите живи автори што можеле да заминат – заминале, а оние што не заминале во странство веќе не смееле да објават своја книга во Германија. Голем дел од германското општество, вклучувајќи и многу интелектуалци и професори, молчејќи го прифатиле спалувањето на книгите, како што сега дел од нашите интелектуалци го премолчуваат „спалувањето“ на филмот на Јани Бојаџи. А можното спалување на книгите, како и веќе извршеното уништување на филмот „Ругање со Христос“, не е никаква демократија туку варварство. Јавно спалување на плочите на Битлси во САД! Спалувањето на книгите, односно библиоклазам или либрицид е назив за намерна активност, често од церемонијална природа, која за цел има уништивање на книги. Причините за таква активност обично се религиски, политички и идеолошки, а со уништувањето обично се настојува трајно да се тргнат содржините кои се сметаат за увредливи или неприфатливи. Со уништувањето на спектакуларен начин се изразува несогласување со нив и со презентираните идеи. Спалувањето на книги во историјата претставувало најекстремен облик на цензура и во модерниот свет обично се врзува за авторитарни режими и институции. Поради спалување на книгите бројни книжевни дела и непроценливи извори на исторски податоци трајно се изгубени. Во 20 век најпознати се нацистичките спалувања на книги во Берлин и други дваесет универзитетски градови во Германија, но и јавното спалување на Битлсовите плочи во САД во шеесетите години на минатиот век откако дел од тамошните христијани нивната изјава „дека се попопуларни од Христос“ го сфатиле како бласфемија. Според снимка на ИСИС: „Религиската полиција“ спали илјадници христијански книги! Пред извесно време беше емитувана снимка што ја објавија џихадистите а на која се гледа како припадници на Исламската држава во ирачкиот град Мосул фрлаат христијански книги во оган. Според објавените информации, Исламската држава во окупираните територии настојува да го „исчисти општеството“ од се што не е во согласност со нивната интерпретација на Исламската религија. Снимката беше објавена од агенцијата „Амак“ со наслов: „Диван уништува христијански книги во Мосул“. Посочениот Диван Ал Хисбу, или „Полиција за морал“, постои од јуни 2014 година а нејзината основна задача е да го спроведува шеријатскиот закон на Исламот и секое прекршување на строгите правила брутално да ги казнува со убиства и мачења. Притоа спалувањето на книгите и уништување на спомениците е само дел од нивната работа. Во Палмира, на пример, Капијата на победата е срамнета со земја а вредните скулптури сега се само куп камења. Древниот град, кој преживеал 2 000 години, не успеа да ја преживее„полицијата на моралот“. Во последен момент: Спречено палење на два милиона руски книги во Вашингтон ?! Според информација објавена на 12 март 2002 година во Вашингтон во последен момент било спречено палење на два милиони руски книги! Спалувањето било спречено благодарејќи на интервенцијата на членот на американскиот Конгрес од Мериленд, демократот Констанца Морели. Книгите, меѓу кои се наоѓале дела на Толстој, Пушкин, Достоевски и другите класици на руската литература, според определен план требало да бидат однесени од банкротираните вашингтонски книжарници и запалени во печки. Морели се изборила книгите да бидат префрлени во полициски склад, со обврска подоцна да биде најдено соодветно место за складирање. Веста дека американската компанија „Рандолф билдингс“, сопственик на просториите во кои се наоѓала книжарницата, планирала да ги уништи руските книги, ја објавил „Вашингтон пост“ а веднаш потоа, пред самото затворање на книжарницата, се собрале стотици луѓе заинтересирани за купување на книгите, шокирани од податокот дека толку вредни дела можеле да завршат во печките на Службата за комунална хигиена. За споредба: Комунистите забрануваа филмови што не им се допаѓаат! Во југословенската кинематографија од 1947 до 1991 година биле снимени над 1000 филмови но дел од нив комунистичката цензура не дозволи да ги види публиката. Во филмот „Град“ од 1963 година не им сметала толку критиката на системот туку фактот дека филмот имал поинаков однос кон реалноста. Клучен момент за забрана на филмот бил моментот во кој актерите се појавиле со градник од Италија, за кој се зборувало дека е поубав од југословенскиот! Провокативен бил и ликот на капиталистот како директор на компанија, како и смртта на сакатиот партизани кој бил претепан од насилници. Како резултат на сето ова со судска одлука било наредено филмот да се изгори, но сепак бил зачуван во архивите. Филмот „Утро“ од 1967 година има слична судбина со филмот на Јани Бојаџи. На Филмскиот фестивал во Пула освоил три награди. Може да се претпоставува дека на власта најмногу им сметал главниот лик на партизанот Смоки, кој мислел само на „својот сексуален орган”, па во една сцена на гробот на еден поранешен другар има перверзен секс со партизанка. Филмот „Предвремени работи“ од 1969 година зборува за студентските демонстрации во 1968 година. И покрај фактот дека е познат како еден од најголемите светски достигнувања на југословенската кинематографија, освои награда Златна мечка на Берлинскиот филмски фестивал, и не беше судски забранет, сепак не му било дозволено да биде прикажан во поранешна Југославија. Дали тоа ќе се случи и со нашиот филм „Грдење на Христос“? Познатиот филм „Пластичен Исус“ се осмели да ги спореди Јосип Броз Тито и Хитлер, и беше веднаш осуден на не-прикажување, а неговиот автор беше затворен. Режисерот Лазар СтојановиќÂ во филмот вклучил архивски снимки од усташите, четниците, Хитлер и Тито, споредувајќи ги овие режими меѓусебе. Политички бил прогонуван и главниот актер, а филмот почнал да се појавува 20 години по исчезнувањето од јавноста. Многу интересена е и судбината на филмот „Улогата на моето семејство во светската револуција“ од 1971 година. Премиерно филмот бил прикажан во Пула но веднаш бил забранет и никогаш не се појавил во кината. Главна сцена во филмот е онаа во која, во штотуку ослободениот Белград, партизански комесар во кујната ја внесува главата на Сталин направена од марципан и им наредува на сите да „јадат од мозокот на Сталин”. Филмот „Тајни на организмот“ од 1971 година е еден од најдобрите дела на југословенската кинематографија, кој никогаш нема влезено во комерцијална дистрибуција, а е снимен во САД и во Југославија од 1968 до 1971: Филмот е посветен на ученикот на Фројд, Вилхелм Рајх. Сцените на секс и директни политички изјави не биле дотогаш видени во југословенски филм. Филмот предизвика бура во југословенската јавноста, но доби и позитивни критики на меѓународните фестивали. Дали Заев ќе биде првиот премиер, кој забранил филм во Македонија, ќе се знае многу брзо! Според најавите на продуцентите, македонската премиера на филмот „Ругање со Христос“ е закажана за почетокот на октомври. Ако биде откажана – Македонија ќе влезе во списокот на само неколку најсурови диктатури во светот, кои и во дваесет и првиот век забрануваат филмови што не и се допаѓаат на власта! |