Иванов: На 30 септември нема да излезам да гласам
Претседателот на Р.Македонија Ѓорге Иванов, кој е во посета на Соединетите Американски Држави, каде што в четврток треба да одржи говор пред Генералното Собрание на Обединетите нации, рано утринава по македонско време учествуваше на гала-вечера организирана од македонската дијаспора во Детроит.
Пред присутните на гала-вечерата во организација на Обединетата македонска дијаспора Иванов одржа говор, во кој истакна дека тој веќе еднаш излегол на референум, и тоа на 8 септември пред 27 години. Додаде дека тој тогаш гласал за самостојна, суверена и независна Р.Македонија и е горд на таа одлука.
-Што се однесува до мене, јас веќе гласав пред 27 години. Гласав на 8 септември 1991 година. Не отстапувам од мојата одлука. Затоа, на 30 септември нема да излезам да гласам, рече претседателот Иванов, додавајќи дека два пати ја добил довербата од народот со цел да не дозволи промена на Уставот со цел промена на уставното име и да не прифати идеи и предлози кои го загрозуваат македонскиот национален идентитет, и тоа нема намера и да го направи!
|