|
||||
Анкета на ОМД покажува 84% од Македонците ќе Бојкотираат |
Анкета на ОМД покажува 84% од Македонците ќе Бојкотираат Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД) спроведе анкета за истражување на јавното мислење од 6-ти до 18-ти Септември 2018 година, составена од 5 прашања поврзани со претстојниот референдум на 30-ти Септември 2018 година. Анкетираните учесници се само-идентификуваа преку прашања поврзани со нивното постојано место на живеење, пол, возраст и националост. Приближно 60% (или 1,025) од анкетираните испитаници моментално престојуваат во Република Македонија, додека останатиот дел ја сочинуваат македонската дијаспора. Резултатите од анкетата на ОМД покажаа недвосмислена поддржка кон движењето за бојкот на референдумот. Клучен принцип во едно демократско општество е правото на поединецот да гласа на слободни и фер избори со цел да го изрази своето политичко мислење и став. Одлуката за искористување на правото на глас или неискористување на истото, е лична определба на поединецот. Покрај големите напори на македонската влада да обезбеди поддршка за договорот преку агресивна медиумска и теренска кампања и со притисок од меѓународната заедница, резултатите покажуваат дека мнозинство од гласачите (поточно 84.6%) нема да го искористат своето право на глас во знак на бојкот. Причините за бојкот на референдумот се многубројни, меѓу кои се вклучуваат правните недоследности во договорот со Грција како и катастрофалните последици од применување на истиот. Резултатите покажуваат дека мнозинството (86.3%) верува дека договорот го загрозува суверенитетот и постоењето на Република Македонија, и воедно ја нарушува посебноста на македонската култура, идентитет и јазик. Народот исто така не верува дека промената на името ќе доведе до економски просперитет (87.3%), претставен како основен аргумент за движењето “ЗА”. Доследноста во одговорите на второто и третото прашање укажува на фактот дека потенцијалните гласачи не веруваат во владината кампања која има за цел да ги убеди дека промената на името на државата е нужно зло за просперитет на нацијата (quid pro quo). Иако Македонците во континуитет ја поддржуваат идејата за членство во ЕУ и НАТО, кај мнозинството од нив преовладува ставот дека промената на името е превисока цена за потенцијална евроатланска интеграција. Според анкетата, quid pro quo не држи вода имајќи во предвид дека a) членството во НАТО, што е воена алијанса, нема поврзаност со економскиот просперитет на земјите членки, б) членството во ЕУ – далечна надеж за 2030 година – не зависи од промена на името туку од суштински реформи, и в) со договорот Македонија не добива никакви гаранции но истиот и дозволува на Грција да го кочи напредокот на Македонија во НАТО и ЕУ без никакви правни последици. Конечно, истражувањето покажува дека се пројавува раскол во кампот на кампањата “ЗА”, поточно неединство помеѓу оние кои гласале за актуелната владејачка гарнитура на последните парламентарни избори и оние кои го поддржуваат Преспанскиот Договор. Како што е и очекувано, поддржувачите на актуелната власт се чувствуваат излажани, тврдејќи на анкетата дека не би гласале повторно за влада која би го променила уставното име на државата (90.4%). Земајќи ги во предвид резултатите од истражувањето, Обединетата Македонска Дијаспора не гледа реално и практично сценарио за постигнување на цензусот (903,000+) и мисли дека референдумот ќе пропадне по основ на недоволна излезност. Мислиме дека само изборен фалсификат од историски размери може да го доведе неуспехот во прашање. Неуспешниот референдум ќе докаже дека мнозинството Македонци не го одобруваат Преспанскиот Договор и со самото тоа тој станува ништовен. Во случај на пропаднат референдум, сегашната власт ќе го изгуби политичкиот легитимитет што може да биде предвесник за предвремени избори. Анкетата беше подеднакво распределена на полова и етничка основа, соодветно дистрибуирана помеѓу Македонците, Албанците, Власите, Ромите, Турците, и останатите етнички малцинства. Прашањата и одговорите беа поставени на македонски и англиски јазик. За резултатите за Македонија кликнете овде. За резултатите вклучувајќи ја дијаспората килкнете овде. Во прилог, анкетата е прикачена во целост.
|