|
||||
Обраќање на Претседателот д-р Ѓорге Иванов во Генералното собрание на Обединетите нации |
Обраќање на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на 73. сесија на Генералната дебата во Генералното собрание на Обединетите нации Почитувани, Годинава одбележуваме 100 години од крајот на Првата светска војна. Лигата на народите требаше да го чува мирот по Првата светска војна. Но не успеа. Обединетите нации се родија од пепелта на Втората светска воја и се изградија врз свет уништен од фашизмот, нацизмот, расизмот и колонијализмот. Усвојувајќи ја Повелбата на Обединетите нации една храбра генерација лидери им дадоа надеж на обесправените, угнетените, негираните дека можат да го остварат правото на самоопределување. Пред 70 години, Универзалната декларација за човековите права стана уште еден зрак на надеж за човештвото. Оваа надеж стана дофатлива преку работата на Обединетите нации и нејзините бројни програми. Преку мировните мисии, контролата на оружје, договори за неширење на нуклеарно оружје и борбата против тероризмот, меѓународниот организиран криминал ние градиме побезбеден свет. Целите за одржлив развој ни помагаат на глобално ниво да ја фокусираме нашата енергија на намалување на сиромаштијата, искоренување на болестите, зголемување на достапноста на образованието, питката вода, хигиената, и создавање можности за младите. Со Парискиот договор се бориме против климатските промени и се обидуваме да изградиме заедници и општества отпорни на ризици од катастрофи. Како последица, милиони луѓе денес живеат подобри животи отколку пред една деценија. Сите овие достигнувања ќе беа незамисливи ако не ги обединевме нашите напори преку Обединетите нации. Дами и господа, Како Претседател на Република Македонија, со право можам да истакнам дека Македонскиот народ учествуваше во создавањето на поредокот по Втората светска војна. Бевме на вистинската страна на историјата, бидејќи уште во 1941 започнавме да се бориме против злото на фашизмот и нацизмот. Македонската држава учествуваше во создавањето на Обединетите нации. Во 1945-та, Федеративна Демократска Југославија беше еден од основачите на Обединетите нации. Како конститутивна република со право на самоопределување до право на отцепување, Македонија беше со-основач на Обединетите нации. Како држава во состав на таа федерација, учествувавме во донесувањето на Универзалната декларација за човековите права, во меѓународните пактови за граѓански и политички, за економски, социјални и културни права со кои се гарантира човековото достоинство, правото на самоопределување, правото на суверена еднаквост на државите. На 8 Септември 1991 година, користејќи го сувереното право на самоопределување до отцепување, на мирен начин ја напуштивме федерацијата што се распаѓаше и прогласивме суверена и независна Република Македонија. И токму во тоа се состои големата неправда. Нам не ни беше дозволено да ги уживаме придобивките на организацијата и документите во чие создавање учествувавме. Нам ни беше оспорено сувереното право да се именуваме како што сакаме, небаре обична административна област во Грција (што го носи истото име) има поголемо право во меѓународните односи од една суверена држава како што е Република Македонија. На 8 април 1993-та, пред 25 години, Република Македонија стана членка на Обединетите нации. Но, во оваа заедница на правно еднаквите, Република Македонија беше примена како помалку од еднаква, со дерогиран правен персоналитет и со повредено право на самоопределување. Денес, 25 години подоцна, процесот на разговори во Обединетите нации треба да заврши со донесувањето на Конечната спогодба од Преспа за која некои тврдат дека треба да стави крај на спорот за името со Грција и да го отвори патот за членство на Република Македонија во Европската Унија и НАТО. Спогодбата започнува со една возвишена преамбула на чии формулации би и позавиделе и авторите на Универзалната декларација. Иронично, Спогодбата од Преспа ги крши истите оние универзални принципи и норми на кои се повикува во нејзината Преамбула, вклучително и правото на човечко достоинство. Од сите прекршени права, би сакал да обрнеме внимание само на едно – а тоа е правото на самоопределување. Правото на самоопределување значи дека само нацијата има право на одлучување за својата судбина, дека никој не е овластен насилно да интервенира во нејзиниот живот, да ги руши нејзините школи и други институции, да спроведува насилство над нејзините обичаи и навики, да го сотира нејзиниот јазик или да ѝ ги забранува нејзините права. Правото на самоопределување значи дека нацијата може да го уреди својот живот во согласност со сопствената волја. Таа има право автономно да го уредува својот живот. Има право на целосна сецесија (отцепување). Нациите се суверени и сите се еднакви. Од правото на самоопределување извира и правото на народот да го одбере своето име и името на државата што ја создал. Правото на избор на име е нераздвоен дел од правото на самоопределување. Само почитувајќи го правото на самоопределување, Обединетите нации се релевантни за сите народи. Како народ, името Македонци го носиме со векови, а како држава 74 години, уште пред воопшто да постојат Обединетите нации. Нашата приврзаност кон тоа име ја потврдивме и кога пред 27 години го искористивме правото на самоопределување и прогласивме независна и суверена Република Македонија. Сепак, Грција со Конечната спогодба од Преспа ни наметнува ново име и бара истото да се применува erga omnes – и за меѓународна и за домашна употреба. Предвидено е да го промениме Уставот, при што Грција би била конечниот авторитет што ќе ги одобрува уставните измени. Преку оваа спогодба Грција ќе добие постојан надзор за тоа како ние ќе се именуваме себе си, но и како вие, државите-членки на Обединетите нации ќе ни се обраќате нам. Грција се овластува да ги преименува нашите институции, да ја цензурира содржината на учебниците на нашите деца, да го спречува правото на граѓаните да го изразуваат својот македонски идентитет. Се регулира именувањето на нашиот Македонски јазик. Еден многу важен дел од нашиот начин на живот ќе зависи од волјата на Грција. Тоа е цензура на светот и автоцензура на колективната свест на македонскиот народ. Тоа е насилство врз нашата историска меморија. Во архивите на Обединетите нации постојат илјадници страници документи и сведоштва за тоа што Грчката држава им правела на Македонците во Грција. Сега, со Преспанската спогодба Грчката држава сака да им го направи истото и на Македонците во Република Македонија. Целта е употребата на името Македонци да ја ограничи на најмалиот можен простор – а тоа е просторот меѓу нашите две уши, држејќи ја притоа нашата уста затворена. Тоа е флагрантно кршење на правото на самоопределување. Но, оваа Конечна спогодба од Преспа е само горчлив плод на едно одамна затруено стебло. Таа е штетен компромис направен врз основа на Времената спогодба од 1995 година. Во време кога бевме меѓународно изолирани, Времената спогодба постигната под покровителство на Обединетите нации требаше да биде гаранција дека Грција нема да го блокира нашето интегрирање во меѓународните организации. Но, и тука има сериозен проблем. Никој не може да пренесе на друг повеќе права отколку што самиот ги има. А сепак, со Член 5 од Времената спогодба од 1995 година и процесот воден во Обединетите нации на Грција и се дозволи да преговара со Република Македонија околу нејзиното име. Тоа е кршење на правото на самоопределување. Но, и Времената спогодба не е стебло без корен. Таа произлегува од Резолуциите 817 и 845 на Советот за безбедност на Обединетите нации од 1993 година. Иако забележува дека Република Македонија ги исполнува критериумите за членство во ОН содржани во Член 4 од Повелбата, Советот за безбедност сепак констатира дека се појавила разлика во врска со името на државата и го условува членството на Република Македонија со привремена референца и со обврска да разговара за разликата околу името. Таа формулација не е ништо друго освен еуфемизам за кршење на правото на самоопределување. И така, доаѓаме до коренот на проблемот. При приемот на Република Македонија во Обединетите нации е прекршено правото на самоопределување. Времената и Преспанската спогодба се донесени за да се оправда тоа кршење. Мора да знаете дека текстот на таа Преспанска спогодба е изготвен без мое знаење и без моја согласност како Претседател на Република Македонија. Спогодбата повредува одредба од внатрешното право од фундаментално значење. Кажано со други зборови, јазолот што започна да се заплеткува со Резолуциите 817 и 845 и со Времената спогодба, сега, со Преспанскиот договор стана јамка за бесење. Од Република Македонија сега се бара да изврши правно и историско самоубиство, за да може правното укинувањето на македонскиот народ да се протолкува како негова сопствена волја. Се прашувам што зборува ова за глобалното лидерство и споделената одговорност на Обединетите нации? Дами и господа, Грција инсистира наметнатото име, а со тоа и кршењето на правото на самоопределување да има дејство erga omnes. Но, фактите го кажуваат следново. Меѓународниот суд на правдата во пресудата донесена на 30 јуни 1995 година се има произнесено дека правото на самоопределување има дејство erga omnes. Оваа многу важна одлука не била земена предвид при изготвувањето на Времената спогодба три месеци подоцна. Се вели дека македонскиот е единствен случај во Обединетите нации. Но, во архивите на Обединетите нации е евидентиран речиси идентичен случај во кој една земја-членка и го оспорува правото на членство на друга земја-кандидат поради нејзиното име. Велам речиси, бидејќи барањето на таа земја-членка да се блокира приемот на другата земја било игнорирано од Обединетите нации. Сето тоа се случува после нашиот преседан. Прашувам: зошто сево ова не важи во случајот со Република Македонија? Зарем не се сите држави суверено еднакви? Дали Обединетите нации се порелевантни за едни, а помалку релевантни за други народи. Гледаме како одново непринципиелноста на Атина победува над мирољубивоста на Мелос, дека посилните го прават она што можат, а послабите она што мораат. Со Преспанскиот договор одново сме ставени пред свршен чин, во кој ни се вели – помали сте, послаби сте, и затоа мора да го прифатите ултиматумот на Атина. Наместо наградени, ние сме казнети поради нашата мирољубивост. Се заборава дека Обединетите нации беа создадени од визионери кои сакаа поредок во кој и најмалите и најслабите народи да бидат заштитени. Бидејќи почитувањето на правата на малите народи и држави е барометар за исполнување на меѓународната повелба на човековите права. Аристотел тврдеше дека оној што не е дел од полисот е или ѕвер или бог. Она што бил поединецот за античкиот полис, тоа, на некој начин, е државата за современиот космополис. Грција се однесува како да не ја обврзуваат правилата на меѓународниот поредок. Со ваков однос, се прашувам во која категорија Аристотел би ја класифицирал лулката на демократијата денес. Ако Обединетите нации не се способни да му дадат сила на праведниот закон, тогаш ќе ја озаконат неправедната сила. А меѓународниот поредок не може да се чува со кршење на меѓународното право. Долго време не убедуваа дека нема друг начин освен овој. Но, по плодовите го познавме стеблото. Преку Преспанската спогодба увидовме дека сме биле доведувани во заблуда да бараме решение што ќе значи еродирање на правото на самоопределување. Како да го одмотаме овој замрсен јазол, оваа јамка што ни ја ставаат околу вратот? Одмотувањето треба да започне онаму каде што се започна – со кршењето на правото на самоопределување. Виенската конвенција за договорно право многу јасно укажува дека секој договор што е спротивен на ius cogens нормите е ништовен. Според Член 1, став 2 и Член 55 од Повелбата на Обединетите нации, една од тие ius cogens норми е правото на самоопределување. Член 5 од Времената спогодба од 1995 година одредува преговори за правото на самоопределување, што ја прави спротивна на оваа ius cogens норма. Тоа, дами и господа, значи дека е ништовна целата Времена спогодба од 1995 година, а со самото тоа, ништовна е и Преспанската спогодба што произлегува од неа. Никој нема право да ја доведува во прашање одлуката на народот да го одбере своето име и името на државата што ја создал. Бидејќи, таа одлука произлегува од правото на самоопределување воспоставено како апсолутно право на сите народи. Само правото на самоопределување, а не неговото кршење, може да има дејство erga omnes. Почитувани присутни, Додека зборувам тука, во мојата држава Република Македонија се одбројуваат последните часови пред референдумот на кој моите сограѓани се повикани да се произнесат за Преспанската спогодба. Во изминативе неколку недели Република Македонија ја посетија повеќе високи странски претставници. Знам дека многумина од нив искрено сакаат да и помогнат на Република Македонија да стане дел од Европската Унија и НАТО. И од срце им благодарам за нивните добри намери. Но, се плашам дека и тие биле доведени во заблуда. Нивната порака е дека ако референдумот не успее и ако Преспанската спогодба не се прифати, тогаш не треба да се надеваме на членство во НАТО и во Европската Унија. А јас ги прашувам - ако ни ја земете надежта, што ќе ни остане? Помогнете ни со тоа што ќе го деблокирате процесот за членство на Република Македонија во НАТО и во Европската Унија без да го кршите правото на самоопределување. Многумина од нив ги убедуваат македонските граѓани да ја прифатат грчката спогодба. Нив ги прашувам, дали тие би прифатиле да го дерогираат право на самоопределување на нивните сопствени народи и држави? Дали тие би прифатиле мешање во нивните внатрешни работи, нарушување на сувереноста и политичката независност? Зошто тогаш од нас се бара да прифатиме нешто што никој во светот не би го прифатил? Не не убедувајте да јадеме од овој отровен плод. Крајно време е отровното стебло, сосе неговиот отровен плод, да бидат отстранети. Затоа, во овие последни часови пред референдумскиот молк, сакам да упатам и порака до моите сограѓани во Република Македонија. Гласањето на референдум е ваше право, а не обврска. Во согласност со Член 7, став 3 од Законот за референдум, „никој не може да биде повикан на одговорност за гласање, односно негласање на референдум.“ Секој граѓанин има право да одлучи како ќе постапува во однос на овој референдум, да излезе и да гласа, или, пак да не излезе и да бојкотира. Како што референдумот на 8 Септември 1991 доведе до сувереност и независност, така овој референдум на 30 септември може да доведе во состојба на потчитеност и зависност спрема друга држава. Ако овој референдум биде успешен во согласност со законот, тогаш не само што се менува името на постојната држава, туку се создава нова, полусуверена држава, со ново име и нов внатрешно-правен и меѓународно-правен идентитет. Ќе бидеме држава само по име, но не и по суштина, бидејќи друг ќе ни го регулира начинот на живот. Но, доколку овој референдум не е успешен, тогаш се отвора нова можност. Можност да разговараме и да ги разгледаме новите опции за решавање на прашањето во согласност со меѓународното право, преку почитување на нашето фундаментално право на самоопределување. Да го обновиме националниот консензус што го постигнавме на почетокот на независноста. Не е потребна храброст за да се капитулира. Храброста е потребна за да се истрае во остварувањето на правото на самоопределување и зачувување на суверенитетот и независноста на државата. Храброста е потребна за да се каже вистината. Овој 30 септември е одлучувачки за нашата иднина. Но, истовремено, во нашата традиција, со векови наназад на 30 септември се празнува верата, надежта и љубовта, кои произлегуваат од мудроста. Не губете ја вербата во себе, бидејќи од вас зависи иднината на Република Македонија. Не губете ја надежта и патриотската љубов кон Република Македонија, бидејќи само како суверена и независна држава таа ќе биде заштитник на вашата слобода и вашето човечко достоинство. Јас како граѓанин веќе ја донесов мојата одлука. На 30 септември нема да излезам да гласам. Верувам дека и вие, моите сограѓани ќе донесете мудра одлука. Истовремено, ви се обраќам вам, претставниците на државите-членки на Обединетите нации. Овој ирационален спор има штетни последици по Република Македонија и нејзините граѓани. Поради грчките блокади, нам ни се одзеде правото на просперитет. Сето тоа, за жал, се одразува на одржливоста на македонското мултиетничко, мултирелигиско и мултијазично општество. Општество кое изминативе 27 години активно придонесува за мирот, стабилноста и безбедноста во регионот и Европа. Позицијата на официјална Атина не само што е спротивна на меѓународното право и на одлуката на македонските граѓани, таа е спротивна и на волјата на речиси 140 држави-членки на Обединетите нации кои на Република Македонија и го признаваат фундаменталното право на самоопределување и и се обраќаат под нејзиното уставно име. Како Претседател на Република Македонија ги повикувам сите држави кои веќе ја признале Република Македонија и воспоставиле дипломатски односи под нејзиното уставно име да не ги менуваат своите одлуки. Покажете ја својата сувереност со тоа што ќе останете доследни на сопствените принципиелни одлуки што сте ги донеле без притисоци. Помогнете ни со тоа што ќе бидете чувари на нашето право на самоопределување, чувајќи го со тоа и вашето право на самоопределување. Современата историја покажа дека Балканот е родното место на преседаните. Ако со нас се прават штетни преседани со кои се ограничува нашата сувереност и политичката независност, тогаш прашање на време е кога ќе бидат применети и во некои од вашите држави. Што зборува сево ова за релевантноста на Обединетите нации за сите народи, за лидерството и споделената одговорност? Отсекогаш сум се залагал и суштински сум придонесувал за градење на вистинско и трајно партнерство меѓу Република Македонија и Грција и пријателство и доверба меѓу македонското и грчкото општество. Но, ако единствениот начин да се задоволат ирационалните барања на грчката страна е со наметнати мерки кон македонската страна, она што добиваме се односи без доверба. Овој договор не ги приближува, туку ги оддалечува македонскиот и грчкиот народ. Грчкото и македонското општество треба да научат како заеднички да живеат и покрај нивните најдлабоки разлики. За да имаме вистински, траен и одржлив договор, потребен ни е дијалог наместо монолог, аргументирано убедување, наместо присилно наметнување, взаемно почитување, наместо негирање. Само поддржувајќи таков фер пристап, Обединетите нации ќе бидат релевантни во нашиот случај, и ќе покажат лидерство и споделена одговорност. Бидејќи, Обединетите нации ќе бидат релевантни само ако ги почитуваат сопствените принципи. Драги пријатели, Можеби, додека уште зборувам, веќе се пишуваат изјави во кои ќе се осуди овој мој говор. Најчесто, првата реакција на вистината е омразата. Вистината ги разобличува лагите, ги открива неисполнетите ветувања, ја разоткрива нечистата совест. А има многу нечиста совест во однос на македонскиот случај. Но, вистината ослободува и овозможува да се признае вината, да се поправат грешките, да се исцелат раните од прекршувањето на нашето фундаментално право на самоопределување и правото на човечко достоинство. А единствена вистина е дека ние сме Македонци и нашата држава е Република Македонија. И почитувајќи ја таа единствена вистина за нашиот идентитет, вие го почитувате нашето човечко достоинство кое е дел од темелот на слободата, правдата и мирот во светот. Ви благодарам |