|
||||
Борбата на ВМРО-ДПМНЕ не беше за избори, туку за Македонија |
Борбата на ВМРО-ДПМНЕ не беше за избори, туку за Македонија. Доколу Заев сака избори тогаш ќе го поразимеИнтегрален текст од изјава за медиуми на Александар Николоски, Потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ Почитувани, Би сакал да ве информирам од текот на денешната седница на Извршниот комитет на партијата која што се уште е во тек, но клучните одлуки се веќе донесени. Можам да ја известам јавноста дека се разгледа информацијата по однос на одржаниот референдум, актуелната политичка ситуација и се донесоа неколку заклучоци за делувањето во следниот период. Извршниот комитет донесе заклучок со кој овој референдум го прогласи за неуспешен, имајќи во предвид дека на истиот излегоа само 36 проценти од гласачите што ја покажува јасната волја на народот против прифаќање на овој договор. Референдумот беше и со бројни нерегуларности. Констатиравме дека согласно анализата направена од нашиот тим преку 50 илјади ливчиња беа уфрлени во гласачките кутии, понатаму се заплашуваа граѓани, имаше обид за поткуп, влијание врз гласачи, кршење на молк и други нерегуларности со што бевме сведоци на едни целосно недемократски и криминален процес и затоа целата постапка на референдумскиот резултат ја прогласуваме за голем фалсификат и резултатот на референдумот не го признаваме. Во исто време би сакале да упатиме порака до власта да престане со шиканирање, разместување и бркање од работа на сите оние кои што одлучија да гласаат против или да не излезат на референдумот. Сето тоа го следиме, го документираме и за истото ќе преземеме соодветни мерки. Раководителите кои што тоа го прават ќе одговорат согласно законот. Бараме да се почитува Законот за јавна администрација, а приватните фирми кои што го прават тоа да се занимаваат со сопствениот бизнис а не со притисоци и уцени кон граѓаните кои што имаат право и да гласаат и да не гласаат. Согласно на ова ИК заклучи дека Договорот од Преспа е политички мртов и е празно слово на хартија. Извршниот комитет денеска ги разгледа и ги прифати предлозите на Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Господин Христијан Мицкоски и донесе неколку заклучоци.
Во поглед на кадровските прашања на ВМРО-ДПМНЕ, Извршниот комитет денеска одлучи да се формира Републичкиот изборен штаб и Градскиот изборен штаб на Град Скопје. За претседател на Републичкиот изборен штаб беше избран Генералниот секретар Игор Јанушев, а за претседател на Градскиот изборен штаб на Град Скопје потпретседателот на партијата Владо Мисајлоски. |