|
||||
Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев „најголем македонофоб“ |
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го нарече бугарскиот европратеник Андреј Ковачев „најголем македонофоб“ за неговите обвинувања по интервјуто што го даде Мицкоски за неделникот „Фокус“ во кое вели дека договорот со Бугарија треба да се поништи. -Најголемиот македонофоб, Андреј Ковачев, лично ме напаѓа, а јас никого не мразам во животов. Јас ги почитувам сите наши соседи, сите народи кои не опкружуваат. Кога Ковачев, Каракачанов се македономрасци, кога ќе сфатат дека постоела македонска нација, постоел македонскиот народ, колективната меморија на македонсиот народ е многу порано од тоа што они мислат, тогаш ние можеме да градиме пријателски односи, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за време на посетата на Штип. Овој македонски народ постоел, кажа Мицкоски, и пред Илинден, и за време на Илинден и после Илинден.
-Македонскиот народ постои денеска и ќе постои во иднина, колку тоа да не сака да го признае македономразецот Ковачев кој за жал е дел од европарламентот, и треба да промовира европски вредности. Тој треба да бара одговор на прашањата и да се извини за политиката која ја гради кон Македонија, тој треба да дозволи да ги отпочне преговорите Македонија со ЕУ, бидејќи овој народ секогаш бил на страна на вистинските европски вредности, рече Мицкоски. Бугарскиот европратеник како реакција на интервјуто за „Фокус“ пак го нарече Мицкоски шампион на антибугаризмот за неговите ставови за договорот. -Додека Зоран Заев, Стево Пендаровски и Никола Димитров се во обиколка на европските метрополи, се жалат против Бугарија, Христијан Мицкоски директно бара поништување на Договорот за добрососедството. Вистината е дека тој и неговиот претходник, Никола Груевски, отсекогаш биле против неговото потпишување. Долго време имав дилема кој од нив е поголем бугарофоб, но долго време знам дека има јасен победник на ова натпреварување и ова не е бегалецот во Будимпешта. Мицкоски мора да признае дека, за разлика од многу други тамошни политичари, кои зборуваат едно приватно, друго пред медиумите, тој е многу јасен, прецизен,, искрен и доследен … во неговата омраза кон сè што е бугарско. Вистински шампион на антибугаризмот! Злобните јазици ќе најдат еквиваленти само меѓу српските четници од почетокот на 20 век, против кои се бореше ВМРО, рече Ковачев за БГНЕС. Мицкоски во интервју за најновиот број на неделникот „Фокус“ вели дека договорот со Бугарија треба да се поништи и да се направи нов со повеќе гаранции за идентитетот. |