Среда, 10 Ноември 2021    PDF Печати Е-пошта
Стефан Влахов - Мицов : Промоција на книгата „Велес во Втората светска војна 1941-1944“

1Vele12 1

Големо задоволство ми е, денес, 08.11.2021 година, во предвечерието на денот на ослободувањето на Велес, 9 ноември 1944 година, да го промовирам капиталниот и сеопфатен труд на проф. д-р Ѓорги Малковски: „Велес во Втората светска војна „1941-1944“. Среќа е што градот Велес има таков научник и историчар, кој, со почит кон историското минато на својот роден град, во континуитет ја проучува  неговата историја од најстари времиња до денес.

1Vele12 6

Помеѓу 33-те книги на проф. Малковски,ќе ги издвојам само дел од книгите, и тоа монографиите „Бугарската организација „Браник„ во Македонија 1941-1944“, „Профашистичките и колаборационистичките организации и групи во Македонија 1941-1944“ и „Балисти“. Тие се доволен доказ дека независно од државната и политичката коњуктура во Македонија во последните три децении, проф. Малковски е научник и Македонец од висок ранг, достоен следбеник на револуционерните и антифашистички традиции на Велес.

А Велес е навистина град маченик. За една недела бил бомбардиран два пати: на 6 април 1941 г. од германски авиони и на 14 април од англиската воена авиација.

Само за време на германското бомбардирање загинале стотина жители а биле разрушени и околу 400 куки. Кога се знае дека тогаш во Велес живееле 14.500 жители, штетите, материјални и човечки, биле огромни. Но, тоа не ги спречило велешани во следните години да се борат жестоко со бугарскиот фашистички окупатор, а во последните месеци од 1944 г. и со германскиот окупатор, за конечно, на 9 ноември 1944 година, да го ослободат Велес.

Во својот обемен труд од 520 страници, проф. Малковски ја користел целата зачувана архивска литература во Македонија, Бугарија и Србија, како и микрофилмуваната документација од Вашингтонскиот архив во САД. Истовремено, целата објавена печатна литература и весници, како и 38 писмени и усмени сеќавања на учесници во овие настани, е драгоцен податок, бидејќи овие сведоштва ги спасили и ги оставил на идните генарации за да ги проучуваат и дополнуваат. Во овој труд, за прв пат, се објавени неколку стотини документи и слики од времето на Втората светска војна.

Трудот на проф. Малковски има седум дела и повеќе поглавија, но акцентот е во два правци: Воспоставувањето на германската и бугарската окупаторска власт во Велес и Велешко и, Националноослободителната борба на тој дел од Македонија во периодот 1941-1944 година, со посебен осврт врз борбените дејствија на велешкиот партизански одред „Димитар Влахов“.

Авторот исцрпно пишува за дејствијата на едниот и на другиот окупатор, при што констатира дека, додека Германците го третираат регионот како завладејана територија која мора да продолжи да функционира без потреси, бугарската окупација е сложена, жестока и контроверзна. Бугарската фашизирана психа е свесна дека е окупатор на туѓа земја и народ, и затоа жестоко го пљачка населението. Само  во 1942 година, од Велешката околија биле реквирирани 1.200.000 килограми зрнеста храна, околу 60.000 килограми пченка и уште толку ориз, а дополнително, со примена на сила, се барале уште 100 тона зрнеста храна, 200 тона царевица и 150 тона оризова арпа, огромни количини за тоа време.

Друг белег на окупаторската бугарска психа е присуството на крупни воени и полициски сили во Велес за целото време на окупацијата. Независно дека во Скопје, на 50-ина километри од Велес, бил штабот на 5-та окупациона бугарска армија, стравот ги терал бугарските фашисти да го дислоцираат 56-ти пешадиски полк со 1800 војници и една Ловна воена дружина. Покрај ова, имало и еден противоклопен баталјон кој броел меѓу 800 и 1000 бугарски војници и уште 500 германски војници. Едноставно кажано,во град со 14.500 велешани, иамло 3.500 разноразни окупаторски единици.

Но,тоа не било се. Во Велешко дејствувала и една чета на контрачетници, составена од македонски бугараши, кои добивале месечна плата од 3.480 лева, речиси колку и началниците на бугарската полиција. Згора на тоа, во Македонија и, конкретно во Велес биле формирани уште неколку бугарски профашистички организации и друштва. Тоа биле: „Браник“, „Отец Паисиј“, „Ратници за напредокот на Бугарштината“, преку кои се спроведувала бугарската шовинистичка пропаганда. За таа цел биле фрлени многу пари, слично на парите кои бугарската пропаганда ги фрлала во Македонија 50 години порано, за време на македонското националноослободително движење. ЌЕ ПОТСЕТАМ ДЕКА ВО ПЕРИОДОТ ДО БАЛКАНСКИТЕ ВОЈНИ, БУГАРСКАТА ДРЖАВА И ЕГЗАРХИЈАТА ЗА ШИРЕЊЕ НА ПРОПАГАНДА ВО МАКЕДОНИЈА ФРЛИЛЕ ПАРИ КОИ ВО ДЕНЕШЕН ИЗНОС ВРЕДЕЛЕ ОКОЛУ 24 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ.

Само што, ниту создадените фашистички организации, ниту довлечканите од Бугарија учители, ниту главоломните плати на бугарашките одродници и озаконетото пљачкосување на велешани преку реквизициите и изедначувањето на југословенскиот динар со бугарскиот лев, кој бил три пати поефтин, со што и населението било трикратно грабено, не направиле Македонците да станат „Бугари„. Во својот труд проф. Малковски дава како панорамска, така и детална слика на сите случувања во Велес, со имиња и презимиња, кој бил кој вотоа време, за да се знае и памти и денес и утре. Занаетчии, стопанственици, службеници, патриоти и предавници, сите се на тапет и тоа создава целосната атмосфера на животот во градот на сите нивоа.

Но, и покрај сите овие силни воени структури на двата окупатоара, националноослободителното партизанско движење во Велес и Велешко изгледа импозантно, нешто слично како онаа познатата на Давид против Голијат. За време на антифашистичката борба биле опожарени 27 села и околу 700 стопански згради, а биле убиени преку 500 мажи, жени, деца, младинци и старци. Во суштина, „убиени“ не е точен збор. Затоа што,нивната смрт претставува енциклопедија на садизмот, една потресна сага на злосторствата на бугарскиот окупатор. Во прилог, проф. Малковски дава кратки биографии на тие антифашисти и документирани податоци за нивните зверски убиства. На пример, заробениот народен херој Благој Страчков, бил грозоморно убиен и закопан додека се уште бил жив. Партизаните Киро Ќучук, Нонча Камишова, Стојан Бурчевски, Јордан Јорданов и Киро Неделковски, иако извршиле самоубиство за да не паднат живи во рацете на бугарските фашисти, дополнително биле решетени со куршуми како на учебни стрелби. Главата на партизанката Невена Георгиева - Дуња била отсечена со секира, набиена на кол и носена од село до село. Масовни стрелања имало во Пуста Кула, во Сеченица и во Долно Јаболчиште во есента на 1942 година. Независно од тоа, трите чети на партизанскиот одред „Димитар Влахов“, со вкупно 90 борци, од втората половина на 1942 до почетокот на 1943 година, создале слободна територија на просторот на Азот. Тоа нивно искуство било користено подоцна, во есента на 1944 година кога на слободната територија во Велешко се дислоцирало државното, политичкото и военото раководство на Македонија, односно претставниците на ЦК на КПМ, Генералниот штаб на Македонската војска, Президиумот на АСНОМ и раководствата на масовно-политичките организации. Оттука, од Горно Врановци, се координирала борбата против германскиот окупатор во Македонија. Велес бил ослободен од Осмата македонска (велешка) бригада, која влегувала во составот на 42-та дивизија.

Трудот на проф. Ѓорги Малковски „Велес во Втората светска војна1941-1944“ заради неговата научна документираност, авторски потфат и структура, претставува не само регионална, туку и национална македонска вредност. Тој дозволува да се прават заклучоци за времето, атмосферата и карактерот на македонската антифашистичка борба, за условите во кои се одвивала таа борба на 4 фронта: против германскиот, бугарскиот и италианскиот окупатор и против балистите, кои дејствувале за создавање на Голема Албанија. Успешната македонска националноослободителна борба покажува дека големата кауза за слобода на македонскиот национален дух, може да победи неколку непријатели истовремено. Само што е потребна самодоверба, храброст и спремност за саможртва. Иако биле сосема млади, без воено искуство и слабо вооружени, велешките антифашисти го одржувале притисокот и доминирале над бугарските и германските редовни војски, како и над бугарската пропаганда и над македонските петоколонаши и предавници.

Друг заклучок е дека реален двигател на таа борба бил ОБИЧНИОТ МАКЕДОНЕЦ, кој ги компензирал слабостите на партиското раководство и недореченостите и контроверзните ставови на тогашнотомладо и неискусно раководство. Имено, по вина на велешките раководители, партизански одред не бил изфрлен во есента на 1941 година, но, кога тоа станало во пролетта на 1942 година, велешките антифашисти на терен покажале кој е кој.

Накрај, кога зборуваме за окупатори и за фашисти, мора да сме свесни дека тие термини се поклопуваат. Доволно е да ги погледнеме фашистичките сили во Втората светска војна за да се убедиме дека тие и претходно биле окупатори на туѓи земи, биле колонизатори. т.е. фашизмот, нацизмот, франкизмот е идеологија, која е смислена и прифатена од окупаторите за да служи на нивните цели. Окупаторството пак е резултат и дејствие на општествената психа. БЕЗ ОКУПАТОРСКА ПСИХА НЕМА ОКУПАТОРСКИ ДЕЈСТВИЈА. Затоа Македонецот никогаш не бил и не може да биде окупатор, а заради својот хуманизам и синтезен космополитизам многу пати бил окупиран.

 Му честитам од срце на проф.д-р Ѓорги Малковски за прекрасниот труд и во потврда на кажаното погоре, со жалост ќе констатирам дека наместо да биде поздравен и поткрепен од локалната власт во Велес, тој мораше сам да плати за објавувањето на неговата книга. А пак довчерашниот градоначалник на Велес, Аце Коцевски, не сакаше да се одржи промоцијата во овој прекрасен објект на Ликониот Салон на ова волуминозно дело, од причини штосамо тој ги знае.

Благодарам.

1Vele12 7

1Vele12 4

1Vele12 3

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.