|
||||
УЧИЛИШТЕТО „ДИМИТАР ВЛАХОВ“ ВО ЉУБОЈНО ДОБИ ДОЗВОЛИ ЗА КОНЗЕРВАЦИЈА |
Според порталот „Сакам да кажам“, во текстот на колешката Ж. Здравковска под наслов „Старото школо во Љбојно каде се одржа првиот час по македонски јазик ги доби дозволите за конзервација, од новиот градоначалник на Ресен зависи дали пак ќе биде заборавено“ објавен на 9 ноември 2021 година, меѓу другото, се вели: „Издадени се заштитно-конзерваторски услови за санација, конзервација и реставрација на старото училиште „Димитар Влахов“ во Љубојно, кое е второ во државата по она во Подвис, Кичевско, каде во 1944 се одржала настава на македонски јазик, по ослободувањето. Училиштето во Љубојно денес е полураспаднато, руинирано и обраснато со треви, но владата лани најави дека ќе биде обновено и ќе прерасне во Центар за промоција на македонскиот јазик“. Според директорката на Заводот и музеј Битола, Мери Стојанова.„Заврши процесот на издавање или обезбедување на заштитно-конзерваторските услови, врз основа на кои треба да се пристапи кон изработка на соодветен проект“, се вели во текстот. Како резултат на горното може да се надеваме (а надежта последна умира) дека училиштето „Димитар Влахов“ во Љубојно во кое се одржа првиот час на македонски јазик во Преспа (во кое и авторот на овој текст Славе Катин (Грежловски) го доби своето образование), со санацијата, конзервацијата и реставрацијата ќе го довие својот вистински поранешен лик. Имено, како резултат на слободата на Македонија и македонскиот народ, на 15 ноември 1945 година училиштето во Љубојно стана второто училиште во Македонија, по она во кичевското село Подвис, каде се држеше настава на мајчин јазик.Треба да се одбележи дека од ослободувањето до денес низ училиштето „Димитар Влахов“ поминале над 6.000 ученици. Со тоа училиштето стана сведок на еден значаен дел од македонската историја на образованието. За сите нас кои сме го добиле осумгодишното образованиеда во тоа училиште, таму ни беше поставен темелот на образованието од каде ни се отворија патиштата на иднината. За жал, времето си го направи своето. Денес е голема возбудата за секој посетител на Љубојно кога ќе ја види руинирана зграда на училиштетот „Димитар Влахов“. Особено за нас љубанци гледката кон училиштето е возбудлива, биделќи тоа беше зачетник на школството и на воспитно-образовните процеси на генерации ученици, учители и просветители, за кои сите ние се сеќаваме. Од училишната зграда на „Димитар Влахов“ сега се останати само делови од влезот и надворешните ѕидови од некогашниот масивен објект со специфична архитектура. Училиштето е без таван, врати и прозорци, а наместо училници, внатрешноста е обрасната како скривница за диви животни.
На 15 ноеври 2021 година се прославуваат 77 години од одржувањето на првиот час по македонски јазик во училиштето во Љубојно Ги нема повеќе дрвените скали кои од приземјето водеја кон училниците на првиот кат, за кои сите ние учениците и наставниот кадар со задоволство се сеќаваме. Таму, во просториите на училишната зграда на „Димитар Влахов“ пред 77 години се одржа првиот час по мајчин јазик за што сведочи спомен - плочата која е поставена на некогашниот влез на училиштето. Благодарение на спомен - плочата, што во 2004 ја поставија просветните работници и поранешни ученици во чест на 60-годишнината од наставата по македонски јазик. За Љубојно се карактеристични едукативните и културолошките процеси. Тоа е село, кое отсекогаш било расадник на високообразовани кадри кои нашле свое место во македонското општество како воспитувачи, педагози, професори, писатели, новинари, доктори, инженери, правници и други професии, кои придонеле за подобро и посреќно утре. Сите тие учени кадри од Долна Преспа своето образование, најнапред го стекнале во Централното осумгодишното училиште „Димитар Влахов“ во Љубојно, а потоа во Македонија и на различни страни на светот. Во летописната книга на училиштето „Димитар Влахов“ од Љубојно се вели дека со доброволна работа на селаните во 1907 година, изградено е ново и просторно училиште. Тоа било на два ката со 8 училници, канцеларија и два ходника, во дворот на старото училиште, а во близина на центарот на селото, Полената. Првата настава во новото училиште започнала во 1908 година, а за први учители биле назначени: Климе, Каролина и Лена, сите Македонци по потекло од Охрид. Во текот на Првата светска војна и меѓу војните, училиштето во Љубојно имало повеќе намени. Така, по поделбата на Македонија тоа било наменето за болница за француските војски, за потоа да продефилира еден голем и различен по состав наставен кадар. Многу од нив ја спроведувале својата просветителска дожност, а некои биле само маша на буржуаскиот сталеж – го малтретирале македонското население, а децата ги учеле на туѓи јазици неразбирливи за нив. Само во текот на Втората светска војна, македонските деца во Љубојно „ги учеле“: српски, италијански, албански и бугарски учители.
Сите страдања, бруталности и непедагошки односи кон македонското население и невините Македончиња се окончале на 5 ноември 1944 година, со ослободувањето на Преспа од окупаторската (фашистичка) чизма. Престанале асимилаторските односи кон македонскиот народ од овој крај на Преспа, кон народот кој со векови трпел ропство, понижувања ... Но, тој народ го зачувал македонскиот јазик, културата, обичаите, верата и македонскиот дух. По ослободувањето, на 15 ноември, 1944 година, во Љубојно се отвори училиште на мајчин македонски народ. Тоа е првото училиште на македонски јазик во Преспа, гордост на плеада интелектуалци кои го започнаа своето школување на мајчин јазик, Првите македонски учители во Љубојно беа: Методија Јовковски, Богоја Ничевски и Јосив Кондовски од Љубојно, Филип Поповски од Долно Дупени, Фанија Чемчева од Воден, Егејска Македонија, Александар Хаџиевски од Ресен, Марика Манева од Битола и други. Приближно имало преку 400 ученици и во него учеле деца од цела Преспа Во учебната 1945/46 година, кога училиштето во Љубојно го доби името на македонскиот публицист и револуционер Димитар Влахов истото прерасна во петтолетка и претставуваше пресвртница во образованието за Долна Преспа. Тогаш во Љубојно се отвори интернат за децата од Сливница, Крани, Штрбово, Наколец, Брајчино и Долно Дупени кои ќе го продолжат своето образование на свој мајчин македонски јазик. Во учебната 1947/48 училиштето прерасна во седмолетка, кога и излезе првата генерација полуматуранти. Таа година се отворија и аналфабетски курсеви за описменување на возрасното население. Со право се вели дека второто училиште на македонски јазик во Македонија, „Димитар Влахов“ кое беше образовен центар за Долна Преспа е дел од вистината за Македонија, за печалбарството, за минатото, за сегашноста и за иднинат, затоа заслужува да добие дозвола за конзервација идапрерасне во Центар за промоција на македонскиот јазик.
Пишува: СЛАВЕ КАТИН |