|
||||
Богдановски бил предмет на обработка, а не „соработка“ на СДБ |
Тврдењето на писателот Божин Павловски дека Драган Богдановски бил „соработник со тајната полиција” е неосновано од повеќе причини.
Како прво Драган Богдановски е заведен во Службата за државна безбедност (СДБ) како ОО (Оперативна обработка), што значи е лице кое е предмет на „обработка” од СДБ, а не „соработка” со СДБ. Во досието на Драган Богдановски, кое изнесува повеќе од 10.000 страници нема ниту еден документ дека тој потпишал соработка со СДБ, ниту за време на неговиот престој во КПД „Идризово”, ниту пак по пуштањето на слобода. Точно е тоа дека Богдановски, по излегувањето од затворот и неговиот краток престој во Скопје, бил повикуван од страна на агентите на СДБ на разговори, да дава еден вид отчет за тоа каде бил и со кого остварувал средби, затоа што по излегувањето од затворот секое негово движење било „под лупа” на службата. Впрочем на такви разговори биле повикувани и лицата кои остварувале средби со Богдановски, а денес се познати јавни личности, политичари и новинари. Но, никој не си зема за право да ги нарече „соработници на тајната полиција”, затоа што таквото тврдење е неосновано. Замислете во тоа време лицето кое било повикано од СДБ да одбие да прифати разговор на каков ризик се става себеси и своето семејство. Во прилог на фактот дека Драган Богдановски не бил „соработник со тајната полиција” оди и фактот што тој како во емиграција, но и во затворот и по излегувањето од затворот е постојано следен од страна на СДБ. Особено тоа се случува по неговото излегување од затворот, кога неговиот пријател и сомисленик Гојко Јаковлески донира средства за купување на стан во Скопје, а СДБ користејќи ја таа ситуација, на Драган Богдановски му доделува полициски стан, а тие средства ги пренасочува за „опремување на станот”. Тој стан бил комплетно озвучен, вклучително и телефонската линија, а за целосно негово следење бил ангажиран и поштарот за проверка на пратките кои му пристигнувале во домот. Секојдневните извештаи за следења и испрашувања на лицата кои се среќавале со Богдановски ни кажува колку службата се интересирала за него и сеуште го сметала за опасен. Веднаш се поставува прашањето како е можно ако Богдановски бил соработник со СДБ, такви мерки да бидат преземени за него. Воедно, соработниците за својата активност добивале или одредена финансиска надомест, или напредок во кариерата, вработување, што не било случај со Богдановски, кој токму поради таквите притисоци по 16 месечен престој во Скопје решава повторно да се врати во емиграција. Лесно е да се гледа од денешна дистанца и да се суди за минатото време, но вистинскиот историчар кога сака да даде суд за едно време потребно е да биде и добар психолог за да ги разбере постапките на историските личности увидувајќи ги условите и времето во кое дејстувале. Ваквите изјави, како оваа на почитуваниот писател Павловски, можеме да ги категоризираме како испади кои влеваат сомнеж и смут меѓу обичните граѓани. Не велам дека обичниот граѓанин може лесно да се заведе, туку ваквите изјави не одат во прилог на расветлување на историјата и создаваат еден вид конфузија, што најмалку ни е потребно во денешно време. Д-р Марјан Иваноски, Институт за национална историја – Скопје |