Среда, 26 Јануари 2022    PDF Печати Е-пошта
Старо-новите релации на македонско- бугарските односи

По најавените средби на високо ниво и на стручни групи

Најавените нови односи меѓу Македонија и Бугарија се за поздравување, но не се за бланко-верување. Фасадните манифестации во последно време создаваат слика на оригиналност, но се само реприза на претходните. Многу врева за ништо. Многу лисја, малку плодови. Разликата е во тоа што на сцената ги нема поранешните бугарски политичари, предводени од Бојко Борисов. Тие, на очиглед на светот, кон Македонија се однесуваа како слон во стаклена бавча. Откако не успеа нивниот блицкриг за политичка агресија врз туѓа територија и друг народ, сменети се и актерите и тактиките. Нова форма исполнета со стари содржини е понудена од двете страни кога веќе го нема ни водечкиот македонски челник што држеше сѐ во свои раце. Обидот на новите влади и премиери, Ковачевски и Петков, со поинаков пристап да се дојде до поголем ефект, буди некаква надеж, но прашање е дали ќе донесе и вистинско решение.

Нема битка за датум, нема рокови

Ако кај бугарската политика е сменет „мејкапот“, ако се различни шминките и фризурите на дамите за надворешни работи, ако зборот на Петков е поблаг од оној на Бојко, кај нив не е сменето ништо суштински, ништо пресудно. Грубите зборови се заменети со уста полна фил-торта, наместо цокулите со кои тропаше Каракачанов, обуени се салонки, тивки, но не и бесшумни. Поголемиот пресврт, необично и неочекувано, е направен во македонскиот политички и дипломатски курс. Со голо око може да се види дека е напуштена нервозната упорност на Заев и на Бујар Османи да се определи датум за одржување меѓувладина конференција и одредување датум за почеток на преговори со Европската Унија. Запрени се хистеричните лицитирања со датумот, траума што беше наметнувана секојдневно, како да станува збор за избор меѓу живот и смрт. Владите се сменија, бугарското вето си остана, цврсто, стамено и обновено. Вардар уште тече надолу, не нагоре.

Сега, со Димитар Ковачевски и Кирил Петков како предводници на преговарачкиот процес, датумот за почеток на преговори на Македонија со Европа исчезна од агендата. Таа обврска и задача ги нема во новите документи и срдечни изјави. Не е избришана, но не е и препишана. Експресно е напуштена досегашната Заева химнична внесеност во брзината за датумот, избришани се минатите и идните календарски определби по ден, месец, по еден или друг циклус на смени во водењето на ЕУ. Македонија (Северна) веќе не бара рокови, ластикот за решението може да се влече меѓу двете граници во недоглед. Од рокови се откажа и бугарската страна, таа бара резултати, во нејзина корист, се разбира.

За македонската страна е важно што се смирија тензиите околу прифаќање на претпоставеното погубно решение што беше на повидок. И што ќе може во помирна атмосфера (ако остане мирна) да си ги заштити своите државни и национални интереси. Ако се носи некаков прелиминарен заклучок, може да се рече дека македонските позиции, барем навидум, изгледаат посигурно со Ковачевски одошто со Зоран Заев, иако таквата прогноза може да биде демантирана.

Ќе се прави она што не е направено

Формираните работни групи, сакале-нејќеле, мора да се држат до она што е одамна договорено и до оние точки што воопшто не се спорни. Уште со потпишувањето на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка, властите на двете земји се обврзаа да создаваат неопходни правни, економски, финансиски и трговски услови за обезбедување најшироко можно движење на стоки, услуги и капитал, како и да ја зголемат туристичката соработка, да ги подобрат транспортните врски и комуникациите меѓу нив, вклучувајќи и во рамките на регионалните инфраструктурни проекти. Двете држави во делот на културното наследство се обврзаа со заемна согласност заеднички да чествуваат историски настани и личности, да се развива соработката во областа на културата, образованието, здравството, социјалната грижа, спортот и во други дејности за кои се заинтересирани двете страни. Како сега што ветува Петков, така и премиерот Заев ветуваше автопат и железничка пруга, два клучни транспортни проекти, послани со рози од Скопје до Софија. Манифестираше отвореност, пристапност, пријателство, блискост, искрена соработка, за потоа сѐ да се сврти на глава, дел и по негова вина.

Двајцата нови лидери го зборуваат истото тоа, но со поголема надеж дека тоа што е договорено, ќе се реализира во скоро време, иако искуството со договори со Бугарија покажува дека времето е растегливо, а може да биде изневерено. На пример, колку пати се носени одлуки во согласност со двете страни за отворање нови гранични премини, а тие стојат затворени и ги јаде забот на истото време. Со децении се зборува за пругата до граница и од граница до Софија и за патот од Крива Паланка до Ќустендил. За нужна соработка во низа области, транспорт, енергетика, трговија се потпишани од поранешните влади десетина протоколи и меморандуми, ниту еден не донел посакувани ефекти. Најдобриот коментар по овие прашања го даде неодамна најагилниот, луциден твитерџија во Македонија, господинот Џевдет Хајредини. Овој поранешен министер за финансии на Република Македонија, на својот твит напиша (цитирам): „Овие сега се фалат дека со Бугарија ќе го направат тоа што триесет години не го направиле, иако никој не им бранел да го прават“. 

Многу договори, малку ефекти

За волја на вистината, ако се погледне архивата на договори за соработка што своевремено ги потпишувале Бугарија и Југославија, а во чии рамки била опфатена и Република Македонија, ќе се види дека таа документација е обемна по број, но мала по реализација. Се разбира, вината треба да се бара на двете страни. Сепак, забележливо е што при мнозинството договори, Македонија и Македонците биле или темата или сопката за успешноста на тие релации. Република Македонија, првпат како самостојна држава, усвои во 1999 година договорна Декларација за пријателство и економски односи со Бугарија, со потпис на тогашните премиери Љупчо Георгиевски и Иван Костов. Но набрзо, по смената на власта, таа беше ставена ад акта, иако ја подотвори вратата за културна соработка, особено меѓу писателите на двете земји. Оттогаш македонските писатели почнаа почесто да се преведуваат во Бугарија, додека обратната релација беше релативно посиромашна. Тоа е времето кога Бугарија, како прва држава што ја призна независноста на Македонија, великодушно ѝ подари 150 тенка и 150 хаубици, орудија што во нивната армија беа заведени под шифрата: неупотребливи. Освен обидите со тие данајски дарови, ништо друго не беше направено, барем не јавно и транспарентно, дури ни со вакцините против ковид-19.

Да не се лажеме, сто и повеќе години Македонија и Македонците, како новоизраснат национален и можен државен елемент на картата на народите на Европа, се остар камен во бугарскиот политичко-национален чевел. Во сите војни, балкански и светски, во сите воени преговори и мировни договори ја има географска Македонија, макар како територија што треба некому да му припадне. Таа е јаболкото на балканскиот раздор, светата земја што на сите соседи им беше цел, а не му припадна никому во целина. Историскиот товар на неуспехот сѐ уште не е симнат од нечии национални плеќи, фактор што сѐ уште ги разгорува страстите во одредени националистички кругови.

Што би бил клучот да се дојде до праведно решение?

Договорот меѓу Република Македонија и Република Бугарија е потпишан со добра волја од двете страни. Значи, заемно слободно изразената волја е основата на тој договор, што само по себе подразбира рамноправен дијалог и еднакво учество при неговата реализација. Во таа смисла, и самите одредби се дефинирани со дипломатско релативизирани констатации и предлози, а со самото тоа доста и нејасни. Секој што убаво ќе ги прочита, ќе согледа дека тој самиот не дозволува едностран пристап, на што инсистира бугарската страна. Ниту е напишано правото на посилниот да може да упатува закани, ултиматуми. Во него нема директиви и императиви што Македонија мора да ги направи ако не се по нејзина волја или ако им штетат на нејзините национални и државни интереси.

Нема Македонци во Бугарија, има Бугари во Македонија?!

Во ниту една точка од Договорот бугарската страна не го негира идентитетот на Македонците, ниту нивниот јазик и писмо, ниту нив ги доведува во прашање. Сите подоцнежни барања во оваа смисла излегуваат од рамките на тој договор. Тие се засновани само на една реченица, која е составен дел само во преамбулата и која гласи „имајќи ја предвид заедничката историја, која ги поврзува двете држави и нивните народи“. Таа „заедничка историја“ што ги разгласи сите можни камбани од двете страни на границата е сместена во заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања. Таа има задача да придонесе за објективно и засновано на автентични докази и историски извори, за научно толкување на историските настани.Комисијата треба да поднесува едногодишен извештај за својата работа пред владите на договорните страни. И толку. Ништо друго не е во надлежност на таа комисија. Таа може само да дава мислења, да предлага, не и да решава.

Како што може да се види од прочитаното, во Договорот нема поставено барање за ревизија на историјата, нема строго барање за учебниците, никаде не се споменуваат спомениците од бугарската фашистичка окупација, со ниту еден збор не се бара Македонија да ги поплука и осуди годините на комунизмот и социјализмот, златните години на развој на македонската држава. Сите овие барања се плодови на подоцнежни идеи наметнувани од бугарска, а делумно прифаќани од македонска страна.
Во текстот што го потпиша Зоран Заев, а го ратификува и Собранието, Македонија таксативно назначува дека нема никакви територијални претензии, дека ништо од нејзиниот устав не може и не треба да се толкува дека претставува или дека некогаш ќе претставува основа за мешање во внатрешните работи на Република Бугарија, со цел заштита на статусот и правата на лица што не се државјани на Република Македонија. Без разлика дали сака некој да признае или да се противи, јасно е дека Владата на Република Македонија се огради од заштита на македонското малцинство во Бугарија, а Бугарија го доби правото да ги штити своите граѓани во Македонија, сите оние што имаат бугарски пасош. Тие работи се чисти, пречисти.

Живи се црвените линии

Ако модерната дипломатија и актуелната светска политика ја спроведуваат доктрината да не се гледа во минатото, туку само во иднината, нормално е и македонската страна да приклонува кон тој наратив. Што е сега важно? Важно е што во дијалогот е намалена усвитеноста на црвените линии што ги држат двете страни. Тоа е можноста на Ковачевски и на луѓето што ќе ги предводат работните групи да ги објаснат вистинските македонски позиции и интереси. Важно е што, ете, ќе се разговара повеќе со разум, помалку со емоции. Сепак, би било заблуда да се мисли дека сѐ ќе тече подмачкано, изненадувања се можни, дури и кога најмалку се очекува.
Намалена е температурата, но македонско-бугарската болест има долга анамнеза. Проблемот лежи и тежи најверојатно поради претпоставките дека има договори и ветувања (пишани или усни) надвор од потпишаниот Договор и што тој Договор за добрососедство, пријателство и соработка го немаат прочитано членови на Владата, поголем дел пратеници, партиски активисти, новинари, аналитичари, дури и министри. Кога би го прочитале со внимание, би ја разбрале сета ирационалност на сегашните позиции, а особено погрешните позиции на поранешната влада на Македонија.

Панде Колемишевски

https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/kolumni/staro-novite-relacii-na-makedonsko-bugarskite-odnosi/

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.