Понеделник, 31 Јануари 2022    PDF Печати Е-пошта
Киро Кипроски : Тапани и зурли и тага на душата

Прв ред (одлево надесно): Војо Ќипроски, југословенскиот амбасадор, Киро Кипроски, советникот на амбасадорот и Душко Шарески. Втор ред: Огњен Огненовски, Светозар Ќипроски, Благоја Ќипроски и Љубомир Јовановски-Кара

Забележано, ненапишано

Тапани и зурли и тага на душата.

Поигруваат нозете пред долгиот далечен и неизвесен пат, на непредвидливата печалбарска судбина и иднина. Во куќата на печалбарот, пред разделбата со најблиските (со родителите, со младата невеста, со штотуку роденото првенче), атмосферата е тажна, потекуваат и солзи низ срмените елеци. Тоа било разбирливо, одењето се знаело, а враќањето секогаш било неизвесно.

Печалба. Чемер во срцата на младите печалбари – голобради момчиња, заминувале за Влашко (Романија), Мисир (Египет), Америка, Грција, Русија, Турција… Мојата фамилија била печалбарска – дедо, прадедо, татко ми, стриковците, вујко ми и другата рода, претежно оделе на печалба во Египет, а некои од нив и во други држави. Половина и повеќе од машките глави на Галичник, пред век и повеќе, биле печалбари во сите континенти на светот.
Како што ми раскажуваа моите блиски и галичките печалбари, на печалба со денови и месеци во ушите им одекнувале татнежите на тапаните и писоците на зурлите, а на сон им се јавувале сцени како на филмска лента од испраќањето, од разделбата со саканите, со родниот Галичник, со Укален, местото на разделбата, каде што го играле „Тешкото“, оро на печалбарите, кое на симболичен начин ја претставува тешката печалба.
Татко ми Стево и стриковците Славко и Страте Ќипроски, на печалба беа во Каиро и Александрија. Во првите печалбарски години лебот го заработувале како работници, а по неколку години биле сопственици на заеднички ресторани и дуќани во Александрија и Каиро. Печалбарските години во туѓина и нивните доживувања ни беа предизвик, по половина век, во 1982 година, како нивни потомци, синовите, јас (Киро), Светозар, Војо и Благоја Ќипроски, со другарите Душко Шарески, Љубомир Јовановски-Кара и Огнен Огненовски, да заминеме по нивните печалбарски траги, да ги посетиме местата во кои гурбетувале.

На почетокот на 19 век, патиштата и железницата биле неквалитетни, превозните средства бавни и неудобни, печалбарите за да стигнат во Египет, по неколкупати ги менувале превозните средства, а некои простори ги минувале пеш со часови. Притоа се плашеле да не ги нападнат арамиите кога се враќале од печалба и да ги ограбат. За да пристигнат во Египет, патувале по десеттина дена, а исто толку време им требало кога се враќале дома. Ние, пак, со автомобил и со ферибот пристигнавме за три дена и три ноќи.

Во 1982 година, кога престојувавме во Каиро и во Александрија, Египет беше во конфликт со сите соседни држави, поради потпишаното примирје со Израел. Една година, пак, пред да престојуваме во Египет, октомври 1981 година, во атентат беше убиен египетскиот претседател Анвар ел Садат. Во двонеделниот престој, Египет, легендарната татковина на фараоните, земја со белег на почетокот на човечката историја, на градбениот феномен пирамидите, од кои ви се крева косата на главата, волшебните статуи на непокорените сфинги, номадите, камилите, азган арапските коњи, плодното хортикултурно опкружување на големиот Нил и бесконечната сахарска пустина. Уживаме во ноќните прошетки по кејот на пловната река Нил, која минува низ Каиро, со над 21 милион жители, цел ден одморавме во огромната со шума „покриена“ зоолошка градина, најбогата со дивеч и најпространа во светот, во која каирци го бараат спасот од пеколните горештини.
Голем впечаток ни остави репрезентативната елитна населба Замалек, во која се наоѓаат резиденциите на египетските врвни личности на општествено – политичкиот живот, врвни уметници, богаташи, амбасадите на водечките држави во светот итн. Успеавме да посетиме само мал број на многу значајни културно-историски споменици во Каиро и Александрија: Националниот музеј во Каиро, кој располага со над 120.000 експонати, најголемата џамија во Каиро, посветена на Гамал Абел Насер (15.1.1918 – 28.9.1970), втор претседател на Египет (од 1956 до смртта во 1970 год.), библиотеката и спомен-обележјето на Александар Македонски во Александрија и други споменици и спомен-обележја.
Продолжениот престој во Каиро и Александрија беше непланиран, туку принуден. Од Пиреја, Грција, до пристаништето Ираклион, на Кипар, патувавме цела ноќ и во утринските часови се префрливме во луксузниот брод „Дана Сирена“, на италијанска компанија од Анкона. Египетските царински и воени органи нѐ повикаа да ги прегледаат пасошите и карнетите за автомобилите, се интересираа каде планираме да патуваме. Притоа, беа категорични дека не смееме да минеме низ египетско-либиската граница, преку Република Чад, бидејќи топовските цевки и од едната и од другата страна се вперени едни кон други.

Срцата ни затреперија кога малите реморкери нѐ спроведоа низ александриското пристаниште. Тука, на кејот, имаше амфитеатар како белег на некогашниот светилник, зад него се простираше голем плоштад. Египетските цариници на возилата ни ставија египетски регистерски таблички, регистрацијата во траење од еден месец ја плативме и добивме и сообраќајна дозвола и го напуштивме полициско-царинскиот простор. Во близината се наоѓаше голем плоштад, каде што нашите татковци имале ресторани и дуќани во кои ја опслужувале британската колонијална армија. Сеќавањата на нивните животни приказни навираа како река. За миг, времето запре, а моите мисли ме одведоа назад низ времето. Столовите и масите дрвени, можеби останале од времето на нашите родители. Седнавме да го вкусиме египетското пиво „стела“ од 750 мм, со 2 процента алкохол, келнерот го извади од дрвена каца во која се ладеше со мраз. Времето тука застанало, таков впечаток добивме.
Одлучни бевме да го продолжиме патувањето и да ја реализираме програмата. За да се увериме во укажувањата на египетските цариници и полицајци, ја посетивме амбасадата на СФРЈ во Каиро. Во дворот на југословенската амбасада разговаравме со амбасадорот и со неговиот советник. Амбасадорот ни ја потврди информацијата на египетските цариници, беше категоричен дека има забрана за патување низ Републиката Чад и нѐ праша каков ни е планот. „Туристичката тура е да направиме обиколка на Медитеранот, да возиме низ Република Чад, да ја поминеме египетско-либиската граница, па преку Либија преку Гибралтар, најјужната точка на Пиринејскиот Полуостров, да се префрлиме во Шпанија. Потоа, по Азурниот Брег (Франција), да пристигнеме во Италија и на граничниот премин Трст, на италјанско-југословенската граница да пристигнеме во Словенија (СФРЈ), а потоа низ нашата држава да се вратиме во Гостивар, со што ќе го заокружиме, односно ќе го завршиме едномесечното туристичко патешествие.

Амбасадорот ја пофали туристичката тура, дека сме доста продуховени и храбри и не му е познато дека некој од Југославија во Египет допатувал со автомобил. Потоа се интересираше за нашите професии, за личните генералии и му ги кажавме. На крајот, јас, како највозрасен на седумчлената македонска експедиција, се претставив: „Новинар на Радио Гостивар и дописник на дневниот весник ‘Нова Македонија’“. Амбасадорот го повика келнерот на Амбасадата да нѐ почести со пијалак, да се освежиме. „Знаете, мојата плата и на персоналот на Амбасадата ни се мали. Животот во Каиро е многу скап и тешко можеме да врземе крај со крај.

Напишете можеби некој од надлежните во ССНР на Југославија ќе прочита и ќе покаже интерес да ни се зголеми платата“. Во меѓувреме, покрај нас помина македонскиот поет, раскажувач, романописец и публицист Трајан Петровски, аташе за култура во Амбасадата. Амбасадорот ни го претстави, а тој се ракува со нас и ни се извини дека не може да остане да разговараме, бидејќи се брза на состанок.
Со фериботот „Дана Сирена“, два дена и две ноќи, пловевме од Александрија до Анкона (Италија). Иако беше средина на октомври, времето беше сончево, морето мирно, од утро до вечер бевме покрај базенот, се сончавме и капевме. Ноќите ги минувавме на кинопретстава, во ресторан на вечера и забава, неколку оркестри исполнуваа песни од повеќе жанрови, никој од нас не беше љубител за казиното. Во бродот имаше забави за секој вкус и за задоволување на секоја потреба. Патувањата со брод Пиреја – Александрија и Александрија – Анкона ни беа крстосување низ Средоземно Море. Кога пристигнавме во Анкона, почувствувавме друг мирис во воздухот, друга атмосфера, лицата со кои се среќававме, машки и женски, од различни генерации, беа облечени во најнови модели, средени како кукли, нѐ воодушевуваа, а во рестораните се гоштевавме со вкусни италјански специјалитети. По престојот во Анкона, се упативме да ја посетиме Венеција, а потоа ја минавме италијанско-југословенската граница и пристигнавме во Љубљана, Словенија, каде што имавме мала пауза за одмор. Потоа, по 15 часа нонстоп возење, пристигнавме во Гостивар.
Неколку дена бевме во центарот на вниманието на нашите сограѓани, бидејќи низ градот се пронела вест дека сме ограбени, заробени од пирати и се ширеле други невистини и гласини. Таков е нашиот народ, и тогаш и денес, за жал, се храни со озборувања. По некој ден од пристигнувањето, во весникот „Нова Македонија“ видов фотографија на хотел во пламен, го препознав хотелот во кој три дена и три ноќи престојувавме во Александрија.
И по 40 години, доживувањата од патешествието се врежани длабоко во мојата душа, не се забораваат, стотината фотографии ме потсетуваат и на најситни детали од доживувањата. Патешествието беше неповторливо, во тие времиња и невремиња, а и денес не верувам дека некои се одлучуваат со автомобили да минат илјадници километри на тие простори. За среќа, немавме никакви проблеми.

https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/tapani-i-zurli-i-taga-na-dushata/

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.