|
||||
Реџеп Исмаил за Лидер: Властите не се грижат за правата на Македонците во Македонија, небулозно е да се очекува тоа да го прават во друга држава! |
Пендаровски нема намера да се заложи кон решавање на проблемите на македонското малцинство во Бугарија , напротив продолжува со сервилната дипломатија кон Бугарија која е во линија со анти-македонската политика на коалицијата СДСМ-ДУИ. Долгогодишниот активист за економска и социјална правда, основач и член на президиумот на Левица, Реџеп Исмаил смета дека сите политички чинители во Македонија треба да се залагаат за признавање на малцинствата во соседството но притоа да се откажат од било какви преговри околку националниот идентитет, историја и државните симболи.
Лидер: На 28 јануари, Претседателот Стево Пендаровски се сретна со претставници на ОМО Илинден Пирин. Во официјалното соопштение ги нарече граѓани од Бугарија а не Македонци од Бугарија. По состанокот на Советот за Безбедност , во обраќањето и одговорите на новинарски прашања, Пендаровски ретерираше, дека нема ништо спорно во тоа тој да се сретне со Македонци од било која земја. Како го оценувате претседателскиот став? -Ставот на Претседателот е доследен и во линија на анти-македонската политика на Владата на СДСМ-ДУИ, и тоа воопшто не не изненадува. Властите во Македонија не се грижат за животот, состојбата ниту пак за политичките права на Македонците, па оттука, небулозно е да се очекува да го прават тоа за Македонците во друга држава. Впрочем, за улогата и намерите на Претседателот Пендаровски доволно говори тоа што тој, на оваа средба со Македонците од Бугарија, не само што пропушти јасно да и посочи на Бугарија дека пред се таа треба да ги испочитува пресудите на Европскиот суд и да престане со оспорување и кршење на правото на слободно здружување на Македонците во Бугарија. Следствено на ова, да побара од Бугарија да овозможи заштита и унапредување на нивната култура и посебност. Но напротив, Пендаровски се обиде и да ја изманипулира целата јавност, нарекуваќи ги претставниците на ОМО Илинден Пирин „граѓани на Бугарија“. Додека пак потоа, со неговото ретерирање, тој уште повеќе ја откри неговата намера да ја продолжи сервилната дипломатија во преговорите со Бугарија, со тоа што, изјавуваќи дека нема намера да се заложи за решавање на нивните проблеми како македонско малцинство во Бугарија, и покрај фактот што, во нивна корист има дури 16 пресуди на Европскиот суд, токму во спорови против сегрегирачката политика на Бугарија. Лидер: Каква позиција треба да заземе целиот државен врв околку македонско прашање во Бугарија и вметнување на Бугарите во македонскиот Устав? -Не само државниот врв туку сите политички чинители во Македонија треба да се залагаат за признавање на постоењето на посебно македонско малцинство во Бугарија (и Грција, патем) и да се откажат од било какви преговори околу националниот идентитет, историјата и државните симболи. Што се однесува до барањето на Бугарија за вметнување на Бугарите во македонскиот Устав, потребно е да се инсистира од Бугарија да даде потврда за постоење на вакво малцинство во Македонија; врз основа на што тие тврдат дека има толкаво бугарско малцинство во Македонија и на кој начин им се ускратени правата на истото? Лидер: Дали може да очекуваме од француското претседателство тоа да донесе можност за почеток со ЕУ преговорите, доколку нашата земја “договорила“ односно направила колатерални отстапки? -Француската политичка гарнитура во повеќе наврати децидно изјавува дека е за централизација и внатрешна реформа на постоечката Европска Унија а не за нејзино проширување, следствено, ниедни отстапки од страна на сегашната власт не можат да ги зголемат шансите на Република Македонија да стане членка на сојузот во догледно време. Во однос на француското управување со кормилото на ЕУ треба да се знае и тоа дека токму во овој период се закажани и пртседателските избори во Франција а проширувањето на ЕУ е посебно чувствителна тема која би можела да им послужи како „оружје“ на ривалите на Емануел Макрон а и голем дел од енергијата на земјата ќе биде насочена кон политичката кампања. А проевропското расположение паѓа и во останатите земји членки на ЕУ. Освен тоа, нас како држава потребна ни сеопфатна критичка ревалоризација на политиката за стратешко партнерство со евро-атлантикот. |