|
||||
Простете, ама не можеме да веруваме во исти вредности, госпоѓо Галовеј |
(Отворено писмо до амбасадорката на Обединетото Кралство во Република Македонија)
Го читам Вашето патетично обраќање до македонската јавност, испровоцирано од „сликите на крвопролевање и уништување, напади на станбени блокови и улици…“, се разбира, во Украина. Слики пред кои и јас се згрозувам гледајќи ги единствено на медиумите со западни вредности, бидејќи со „најдемократскиот“ метод, методот на цензура, Вашите „сопственици на вистината“ ги забранија сите медиуми, кои нормално, бидејќи доаѓаат од Руската Федерација, според Вас, претставуваат гола пропаганда и поинаку известуваат. (Ќе ве упатам на Едвард Бернајс, роден 1891 година во Виена, кој по преселбата во САД прв го воспоставува научниот метод за формирање и манипулирање со јавното мислење, познат како „инженерство на согласност“, а објавен во неговото дело „Пропаганда“). Токму затоа, овде, со една мала дигресија, ќе Ве потсетам што велат судиите. Велат вака – кога во една судска постапка ќе ја чуеш само едната страна, другата е веднаш подготвена за бесилка. Но, кога ќе ја чуеш и втората страна, дури тогаш имаш пред себе предмет за кој треба да донесеш одлука. Затоа, покрај судиите и обвинителите, за среќа, постои и одбраната. Онаа одбрана која Вие ја забранувате. Во име на западната демократија, се надевам. Па, се сеќавате на заминувањето на Вашето семејство во Англија, во 1911 година, откако Козаците се обиделе да го земат (претпоставувам, насилно да го грабнат) Вашиот четиригодишен правујко. И треба да се сеќавате, зашто корнењето на секое семејство од корените е трагедија сама по себе со која и јас сочувствувам. Се сеќавате на оние 33.771 украински Евреи убиени во 1941 година и на депортацијата во концентрационите логори на 7.144 македонски Евреи во март 1943-та. И до тука, верувајте ми, се сеќаваме на истото, на злото и го осудуваме истото, злото. Но, госпоѓо Галовеј, за разлика од Вас, јас се сеќавам и на Бурските војни, водени помеѓу Британската империја и двете, внимавајте, независни бурски републики – Слободната Држава Орање и Трансвалската Република (Јужноафриканска Република). Па, се сеќавам и на првите концентрациони логори кои во името на западната демократија ги изградивте и во нив ги сместивте бурските жени и деца некаде во 1900-та година. И уште посвежо се сеќавам кога пред повеќе од 70 години британските и американските авиони истурија запалливи напалм бомби (за прв пат во историјата), врз македонските партизани на Вичо и Грамос и врз невините македонски дечиња кои живи гореле во ужасни маки. Со тоа, Македонците беа најсурово протерани од сопствените огништа и раселени ширум светот. Дечињата разделени од своите семејства, од кои многумина и не ги виделе повеќе. Па, во селото Поздивишта, Костурско, македонските девојчиња, пред да заминат во непознато, качени на селската камбанарија, ја пееле најтажната песна „Збогум мајко, збогум татко, збогум мили роднини, јас одам на далечен крај…“, а нивните мајки, собрани на средсело, слушале и плачеле. Се сеќавам госпоѓо Галовеј и на агресијата врз суверената држава СР Југославија, во која беа убивани невини жени и деца, беа намерно бомбардирани цивилни возови, беше уништен „центарот на пропагандата“ Радио Телевизија Србија и убиени новинари, беше ракетирана кинеската Амбасада… Се сеќавам и на страдањата на ирачкиот народ кога токму по лажното тврдење на Вашиот тогашен премиер Тони Блер дека Ирак поседува оружје за масовно уништување, беше нападнат со дотогаш невидена суровост… Се сеќавам на агресиите во „Арапската пролет“, разурнувањето на Либија и страдањата на невините цивили… Се сеќавам и на Сирија и на тамошната агресија… Се разбира, без согласност на ООН и без „демократска“ цензура на Вашите медиуми кои од ден во ден изнесуваа невистини и агресиите ги бојосуваа со убавата розова боја. НЕ ДЕЛИМЕ ЗАЕДНИЧКИ ВРЕДНОСТИ, ГОСПОЃО ГАЛОВЕЈПишувате: „И кога се сеќаваме, велиме никогаш да не се повтори. Велиме така зашто веруваме во тоа што го кажуваме. Затоа што тоа се нашите вредности“. И уште: „Мора да продолжиме да дејствуваме заедно и да покажеме дека веруваме во нашите вредности“. За жал, госпоѓо Галовеј, се’ додека имате селективна меморија, се’ додека наметнувате двојни стандарди и се’ додека одбирате со чии страдања ќе сочувствувате, а со чии не, јас и Вие не можеме да делиме, ниту да веруваме во исти вредности. Знаете зошто? Затоа што за мене присилното заминување на Вашето семејство од Ривне, на 304 километри од Киев е еднакво трагично со присилното заминување на дечињата од Поздивишта, на 200 километри од Скопје; затоа што германските нацистички концентрациони логори за невините Евреи за мене се еднакви со британските концентрациони логори за невините бурски жени и деца; затоа што и девојчето со ампутирани рачиња во Ирак страда исто како и повредените дечиња во Украина; затоа што разурнатите градови во Либија и Сирија ја имаат истата судбина со разурнатите градови во Украина; затоа што убиените новинари на Радио Телевизија Србија, при едностраната агресија, го имаа истото право на изговорен збор, кој за Вас е пропаганда, како и новинарот на Си-Ен-Ен, кој по загинувањето во Авганистан во 2015 година, сега повторно загина во Украина, што, секако, не е пропаганда… И конечно, не можеме да споделуваме и веруваме во исти вредности, се’ додека заедно не ги споделиме и не веруваме во зборовите на големиот мислител Жан Жак Русо, кој вели: „И најсилниот не е никогаш доволно силен за да остане господар засекогаш, ако својата сила не ја претвори во право, а својата покорност во должност“. Затоа, госпоѓо Галовеј, дури кога „западната демократија“ ќе биде подготвена да го примени Русо и својата сила ќе ја претвори во право, а покорноста во должност, ќе можеме така изградените вредности да ги споделуваме и заеднички да веруваме во нив. Дотогаш, кога велите дека и’ помагате на Украина со обука на 22.000 војници и со испорачување 2.000 противтенковски проектили, запрашајте се дали вложувате во војна или во мир? Заради сопствената совест. Со почит, во искрено исчекување на заедничките вредности. https://netpress.com.mk/prostete-ama-ne-mozheme-da-veruvame-vo-isti-vrednosti-gospo-o-galove |