|
||||
Епископот Партениј: Ако гори црквата, нека изгорам и јас! Останувам овде да му се молам на Господ! |
Фото: Маја Јаневска-Илиева
Отецот ги затвори очите и почна на глас да се моли… По кратко време, спласна силината на огнените јазици, пламенот се намали, тоа беше вистинско чудо господово!
ЗАБЕЛЕЖАНО, НЕНАПИШАНОВо далечната 1948 година, со декрет беше укинат монашкиот и црковен живот во славното македонско духовно древно светилиште „Св. Јован Крстител“, познато и како Бигорски манастир. Тоа беше претворено во интернат за воени питомци, а потоа манастирот беше сосема напуштен, оставен на забот на времето, а потоа, за жал, и претворен во штала од некои локални жители… Дури некаде во 60-тите години на минатиот век, Бигорскиот манастир беше прогласен за споменик на културата, но сепак со недоволна грижа за него. Манастирот повеќе не служеше за својата првобитна намена. Иако основан во 1020 година како духовно светилиште, никој повеќе не се грижеше за него и за половина век беше целосно руиниран. Манастирот веќе не личеше на духовно светилиште: на прозорите стаклата беа искршени, деловите на дрвените огради на манастирските чардаци ги немаше, подовите беа пропаднати, даските скапани, камените покривни плочки на покривите скршени, од капавиците и прокиснувањето беа уништени дрвените таваници, од влагата беше оштетен ѕидниот живопис, насекаде имаше пајажина, глувци, лилјаци и други штетници… Манастирот немаше електрична енергија, немаше ни водоводна ни канализациска мрежа. Едноставно во него ги немаше ни најелементарните услови за живот. „Во јули 1995 година, митрополитот на Дебарско-кичевската епархија, мојот почитуван надлежен владика, неговото високопреосвештенство г. Тимотеј, телефонски ме повика во неговото митрополитско седиште во Охрид и знаејќи ја мојата желба за монашки живот, како и претходното искуство што го бев стекнал на Света Гора, ми го понуди за ново обиталиште Бигорскиот манастир на чесниот претеча и крстител господов Јован. Претходно, уште во неколку други пригоди дедо Тимотеј ми имаше зборуваше за монаштвото и за тоа дека ако изберам да станам монах, веднаш ќе ми најде манастир. Тогаш беше периодот кога државата ѝ ги враќаше манастирите на Црквата што претходно, во времето на социјализмот, беа национализирани и одземени од владение на Црквата. Тогаш, во Охрид, во главата ми одекнаа пророчките зборови на познатиот светогорски старец Паисиј, сега веќе прогласен за светец, што ми ги беше кажал две години претходно, при средбата со него: ‘Ќе дојде време кога по телефон ќе те повикаат, за да ти дадат еден голем манастир’. Веќе сè стана јасно за мене; враќање назад повеќе нема. Едноставно ме стигна божјиот призив. Уште следниот ден, митрополитот со своето возило ме однесе во мојот нов дом, Бигорската Обител. Пред манастирската порта, пред самиот влез во манастирот, владиката ми даде еден свој подрасник, сакајќи уште од самиот почеток во монашка облека да го преминам манастирскиот праг“ – ова пред многу години, со живо сеќавање, ми го раскажа отец Партениј, кој, меѓу другото ми говореше и за очајната состојба во која се наоѓал манастирот. Колкава љубов, жртва, верба и самозаборав биле потребни, за да се надминат лошите услови и да се создадат најосновните човечки услови за живот! „Монашката ќелија во која бев сместен изобилуваше со, би рекол, вековна прашина. Понекогаш со браќата се шегуваме дека на почеток не бев баш сосема сам; имено мои „цимери“ беа глувците и понекој залутан лилјак. Покрај постелата на која спиев чував еден стап, за кога стаорците ќе се раздвижеја, да удрам со стапот на подот за да ги избркам. Таквата состојба траеше мошне долго, сè додека полека-полека, со секојдневна работа, не создадовме барем основни услови за живот. Тој период стекнав алергија и нагло нарушување на имунитетот“. Отец Партениј низ смеење ми кажуваше дека ако оставел некоја храна на масата, кога ќе се врател ја немало, зашто глувците веќе ја складирале во долапот, во нивното прибежиште. Се чини дека потажен и повознемирувачки настан од избувнувањето на пожарот во Горниот палат на Бигорскиот манастир, отец Партениј никогаш не доживеал во своите над педесет години живот. Во раните утрински часови, на 30 септември 2009 година, силна пламена стихија за неколку часа ги проголта конакот Горни палат со монашките ќелии, магерницата, трпезаријата, гостинската… Огнените јазици моќно се приближија и кон храмот на Свети Јован, заканувајќи се да ја уништат големата Светиња. Освен тоа, меѓу конакот и храмот беше сместен тогаш и резервоарот, дополу полн со нафта. Доколку експлодираше, од огнениот пламен, на местото од манастирот ќе оставеше само еден огромен и пуст кратер. Во тој апокалиптичен амбиент, сите ги порази неможноста да се избегне таквата страшна погибел. Единствено игуменот Партениј со својата трезвеност и будност, лавовски се бореше да се спаси она што можеше да се спаси. Во сеопштиот хаос и паника, тој се сети на древните икони што се чуваа во манастирската галерија. По негова заповед, некои од браќата ја пробија вратата од галеријата и со самопожртвуваност успеаја да ги спасат големите светињи. Огнот веќе тирански господареше со околниот простор и беше само прашање на време кога ќе настапи експлозија на резервоарот, оставајќи зад себе едно големо ништо. Во паничен страв сите се повлекуваа кон излезот, повикувајќи на итна евакуација. Бегаа сите, но не и игуменот. Некои браќа го зедоа, за и него да го изнесат, но тој беше како вкован в место и со насолзени очи гледаше како вековното светилиште немоќно исчезнува пред очи во огнот. „Оставете ме!“, одекна неговиот тажен крик. „Ако треба да изгори црквата, со неа ќе изгорам и јас!“ И започна гласно и со солзи да се моли пред чудотворната икона на Свети Јован, која веќе беше изнесена од храмот, заедно со кивотот со Чесниот Крст и светите мошти, како и другите светињи. „Свети Јоване мој најмил! Доколку ти сметаш дека е потребна некаква жртва, тогаш земи ме мене, само не дозволувај твојата Светиња да пострада!“ Наеднаш, по ова срдечно молитвено излевање, се слушна силниот глас на старецот, како да пренесува некоја вишна порака: „Вратете се сите да се бориме со искушението! Нема ништо лошо да се случи, црквата нема да изгори!“ Наскоро пламените бранови што го заплискуваа тремот на црквата почнаа полека да стивнуваат, а нафтата во резервоарот остана недопрена. Како некоја невидлива огромна рака да го имаше спречено ширењето на огнот кон црквата… Нешто подоцна, по извршениот увид, пристигнатите пожарникари останаа во чудо како нафтената цистерна не експлодирала, во допир со кислородот и огнот. И самите посведочија дека тука се вмешала некоја чудна, необјаснива сила. „Од него научив што е вистината, научив како христијански да се љуби, како да се жртвуваш за ближниот и со радост да го носиш животниот крст. И сето тоа низ личен пример, покажано на дело, а не само со празни зборови. Кога јас плачев и тој со мене плачеше, кога јас се радував и тој со мене се радуваше. Отецот има толку многу љубов во срцето, што несебично ја дава еднакво на секое духовно чедо. Има таква сила што секој пред него се чувствува како да е посебен. Никогаш не ги дели луѓето, ни по вера, ни по политичка определба, ни по националност – за него сите се исти, секој човек во неговите очи е икона божја“. „Некогаш бевме изгубени, а Вие нѐ најдовте; бевме отфрлени, а Вие нѐ посинивте; |