|
||||
МОЈАТА КНИГА „КОРОНИЗАЦИЈА“ – ПРОТИВ БОЛЕСТИ И ВОЈНИ, ЗА СВЕТЛА ПРОЛЕТ |
Проф. д-р Марија Емилија Кукубајска На Денот на пролетта, Народната универзитетска библиотека „Гоце Делчев“ - Штип ја промовираше мојата најнова книга „Коронизација“. Оваа интердисциплинарна книга од мини есеи, поезија и научни истражувања ја пишував во екот на пандемијата, со тешка мачнина, но и со светла порака: нова надеж за стивнување на борбата со корона вирусот. Рецензент и онлајн промотор на книгата беше проф. д-р Марија Леонтик, од Универзитетот Гоце Делчев, Штип. Во вториот дел од програмата беше доделена хуманитарната меморијална награда „Д-р Марија и Емилија Кукубајски“ за 2021 година, на врвниот археолог, проф. д-р Виктор Лилчиќ Адамс. Во чест на неговите постигнувања се прикажа документарен филм за археологијата од Античка Македонија. https://youtu.be/0ev0vHZVq4U. Наградата ја врачи доцент д-р Елена Јовева, УГД, Штип, директор на ЕМАРИ Институтот за едукација, морал, академски истражувања и историја на културата. Промоцијата на книгата „Коронизација“ се совпаѓа и со празникот „Четр’се“, признат од УНЕСКО по неговата традиција која постанала фолклор во историјата на македонската духовна култура во Штип. „Четр’се“ во православната црква е документирано предание за моќта на љубовта, верата и надежта во животот, и во законот на природата, во Бог. Камењата фрлани против четириесетте христијански војници во Источното Римско царство, во Севастија, Ерменија, 320та година, чудесно се враќале и удирале по римските мачители, замрзнатото езеро со фрлените тела - одмрзнало, а коските на убиените маченици засветеле во водата. Современите содржини во „Коронизација“ произлегоа од сеопштите борби со корона вирусот. Тие се лични и општи доживувања, набљудувања и споредби на постоечките со постојаните борби со болести меѓу човештвото. И болеста е борба - против здравјето на телото и свеста, како инвазијата на пандемијата. И борбата е болест - напаѓа, уништува поединци, уништува народи, екологија. Бактерии, вируси, паразити, габи, ги напаѓале биолошките системи од постанокот на планетата, а денес тие завојуваа и геополитички. Човековиот прогрес паралелно водел до постојани противречности. Целите за доминација над човекот, општествата и над материјалните богатства, регресивно ја зголемувале разорната моќ на болестите и на борбите. Тоа разгорување на судири, води до инфламации во светот; заболуваат, гинат оние со слаб имунитет, оние кои се мали, иако со супериорна историја на здравјето. Гинат стари граѓани, стари народи, горат во шарени шилци од болести оние кои биле без заштита од големите сили, или од големата фарма, или од големите богатства, големите вистини, или големите лаги. Никој не е имун на смртоносната моќ. Болестите и војните носеле назадување - на културата на човекот и на агрокултурата на природата, болестите биле загуби и за историјата и за иднината. Светот после војните номинално напредувал, но реално заболувал, и одново мирнодобски продолжувал да војува со нови болести: егзистенцијален страв, недоверба, депресија, агресија, зголемена омраза против разликите – идеолошки, културолошки, верски, политички. Противречноста во таа нова реалност ги зголемува разликите меѓу силните и слабите, оттаму се зголемува и борбата да се колонизира со нови болести во светскиот поредок. Историјата докажала дека никогаш не се доаѓало до здравје преку болести, до мир преку немири, до слобода преку изолирање, до правда преку насилство, до победа преку биолошко и огнено оружје, до еднаквост преку непризнавање на разликите кај другиот, до духовно здравје преку корозија на идеите за тоа што е нормално, а што - корисно ненормално. Колку поагресивни се револуционерните научни промени во производството на хибриди од секаков вид, хибридна храна и лекови за зголемена отпорност на болестите, или на хибридните промени на култури и општества, за зголемено искористување на богатствата од земјата, од умот и од душата на човековото битие - толку попоразителна ќе е војната за здраво одржување, или заболување на тие идентитети, ентитети, организми и органи на уредување на светот и животот. Во рамки на човековите права и слободи на мислење и изразување, овие стари и нови реалности, ги истражував, изведував дијалози, монолози, дијагнози и можни прогнози за историјата на болестите, на војните и на можниот лек против нив. Во петте делови од книгата изразував разбирање за вековните болки и борби на доблесниот македонски народ низ народните песни. Ја синхронизирав фолк-џез музиката на швајцарскиот музичар со македонско потекло, Зоран Казаков. Во периодот од пандемијата со овој престижен композитор и интерпретатор меѓусебно се инспириравме со збор и звук. Споредував разлики и сличности во митологијата. На нечии дефетистички елегии за угинувањето и откажување од себе, им спротивставував оди со верна свест за препород, опстанот, докажување на вредностите. И птиците се судираат, го бранат владеење со својот хабитат, симболизираат и светли и темни летови без граници, но секогаш вродено навигираат кон своето јато. Во завршниот дел ја истакнувам исконската волја на човекот - да се бори за своето здравје, за мир и напредок во се’, за светли нови години, за радост во пролетта, и во сите годишни времиња, за почит и добра волја меѓу луѓето во нашата прекрасна Македонија и на нашата чудесна планета. https://youtu.be/ZsnCRtFp2hc I FELL IN LOVE WITH A GIRL (Zoran Kazakov, trumpet) https://youtu.be/N-bzOqgwfow Triptyque #1 - Sunrise – Triptych (Zoran Kazakov, trumpet) https://youtu.be/bgvSRRG9u78 Carlo Tessarini - Sonata in D (Zoran Kazakov ft. Marc Dubugnon) |