|
||||
Во Македонија е почетокот на општословенската писменост и култура |
ЗАБЕЛЕЖАНО, НЕНАПИШАНОАрхиепископот охридски и македонски г.г. Гаврил беше третиот поглавар на МПЦ-ОА, по возобновувањето на Охридската архиепископија (по г.г. Доситеј и г.г. Ангелариј). Беше скромен, сталожен, трпелив, високообразован духовник, секогаш подготвен да го сослуша соговорникот, со умереност да му укаже на грешките и да му помогне во решавање на проблемите и тешкотиите. Овие се моите видувања и карактеристики за поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Гаврил, кои се врежале во мојата меморија. Со делата што ги создаде, г.г. Гаврил си обезбеди заслужено место во македонската национална и црковна историја. За поткрепа на оваа констатација ќе ги споменам следните дела: ја заврши изградбата на соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје и го освети, проект што го започна г.г. Доситеј, првиот поглавар на МПЦ, го формира Богословскиот факултет во Скопје, ја преведе Библијата на македонски литературен јазик, триесет години ги посвети на учебникарството и на просветителската дејност, бил прв претседател на Друштвото на преведувачи на Македонија, прв декан на Богословскиот факултет „Св. Климент Охридски“, прв македонски архијереј што ја обнови древната традиција фрлање на чесниот крст во водите на реката Вардар. Се сеќавам како вчера да се случи. Во работниот кабинет, на вториот кат на зградата на Македонската православна црква во Скопје, по извршениот разговор на заминувањето, архиепископот г.г. Гаврил ми ја подари книгата „Охридската архиепископија и покрстувањето на Русија“, Зборник издаден по повод 1.000-годишнината од покрстувањето на Русите, издание на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ – Скопје, уредник архиепископ г.г. Гаврил, декан. Притоа од предговорот што го напишал подвлече неколку реченици и ми ги прочита: „Овде, во Македонија, од овие простори се прошири светата христијанска вера за сиот словенски род. Овде се напишаа првите букви од азбуката на словенскиот јазик и првите книги на тој јазик. Така подготвени и во придружба со своите ученици од овие простори тргнаа светите браќа кон север во апостолска мисија. Сето ова ја посведочува вистината дека на овие простори е почетокот на општословенската писменост и култура. Затоа и трудовите избрани во ова издание претставуваат најпрепознатлив белег и постојаност на врската меѓу Македонија и Русија – Охридската архиепископија и црквата во Русија“. Врачувајќи ми ја книгата, ми рече: „Кипро, запамети ги овие мисли и во секоја пригода употребувај ги и шири ги. Тоа е нашето оружје за одбрана на македонскиот јазик и на идентитетот на нас, Македонците“. На една од посетите, поглаварот г.г. Гаврил, откако ме почести со чашка (ракија), ја „швајцува“ цигарата, ми вели: „Кипро, нас Мијаците неоправдано нѐ етикетираат дека сме скржави. Тоа не е точно, ние сме домаќини, штедиме, не се расфрламе и затоа имаме… Виде, цигарата ја запалив од догорената, така правам цел ден, штедам кибрит, те почестив со ракија од чавче како капаче, да се напиеш, а да не се опиеш, ха, ха, ха“. Двајцата слатко се насмеавме. На бирото беа поредени една на друга, во вид на кула, шест кутии „МТ“. Му ветив и по некој месец му предадов педесетина колор-дијапозитиви и колор и црно-бели фотографии. Архиепископот беше презадоволен. На 17 мај 1991 година се одржа основачко собрание на МПЦО „Свети Климент Охридски“ во Берлин, на кое присуствуваа митрополитот на Брегалничката епархија на МПЦ, г. Стефан, и протојерејот Александар Гиревски, секретар на архиепископот г.г. Гаврил, кој подоцна стана и негов биограф. Митрополитот г. Стефан ги поздрави присутните и ги пренесе поздравите од поглаварот на МПЦ, г.г. Гаврил, и истакна дека е најрадосен што на овие простори, во главниот град на СР Германија, се пали уште едно кандило надвор од Македонија, кое ќе ги просветува Македонците што живеат и работат на оваа светска метропола“. Заедно со Мане по неколку месеци го посетивме архиепископот да му ги предадам неколкуте германски списанија и весници, како и шише пиво од неговиот омилен ресторан. Дедо Гаврил му се заблагодари на Мане за подарокот (пенкало со зелена боја) и го праша уште колку такви пенкала им подарил на митрополитите, а Мане рече дека освен пенкалото за поглаварот друго не купил. „Мане, знам дека имаш купено повеќе, секој од браќата одвај чека да умрам и да го заземе тронот. Ако, подарувај им, ама нема да умрам“. Во таа пригода од фиоката на бирото извади пластична фолија во која се наоѓаше штедна книшка, така зачувана како во овој момент да ја добил од банкарскиот службеник, да провериме дали германските марки постојат и дали во изминатиот половина век со каматата нараснале. Во Берлин ја посетивме Централната народна банка на Германија, нѐ известија дека основниот штеден влог постои, впишана е и каматата за секоја година одделно, штедниот влог може да го подигне само сопственикот на штедната книшка, никој друг, и само тој може да ги добие другите информации што го интересираат. Последната средба и разговор со поглаварот г.г. Гаврил ги имав на 8 август 1992 година, на Света Петка, во селото Никифорово, на брегот на Мавровско Езеро, во сослужение со вардарскиот митрополит г. Михаил, кога извршија реосветување на црквата „Св Пантелејмон“, заштитник на селото. На свечениот ручек со членовите на Црковниот одбор од селото, видни општествено-политички работници и стопанственици од Гостивар, поглаварот во поздравот рече: „Искрено сум воодушевен во овие тешки економски и политички услови што вложувате средства и труд за обновување и зачувување на црквите и манастирите и на други црковни објекти, се радувам што ќе започне и обновата на манастирот ‘Св. Пантелејмон’ во месноста Борче, покрај Мавровско Езеро. Активностите на овој план да продолжат, бидејќи само Црквата може да ја одбрани државата од надворешните и внатрешните непријатели, кои низ вековите, во континуитет, работат да ја снема Македонија, да нѐ снема и нас, Македонците“. „Сам против цела руска гарда“Во 1992 година, 42-годишниот Андреј Владимирович Козирев, министер за надворешни работи на Руската Федерација, престојуваше во Македонија. Во Скопје и во Охрид дојде по посетата на Грција. При посетата на неколкуте цркви и манастири во балканскиот Ерусалим, Охрид, министерот Козирев изразил желба да му организираат средба со г.г. Гаврил, поглавар на МПЦ. За непланираната, неочекувана и ненајавена средба со министерот Козирев, по неколку дена го посетив дедо Гаврил и во подолг разговор ме запозна со дел од разговорите, притоа ми рече да не пишувам за деталите од разговорите.
Киро Кипроски |