Основно училиште завршува во родното село, а средно образование во Куманово и Битола, по што во 1948г. се запишува во Белград (Земун) на факултет за Земјоделство и Шумарство.
Во Белград уште во третиот семестер од студиите се пројавува како иницијатор за формирање на “Македонски студентски клуб”, за која активност бил затворен и издржува казна од 4 месеци во затворот на Обилиќев Венац.
По излегувањето од затвор бил исклучен од факултетот без право на упис на било кој факултет во Југославија.
Таа одлука на факултетските власти го менуваат животот на Богдановски. Одлучува да ја напушти земјата и во пролетта 1950год., зааедно со неколкумина колеги студенти, кај Гевгелија ја преминува границата кон Грција.
Кон крајот на 1950 година. заминува за Јужна Америка, престојува во Аргентина и Бразил до 1954 година.
Желбата за наука не го напушта, за што се враќа во Париз и на Сорбона запишува Факултет за политички науки и журналистика. Во Франција веднаш започнува со политичко дејствување, ја формира организацијата “Македонски национален фронт” и започнува со издавање на весникот “Македонска искра” во Париз. Од овој весник успеваат да излезат неколку броеви и по интервенција на Грчката амбасада во Париз овој весник бил забранет.
Во 1958г. се жени со Брита,ќерка на тогашниот главен архитект на Осло, и заминува да живее во Норвешка. Со неа има два сина (Пер-Арне и Иван).
Во Осло оспособува печатница на кирилично писмо и преку пишан збор со неговата национално-политичка активност придонесува во борбата за Македонија. За Драган 1958 година е многу значајна, бидејќи тогаш се јавува како покренувач за издавање на повеќе весници, списанија и книги за Македонија и македонското дело.
Во Осло го издава списанието “Македонска лоза”, и “Слободна Македонија”, потоа го печати весникот “Македонија” и списанието “Македонска нација”.
Во 1963 г. доаѓа до формирање на прва македонска национална организација ОКМ (Ослободителен комитет на Македонија), која организација во 1972г. се трансформира во ДООМ (Движење за ослободување и обединување на Македонија). Драган на чело на ДООМ е до 1977г.
ДООМ развива широка активност насочена кон македонците кои по 60-те години масовно ја напуштаа својата татковина од економски или политички причини.
Богдановски поради активностите на ДООМ набргу се соочува со тогашната СДБ-УДБА која ги следи и повремено ги попречува неговите активности.
Во Минхен, УДБА организира кражба на печатницата во која се печатеше списанието “Македонска нација”.
Драган Богдановски, како Претседател на ДООМ во 1977г. е киднапиран во Париз и доведен во Југославија. Него го киднапираат припадници на УДБА во станот на друг член на ДООМ, и со дипломатско возило бил пренесен во убљана, а подоцна и во Скопје. Со врзани очи бил одведен во полициски објект во близина на Македонски Брод каде што бил под истрага 18 месеци.
Во Македонски Брот бил чуван врзан со ланци на нозете.
Судскиот процес против него бил организиран зад затворени врати, на тој процес бил осуден на 13 години затвор, од кои издржува 11 години во затворот Идризово.
Богдановски 30 години се наоѓа на чело на патриотски настроената македонска емиграција.
По излегувањето од затвор извесно време живее во Скопје, а штом добива патна исправа заминува, за Берлин а потоа во Шведска.
По претходно обавени повеќе телефонски разговори, Драган Богдановски во април 1990 година доаѓа во Берлин.
Тој ги запозна македонците во Берлин за идејата, дека има подготвено програма и статут на партија која треба да се формира во Македонија.
На првиот консултативен состанок во ресторанот “Ново Скопје” во Берлин учествуваа: Драган Богдановски, Гојко Јаковлески, Маноил Јаковлески – Мане, Ванчо Механџиски - новинар, кој престојуваше на гости кај Гојко Јаковлески и Стево Доневски- мајка.
На овој состанок беше цврсто договорено за формирање на партија.
Драган ги информираше исто така дека има неколку луѓе во Македонија кои се подготвени со поддршка на македонците од дијаспората, да ја започнат активноста за формирање на партија и широка активност за афирмирање на програмските цели на партијата во Македонија.
На средбата во Берлин беше договорен начинот на финансирање на партијата за планираните активности. По состанокот во Берлин, по предходно направени разговори и консултации од Берлин заминаа за Минхен Драган Богдановски и Гојко Јаковлески.
На состанокот што се одржа на почетокот на јуни во Минхен, од Македонија присуствуваа : Љупчо Георгиевски, Борис Змејковски, Владо Транталовски-татко на Дијана Транталовска.
На овој состанок беше договорено за програмските содржини и цели на партијата, за датумот на Основачкото собрание, за начинот како да се шират Вмровските идеали меѓу македонското население.
На овој состанок во Минхен исто така беше одлучено предложеното име од страна на Драган Богдановски пастијата да се вика ДПМНЕ, беше одлучено да се додаде и придавката ВМРО. На делегацијата од Македонија им се даваат материјали: програмски цели, изборна програма и проглас, како и три брошури од Драган Богдановски.
На 17.06.1990 г се одржа Основачкото собрание на демохристијанската партија ВМРО-ДПМНЕ во Домот на млади 25 Мај во Скопје.
На Основачкото собрание говореше првиот претседател Љупчо Георгиевски, прогласот го прочита Борис Змејковски, со посебен реферат во името на емиграцијата се претстави Гојко Јаковлески од Берлин. Со поздравни говори Основачкото собрание го поздравија: Стојан Ковачев од Париз, Дане Поповски од Чикаго, Душко Дојчиновски од Сиднеј, Јордан Груев од Мелбурн и Панде Мицев од ОМО “Илинден” од Пиринска Македонија.
По формирањето на ВМРО-ДПМНЕ на 17.06.1990 година партијата со голема брзина почна да формира комитети низ цела Македонија.
Илинденскиот идеал беше вткаен во програмата на ВМРО-ДПМНЕ; - Преуредување на тогашната Југословенска држава од федерација во конфедерација, - Распуштање на злогласната УДБА и нејзино заменување во Служба за безбедност која идеолошки ќе биде наполно неутрална, -Распуштање на југословенска армија и создавање на национални армии, - Создавање на национална банка, која ќе има за цел да го обезбеди финансирањето и напредокот на стопанството во Македонија, - Право на враќање на иселените македонци и гаранција дека никој нема да ги прогонува било за нивните поранешни политички дејности или пак за сегашните нивни политички убедувања, - Исфрлување на терминот „Социјалистичка„ од името на Македонската Република
Овие беа темелите и стратешките документи, кои беа потврдени и усвоени на Основачкото собрание што се одржа на 17 јуни 1990 година.
На првиот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ одржан во Прилеп на 6 и 7 април 1991г., Драган Богдановски е избран за почесен претседател на партијата, а од 1991 до 1993 година е претседател на Задграничниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ за Европа, со седиште во Берлин, Германија.
Уште во 1993 година, Драган Богдановски меѓу првите ја согледува својата заблуда околу изборот на Љупчо Георгиевски за претседател на ВМРО-ДПМНЕ чиј директен основач и идеолог е самиот тој.
На крајот на 1993 година доаѓа до конечно разделување со тогашниот претседател на партијата, што самиот ја основа внесувајќи го македонскиот дух.
Умира на 31.05.1998 година во Копенхаген, Данска, на пат од Шведска за Берлин - Германија.
Погребан е во присуство на фамилијата и најблиските и до крај верни пријатели и соработници во Куманово на 01.08.1998г.
Нека му е вечна слава.
Мане Јаковлески
|