|
||||
СВЕЧЕНО ПРОСЛАВЕН КАТОЛИЧКИОТ ВЕЛИГДЕН ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА |
ХРИСТОС ВОСКРЕСНА – НАВИСТИНА ВОСКРЕСНА Денот на Христовото воскресение Велигден е не само најголемиот туку и најстар христијански празник што се празнува од вториот век. Тој е суштината на Христијанството, потврда и на самата вера зашто како што рекол Свети Апостол Павле: „Ако Христос не воскреснеше празна ќе беше и нашата вера“. Се смета дека Ерусалим како дом на три религии, несомнено е многу блиску до небото, бидејќи токму таму човек може да биде сведок на сопственото духовно издигнување, да најде мир и да се доближи до Бога да биде поттикнат да ги почитува и туѓите религии, зошто верувањето во Бога е исто и за Евреите, и за христијаните и за муслиманите. На Велигден во исчекување на церемонијата на Светиот пламен, кој во источните цркви го симболизира Христовото воскресение, по полноќ Црквата на Светиот гроб во Ерусалим се исполнува со светлина од свеќи – симбол на воскресението. Сите камбани на древната црква чукаат во ритамот на силните пофални песни на радоста. Среде џагорот на следбениците се слуша повик кој постојано се повторува „Христос воскресна“ и одговорот „Вистина воскресна“. Најголемиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден во Република Македонија Католиците традиционално го слават во црквата „Пресвето срце Исусово“ во Скопје. По тој повод во саботата на 16 април 2022 година се одржа света Велигденса литургија која ја служеше бискупот скопски и епарх струмичко-скопски д-р Киро Стојанов, во сослужение на бројни свежтенослужители и Црковниот хор од Католичката црква. На литургијата присуствуваа градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски и поранешниот претседател Ѓорге Иванов. Во своето обраќање бискупот скопски и епарх струмичко-скопски д-р Киро Стојанов меѓу другото рече: Драги браќа и сестри! Велигденскиот пост го започнавме со страшната воена ситуација со нападот над Украина, и поголемиот дел од тоа време на пост, молитва и добри дела го поминавме следејќи ги медиумите и извештаите за тоа што се случува со нашите браќа и сестри во Украина. Пред нашите очи се милиони бегалци, илјадници страдалници, жртви на војната, убиени луѓе по улиците на украинските градови, уништени домови и луѓе на улица со крици во устата и солзи во очите. Како браќа по вера, не можевме да се оглушиме, а да не го слушнеме гласот на киевско – халичкиот врховен надбискуп Свјатослав Шевчук, кој повикува и моли за својот народ, но во исто време укажува и на одговорноста на целото човештво. Тој постојано го повикува светот активно да работи на спречување војна и заштита на праведниот мир. Тоа е гласот на човек соочен со неволјите на војната, страдањата на својот народ, уништувањето на неговата земја: „О, да беа точно измерени маките мои, и заедно со нив да го беа ставиле на терезија страдањето мое!“ (Јов 6,2).
Бискупот скопски и епарх струмичко-скопски д-р Киро Стојанов Ние христијаните живееме во светот и одиме во светлината на верата, иако понекогаш се среќаваме со темнината на неверувањето. Нашата вера се заснова на сведоштвата на оние што го виделе воскреснатиот Христос. Исто така, светот околу нас живее според верата што ние самите ја исповедаме и сведочиме со нашиот живот. Со таа вера ќе живеат генерации по нас. Носени од оваа вера и „големата надеж“ на вечниот живот, никогаш не смееме да се умориме да правиме добро и да сведочиме за Исус Христос, воскреснат од мртвите. Нашата вера и сета наша надеж почиваат на оваа сведоштво на првите сведоци на Христовото воскресение. Исус е жив! Бог го постави да им суди на живите и мртвите! Тој е Судија и Спасител. Кој верува во Него, ќе живее и во негово име ќе прими простување на гревовите. За време на појавувањето Исус ги поздравил своите ученици со зборовите: „Мир вам!“ Да го замолиме во оваа време Неговиот збор да допре до свеста на сите оние кои се опиени од сопствениот егоизам, моќ и сила, кои внесуваат немир и раздор, да се откажат од гревот и во името на Бога да почнат да прават добро и да работат на воспоставување мир и правда меѓу сите луѓе и народи во овој свет чии сопственици не сме ние, туку го примивме како подарок што можеме да им го пренесеме на генерациите по нас. Нека и нам Воскреснатиот Исус ни ги отвори очите да поверуваме, бидејќи во спротивно ќе се соочиме само со неодговорени прашања. На сите Ви посакувам среќен Велигден! Христос воскресе! Амин. Алилуја!, рече скопскиот бискуп и струмичко – скопски епарх Киро Стојанов.
Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје Инаку, Католичката црква во Македонија е една црква со два обреда, поради што се вика Католичка, што значи општа, односно заедничка црква. Според тоа, католичките верници и храмови од источен обред во Република Македонија се присутни најмногу во струмичкиот крај, односно, во градот Струмица, во Радово, во Нова Маала, како и во Гевгелија, Богданци и Стојаково, додека католиците од римскиот обред се најбројни во Скопје, Битола, Охрид и во други места. Во текот на повеќе векови, христијаните во Македонија, како и на другите ближни и далечни простори исповедувале заедничка и општоприфатена вера, што зборува дека и Православната и Католичката црква егзистираат на овие простори од тогаш до денес. Меѓутоа, поради различните култури, начинот на размислување и други причини, поделбата на православни и католици во смисла на верска поделеност, како и во светот така и во Македонија, постои од 1054 година. Во борбата за црковно ослободување од елинистичкото (грчкото) влијание, покрај националниот дух кај македонскиот народ се буди и духот за црковна независност од Цариградската патријаршија. По неуспешното барање сојузник во разни независни цркви, обидот за ослободување од јурисдикцијата на Цариградската патријаршија завршува со унијата, односно соединување со Католичката црква во 1859 година. А, унијатството во Македонија, термин што во последно време е заменет со соединување се појавило како резултат на општествените, економско-политичките, социјалните, културните, црковните, образовните и други (не)прилики. Затоа, Македонците често се обраќале до римските папи за покровителство преку прифаќање на црковната јурисдикција на Римокатоличката црква, а со цел да се ослободат од Цариградската патријаршија. Својата кулминација ова движење ја постигна во педесетите години од 19-от век. Инаку, првата унијатска црква, односно Католичката црква од византиско-словенски обред во Македонија, е формирана во Кукуш во 1859 година, позната како Кукушка унија или Кукушко соединување, во која членувале голем број видни македонски преродбеници. Тоа, всушност, било движење за отворање на училишта на македонски јазик, или на јазикот на кој зборувале Македонците во кукушко-солунскиот регион. Унијатството, односно соединувањето било движење за еманципација и ослободување од грцизмот, односно црковно-просветно движење против елинизмот (грцизмот) што во тој период имал широки размери во Македонија. Денешната Католичка црква со источен обред во Република Македонија на чело со бискупот д-р Киро Стојанов е организирана во пет енории и три филијали и тоа: во Богданци, Гевгелија со филијала во Стојаково, Нова Маала со филијала во Чанаклија, потоа Радово, како и Струмица со филијалата во Петралинци. Пиѓува: СЛАВЕ КАТИН |