|
||||
СДСМ – 31 година далеку од изворот |
Панде Колемишевски СДСМ, денес или утре, треба да најде сили да им се извини на Македонците за свесно сторените (не)дела Дека славеничката торта не мора секогаш да ја засладува душата покажа одбележувањето на 31-годишнината од формирањето на Социјалдемократскиот сојуз на Република (денес Северна) Македонија. Партијата што сѐ уште формално се води под акронимот СДСМ се гостеше во име на денот кога од СКМ – ПДП стана СДСМ, кога беше сменет Петар Гошев, а нов лидер стана Бранко Црвенковски. Ден кога преку внатрешна реорганизација и комсомолска кадровска реконструкција старата партија доби ново општествено лице и ја промовираше социјалдемократијата како примарна идеологија на местото на социјализмот и комунизмот. Време кога Македонија сѐ уште трепереше под налетот на извесноста за пропаѓањето на Југославија и неизвесноста за самостојност во која било форма. Оние што пред неколку дена јадеа од слаткиот колач сигурно не пијат од изворот што го ископаа основачите пред 31 година. Тој првороден кладенец одамна е затрупан со земја. СДСМ денес е далеку од него мерено со милји, далеку од идеалите, очекувањата и надежите. Нема никакво сомневање дека СДСМ и како владејачка партија и како опозиција дала придонес за осамостојувањето и за државотворноста. Тој придонес се огледа и во доградбата на старите и во оформување нови национални институции, во какво-такво справување со актуелните финансиски кризи предизвикувани од долготрајната транзиција нагризена со неправедната приватизација, затворањето на фабриките и големата безработица од тие причини. Но што се крие друго, што посуштински се прикрива зад таа, наводно, успешна фасада? По потпишувањето на Спогодбата со Грција и промената на името на државата, особено по тотално погрешно прифатениот Договор за пријателство со Бугарија, Македонија не е истата држава. Не е подобра, како што би се очекувало по такви „мировни“ договори, како што се случувало со сите држави во светот. Не само во домашните туку и во меѓународните односи, Македонија е во полоша позиција од претходно, за жал. Уставно крајно нејасна и искомплицирана, национално разнебитена, меѓунационално и режимски хибридна, јазично неразјаснета, пописно сомнителна, економски заостаната, социјално сиромашна, кадровски опустена. На надворешен план недоволно сфатена, изигрувана, притиснувана, излажувана, понижувана. Оставена пред затворени врати за прием во ЕУ, уште не стигнала да има канцеларија барем до тоалетот, што би се рекло фигуративно. Очекуван и донесен како последна надеж за спас од злосторничкото здружение на владата на Груевски, летајќи на крилјата на Шарената револуција, освојувајќи ја власта, Заев го покажа вистинското лице, сосема различно од благиот наивен изглед. Вистина е дека она што не можеше, односно не сакаше да го направи кој било друг од СДСМ или од ВМРО-ДПМНЕ го направи тој. Се колнеше пред Бога, во родители и деца дека такво нешто нема да се случи, но сите ги предаде пред трипати да закукурига петел. Сѐ уште не се знае за триесетте сребреници, но факт е дека се согласи за промена на името, потпиша антимакедонски договор со Бугарија. Тоа се товари што ќе се носат со децении и кај генерации. СДСМ, денес или утре, треба да најде сили да им се извини на Македонците за свесно сторените (не)дела. Не може со сигурност да се тврди дека му било намера да почне процес на соединување на двете држави во една, за прифаќање на тезата дека Бугарите и Македонците се еден народ во две држави, но многу претпоставки одат во таа насока. Тие претпоставки најотворено ги истакнуваат основните бугарски негирања дека нема македонски народ, нема македонски јазик и писмо. Сѐ е бугарско, според бугарското толкување на потпишаниот договор, иако такво нешто не пишува ни на црн ѕид, а камоли во договорот. Таа бела книга – црно писмо ја врати Македонија во 19 век, по заслуга на Заев. Едно и побезболно е што ги затвора вратите на Европа, болно е што ги отвори сите темни врати внатре во земјата. Одмолчуваат за Грција, одмолчуваат на понижувањата од Бугарија, на омаловажувањата од бугарските највисоки власти на македонските граѓани, на нивно сведување на Македонците на сталинистичко историско ѓубре, на чие сметиште се нивниот јазик, писмо, култура, традиции. Го релативизираа скандалот со Ванчо Михајлов, како што се мајстори да релативизираат сѐ друго што не им оди во прилог. Во таа смисла, македонската власт може да се спореди со вљубено момче во својата мома што се труди да не ја навреди со ниту еден збор, со ниту една постапка иако е свесно дека таа го лаже, го изневерува и се секса со кого стигне. Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите Превземено од Нова Македонија |