|
||||
Николоски: Македонија ја има се помалку, од 10 мај почнуваме со активна блокада на Собранието, СДСМ-ДУИ да си го преиспитаат своето однесување |
Во тек е седница на ИК на ВМРО-ДПМНЕ каде меѓу другото се расправаше за актуелната политичка состојба и националната катастрофа предизвикана од криминалната и неспособна власт и исто така разговараме и за одредени внатрепартиски прашања и кадровски одлуки кои ги носи партијата. Тоа што е најинтересно за јавноста би сакал да го презентирам. Сметаме дека животот во национална катастрофа од која Македонија ја има се помалку, станува за жал секојдневие. Ваквата позиција во која се донесе државата ја донесе токму оваа влада и задолжително создава обврска соодветно да одговориме на истата. Морам да потенцирам дека ваквите чекори како овој вечерва е реакција на акцијата на власта и нивното неодговорно однесување и за секој понатамошен чекор, единствен виновник е коалицијата на СДСМ и ДУИ и никој друг. Токму на седницата на ИК донесовме заклучок за активна блокада на Собранието,. Што подразбира активизам за блокада на сите штетни законски решенија и прописи коишто доаѓаат од оваа влада на СДСМ и ДУИ. Оваа блокада ќе стапи на сила на 10 мај, а дотогаш бараме коалицијата СДСМ и ДУИ да го преиспита своето однесување и да ја прифати подадената рака за дијалог вклучително и организација на лидерска средба на којашто ќе се договориме за датум за предвремени избори и ќе отвориме најбитните сектори за коишто ВМРО-ДПМНЕ понуди тимови. Тоа се секторите финансии, здравство, образование и секако меѓународните односи, европските интеграции и проблемот којшто Македонија го има со Бугарија. Така што топката сега е кај СДСМ и кај ДУИ да донесат правилна одлука, да седнеме на лидерска средба, да го дефинираме датумот за предвремени избори и да наоѓаме решенија за најклучните проблеми во Македонија. Доколку тоа не се случи почнуваме на 10 мај со активна блокада на Собранието. Ваквата одлука следи по континуираното подавање на рака за дијалог на власта од страна на нас. И наместо разумно однесување имаме целосно непочитување на ВМРО-ДПМНЕ кое што има најмногу пратеници во Собранието и најмногу градоначалници после последните локални избори на кои беше апсолутен победник. Волјата на граѓаните мора да се почитува. Со такво игнорирање на власта сакаат да покажат сила. На тој начин сакаат да го понижат ВМРО-ДПМНЕ, а со тоа и македонскиот народ кој со мнозинство гласа за ВМРО-ДПМНЕ и ја поддржува партијата. Државата се наоѓа во драматична ситуација, инфлацијата галопира, економијата оди кон полошо, инвестиции нема, а згора на тоа власта ги задолжува идните генерации со задолжување од 900 милиони евра што е историски најголемо задолжување кое што било која влада, било кога го зела. За криминалот и тендерите во 4 очи мислам дека знаат и малите деца. Кршењето на деловникот на Собранието, преку носењето на сила на законски решенија, одбивањето на консензус за горливото прашање со Бугарија и застојот во евроинтеграциите не покажуваат колку се силни, туку колку се ранливи како власт. И токму затоа посегнуваат по чекори кои значат елементарно непочитување на граѓаните, на македонскиот народ и тоа што го прават е чекор кон продлабочување на кризата. Кога нема да покажат почитување на народот, кога нема да има слух за потребите на народот, кога покажуваат сила треба да знаат дека тоа раѓа одговор и раѓа нова сила. Оваа активна блокада ќе трае во континуитет се до промената на власт, односно до договорот за датум за предвремени парламентарни избори. Воедно ова е еден од првите чекори, а потоа во наредните денови ќе продолжат разговорите во рамките на телата на партијата за преземање на идни чекори, при што сите опции се на располагање. Повторувам ова е само првиот чекор, ќе следат и бројни други чекори доколку продолжи неразумноста на СДСМ и на ДУИ. Затоа СДСМ и ДУИ ги повикувам да го преиспитаат сопственото однесување. Ние ќе одиме по овој пат се до конечна победа и до конечно менување на грдата реалност. Затоа што тоа им го должиме на граѓаните на Македонија. Апелирам до јавноста да биде трпелива, затоа што ова е процес којшто ќе трае и процес коишто бара сеопшта мобилизација на што ги повикувам граѓаните. Процес во кои грешки не се дозволени и процес во кои е потребен активизам и политичка размисла на секој еден поединец којшто е добредојден. Затоа што кога народот и мудрите глави во општеството се повлекувале од одлучувачките процеси, други носеле лоши одлуки. Барам мобилизација и активизам, да не дозволиме да ни ја крадат иднината и во наше име да одлучуваат и на наш грб да се богатат. Македонија е земја на нејзиниот народ, на сите Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи и Бошњаци и заедно ќе се избориме. Промените ќе се случат, а ВМРО-ДПМНЕ е секогаш со народот. Воедно сакам да кажам дека седницата на Извршниот комитет продолжува и ќе се разговара и за останати битни прашања. |