Четврток, 08 Декември 2022    PDF Печати Е-пошта
Мицкоски на свечената академија за Свети Климент

31mio1

Мицкоски - Длабоко ме разочарува отсуството на стратегија на власта, тие се најдобрите асови на бугарската политика и не се патрони на македонските интереси

Почитувани присутни,

Почитувани членови на Унијата на жени на ВМРО–ДПМНЕ,

Почитувани членови на комисијата за култура на ВМРО–ДПМНЕ, членови на ИК на ВМРО–ДПМНЕ,

Почитувани пратеници, кои што сте тука со нас,

Почитувани советници, градоначалници и членови на Патриотскиот институт, ветерани, млади,

Да го поздравиме и домаќинот на овој настан денешен, тоа е градоначалникот на Кисела Вода, претседателот на Градскиот Комитет, Орце Ѓорѓиевски,

Претседателот на општинскиот комитет, кодомаќин, Кисела Вода, Иван Живковски,

Навистина прекрасни говори, навистина преубав настан и многу работи можат да се слушнат и на некои да се потсетиме, од нешто и да научиме.

Јас тука ќе завршам со воведен дел, со драги браќа и сестри,

Ликот и делото на Светиот Климент Охридски се длабоко врежани во нашата македонска историја и култура. Климент Охридски и после повеќе од еден милениум се уште е нераскинлив дел од меморијата на Македонија и Македонците. Така е и така ќе остане затоа што со својот живот и со својата дејност остави неизбришлив траг не само тука на овие простори, туку и многу пошироко во целиот словенски свет.

Неизмерно сме горди што неговото дело е препознаено и признато како европска и цивилизациска големина достојна за почит. А, како не би било кога Климент Охридски е еден од втемелувачите на словенското просветителство. Како еден од најревносните и најистакнатите ученици на Светите браќа Кирил и Методиј, достојно го продолжил нивното дело и од Охрид нашиот Ерусалим направил културен и духовен центар од кој се ширела словенската култура и книжевност.

Ракоположен за прв словенски епископ неуморно работел на издигање на својот народ. Бил основоположник на охридската книжевна школа, првиот словенски универзитет во кој творел и преведувал книги и образувал над 3.500 свои ученици. Со тоа се смета за достоен продолжувач на Моравската мисија во која и самиот учествувал и дал свој придонес. Борбата за описменување на родот свој и спречување на асимилацијата ја продолжил до крајот на својот живот и затоа бил и останал духовен водач на овие простори. Се борел против латинизирањето, се борел против асимилирањето на Словените, се борел против сето она кое што значела неправда.

Ете затоа тој и денес е инспирација за нас Македонците во овие времиња на предизвици и негирања. Неговата неуморна работа покажува дека нема проблем на кој не можеш да му се спротивставиш и надминеш. Нема сила која може да ја победи цврстата волја на еден народ да се издигне и сплоти против оние кои сакаат да го негираат и асимилираат. Светиот Климент Охридски пред еден милениум знаел дека преку духовно обединување и образование на своите браќа и сестри можат да се достигнат сите победи на еден народ. Неговото верују мора да биде повторно нашата ѕвезда водилка во овие нови времиња. Мораме како народ и како нација да инвестираме во образованието на нашите деца. Образованието било и ќе остане најсилното оружје на една држава. Неговата книжевна школа и неговиот универзитет се аманет и за нас денес. Да градиме индивидуи вооружени со знаење и вештини кои успешно ќе се справуваат со внатрешните и надворешните предизвици. Да изградиме генерации кои со своите силни капацитети ќе се спротивстават на било која злоупотреба, атак или современа форма на поништување. Светиот Климент пред еден милениум знаел дека само еден грамотен народ е силен и неуништлив. Денес грамотен народ може да се спротивстави на современото зло на корупција и криминалот кој ја уништуваат нашата заедница и држава. Грамотен народ може да се спротивстави на полуписмени самонаречени владејачки елити кои го цицаат својот граѓанин до исцрпување.

Не попусто велат уништи го образованието на еден народ и тогаш целосно си го завладеал. Ние имаме историска должност, повторувам имаме историска должност, тоа да не го дозволиме. Ние имаме историска должност да оставиме подобро образувани генерации после нас кои ќе продолжат подобро и поуспешно да ја градат Македонија од нас. Гордоста и успехот на секој учител е неговиот ученик да го надмине. Гордост и успех за нас е да направиме силни, образувани и успешни генерации кои ќе ја  продолжат борбата за успешна македонска иднина тука дома, во Македонија. Тоа е аманетот на светиот Климент кој мораме да го продолжиме.

Воедно драги пријатели,

Ние Македонците немаме проблем со тоа да ги споделуваме нашите вредности. Свети Климент во таа смисла му припаѓа на секој еден народ кој сака да ги споделува вредностите кој тој ги почнал и ширел од нашата Македонија. Но имаме проблем со тоа кога ударите доаѓаат по темелите, кога врз делото на свети Климент се прави политика, и кога неоправдано се присвојува од источниот сосед, притоа негирајќи се што е македонско.

Нашата Света православна црква е Свети Климентова, но и нашата писменост се гради врз неговото слово, и словото на неговите учители. И мене не ме обесхрабрува таа битка да ги штитиме темелите, но длабоко ме разочарува отсуството на стратегија на заштита на тие темели од тие кои живеат во истиот наш дом, а сега се за жал уште кратко власт. Веројатно тие се најдобрите асови на бугарската политика, но лошо е што не се патрони на македонските интереси. И таквите свои компромиси болни за нацијата се многу полезни за нивните кариери затоа што на тој начин тие опстојуваат на тие места неизбрани од народот по игра на случајност сместени во фотелјите платени од тој ист народ.

Но, нашиот предизвик е да ја извадиме државата од бездната на постојаното тонење во калта во која сите сакаат да не извалкаат. 20 процентната инфлација е она што го боли народот, и тоа што храната поскапела за близу 30 проценти во просек за само една година. Тоа значи за 30 проценти е посиромашно секое семејство од лани и за исто толку повеќе има гладни луѓе. Сонува и копнее овој народ за подобар живот но со гладни стомаци, додека власта лаже со полни паричници и џебови.

Со мачнина ја гледам пинг понг играта на новата коалиција на хаосот, Градот Скопје и власта на Ковачевски за проблемите со приватните превозници додека проблемите не се решаваат. Навистина како човек одбивам да влегувам во реториката на обвинувања и недораснати потези каде поважно од решенијата им е да се знае кој бил виновен, и лагите кои непресушно ги кажуваат додека народот страда. И една заедничка порака до коалицијата на хаосот, престанете да правите политика врз грбот на народот и испорачајте решение на проблемите. Вие сте власт и вие ја имате одговорноста наместо пинг понг игра да ги решите проблемите.

Престанете да си поигрувате со интелигенцијата на овој народ. Едната на благодарение на вас е таму каде што е, а овој другиот благодарение на лесната рака за потпишување предавнички договори и се уште опстојува. И едниот и другиот имаат одговорност да ги решат проблемите кога тајно се среќаваат во Владата наместо да шират лаги и да ја префрлаат топката од која што штета имаат скопјани и граѓаните во Македонија. Секое решение што е во интерес на граѓаните и на скопјани ние како ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржиме.

Криминалот и корупцијата го уништуваат системот. И тоа е старата болка на оваа власт за која зборуваме секојдневно. И по објавувањето на информацијата дека американски истражители ќе дошле да откриваат криминал, навистина се смешни но и трагични оние изјави од власта како тоа истите тие ќе го поддржеле. Сакам да бидам прецизен и јасен, дваесет години имаме една политичка партија која е во власт во Македонија. Дваесет години. Седум години истиот овој министер за внатрешни работи е министер за внатрешни работи. Пет години, повеќе од пет години апсолутна власт. Не може луѓето кои што се креатори на истата таа корупција и криминал, кои што се сојузници на криминалците, кои што денеска се уште за волја на вистината уште кратко ги водат тие институции да ги решаваат проблемите со криминалот и корупцијата. Затоа што тие се луѓето кои што се креатори на истиот тој криминал и корупција. Зошто многу се зборува за криминалот и корупцијата? И јас често пати во моите говори криминалот и корупцијата и борбата против истите тие криминал и корупција ги поистоветувам со делата на Илинденците, со делата на Асномците. Затоа што тоа е основата за уништување на една нација. Ако имате корумпирани политички елити кои што ја водат ,државата, тие имаат Ахилова пета, а кога ќе имате Ахилова пета тогаш не носите одлуки кои што се од интерес на вашиот народ и вашата држава туку носите одлуки затоа што тој што ве корумпирал и ве криминализирал и ви наредува да носите такви одлуки. Односно да бидам попрецизен носите одлуки кои што се од интерес на другите. Кога не носите одлука која што е од интерес на народот и државата, тогаш таа се атомизира. Тогаш таа се рони, тогаш идентитетот се губи, и конечно на крај се губи и државата. Затоа битката против криминалот и корупцијата денеска и најмалата победа во таа битка е подеднаква на куршумот кој што го примил в гради и Гули и останатите Илинденци. И најмалата победа во оваа битка е подеднаква на маката на Шатев, подеднаква е на маката на оние македонски преродбеници и дејци кои што се бореле и сонувале за своја македонска држава во срцето Балканот. Ако нешто денеска претставува опасност за македонскиот идентитет, за македонскиот народ и македонската држава тоа е високото, екстремно ниво на корупција.

Често пати ми го поставуваат прашањето што ќе преземе ВМРО-ДПМНЕ за ова. ВМРО-ДПМНЕ си има своја политика и си има своја програма. Но, не треба многу да лутаме во одговорот една година позади нас, градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ после онаа  историска победа на минатогодишните локални избори на два пати во првиот и во вториот круг и тоа е доволен доказ што значи храбро да се работи, посветено и чесно да се работи без ниту една афера која што се поврзува со криминалот и корупцијата. И тоа не се двајца или тројца, зборуваме за повеќе од 42 градоначалника и повеќе од 42 општини каде што ВМРО-ДПМНЕ има свој градоначалник или е дел од локалната власт. Има ли поголем показател што ќе преземе ВМРО-ДПМНЕ?

Кога зборуваме за корупцијата, почитувани присутни, и кога зборуваме какво влијание има корупцијата и криминалот во македонскиот идентитет и зачувување на македонската држава треба исто така да сме свесни дека со корупцијата и криминалот имаме помалку пари во буџетите и во Владата, но и во општините. Затоа што тие пари завршуваат во џебовите на овие криминалци кои што кога ќе корумпираат политичар тие сакаат најмалку десеткратно да се наплатат повеќе од тоа. Затоа имаме помалку пари во буџетите на општините, помалку пари во буџетите на државата, помалку пари за образованието. А, во говорот кажав уништи му го на еден народ образованието, си го уништил народот. Имаме помалку пари за здравството. Ако немаме доволно силна превентива ќе имаме голем притисок во здравството. Ако тоа здравство не може да даде одговор на тој притисок, тогаш луѓето умираат, исчезнува една нација. Има помалку пари за пензии, на пензионерите и тие не можат да го поминат онака како го заслужиле оној дел од својот живот за кој што работеле целиот свој живот. Има помалку пари за земјоделците, затоа што некој тие пари ги краде. Има помалку пари за младите, помалку пари за студентите, помалку пари за студентски стипендии. Има помалку пари за нови градинки, за нови улици, за нови булевари, за нови автопати, за нова железница, за нови хидроцентрали, за нови термоцентрали. Има помалку пари за се. Кога има помалку пари за се, вие сте сиромашна држава и тогаш младите одлучуваат да ја напуштат таа држава. Сега веќе не само младите, туку тие кои што успеале да формираат семејство, заедно со семејствата ја напуштаат државата. И државата се празни. Има ли поголем удар по идентитетот на еден народ кога таа држава во кој што тој народ макотрпно се борел да ја создаде, се празни. Зошто? Затоа што нема вистинска шанса, нема вистинска шанса затоа што има, многу криминал и корупција. Затоа кога зборувам дека борбата со криминалот и корупцијата и секоја битка во таа борба која што ќе ја победиме е подеднакво силна како жртвата на Илинденците и Асномците. Да заклучам, не може никој денеска со истите оние луѓе кои што се причина за тој криминал и корупција се бори против криминалот и корупцијата. Затоа се потребни предвремени парламентарни избори, нови луѓе да ги водат тие институции и тогаш вистински ќе видат како се бори против криминалот и корупцијата. Да видат дали оние нарко банди така слободно ќе влегуваат во полициски станици и ќе ги вадат за уши јадните полицајци од внатре. Или ние ќе ги вадиме од таму каде што се за уши, па да видат што значи борба против криминал и борба против корумпираните политички елити.

Драги пријатели,

Мора да се кренеме гордо високо да ги направиме промените нашата заложба е да направиме големи чекори напред, да направиме големи победи заедно, и да ја покажеме разликата.

Овој народ има срце и сила за големи работи. Ние тие заедно ќе ги издејствуваме, Македонија мора да сврти нов лист и нова страница од досегашното битисување и опстој. Нашата култура јазик идентитет се посебно обележје со кои што треба да се гордееме и да ги чуваме. Мисијата на Свети Климент Охридски треба да е поука за сите генерации дека чувањето на културната, јазичната и националната посебност како должност и аманет.

Со право го славиме Свети Климент чие духовно книжевно и црковно наследство е значаен белег за Македонија.

Нека е честит денот на Светиот Климент Охридски, нека е вечно неговото дело и нека ни е вечна нашата Република Македонија. 

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.