|
||||
Зубовчани традиционално и оваа година ќе го одбележат Бадник, ден пред Божик |
Бадник се слави еден ден пред Божик и со коледарскиот оган се најавува Рождеството Христово - Божик. Оваа вековна традиција во Зубовце продолжува, Бадник и денес се слави, а младите Зубовчани нема да дозволат оваа долговековна традиција да згасне. За време на овој празник се пали и коледарски оган, кој е поврзан со обичајот, наречен Коледица или Коледе. И денес и во минатото во селата и градовите во Македонија, поголеми или помали групи на луѓе палат огнови и пеат песни и се избира и кум за наредна година. Божик се слави во спомен на раѓањето на Господ Исус Христос. Овој празник е матица на сите други црковни празници, бидејќи со Христовото раѓање се смета и почетокот на новата ера. На Божик, рано утрото почнува Богослужба во црквите. Причесната следува по службата кога искараните треба да се помират и да се поканат меѓу себе на гости. Инаку на овој ден традиционално се собира семејствотo и се пече погача со паричка, се јаде посна храна и се пие греана ракија. Со Божик е поврзана и поговорката, „Пред Божик, зад Божик дома да си“, што има значење дека за време на Големиот празник треба да се биде дома во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот. Весели Божиќни празници! Христос се роди! Вистина се роди!
|