|
||||
ВОДИТЕ - СВЕТОСТА НА СВЕТОТ |
Илустрација: Александар Тодор КУБАЈСКИ* Водата вади оган од срцето на камен подземен, надземен. Водата води свети пораки од извори на прапочетоци, ги пренесува низ телото небесно - Земјата, низ телото човеково. Водата вади минерали, плодови од утроба на Земјата и здив од Небото. Водата лекува. Водата истекува низ очи на очајот и низ очи на рајот на радоста плачна. Водата е и мачна, солена солза, и млечна доилка на прочистувано растење. Бесконечен конец на струите, на далгите, од алгите до амебите - плива водата, океани пливаат низ неа, до пареа, до снежни молекули, Препород. Водена топка, животна сфера, огледало, бои, спектар. Водата кружно се враќа, одново покани праќа, да не заборавиме светост да славиме: Животот со Бог е траен. Уметноста не е вечна, но е само истечна илузија, отсјај што има крај во стилот, што си игра важност со бои и шари кои не секој ги гледа и не секој ги мари. Но, животот е се’. Животот е тајна бесконечна. Водата животот го чисти, во струи на вечноста тече, во струни на јазикот на вселената - зборот на Бог, во песна на п(р)отокот, знаци на Млечниот Пат, крилја на здравјето на човекот, во векот кога сеуште не пресушиле живи жили, стрели во водата долетани со гулаб на љубовта, гулаб на мирот, свето лекување на тело и душа. Земјата, водена капка во просторот, лежиште на животот. Не давај друг да ти вади води, да ги гори. Водите се света крв крстена на четири страни: земја - небо, човек – Божество. *Александар Тодор КУБАЈСКИ Американски сликар, скулптор, дизајнер, роден во Штип, Република Македонија, СФР Југославија, 1952. Живее и работи во Калифорнија. Студирал на УКИМ, дипломирал економија и сликарство на California State University, Chico, USA. Самостојно и групно изложувал во Шведска, Данска, Франција, Италија, САД: Лос Ангелес, Беверли Хилс, Вашингтон, Санта Моника, Енсино, Лагуна Бич, Хај Поинт, Северна Каролина.Основач и директор на Galerie Kubaiski, Studio City, Los Angeles; Su-Cont Art Gallery, Chico, California. Застапуван е во книги поезија на Марија Емилија Кукубајска, со интердисциплинарниот концепт Арт-По, уметност и поезија. www.kubaiski.com Марија Емилија КУКУБАЈСКА |