Името на Македонија во Средниот век и подоцна може да се сретне и во хералдиката и во патеписната литература.
За првпат тоа се споменува во грбовникот на Корениќ - Неориќ од 1595 година, каде што меѓу 11-те земски грбови е и грбот на Македонија. Под грбот, како што тоа детално го забележува Александар Матковски, пишува "Македонија", а над него со кирилица "Цимери македонске земле" ("Грб на македонската земја"). Земски грб е оној грб што ја претставува границата до каде што се простира една етничка целина. Во грбовникот Корениќ - Неориќ грбот на Македонија е даден напоредно со грбовите на Хрватска, Далмација, Бугарија, Босна, грбот на Дукаѓини, на Кастриоти. Меѓу 152 грба македонскиот грб со натписот "Македонија" во грбовникот го има уште два пати. Во истиот грбовник се наоѓа и грбот на цар Душан или на син му Урош - еден сложен грб, чија намера била овие цареви да ги земе како симболи на обединувањето на Јужните Словени. Овој грб е составен дел на грбовите од девет области на Балканот: Македонија, Босна, Далмација, Хрватска, Приморските земји, Славонија, Бугарија, Србија и Рашка. Како што се гледа и овде Македонија фигура како посебна област. Во 1605 година во Унгарија е издаден голем зборник на грбови, во кои, следејќи го грбот на македонското семејство од Јужна Унгарија, Мацедониани (едноглав орел на бело поле), авторот го афирмира податокот дека уште во 15. век во Барања имало поголема група македонски доселеници, групирани во едно село наречено Македонија. Од ова село потекнувало и семејството Мацедониони од кое потекнувал и Данчо Македонски, чие име се споменува уште во 1439 година, богат благородник. По него се споменува и неговиот потомок Ладислав Македонски, кој во 1533 година станал владика на Велики Вараждин, како и потомокот Волк Македонски, кој станал бан на Шерењи. Еден од најстарите сочувани грбовници е оној на Палиниќ, најверојатно, подготвен кон крајот на 16. и почетокот на 17. век. Во него, исто така, е грбот на Македонија, под кого ракописно и на латиница, стои натписот "Македонија регни". Во Алтхановиот грбовник од 1614 година повторно се среќава името Македонија. Имено, над мошне убаво нацртаниот грб на Македонија, стои натписот на кирилица "Македонске земле цимери", а под него, на латиница: "Исигниа регни Македонија". Еден од најубаво нацртаните грбови на Македонија е оној во грбовникот што се чува во Музејот на применетата уметност во Белград. Грбот на Македонија со натпис на лента "Македонија" е во групата грбови со грбот на цар Душан, на Илирија, на Босна, на Далмација, на Хрватска, на Склавонија, на Бугарија, на Србија и на Рашка. Познати се настојувањата на семејеството Охмучевиќ да го докаже своето наследно право на Босна и Македонија. Во текот на повеќе децении семејството испраќало молби, барања, ги докажувало правата на Охмучевиќи на големи области од Балканот, печатело грбови, преку кои сакало да го докаже благородничкото потекло на својата лоза и правото на сопственост на овие големи области, меѓу кои Македонија заземала секогаш централно место. Нивното огромно богатство им овозможувало печатење на грбовници и книги, преку кои тие, безразлично колку нивното барање било веродостојно, а колку чист фалсификат, го популаризирале името на Македонија, притоа популаризирајќи ја како географска и етничка целост. За разлика од неговите претходници, адмиралот Андрија Охмучевиќ и сликарот на грбовникот од 1636 година, Марко Скороевиќ, сметале дека Македонија и Босна од турското ропство можат да се ослободат само со помош на Виена, со помош на Хабзбурговците. Грбовникот наречен "Грбовник на Марко Скороевиќ" му е посветен на малиот принц Фердинанд, кој не знаел се уште да чита, па требало само да ги разгледува "сликите" и преку нив, преку грбовите, да се запознае со географските поими и топоними. Во грбовникот на Скороевиќ македонскиот грб е даден во групата грбови на јужнословенските земји и со натпис "Инсигнија Регни Македониа". Натписот е над грбот на кој лавот е исправен на задните нозе, жолт, на црвено поле. Името Македонија е напишано и под македонскиот грб во Фојничкиот грбовник од 1675 година, како и во значајниот труд "Историја на Византија..." од францускиот историчар и филолог, Ди Канж, издаден во Париз во 1680 година. Со натпис "Македонија" македонскиот грб го среќаваме и во Оловскиот грбовник во Болоња од 1689 година. Во Берлинскиот грбовник од крајот на 17. век повторно се среќава името Македонија и тоа на убава лента под грбот, на латиница. Над грбот на лента, на кирилица, стои натписот: "Цимери маќедонске земле". Воопшто, името Македонија во 17. век се среќава многу често. Него го среќаваме и во ракописната стематографија на Павле Ритер Витезовиќ од 1694 година: над грбот, на латиница, отпечатено е името "Македонија". Во печатената стематографија на Павле Визетовиќ од 1701 година над македонскиот грб стои натписот "Македонија", а под него четири стиха на латински во кои се зборува за тоа дека некогаш златните штитови биле знаци на царско достоинство, а сега се заменети со турска чалма. Христофор Жефаровиќ, најбарниот уметник на 18. век на просторот од Солун до Пешта, е Македонец, роден, најверојатно, во Дојран. Образованието го добил по грчки училишта, меѓутоа, уметнички се оформил во Солун и Охрид. Во неговата "Стематографија" има и две композиции, едната од 56 грба, а другата од 20, на кои се претставени грбовите на сите Словени (на првата композиција) и грбовите на Јужните Словени (на втората). Македонскиот грб е застапен и во едната и во другата композиција со ленти на кои пишува "Македонија". Името на Македонија е напишано и под македонскиот грб во грбовникот на Иво Сарака во 1746 година, како и во третата книга на Јован Раиќ, печатена во 1794 година. Во црквата на Рилскиот манастир се наоѓаат четири грба. Над секој грб има натпис: над македонскиот "Македониа", над српскиот "Сербиа", над бугарскиот "Бугариа" и над босанскиот "Босна". Името на Македонија и Македонците го забележувале и луѓе кои минувале по нејзините патишта патувајќи од Исток на Запад и обратно, или пак крстареле низ неа. Се разбира, историските заблуди го чинеле своето, па патеписците поначесто Македонците ги наречувале Бугари, Срби или Грци, во зависност од кого ги добивале податоците. Меѓутоа, во многу патеписи имињата Македонија и Македонци останувале забележани и јасно одделени од другите балкански држави и од другите балкански народи. Така, венецијанскиот капетан Анѓиелело поминал низ Македонија и на 13 август 1470 година го запишал својот престој на Света Гора при што подвлекол дека таму "се наоѓаат многу христијански калуѓери од кои некои се Грци, други Македонци, Власи, па дури и има и Италијани и од други нации". По четири дена, логорувајќи крај устието на Места забележал дека таму "живеаат Грци и Македонци". Во еден опис на охридскиот крај, чиј автор не е познат, е запишано: "Албанија е онаа област што античките народи ја нарекувале Македонија, т.е. таа е дел на Македонија, бидејќи Македонија опфаќа многу земји и области". Во 15. век Брокиер д'ла Бертаден поминал по Балканот за кого оставил интересни податоци. Меѓу другото запишал: "...и јас си припомнив за големата потчинетост во која Турчинот го држи царот во Цариград и сите Грци, Македонци и Бугари, па и деспотот на Расија (треба: Рашка, зашто мисли на деспотот Ѓураѓ Бранковиќ - з.н.) и сите негови поданици, што е многу жално за целото христијанство". И понатаму: "А има... многу христијани, кои присилно го служат Турчинот, како Грците, Бугарите, Македонците, Албанците, Есклавоните, Расијанците и Србијанците...". Нешто подоцна, по патувањето на Брокиер по Балканот, Павле Мавроцен, венецијански пратеник во Рим, околу 1461 година, правел планови како Турците да се протераат од Полуостровот: "...Кога ќе бидат разбиени непријателските сили никој не се сомнева дека цела Бугарија, Србија, Босна, Македонија, Епир, Тесалија, Грција или Атина, и Пелопонез...". Францускиот патеписец Филип ди Фресн - Канеј во записот од 1573 година забележал: "Видов една голема рамнина на чиј почеток се наоѓа Скопје, сокриено од мали ридови, мошне голем град, според некои во Бугарија, но според мое мислење, тој е во Македонија...". Речиси 30 години пред него (1547) во својот патопис за јужна Македонија, Пјер Белон, оставил драгоцени податоци за Света Гора, за рудниците во Сидорокапса, за Кавала, споменувајќи го притоа често името Македонија. Во 1566 година Јаков од Македонија, печатар и писател, заминал за Венеција, каде што во печатницата на црногорскиот војвода Божидар Вуковиќ, отпечатил повеќе свои книги и часословци. Во предговорот на еден часословец ќе напише: "... се трудев од многу време и години за ова дело за светите книги... Излегов од Македонија, татковината моја, и влегов во западните земји...". Печатењето на географските карти го поттикнало и враќањето на името Македонија во широка употреба. Од првата сочувана карта на која е претставена античка Македонија на Птоломеј, па преку Појтингеровата табла, поморската карта на која се забележани приморските места на егејскиот брег, изработена од турскиот адмирал и картограф Пириреис, па до картата на Димитрија Чуповски во Петроград, 1913 година, ќе изминат векови и векови. Една од првите пореални географски карти на која е прикажана Македонија е картата на Гасталди објавена во Венеција во 1560 година. На неа за првпат ги среќаваме македонските имиња на Вардар, Скопје, Скопска Црна Гора, Тиквеш, Демир Капија, Битола, Кратово, Струга, Охрид, Прилеп, Костур, Лерин, Воден, Ресен, како и на Преспа, Охридското и Преспанското Езеро. Потоа следуваат картите на Меркатор (Дуизбург, 1589 година), на Лоренберџио (Амстердам, 1647 година), кои некои населени места ги дава и со нивното древно и со нивното македонско име, како Лихнида или Охрид, Едеса или Воден итн. Во Рим во 1689 година Г. Кантели да Вињола ја издаде картата на која е прикажана само територијата на Македонија со нејзините географско-етнички граници, со мали отстапувања. Картата има доста грешки, меѓутоа, на неа за првпат се забележани градовите Тетово, Куманово, Катланово, Велес, Дебар, Кавала, Бер, Ениџе Вардар и други. Само седум години подоцна (1696 година), Н. Сансон во Париз, Македонија ја прикажал на повеќе карти. Потоа, следуваат картите на Г. де Л'Ил (Париз 1707 година), на Хоман (1717 година), на Харенберг (Нинберг, 1741 година), на С. Жаивие (Париз, 1750 година), на А. Лапи (Париз, 1843 година), Мапа Европске Турске (Београд, 1853 година), комерцијалната мапа на провинцијата Македонија (Париз, 1885 година), потоа веќе споменатата историска Карта Македонија на Димитрија Чуповски (Петроград, 1913 година) на која Македонија е предадена во нејзините географско-етнички граници, и уште многу други. На сите овие карти Македонија е обележана со своето име... |