|
||||
Откриен споменикот на Свети Наум Охридски |
Споменик на Свети Наум Охридски – Чудотворец висок 6,5 метри синоќа беше откриен во паркот пред Рибниот ресторан во самиот центар на Охрид. На церемонијата пред откривањето на паметникот на големиот христијански и православен светител Свети Наум пригодна рече даде академик Цветан Грозданов, говорејќи за светецот, неговите дела, култот што го негуваат охриѓани особено за Наум Чудотворецот. Притоа тој нагласи дека чудотворната моќ на Свети Наум ја признаваат и почитиваат дури и луѓе од другите вери. Градоначалникот на Охрид Александар Петрески во име на градот и граѓаните изрази благодарност на авторот Томе Серафимовски и на сите оние кои изминатиот период активно учествуваа во реализацијата на проектот, за на Градскиот плоштад да блесне монумент со посебна убавина, кој истовремено ќе ја означува нишката на нашата поврзаност со Бога и светителот Наум Охридски. - Охрид градот светилник на македонската историја облеан од неприкинатата светлина на личностите кои го одбележувале неговото постоење и развој во духовен и културен центар, со должна почит кон својот светител Наум, го поставува ова дело на Градскиот плоштад, презентирајќи пред сите добронамерници уште еден од своите морални и духовни градители, рече градоначалникот Петрески пред присатните на откривањето на паметникот. Споменикот со црковна церемонија беше осветен од страна на поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан, кој рече дека Охрид не можел да добие поубав украс на самиот ден на празникот на Свети Наум од паметник со неговиот лик. - Верувам дека сте согласни дека во оваа наша духовна престолнина, во овој град на вековите се родили и растеле или доаѓале и го освојувале многу личности, но Свети Наум е еден од оние кои најмногу го освоил Охрид. Никој толку далеку не ја однел славата и вистината на Охрид и нашата вистина и за јазикот и за писмото и за културата и за црквата, сета наша вистина најмногу отишла далеку благодарение токму на овој скромен, преподобен човек, божји верник и голем човекољубец, рече меѓу другото архиепископот Стефан. Со поставувањето на споменикот на Свети Наум се заокружува духовниот триаголник во центарот на Охрид, каде веќе се наоѓаат спомениците на Свети Климент, патронот на градот и на светите браќа Кирил и Методиј. Инаку, сите три споменици се дело на скулпторот Серафимоски. |