|
||||
Скопје доби најмодерен аеродром на Балканот, „Александар Велики“ со нов лик |
Реконстрираниот аеродром „Александар Велики“ во Скопје, инвестиција на турски ТАВ, денеска официјално ќе биде пуштен во употреба. Аеродромот е десет пати поголем од досегашниот, со капацитет да обезбеди услуга за четири милиони патници годишно. Во скопскиот аеродрoм, кој „ТАВ Аеродроми“ го презеде во март минатата година и со него ќе управува во следните 20 години, до март 2030 година, турската компанијата вложи 100 милиони евра. Модернизацијата и изградбата траеја 18 месеци и 5 дена. Со додавање на нова терминална зграда од 40 илјади квадратни метри со шест патнички пристапни мостови, „ТАВ Аеродроми“ го зголеми капацитетот на 4 милиони патници, ја прошири пистата, како и карго делот и паркинг просторот. Изграден е карго хангар со капацитет од 40.000 тони годишно, нова противпожарна станица, службена зграда од 5.000 метри квадратни, паркинг за 1.300 возила, 23 места за чекирање, а постојната пистата е проширена за 500 метри. Во средишниот дел на аеродромската зграда е поставен симболот на аеродромот - споменик на Александар Велики поставен на коњ. Споменикот е подарок за Македонија од Мурат Орнекол, оперативниот директор на концесионерот ТАВ. Новиот аеродром, според инвеститорот, е најмодерен на Балканот, а поради стратешката локација треба да стане балкански транспортен центар. Минатата година „ТАВ Аеродроми“ го реновираа и аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, една од најпопуларните туристички дестинации во земјата. На свеченото отворање е најавено присуство на македонскиот премиер Никола Груевски, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, претседателот на одборот на „ТАВ Аеродроми“, Хамди Акин и генералниот директор на „ТАВ Аеродроми“, Сани Шенер, информираат од „ТАВ Aеродроми“. Холдингот „ТАВ Аеродроми“ е меѓу водечките авио оператори во светот. Управува со истанбулскиот аеродром „Ататурк“, со аеродромот „Есенбога“ во Анкара, „Аднан Мендерес“ во Измир и „Газипаша“ во Анталија, како и со по два аеродроми во Македонија, Тунис и Грузија. Компанијата неодамна го доби на управување и аеродромот „Медина“ во Саудиска Арабија. „ТАВ Аеродроми“ исто така раководи и со други сектори од аеродромските услуги како дјути фри продажба, услуги со храна и пијалоци, информациски технологии, безбедност... Во 2010 година компанијата обезбедила услуги за околу 420.000 летови и за просечно 48 милиони патници. |